
Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.203/2024
Скопје, 28.01.2026 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Aктот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 28 јануари 2026 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 40 став 2 во делот „листата на професионалните болести“ од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.98/2012, 166/2012, 15/2013, 53/2013, 170/2013, 43/2014, 44/2014, 97/2014, 113/2014, 160/2014, 188/2014, 20/2015, 61/2015, 97/2015, 129/2015, 147/2015, 154/2015, 173/2015, 217/2015, 27/2016, 120/2016, 132/2016, 27/2018, 35/2018, 220/2018 и 245/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.180/2019, 275/2019, 31/2020, 94/2020, 267/2020, 67/2022, 79/2023, 193/2024, 75/2025, 154/2025, 251/2025, 251/2025 и 269/2025).
Образложение
I
Игорчо Точев од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на делот на одредбата од Законот означен во диспозитивот на ова решение.
Според наводите, оспорениот дел не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 9 од Уставот на Република Северна Македонија.
Во иницијативата се цитираат член 40 став 1 и 2 и член 244 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување и член 56 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа.
Се наведува дека во Законот за пензиското и инвалидското осигурување во целина како и во оспорениот дел, не се пропишани на прецизен и јасен начин параметрите коишто би биле основ за донесување на Правилникот за листата на професионалните болести и следствено на ова се остава можност со правилник на недоволно јасен и прецизен начин да се пропишуваат болести коишто се сметаат за професионални и на арбитрарен начин, без каква било основа во Законот, да се пропишуваат едни болести како професионални, а други не.
Ваквиот начин на регулирање создава правна празнина и не е во согласност со темелната вредност владеење на правото загарантирано со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, според кој во правниот поредок треба да постојат јасни и прецизни норми коишто нема да остават место на двосмислен начин да бидат толкувани или различно применувани.
Исто така, се наведува дека оспорениот дел овозможува две или повеќе лица кои побарале остварување на право од инвалидност, кај кои една професионална болест настанала под различни околности односно временски периоди, да добијат различен третман, што е спротивно на еднаквоста на граѓаните, загарантирана со член 9 од Уставот. Покрај ова, се наведува дека со оспорениот дел се остава можност за арбитрарно постапување од страна на комисиите при определување на настапување на професионално заболување кај едно лице, а кај друго не, со што се создава правна несигурност, спротивно на начелото на владеење на правото.
Во иницијативата се наведува дека останува нејасно, дали оспорениот дел е во рамки на член 56 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, односно, дали повикувајќи се на член 40 став 2 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, министерот може со правилник да ја пропише и „Листата на професионални болести“, имајќи предвид дека со правилник може да се разработуваат прашања заради извршување на одредби од закон.
Врз основа на наведеното се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот дел од одредбата и истиот да го укине.
II
На седницата Судот утврди дека во член 40 став 2 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.98/2012, 166/2012, 15/2013, 53/2013, 170/2013, 43/2014, 44/2014, 97/2014, 113/2014, 160/2014, 188/2014, 20/2015, 61/2015, 97/2015, 129/2015, 147/2015, 154/2015, 173/2015, 217/2015, 27/2016, 120/2016, 132/2016, 27/2018, 35/2018, 220/2018 и 245/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.180/2019, 275/2019, 31/2020, 94/2020, 267/2020, 67/2022, 79/2023, 193/2024, 75/2025, 154/2025, 251/2025, 251/2025 и 269/2025) се предвидува дека правилникот за листата на професионалните болести го донесува министерот за социјална политика, демографија и млади.
III
Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија е владеењето на правото.
Согласно со член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Во член 1 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување се предвидува дека со овој закон се уредува задолжителното пензиско и инвалидско осигурување, опфатот на осигуреници, правата кои се остваруваат од ова осигурување, матичната евиденција на осигурениците и корисниците на права од пензиското и инвалидското осигурување, основите на капиталното финансирано пензиско осигурување, како и посебните услови под кои одделни категории на осигуреници ги остваруваат правата од пензиското и инвалидското осигурување.
Член 40 насловен „Професионална болест“ од истиот закон, со став 1 уредува дека професионални болести, во смисла на овој закон, се определени болести причинети со подолго непосредно влијание на процесот и условите на трудот врз работната способност на осигуреникот. Според став 2 од истиот член, правилникот за листата на професионалните болести го донесува министерот за социјална политика, демографија и млади.
Во член 244 од истиот закон е предвидено дека до донесувањето на Листата на професионални болести и Листата на телесни оштетувања, професионалните болести и телесните оштетувања ќе се утврдуваат по листите кои се применувале со денот на влегувањето во сила на овој закон.
Според член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 58/2000, 44/2002, 13/2006, 82/2008, 167/2010, 36/2011 и 51/2011 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 96/2019, 110/2019, 154/2019 и 121/2024), министерот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за извршување на законите и други прописи, кога за тоа е овластен со закон.
Во член 56 став 1 од истиот закон е предвидено дека со правилник се утврдуваат и се разработуваат одделни одредби на законите и други прописи заради нивно извршување.
IV
Судот оцени дека е неоснован наводот на подносителот на иницијативата дека во Законот за пензиското и инвалидското осигурување во целина, како и во оспорениот дел, не се пропишани на прецизен и јасен начин параметрите коишто би биле основ за донесување на Правилникот за листата на професионалните болести, со што се остава можност со правилник на недоволно јасен и прецизен начин да се пропишуваат болести коишто се сметаат за професионални и на арбитрарен начин, без каква било основа во Законот, да се пропишуваат едни болести како професионални, а другите не, со што се создава правна празнина, што не е во согласност со темелната вредност владеење на правото, пропишана со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Ова од причина што во член 40 став 1 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување e определено кои болести се сметаат за професионални, односно оваа одредба ги содржи основните параметри по кои се определува дали одредени болести се од ваква природа.
Исто така, во Правилникот за листата на професионални болести, професионалните болести се таксативно наброени, при што пред секоја болест е назначена шифра и се утврдени специфични услови и критериуми коишто мора да бидат исполнети за болеста да се квалификува како професионална. Ваквата правна уреденост обезбедува правна сигурност и предвидливост за работниците и работодавците, бидејќи точно се дефинира кои состојби се признаваат како професионални болести и под кои услови.
Покрај тоа, од одговорот на Министерството за социјална политика, демографија и млади, Судот утврди дека листата на професионални болести содржана во Правилникот е изготвена од стручни лица од областа на медицина на труд, во согласност со Европската листа на професионални болести. Ова гарантира дека критериумите се засноваат на современи научни и стручни стандарди и дека истите се усогласени со европските стандарди.
Судот оцени дека е неоснован наводот дека оспорениот дел овозможува две или повеќе различни лица, кај кои една иста професионална болест настапила под различни околности, да добијат различен третман, што е во спротивно на начелото на еднаквост, загарантирано со член 9 од Уставот. Ова од причина што предмет на регулирање на законската одредба, чиј составен дел е оспорениот дел, не се индивидуалните права или обврски на граѓаните, туку овластувањето на министерот за социјална политика, демографија и млади за донесување правилник за листата на професионални болести.
Со други зборови, законската одредба во која е содржан оспорениот дел не регулира права на граѓаните, туку ја определува рамката и постапката за воспоставување стручна и јасна листа на професионални болести, со критериуми коишто мора да бидат исполнети за да се признае една болест како професионална. Тоа значи дека во рамки на Правилникот, сите лица кои ги исполнуваат утврдените критериуми се третираат на ист начин. Разликите во околностите, под кои се јавила болеста, на кои се укажува во иницијативата, се разгледуваат само од медицински и стручни аспекти, а не како основа за произволен третман, што ја обезбедува согласноста со принципот на еднаквост на граѓаните.
Дополнително, овластувањето на министерот за донесување на правилникот е дел од законски утврдена процедура, со што се обезбедува предвидливост, транспарентност и стручност при определувањето на критериумите за професионални болести. На овој начин, правната рамка е усогласена со уставното начело на еднаквост и нема простор за различен третман по произволен критериум. Наводот на подносителот дека оспорениот дел остава можност за произволно постапување од страна на комисиите при утврдување на професионално заболување се однесува на конкретната примена на правилникот и одлуките на комисиите. Од тие причини, оценувањето на овој навод е надвор од надлежностите на Уставниот суд од член 110 од Уставот. Имено, комисиите коишто ја утврдуваат исполнетоста на критериумите за професионални болести се стручни тела кои ги спроведуваат законските и подзаконските одредби, а нивното постапување може да биде предмет на управна контрола, но не и на оценка од Уставниот суд.
Исто така, Судот го оцени како неоснован наводот дека останува нејасно, дали овластувањето на министерот за социјална политика, демографија и млади да донесе правилник за листата на професионалните болести е во рамки на член 56 од став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, според кој со правилник се утврдуваат и се разработуваат одделни одредби на законите и други прописи заради нивно извршување. Ова од причина што овластувањето на министерот за социјална политика, демографија и млади да донесе ваков правилник е јасно утврдено во член 40 став 2 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување и е во целосна согласност со член 56 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа. Листата не предвидува нови права, туку детално ги конкретизира критериумите и постапките за спроведување на законското право, што е во согласност со член 56 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа. Со тоа се обезбедува правна сигурност и предвидливост за граѓаните и работодавачите. Врз основа на наведеното произлегува дека со оспорениот дел не се создаваат нови права туку се разработува законската одредба и е во согласност со темелната вредност на уставниот поредок владеењето на правото.
Од уставно-судска перспектива, наводот којшто се однесува на тоа дали со овластувањето содржано во член 40 став 2 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, министерот може со правилник да ја пропише и листата на професионални болести, имајќи предвид дека со правилник може да се разработуваат прашања заради извршување на законот, Судот го ценеше низ призма на делокругот на законодавната и извршната власт, принципот на владеење на правото и подзаконските акти како средство за спроведување на законите. Прво, Собранието како законодавен орган има право да утврдува овластувања на органите на извршната власт, вклучувајќи го и министерот, за донесување подзаконски акти. Донесувањето правилник кој детализира листа на професионални болести е типичен пример на овластување за спроведување закон, а не за создавање нови права или обврски. Второ, подзаконските акти како правилниците служат за извршување и конкретизирање на законските одредби. Член 56 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа предвидува дека правилниците се наменети за утврдување и разработка на одредби од законот заради нивно извршување, што е токму улогата на овластувањето содржано во член 40 став 2 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување. Листата на професионални болести, како составен дел на правилникот, ги детализира критериумите за остварување на права, но не го надминува законскиот мандат на министерот.
Согласно со наведеното, Судот оцени дека член 40 став 2 во делот „листата на професионалните болести“ од Законот за пензиското и инвалидското осигурување е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 9 од Уставот, од аспект на наводите во иницијативата.
V
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски