У.бр.159/2025

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.159/2025
Скопје, 25.03.2026 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски и д-р Ана Павловска-Данева, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 25 март 2026 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 28 став 2 во делот „може да воведува и други финансиски инструменти доколку кај истите со подзаконски акт“ од Законот за иновациската дејност, научно-технолошки развој и претприемништво („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 154/2025 и 192/2025).

Образложение
I

Игорчо Точев од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на делот од одредбата од Законот означен во диспозитивот на ова решение.

Според наводите, оспорениот дел е спротивен на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, од причина што не е доволно јасен и прецизен, при што од целината на Законот не произлегува кој орган е надлежен за донесување на подзаконскиот акт.

Со оспорената одредба на Агенцијата ѝ се овозможува да воведува и други финансиски инструменти коишто не мора да имаат основ во Законот, при што критериумите за нивно воведување би можеле арбитрарно да се пропишуваат со подзаконски акт, надвор од законската рамка. Особено се истакнува дека средствата што се доделуваат преку овие финансиски инструменти се средства од Буџетот на Републиката, поради што критериумите треба да бидат јасно и исцрпно утврдени во самиот закон.

Врз основа на наведеното, се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот дел и истиот да го укине.

II

На седницата Судот утврди дека според член 28 став 2 од Законот за иновациската дејност, научно-технолошки развој и претприемништво („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 154/2025 и 192/2025), Агенцијата може да воведува и други финансиски инструменти доколку кај истите со подзаконски акт се пропишани критериумите за оценување утврдени со овој закон.

III

Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Согласно со член 51 од Уставот во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Во член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, е предвидено дека Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот.

IV

Од анализата на член 28 став 2 од Законот, произлегува дека законодавецот јасно го определил носителот на овластувањето, односно Агенцијата, како и условите под кои може да се воведат други финансиски инструменти, и тоа со донесување подзаконски акт во кој ќе бидат пропишани критериуми за оценување утврдени со самиот закон.

Со тоа, законодавецот не воспоставил бланкетно и неограничено овластување, туку предвидел законска рамка во која подзаконскиот акт има операционализирачка функција. Одредбата во која е содржан оспорениот дел не остава простор за пропишување критериуми надвор од законската основа, туку напротив, изречно упатува дека критериумите мора да бидат утврдени со Законот.

Наводите од иницијативата за можност од арбитрарно постапување се однесуваат на евентуална идна примена на одредбата и на донесување подзаконски акти коишто би можеле да излезат надвор од законската рамка. Меѓутоа, таквите наводи не ја доведуваат во прашање уставноста на оспорениот дел, туку би можеле да бидат предмет на оцена на законитоста на конкретен подзаконски акт, доколку истиот биде донесен спротивно на Законот.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот утврди дека член 28 став 2 во делот „може да воведува и други финансиски инструменти доколку кај истите со подзаконски акт“ од Законот за иновациската дејност, научно-технолошки развој и претприемништво, е јасен и прецизен, не воспоставува дискреционо овластување спротивно на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок поради што не може основано да се постави прашањето за неговата согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија.

V

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд нa Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски