У.бр.266/2024

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.266/2024
Скопје, 28.01.2026 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 38 алинеја 1 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 115/2024), на седницата одржана на 28 јануари 2026 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за УЗ 7, блок 7.1 Општина Охрид, плански период 2009-2014, бр.07-8141/18 од 25.12.2013 година, на Советот на Општина Охрид („Службен гласник на Општина Охрид“ бр.18/2013).

Образложение

I

Јован Костовски, адвокат од Адвокатското друштво Костовски од Охрид, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во диспозитивот на ова решение.

Во иницијативата се наведува дека оспорената одлука не е во согласност со член 31 од Законот за просторно и урбанистичко планирање и Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 63/2012, 126/2012, 19/2013, 95/2013 и 167/2013).

Според наводите, при оформувањето на градежната парцела ГП.бр.7.1.127 на КП.бр.11022/5, КП.бр.11022/21, КП.бр.11044 и КП.бр.11051/3 за КО Охрид-2, не биле следени предвидените принципи во член 22 став 1 точки 4 и 5 од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, односно градежната парцела била оформена на сметка на земјиште за општа употреба и со оформувањето на градежната парцела не се обезбедило подобрување на условите за живот и работа на луѓето.

Конкретно, оваа парцела била оформена на сметка на земјиште за општа употреба – зелен појас предвиден на делови од КП.бр.11022/1, КП.бр.11022/5 и КП.бр.11022/19, односно на земјиште што преставува единствен функционален пристап до ГП.бр.7.1.126 (КП.бр.11032/1) и ГП.бр.7.1.129 (КП.бр.11030) на кои пред повеќе години се изградени станбени згради. На ваков начин, наместо со оформувањето на градежната парцела да се обезбеди подобрување на условите за живот и работа на сопствениците и корисниците на становите во зградите изградени на претходно наведените градежни парцели истите целосно се влошуваат и се оневозможува пристап на пешаците и возилата до станбените згради.

Потврда за тоа дека ниту еден пристап до ГП.бр.7.1.126 (КП.бр.11032/1) и ГП.бр.7.1.129 (КП.бр.11030) од предвидените во урбанистичкиот план не е реализиран, е Планската програма за изработка на ДУП за УЗ 7 дел од УБ 7.1 опфат 1 (измени и дополнувања) тех.бр.04/24 изработен од „Снегар компани“ од март 2024 година. Во таа програма, на стрaница број 5, биле дефинирани специфичните потреби во рамки на опфатот коишто треба да се задоволат со тој детален урабанистички план. Како две специфични потреби биле наведени оформување на секундарна улична мрежа и комунална инфраструктура и обезбедување на сообраќаен пристап до секоја градежна парцела, со почитување на податоците од ПИМ.

Во однос на тоа дека не била оформена секундарна улична мрежа се потврдува со графичкиот прилог кон Програмата во кој е прикажано дека оваа улична мрежа за пристап до ГП.7.1.126, ГП.7.1.127 и ГП.7.1.129 е именувана како ул. „Новопроектирана“ – ул. НПТ.

Поради тоа изведувачот на работите за изградба на станбената зграда на ГП.бр.7.1.126 (КП.бр.11032/1) на 08.10.2019 година се обратил до Општина Охрид со барање да биде изградена новопроектираната улица за поврзување на улиците „7-ми Ноември“ и „Борис Кидрич“, со цел да се обезбеди пристапот предвиден со Деталниот урбанистички план за УЗ 7 блок 7.1.

Според наводите, со тоа што не бил реализиран пристап до ГП.бр.7.1.126 (КП.бр.11032/1) и ГП.бр.7.1.129 (КП.бр.11030) од предвидените во урбанистичкиот план, е сторена повреда на член 67 став 1 од Правилникот во кој е предвидено дека уличната мрежа и нејзините елементи се планираат и обликуваат во урбанистичките планови според постојните сообраќајни потреби и според планираните потреби до крајот на планскиот период.

Понатаму, според наводите, согласно со член 67 став 3 од овој правилник, кога се планира улична мрежа, истата се планира, категоризира и димензионира според можностите за реализација во планскиот период. Во овој случај биле изминати повеќе од 10 години, а уличната мрежа сè уште не била реализирана, односно не биле следени предвидените принципи во член 24 од Правилникот кој се однесува на минималните димензии на градежните парцели, при што новопредвидената ГП.7.1.127 не задоволувала ниедна од предвидените димензии. Понатаму, не биле следени принципите предвидени во членовите 59 и 60 од Правилникот, што се однесуваат на следење на површините за паркирање, при што се предвидува дека минималната широчина на комуникацијата за пристап до паркинг место треба да изнесува 5,50м и минималната широчина на двонасочна права рампа којашто треба да изнесува 5,50м.

Во иницијативата се наведува дека Општина Охрид врз основа на оспорениот детален урбанистички план за УЗ 7, блок 7.1, издала одобрение за градба на изведувач пред да се изгради пристапна улица спрема градежна парцела на која се однесува тоа одобрение, како и дека одобрението е издадено пред да се изгради пристапна улица до градежните парцели, а со тоа се оневозможува користење на единствениот пат од и до јавен пат за двете згради изградени на градежните парцели 7.1.126 и 7.1.129. Ова укажува на спротивност на оспорената одлука со која е донесен деталниот урбанистички план со Законот за просторно и урбанистичко планирање и со Правилникот, поради што се предлага поведување постапка за оценување на нејзината уставност и законитост и нејзино поништување.

Воедно, се предлага и донесување решение за запирање од извршување и изведување на градежните работи врз основа на Одобрението Уп.1 број 20-730 од 26.04.2023 година заради можност од настанување на тешко отстранливи последици.

II

На седницата Судот утврди дека Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за УЗ 7, блок 7.1 Општина Охрид, плански период 2009-2014, бр.07-8141/18 од 25.12.2013 година, на Советот на Општина Охрид („Службен гласник на Општина Охрид“ бр.18/2013) содржи 6 члена.

Согласно со член 1 од оваа одлука, со истата се донесува Детален урбанистички план за УЗ 7, блок 7.1 Општина Охрид, плански период 2009-2014, бр.07-8141/18 од 25.12.2013 година.

Во член 2 се предвидува дека со урбанистичкиот план се опфаќа простор со површина од 14.60 хa. Просторот на планскиот опфат по Детален урбанистички план за УЗ 7, блок 7.1 Општина Охрид, плански период 2009–2014 е опфат на границите: ул. „Булевар Туристичка“, ул. „7ми Ноември“, ул.„Прв градски ринг” и ул.„Абас Емин”.

Согласно со член 3, Деталниот урбанистички план за УЗ 7, блок 7.1 Општина Охрид, плански период 2009 – 2014, изработен од „ПОЛОГПРОЕКТ-ПРО“ Доо Гостивар со технички број 48/08 содржи планска документација со текстуален, графички и нумерички дел и документациона основа со текстуален, графички и нумерички дел.

Во член 4 е уредено дека Деталниот урбанистички план за УЗ 7, блок 7.1 Општина Охрид, плански период 2009 – 2014, се заверува со потпис и печат на претседателот на Советот на Општина Охрид.

Член 5 предвидува дека Деталниот урбанистички план за УЗ 7, блок 7.1 Општина Охрид, плански период 2009 – 2014, се чува, следи и реализира во Секторот за урбанизам и управување со градежно земјиште.

Според член 6 од Одлуката, истата влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Охрид“.

III

Согласно со член 8 став 1 алинеи 3 и 10 од Уставот, владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и природата, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Согласно со член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно со член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

IV

При анализата на наводите во иницијативата дека со Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за УЗ 7, блок 7.1 Општина Охрид, плански период 2009-2014, бр.07-8141/18 од 25.12.2013 година, на Советот на Општина Охрид не се почитувале основните начела во процесот на планирање и уредување на просторот, пропишани со член 31 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, и притоа не се применети стандардите и нормативите предвидени со Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање и дека со оформувањето на градежните парцели биле нарушени основните услови за живот и работа на корисниците и сопствениците на становите, Судот зазеде став како што е изложено понатаму.

Прашањето дали со оспорената одлука, при планирањето, градежната парцела е оформена на штета на земјиште за општа употреба, односно не е обезбеден единствен функционален пристап до станбените згради, за Судот не е правно релевантно од аспект на уставно-судската анализа. Ова прашање се однесува на содржинските и стручно-техничките аспекти на деталниот урбанистички план, коишто се во надлежност на неговиот доносител и на надлежните органи што даваат согласност за планот. Надлежноста на Уставниот суд се сведува на оценување на уставноста и законитоста на планот, односно постапката за донесување.

При понатамошната анализа на останатите наводи во иницијативата, според Судот, наводот дека оспорената одлука не е во согласност со член 31 од Законот за просторно и урбанистичко планирање всушност се однесува на тоа дека доносителот на овој акт не ги почитувал член 22 став 1 точки 4 и 5, член 24, член 59 став 3, член 60 став 2 и член 67 ставови 1 и 3 од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање. Оттука, постапувањето на Судот по барањето во иницијативата за оценување на законитоста на оспорената одлука од аспект на несогласноста со одредби од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, во суштина би значело Судот да одлучува за меѓусебна согласност на прописи.

Согласно со член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, надлежноста на Уставниот суд е ограничена на оценување на согласноста на законите со Уставот, како и на согласноста на другите прописи и колективните договори со Уставот и со законите. Во конкретниот случај, станува збор за барање за оцена на согласноста на оспорената одлука со одредби од Правилник, што не е во надлежност на Судот.

Во однос на наводите дека Општина Охрид, врз основа на Деталниот урбанистички план за урбана заедница 7, блок 7.1, издала одобрение за градба пред да биде обезбеден соодветен пристап до градежната парцела преку пристапна улица, како и дека со тоа е оневозможено користењето на единствениот пристап до јавен пат за објектите изградени на градежните парцели 7.1.126 и 7.1.129, Судот оцени дека станува збор за прашања коишто се однесуваат на конкретната примена на урбанистичко-планската документација и на Законот за градење во конкретна фактичка состојба.

Согласно со член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд е надлежен да одлучува за уставноста и законитоста на прописите и на колективните договори, но не и за законитоста на поединечни акти, ниту за утврдување и оценување на фактички околности поврзани со нивната примена. Оттука, прашањето дали одобрението за градба било издадено пред обезбедување на соодветен пристап до градежната парцела, како и евентуалните последици од тоа врз користењето на соседните објекти, спаѓа во надлежност на управни и судски органи, а не на Уставниот суд.

V

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски