
Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.161/2023
Скопје, 04.03.2026 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 72 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 4 март 2026 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВА член 40 став 2 алинеја 4 од Статутот на Општина Сопиште бр.01-2845/3 од 02.07.2007 година.
2. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Образложение
I
Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 23 став 4 од Актот на Уставниот суд, по сопствена иницијатива одлучи да оформи предмет за оценување на уставноста и законитоста на одредбата означена во точка 1 од оваа одлука.
Со Решението У.бр.161/2023 од 25 јуни 2025 година, Судот поведе постапка за оценување на нејзината уставност и законитост, затоа што основано се постави прашањето за нејзината согласност со одредби од Уставот и Законот за локалната самоуправа.
II
На седницата Судот утврди дека член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Центар – Скопје, бр.08-4264/1 од 01.10.2020 година, пропишува дека член на Советот има право на седниците на Советот да поднесува барање за давање на автентично толкување на прописите.
III
Една од основните цели на Уставот на Република Северна Македонија е воспоставување на владеење на правото во системот на власта. Овој уставен принцип со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот е определен како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, секој е должен да ги почитува Уставот и законите, согласно со член 51 од Уставот.
Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно со член 23 став 4 од Актот на Уставниот суд, Уставниот суд може по сопствена иницијатива да одлучи да оформи предмет за оценување уставност на закон, односно уставност и законитост на пропис или друг општ акт или уставност на програма и статут на политички партии и здруженија на граѓани.
Советот на Општина Сопиште, врз основа на член 36 став 1 точка 1, член 62 став 1 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија” бр.5/2002) и член 41 точка 1 од Статутот на Општина Сопиште („Службен гласник на Општина Сопиште” бр.1/1997), на седницата одржана на 02.07.2007 година, го донел Статутот на Општина Сопиште бр.01-2845/3.
Во член 40 став 2 алинеја 4 од Статутот на Општина Сопиште е уредено дека Статутарно-правната комисија формирана од Советот на Општината дава автентично толкување на Статутот, врши исправка на грешки по објавениот текст на прописот на општината.
Автентично толкување на законите дава законодавецот како орган на законодавната власт. Собранието, согласно со член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, ги донесува законите и дава автентично толкување на законите, а постапката за автентично толкување на законите е уредена со Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 248/2023).
Според правната теорија, автентично толкување на законите значи утврдување на содржината и на вистинската смисла на веќе донесен закон, којшто во примената покажува нејасност, двосмисленост или содржи празнини. Автентичното толкување е составен дел на објавениот закон.
Законот за локалната самоуправа не содржи изречна одредба дека советите на општините можат да даваат автентично толкување на прописите коишто ги донесуваат. Имено, согласно со член 36 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа, советот на општината го донесува статутот на општината и други прописи, а според член 62 став 1 од Законот, во вршењето на работите од својата надлежност советот донесува прописи, и тоа: статут, програми, планови, одлуки и други прописи утврдени со закон, што значи дека Законот не содржи изречна одредба дека советите на општините можат да даваат автентично толкување на прописите коишто ги донесуваат.
Со оглед на тоа дека со член 40 став 2 алинеја 4 од Статутот се дава можност на Статутарно-правната комисија формирана од Советот на Општина Сопиште да дава автентично толкување на Статутот, Судот оцени дека Советот на Општината ги пречекорил, односно ги надминал своите надлежности предвидени во Законот за локалната самоуправа, поради што оспорената одредба не е во согласност со темелната вредност владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 и принципот на уставност и законитост од член 51 од Уставот на Република Северна Македонија, и на Законот за локалната самоуправа.
IV
Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови одлучи како во диспозитивот на оваа одлука.
V
Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски