У.бр.124/2023

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.124/2023
Скопје, 21.01.2026 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 38 алинеја 3 и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 21 јануари 2026 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 73 од Законот за Народната банка на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 158/2010, 123/2012, 43/2014, 153/2015, 6/2016 и 83/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 110/2021, 72/2024, 74/2024, 121/2024 и 16/2025).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на член 2 ставови 1 и 4 од Законот означен во точката 1 од диспозитивот на ова решение.

Образложение

I

Славко Лазовски од Скопје, до Уставниот суд поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во диспозитивот од ова решение.

Според наводите во иницијативата, член 2 ставови 1 и 4 и член 73 од Законот за Народната банка на Република Северна Македонија, не се во согласност со член 8 став 1 алинeја 3, член 33 и член 51 од Уставот на Република Северна Македонија.

Се наведува дека со оспорените членови, Народната банка била ставена над даночната регулатива. Наместо координација на даночната и монетарната политика, подносителот смета дека со оспорените членови е направен атак врз даночната политика.

Ослободувањето од данокот на добивка на Народна банка нема економска оправданост, бидејќи поголем дел од добивката завршува во републичкиот Буџет. Спорно е и ослободувањето од данок на имот без никаква оправданост за истото. Народната банка располага со имот кој потпаѓа под предмет на оданочување, но без правна и материјална оправданост, истата е ослободена од оваа обврска за разлика од сите останати субјекти.

Се оспорува и ослободувањето од ДДВ за Народната банка на Република Северна Македонија, при што се цитираат членови од Законот за данокот за додадена вредност, како и од Упатството за примена на овој закон.

Според наводите, Народната банка во поголем обем од прометот кон неа и од неа кон другите, истата е даночен обврзник на ДДВ. Разликата меѓу регистрираниот и ослободениот даночен обврзник е во тоа што првиот собира ДДВ и располага со обртни средства пред да ги предаде на државата. Тоа значи дека дадените даночни ослободувања од ДДВ финансиски се неповолни за Народната банка, бидејќи се губи правото на одбивање на претходниот влезен данок, а влезниот промет кај Народната банка е поголем од излезниот. Според тоа, даночните ослободувања од ДДВ во Законот за Народната банка немаат никаква оправданост.

Се наведуваат закони во кои постојат мали сегменти на ослободување од целокупниот промет на оданочување, но сепак Законот за Народната банка претставува суспендирање на целиот даночен законик за однапред познат даночен обврзник, што е исклучок во даночната регулатива.

Понатаму, се наведува дека со член 2 од Законот за Народната банка овој закон има предимство над сите други закони со што се поставува над нив.

Од наведените причини, се предлага, Судот, да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби од Законот означен во диспозитивот на ова решение, како спротивни на член 8 став 1 алинeја 3, член 33 и член 51 од Уставот на Република Северна Македонија.

II

На седницата Судот утврди дека согласно со член 73 став 1 од Законот за Народната банка на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 158/2010, 123/2012, 43/2014, 153/2015, 6/2016 и 83/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 110/2021, 72/2024, 74/2024, 121/2024 и 16/2025), се ослободува од данок на додадена вредност прометот на: златото и другите благородни метали кон и од Народната банка, книжните и кованите пари кои се законско средство за плаќање во Република Северна Македонија и хартијата и бојата за печатење на банкноти и рондели припремени за ковање пари кои се законско средство за плаќање во Република Северна Македонија, кон и од Народната банка. Во став 2 од истиот член е пропишано дека се ослободува од данок на додадена вредност увозот на: златото и другите благородни метали за Народната банка, книжните и кованите пари кои се законско средство за плаќање во Република Северна Македонија и хартијата и бојата за печатење на банкноти и рондели припремени за ковање пари кои се законско средство за плаќање во Република Северна Македонија. Во став 3 од овој член е определено дека Народната банка е ослободена од плаќање данок на добивка. Данок на имот не се плаќа на недвижен имот кој е во сопственост на Народната банка, според став 4 од овој член.

Исто така, член 2 ставови 1 и 4 од истиот закон се укинати со Одлуката на Уставниот суд на Република Северна Македонија У.бр.130/2022 од 15 мај 2024 година објавена во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 121/2024 од 10.06.2024 година.

III

Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Согласно со член 33 од Уставот секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Според член 51 од Уставот во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно со член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Организацијата и работата на Народната банка се уредуваат со закон, според член 60 став 3 од Уставот.

Во член 1 од Законот за Народната Банка на Република Северна Македонија, помеѓу другото е определено дека со овој закон се уредуваат организацијата и работата на Народната банка на Република Северна Македонија.

Стабилноста на банкарскиот систем, финансиската стабилност и мерките што се преземаат заради нивно постигнување и одржување се од јавен интерес, според член 8 од истиот закон.

Во член 8 став 1 точка 1 од Законот за даноците на имот („Службен весник на Република Македонија” бр. 61/2004, 92/2007, 102/2008, 35/2011, 53/2011, 84/2012, 188/2013, 154/2015, 192/2015 и 23/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 151/2021), е определено дека данок на имот не се плаќа на недвижен имот во државна сопственост кој го користат државните органи, недвижен имот во сопственост на општината кој го користат органите на општината, органите на општините во Градот Скопје и органите на Градот Скопје, освен недвижниот имот кој се користи од страна на физички или правни лица. Данок на имот не се плаќа на недвижен имот во сопственост на Народната банка на Република Северна Македонија, согласно со став 1 точка 3 од истиот член.

Според член 24 став 1 точка 6 од Законот за данок на додадена вредност („Службен весник на Република Македонија” бр. 44/1999, 59/1999, 86/1999, 11/2000, 8/2001, 21/2003, 19/2004, 33/2006, 45/2006, 101/2006, 114/2007, 103/2008, 114/2009, 133/2009, 95/2010, 102/2010, 24/2011, 135/2011, 155/2012, 12/2014, 112/2014, 130/2014, 15/2015, 129/2015, 225/2015, 23/2016, 189/2016, 198/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/2019, 124/2019, 275/2019, 267/2020, 163/2021, 57/2022, 199/2023, 3/2025, 247/2025 и 267/2025), се ослободуваат од данокот на додадена вредност прометот на злато и други благородни метали спрема централните банки.

Според член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

IV

При уставно-судската анализа имајќи ги предвид наводите во однос на оспорувањето на членот 73 од Законот за Народната банка на Република Северна Македонија, Судот го имаше предвид фактот дека Република Северна Македонија, како земја кандидат за членство во Европската Унија, во најголем дел ја усогласила својата даночна регулатива со Директивата 2006/112/ЕЗ за заедничкиот систем на данок на додадена вредност, со која, како и со член 24 став 1 точка 6 од Законот за данокот на додадена вредност, е предвидено ослободување од ДДВ за прометот со злато кон народните банки.

Даночното ослободување од данокот на додадена вредност на Народната банка со оспорениот член 73 став 1 од Законот за Народната банка на Република Северна Македонија, се однесува и на увозот на златото и другите благородни метали за Народната банка; книжните и кованите пари кои се законско средство за плаќање во Република Северна Македонија и хартијата и бојата за печатење на банкноти и рондели припремени за ковање пари кои се законско средство за плаќање во Република Северна Македонија.

Народната банка нема статус на даночен обврзник согласно со Законот за данокот на додадена вредност. Имено, овој закон се применува на субјектите коишто вршат стопанска дејност, а за разлика од нив Народната банка е ослободена од плаќање на овој данок, согласно со функцијата и надлежностите утврдени со Устав.

По однос на оспорениот член 73 став 3 од Законот којшто пропишува дека Народната банка е ослободена од плаќање данок на добивка, поаѓајќи од функцијата и надлежностите на Народната банка кои се утврдени со Устав, Народната банка се разликува од правните лица коишто се обврзници за плаќање на данокот на добивка, односно се разликува од правните лица коишто остваруваат добивка од вршење на стопанска дејност, а оттаму произлегува и различниот даночен третман.

Имено, Народната банка согласно со член 15 од Законот за Народната банка на Република Северна Македонија е должна остварениот финансиски резултат да го распредели во општи резерви за постигнување на потребното ниво на основен капитал, а остатокот да се распредели во Буџетот на Република Северна Македонија. Оттука, Народната банка иако е ослободена од плаќање данок на добивка, данок на ДДВ и данок на имот, таа придонесува во Буџетот со преотстапување на дел од финансискиот резултат како приход.

Согласно со оспорениот член 73 став 4 од Законот, не се пресметува и наплаќа ниту данокот на имот на недвижен имот којшто е во сопственост на Народната банка.

Имено, имајќи ја предвид содржината на член 8 став 1 точки 1 и 3 од Законот за даноците на имот, законодавецот помеѓу останатите државни органи и институции, даночно ја ослободува и Народната банка којашто не е даночен обврзник идентичен со правните и физичките лица што го имаат овој статус, со оглед на тоа што обврската за данок треба да се одвои од нејзините посебни права и надлежности. Наведеното е во согласност со уставно право на закодавецот со закон да ги утврдува даноците и другите јавни давачки, како и ослободувањата и другите погодности.

Од погоре цитираните уставни и законски одредби произлегува дека Собранието врз основа на својата уставна надлежност има овластување со закони да ги уредува и нормира општествените односи во одредена област за кои ќе оцени дека е потребно и оправдано, како што тоа го сторил со уредувањето во член 73 од Законот.

Во конкретниот случај, се предвидуваат даночни ослободувања за Народната банка на начин што обврската за данок е исклучена имајќи ја предвид уставната поставеност, надлежностите и улогата на Народната банка како носител на монетарната власт.

Имено, уставната поставеност на Народната банка се темели на принципите на самостојност и независност како неопходни за исполнување на нејзините примарни надежности што се операционализирани во Законот за Народната банка.

Судот својата оцена ја заснова на неспорниот факт дека надлежностите на Народната банка предвидени во членот 8 се всушност дејности од јавен интерес, при што функционирањето на Народната банка се темели на стабилноста на банкарскиот систем и мерките коишто се преземаат заради постигнување и одржување на неговата стабилност.

Оспорениот член 73 од Законот за Народната Банка на Република Северна Македонија не го повредува принципот на правна сигурност како елемент на владеењето на правото, туку напротив е во функција на заштита на самостојноста на Народната банка и операционализација на нејзината уставна положба, согласно со член 60 од Уставот.

Врз основа на направената уставно-судска анализа, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 73 од Законот за Народната банка на Република Северна Македонија во однос на одредбите од Уставот од аспект на наводите во иницијативата.

Со иницијативата се оспоруваат член 2 ставови 1 и 4 од Законот за Народната банка на Република Северна Македонија, коишто се укинати со Одлуката У.бр.130/2022 на Уставниот суд на Република Северна Македонија од 15 мај 2024 година и како такви повеќе не се дел од правниот поредок, поради што постојат процесни пречки за одлучување за нивната согласност со Уставот и исполнети се условите за отфрлање на иницијативата во овој дел, согласно со член 38 алинеја 3 од Актот на Судот.

V

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски