
Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.191/2023
Скопје, 28.01.2026 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Aктот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 28 јануари 2026 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на:
– член 9 став 1 точки 1, 2, 3, 4, 5 и точка 6 во делот „ако има дозвола за емитување програма на локално ниво, за подрачје со под 50.000 жители“ и став 3 и
– член 21 став 1 точки 1, 2, 3, 4, 5, 6, 7 и 8, став 2 точки 1, 2 и точка 3 во делот „едно лице ако има дозвола за емитување на програма на локално ниво“ и став 4 од Правилникот за минимални технички, просторни, финансиски и кадровски услови за добивање дозвола за радио и телевизиско емитување, донесен од страна на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги („Службен весник на Република Македонија“ бр.172/2014 и 76/2015 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.130/2023 и 204/2023).
Образложение
I
Ристо Гоговски од Скопје, до Уставниот суд поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од актот означен во диспозитивот на ова решение.
Се наведува дека оспорените одредби не се во согласност со член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 8, член 9, член 32 ставови 1, 2, 3 и 4 и членовите 51, 55 и 58 од Уставот на Република Северна Македонија и со член 4 став 1, член 5 став 1 точки 1, 2, 3 и 4 од Законот за работните односи.
Во иницијативата, се наведуваат надлежностите и делокругот на работите на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (во понатамошниот текст: Агенцијата) што произлегуваат од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Агенцијата преку наведениот правилник, чии одредби се оспорени, ги пречекорила надлежностите утврдени со Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги бидејќи со истиот ги диктира и уредува односите помеѓу работодавачот и вработените кај радиодифузерите, креира систематизација на радиодифузерите и ја дефинира формата и статусот на работникот, што е спротивно на Уставот и законот.
Исто така, се наведува дека Агенцијата не може да толкува, додава и допишува нешто што не е во нејзина надлежност, односно Советот на Агенцијата не може да определува дали работниот однос меѓу работодавачот и работникот ќе биде работен однос на неопределено или определено време од причина што тоа е уставно право на радиодифузерите како трговски друштва чие постапување како посебна дејност е уредено со посебен закон, a Агенцијата треба по службена должност да внимава на спроведување на истиот односно да се грижи за еднаквоста на странките кај економските оператори за да не се создадат услови за монополизирање на медиумскиот пазар.
Според подносителот на иницијативата, Агенцијата не може да креира одредба којашто е клучна и решителна за добивање или губење на дозволата за работа. Ова од причина што, одредба за бројот на вработени лица во радиодифузерите не содржи ниту Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, ниту Законот за работните односи, ниту Законот за трговски друштва и Советот на Агенцијата преку толкување на одредбите од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, а повикувајќи се на член 62 став 6 од истиот закон го донел наведениот правилник во кој го предвидел минималниот број на вработени лица кај радиодифузерите, со што постапил спротивно на Уставот и Законот за работните односи. На ваков начин, според подносителот на иницијативата, Агенцијата има за цел аудиовизуелниот простор да го стави во рацете на тројца моќници.
Се наведува дека со Правилникот, чии одредби се оспорени, Агенцијата ги ставила во нерамноправна положба правните лица односно радиодифузерите во однос на другите правни лица кои се регистрирани во Централниот регистар на Република Северна Македонија и вршат сопствени дејности и на кои им е оставено слобода за креирање на сопствена систематизација и определување на бројката на вработените лица.
Врз основа на горенаведеното, се предлага да се поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените одредби и истите да се укинат или поништат. Воедно, се предлага Судот да ги прифати измените на оспорените одредби предложени со иницијативата.
II
На седницата Судот утврди дека oспорениот член 9 е содржан во глава IV насловена „Кадровски услови“ со поднаслов „Број и структура на вработените“ додека оспорениот член 21 е содржан во глава VI насловена „Кадровски услови“ со поднаслов „Број и структура на вработените“ од Правилникот за минимални технички, просторни, финансиски и кадровски услови за добивање дозвола за радио и телевизиско емитување, донесен од страна на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги („Службен весник на Република Македонија“ бр.172/2014 и 76/2015 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 130/2023 и 204/2023).
Член 9
Имателот на дозволата за радио емитување е должен во редовен работен однос да има најмалку:
1) 10 (десет) лица кои учествуваат во создавањето на програмата, ако има дозвола за емитување говорно или говорно-музичко радио на државно ниво;
2) 7 (седум) лица кои учествуваат во создавањето на програмата, ако има дозвола за емитување музичко или музичко-говорно радио на државно ниво;
3) 4 (четири) лица кои учествуваат во создавањето на програмата, ако има дозвола за емитување говорно или говорно-музичко радио на регионално ниво;
4) 3 (три) лица кои учествуваат во создавањето на програмата, ако има дозвола за емитување музичко или музичко-говорно радио на регионално ниво;
5) 2 (две) лица кои учествуваат во создавањето на програмата, ако има дозвола за емитување програма на локално ниво, за подрачје со над 50.000 жители;
6) 1 (едно) лице кое учествува во создавањето на програмата, ако има дозвола за емитување програма на локално ниво, за подрачје од 30.000 до 50.000 жители.
Лицата наведени во ставовите 1 и 2 од овој член треба да се вработени во радиодифузерот со полно работно време, согласно одредбите од Законот за работните односи.
Член 21
Имателот на дозволата за телевизиско емитување на програмски сервис од општ формат е должен во редовен работен однос да има најмалку:
1. 70 (седумдесет) лица кои учествуваат во создавањето на програмата, ако има дозвола за емитување програма на државно ниво преку терестријален предавател;
2. 20 (дваесет) лица кои учествуваат во создавањето на програмата, ако има дозвола за емитување програма на државно ниво преку јавна електронска комуникациска мрежа што не користи ограничен ресурс или преку сателит;
3. 7 (седум) лица кои учествуваат во создавањето на програмата, ако има дозвола за емитување програма на регион Д1-Скопје;
4. 5 (пет) лица кои учествуваат во создавањето на програмата, ако има дозвола за емитување програма на регионите: Д1-Црн Врв – Велес, Д2-Страцин, Д3-Туртел, Д4-Боскија, Д5-Пелистер, Д6-Мали Влај и Д8-Попова Шапка;
5. 3 (три) лица кои учествуваат во создавањето на програмата, ако има дозвола за емитување програма на регион Д7-Стојков;
6. 4 (четири) лица кои учествуваат во создавањето на програмата, ако има дозвола за емитување програма на локално ниво, за подрачје со над 50.000 жители;
7. 3 (три) лица кои учествуваат во создавањето на програмата, ако има дозвола за емитување програма на локално ниво, за подрачје од 30.000 до 50.000 жители;
8. 2 (две) лица кои учествуваат во создавањето на програмата, ако има дозвола за емитување програма на локално ниво, за подрачје со под 30.000 жители.
Имателот на дозволата за телевизиско емитување на програмски сервис од специјализиран формат е должен во редовен работен однос да има најмалку:
1. 10 (десет) лица ако има дозвола за емитување програма на државно ниво;
2. 3 (три) лица ако има дозвола за емитување програма на регионално ниво;
3. 1 (едно) лице ако има дозвола за емитување програма на локално ниво.
Лицата наведени во ставовите 1, 2 и 3 од овој член треба да се вработени во радиодифузерот со полно работно време, согласно одредбите од Законот за работните односи.
III
Согласно со член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 8 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Во член 9 од Уставот е предвидено дека граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожа, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествена положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Согласно со член 32 став 1 од Уставот секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при вработувањето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност. Според став 2 од истиот член, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место. Во став 3 од овој член е предвидено дека секој вработен има право на соодветна заработувачка. Согласно со став 4 од овој член секој вработен има право на платен дневен, неделен и годишен одмор. Од овие права вработените не можат да се откажат.
Според член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Во член 55 од Уставот е предвидено дека се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.
Согласно со член 58 од Уставот сопственоста и трудот се основа за унапредување и учество во одлучувањето. Учеството во унапредувањето и одлучувањето во јавните установи и служби се уредува со закон и врз принципите на стручност и компетентност.
Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законот.
Во член 1 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги („Службен весник на Република Македонија” бр. 184/2013, 13/2014, 44/2014, 101/2014, 132/2014, 13/2016, 142/2016, 132/2017, 168/2018, 248/2018 и 27/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 154/2019, 42/2020, 90/2020, 140/2020, 2/2021, 48/2021, 77/2021, 154/2023, 55/2024, 193/2024 и 247/2025) е предвидено дека со овој закон се уредуваат правата, обврските и одговорностите во областа на аудио и аудиовизуелните медиумски услуги, вклучувајќи ги радиодифузерите и давателите на аудиовизуелни медиумски услуги по барање, давателите на услуги платформи за споделување видеа и операторите на јавни електронски комуникациски мрежи кои ги емитуваат или реемитуваат програмските сервиси на радиодифузерите.
Според член 3 став 1 точка 17 од овој закон, радиодифузер е давател на аудио или аудиовизуелни медиумски услуги за радио или телевизиско емитување.
Согласно со член 4 став 1 од истиот закон, надлежен орган за работите што се предмет на овој закон е Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Во став 2 од овој член е предвидено дека Агенцијата е самостојно и независно непрофитно регулаторно тело со статус на правно лице со јавни овластувања.
Според член 5 став 1 од истиот закон, Агенцијата во својата работа се грижи за постигнување на целите утврдени во член 2 од овој закон. Во став 2 од овој член е предвидено дека Агенцијата во својата работа е независна од друг државен орган или друго правно лице и треба да биде непристрасна кон нив. Според став 3 од истиот член, Агенцијата ги извршува работите во согласност со овој закон и прописите донесени врз основа на него, Законот за медиуми, Законот за општата управна постапка, доколку со овој закон поинаку не е одредено, други закони и стратешки документи на Република Северна Македонија, како и меѓународните договори од областа на медиумите и аудиовизуелните медиумски услуги што ги склучила или на кои им пристапила Република Северна Македонија.
Согласно со член 6 став 1 алинеја 6 од истиот закон, Агенцијата во согласност со овој закон ги донесува актите кои произлегуваат од овој закон додека според алинеја 9, Агенцијата одлучува за доделување, одземање или продолжување на дозволите за телевизиско или радио емитување.
Во член 11 од Законот е предвидено дека органи на Агенцијата се Советот и директорот.
Според член 18 став 1 алинеја 8 од истиот закон, Советот е надлежен за донесување на подзаконските акти кои произлегуваат од овој закон.
Согласно со член 62 став 1 од овој закон, дејноста обезбедување на телевизиско или радио емитување ја врши радиодифузер кој е запишан во Централниот регистар на Република Македонија, има седиште и уредништво во Република Македонија и има дозвола за телевизиско или радио емитување. Според став 2 од овој член, радиодифузер може да започне со обезбедување на телевизиско или радио емитување по добивање на дозвола за телевизиско или радио емитување. Според став 3 од истиот член, дозволата од ставот (2) на овој член може да се издаде за подрачје на целата територија на Република Македонија, односно за државно ниво, за подрачје на одреден регион, односно за регионално ниво или за подрачје на одредено населено место со најблиската околина, односно за локално ниво, согласно со подзаконски акт донесен од страна на Агенцијата. Имателот на дозволата стекнува право да го емитува радио или телевизискиот програмски сервис во подрачјето, односно нивото за кое ја добил дозволата. Во став 6 е предвидено дека за обезбедување на телевизиско или радио емитување покрај условите и обврските пропишани во овој закон, радиодифузерот треба да исполнува посебни минимални технички, просторни, финансиски и кадровски услови во зависност од програмскиот формат, пропишани со подзаконски акт донесен од страна на Агенцијата.
Во член 4 став 1 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.62/2005, 3/2006, 3/2006, 44/2006, 66/2006, 16/2007, 57/2007, 77/2007, 106/2008, 161/2008, 63/2009, 114/2009, 130/2009, 149/2009, 10/2010, 16/2010, 50/2010, 52/2010, 58/2010, 124/2010, 132/2010, 158/2010, 47/2011, 11/2012, 39/2012, 52/2012, 13/2013, 25/2013, 54/2013, 170/2013, 187/2013, 34/2014, 106/2014, 113/2014, 145/2014, 20/2015, 33/2015, 72/2015, 74/2015, 129/2015, 167/2015, 27/2016, 134/2016 и 120/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.110/2019, 90/2020, 267/2020, 151/2021, 288/2021, 111/2023, 93/2024, 93/2024, 39/2025, 74/2025 и 124/2025) е предвидено дека овој закон се применува врз работните односи меѓу работодавачите кои имаат седиште или престојувалиште во Република Северна Македонија и кај нив вработените работници, кога работата постојано се врши на територијата на Република Северна Македонија, како и во случаите кога работодавачот привремено ќе го упати работникот на работа во странство.
Според член 5 став 1 точка 1 од овој закон, поимот „работен однос“ е дефиниран како договорен однос меѓу работникот и работодавачот во кој работникот доброволно се вклучува во организираниот процес на работа кај работодавачот, за плата и други примања, лично непрекинато ја извршува работата според упатствата и под надзор на работодавачот. Во точка 4, поимот работник на неопределено работно време е дефиниран како лице со договор за вработување на неопределено време.
Согласно со член 116 став 1 од истиот закон, полното работно време не смее да биде подолго од 40 часа неделно. Во став 3 од истиот член е предвидено дека со закон, односно со колективен договор може да се одреди како полно работно време, работното време кое е пократко од 40 часа неделно, меѓутоа не помалку од 36 часа неделно. Согласно со став 4 од овој член, со закон или други прописи во согласност со закон, или со колективен договор може да се определи за работните места, кај кои постојат поголеми опасности од повреди или здравствени оштетувања, полното работно време да трае помалку од 36 часа неделно. Според став 5 од истиот член, ако полното работно време не е определено со закон или колективен договор, се смета како полно работно време, работното време од 40 часа неделно.
Во член 1 став 1 од Правилникот за минимални технички, просторни, финансиски и кадровски услови за добивање дозвола за радио и телевизиско емитување е предвидено дека овој правилник ги пропишува минималните технички, просторни, кадровски и финансиски услови, што треба да ги исполнат радиодифузерите за да емитуваат програма на локално, регионално и државно ниво.
IV
Од член 6 став 1 алинеја 6 и член 18 став 1 алинеја 8 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, јасно произлегува дека Агенцијата како самостојно и независно непрофитно регулаторно тело со статус на правно лице со јавни овластувања, има надлежност да ги донесува актите односно подзаконските прописи коишто произлегуваат од овој закон.
Имено, Агенцијата, повикувајќи се на своите законски овластувања предвидени во член 62 став 6 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, со цел да ја операционализира наведената законска одредба го донела правилникот чии одредби се оспорени.
Од анализата на наводите во корелација со наведените уставни и законски одредби произлегува дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од Правилникот со одредбите од Уставот и законите на кои се посочува во иницијативата. Ова од причина што, Агенцијата како самостојно и независно непрофитно регулаторно тело со статус на правно лице со јавни овластувања има надлежност да донесува подзаконски акти за поблиско пропишување на посебните минимални технички, просторни, финансиски и кадровски услови за добивање дозвола за телевизиско или радио емитување, што значи дека законодавецот пропишал такво овластување за Агенцијата во самиот закон и право е на законодавецот да препушти одредени прашања од Законот коишто се однесуваат во конкретниот случај на посебните минимални технички, просторни, финансиски и кадровски услови за добивање дозвола за телевизиско или радио емитување да бидат доуредени со подзаконски акт.
Како резултат на наведеното, Судот оцени дека Правилникот чии одредби се оспорени е донесен од страна на надлежен орган и согласно со законската регулатива, од причина што законодавецот предвидел овластување за Советот на Агенцијата како орган на истата, да донесува подзаконски прописи коишто произлегуваат од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Покрај ова, Судот оцени дека нема уставна, односно законска пречка законодавецот да пропише овластување за орган односно друг субјект, со подзаконски акт да врши доуредување на одредби од закон.
Судот оцени дека оспорените одредби од Правилникот претставуваат нормативна операционализација на релевантните законски одредби, бидејќи се однесуваат на утврдување на минималните технички, просторни, финансиски и кадровски услови, коишто се предуслов за доделување, одземање или продолжување на дозволите за телевизиско и радио емитување. Оттука, може да се заклучи дека членовите 9 и 21 од Правилникот не излегуваат надвор од законската рамка, напротив, ја конкретизираат и доразработуваат законската материја, согласно упатувањето во Законот за донесување подзаконски акт од ваков карактер.
Врз основа на горенаведеното, Судот оцени дека Агенцијата тргнувајќи од овластувањето од член 62 став 6 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за поблиску да ги пропише посебните минимални технички, просторни, финансиски и кадровски услови за добивање дозвола за телевизиско или радио емитување, останал во рамките на законското овластување и следствено на оваа правна и фактичка ситуација може да се констатира дека оспорените членови на наведениот правилник се во согласност со член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 8 и член 51 од Уставот.
Судот оцени дека неосновани се наводите дека со оспорените одредби Агенцијата им ја креира систематизацијата на радиодифузерите. Ова од причина што Агенцијата, согласно со својата законска надлежност како регулаторно тело, е овластена да пропишува минимални кадровски услови коишто радиодифузерите мора да ги исполнат како услови за стекнување, продолжување или одземање на дозволата за емитување програма на национално, регионално или локално ниво.
Меѓутоа, утврдувањето на минимални кадровски стандарди претставува нормативно утврден праг за заштита на јавниот интерес, а не интервенција во автономијата на радиодифузерите при изготвувањето на нивниот Правилник за систематизација на работните места. Радиодифузерите имаат дискреционо право да го уредат бројот и структурата на вработените надвор од законски утврдениот минимум, при што нивното внатрешно организирање останува во рамки на нивната организациска автономија и самостојност. Оттука, оспорените одредби не претставуваат мешање во внатрешната систематизација на радиодифузерите, туку легитимна регулаторна мерка којашто е во функција на операционализација на законските одредби и обезбедување на правна сигурност и предвидливост во радиодифузната дејност. Во однос на наводите дека со оспорените одредби од Правилникот наводно се создава нова законска категорија спротивно на Уставот и Законот за работните односи, бидејќи е предвидено одреден број вработени во радиодифузерите да бидат во редовен работен однос со полно работно време, Судот оцени дека тие се неосновани. Имено, Агенцијата, преку оспорените одредби, врши операционализација на законската норма со која е овластена да ги утврдува минималните кадровски услови што треба да ги исполнуваат радиодифузерите за да можат да добијат дозвола за емитување програма.
Притоа, Агенцијата, повикувајќи се на законската одредба и врз основа на изготвената Анализа за утврдување на минималните кадровски услови, утврдила дека за непречено и квалитетно функционирање на радиодифузерите е нужно определен број лица да бидат вработени во редовен работен однос со полно работно време. Со ваквото нормативно уредување, Агенцијата не креирала нова правна категорија ниту презела надлежност што не ѝ е доделена со закон, туку напротив ја конкретизирала и разработила постојната законска одредба, водејќи се од јавниот интерес и целта на законодавецот да обезбеди професионализација и стабилност во радиодифузната дејност.
Судот оцени дека се неосновани наводите дека оспорените одредби од Правилникот се спротивни на член 55 од Уставот бидејќи со истите се создава нееднаква правна положба на правните субјекти регистрирани во Централниот регистар на Република Северна Македонија. Ова од причина што секој правен субјект регистриран во Централен регистар, потребно е да функционира согласно со прописите што ја регулираат областа каде што субјектот дејствува. Во конкретниот случај, Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, во член 62 став 6 предвидува дека за обезбедување телевизиско или радио емитување покрај условите и обврските пропишани во овој закон, радиодифузерот треба да исполнува посебни минимални технички, просторни, финансиски и кадровски услови во зависност од програмскиот формат, пропишани со подзаконски акт донесен од страна на Агенцијата. Како резултат на оваа законска одредба е донесен наведениот правилник чии одредби се оспорени, во кој се предвидени минималните кадровски услови коишто радидифузерите треба да ги исполнат за да обезбедат телевизиско или радио емитување и истите важат на еднаков начин за сите радиодифузери, односно за сите правни субјекти што вршат дејност во оваа област.
Судот, исто така, оцени дека се неосновани наводите дека оспорените одредби од Правилникот се спротивни на член 4 став 1 и член 5 став 1 точки 1 и 4 од Законот за работните односи. Наведените законски одредби ја утврдуваат општата област на применливост на Законот и дефинираат поими како „работен однос“ и „работник на неопределено време“, додека оспорените одредби во Правилникот се однесуваат исклучиво на кадровските стандарди и минималниот број и структура на вработени што претставува услов за стекнување или одржување дозвола за радиодифузна дејност. Со други зборови, Правилникот не го менува правниот карактер на работниот однос ниту создава нова правна категорија, тој само операционализира законска надлежност на Агенцијата да утврдува минимални кадровски услови како елемент од лиценцирањето.
Дополнително, овој пристап е оправдан со оглед на тоа дека Агенцијата постапува врз основа на изречно законско овластување и ја остварува својата регулаторна надлежност преку подзаконски акт, а мерките коишто предвидуваат одреден број вработени во редовен работен однос имаат јасна и релевантна цел за обезбедување континуитет, професионалност и јавен интерес во емитувањето и ги исполнуваат критериумите на соодветност и пропорционалност. Освен тоа, барањето за минимален број вработени во редовен работен однос не ја одзема автономијата на правните субјекти да ја уредуваат својата внатрешна систематизација надвор од утврдениот минимум. Сепак, врз основа на спроведената правна анализа и фактичката состојба, Судот утврди дека не постои колизија помеѓу оспорените одредби од Правилникот со одредбите од Законот за работните односи.
Во однос на наводите дека Агенцијата, преку утврдување на минималните кадровски услови кај радиодифузерите, наводно имала намера аудиовизуелниот простор да го концентрира во рацете на „тројца моќници“, Судот оцени дека станува збор за неоснован и необразложен навод којшто ниту содржи фактички докази ниту правна аргументација што би упатувале на таков заклучок. Притоа, треба да се нагласи дека утврдувањето на минималните кадровски услови произлегува од законско овластување на Агенцијата, со цел да се обезбеди квалитетно и професионално функционирање на радиодифузерите, а не да се влијае врз сопственичката структура или пазарната концентрација во медиумската сфера. Исто така, согласно со член 110 од Уставот, надлежноста на Уставниот суд е строго утврдена и не опфаќа оценување на вакви наводи коишто не претставуваат основ за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста.
Исто така, Судот не е надлежен да одлучува по барањето за изменување на одредбите како што се предлага со иницијативата, од причина што станува збор за барање коешто излегува надвор од надлежностите на Уставниот суд, утврдени во член 110 од Уставот.
V
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски