
Уставен суд
на Република Северна Македонија
УЗ.бр.35/2025
Скопје, 04.03.2026 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Aктот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 4 март 2026 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за локалитет Горно Лисиче, Урбана единица Е, донесена од Советот на Општина Аеродром – Скопје, бр.07-2972 од 28.07.2010 година („Службен гласник на Општина Аеродром“ бр.16/2010).
Образложение
I
Злате Левковски од Скопје, преку полномошник адвокат Трајче Арсов, до Уставниот суд поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во диспозитивот на ова решение.
Според наводите во иницијативата со оспорената одлука се повредуваат членовите 8, 24, 26 и 51 од Уставот на Република Северна Македонија, член 24 од Законот за просторно и урбанистичко планирање и член 1 од Протоколот бр.1 на Европската конвенција за заштита на човековите права. Подносителот како сопственик на градежната парцела КП бр.5770/1, КО Кисела Вода 2, опфатена со деталниот урбанистички план, во текот на јавната анкета и јавниот увид поднел забелешки во писмена форма во кои укажал на непропорционалното и неправедното планирање изградба на улица и паркинг на дел од неговата парцела. На овој начин се намалил градежниот потенцијал на неговиот имот. Од друга страна, се наведува дека ова било сторено и покрај тоа што неговите забелешки биле прифатени усно и во писмена форма од страна на стручната комисија, но, сепак истите не биле вградени во конечната верзија на деталниот урбанистички план.
Понатаму, подносителот наведува дека Општина Аеродром не му доставила образложение за одбивањето на забелешките. На овој начин директно биле повредени принципите на транспарентноста и учеството на засегнатите страни утврдени во член 24 од Законот за просторно и урбанистичко планирање. Од друга страна, со спроведувањето на урбанистичкото решение коешто ја засега приватната сопственост без надомест или одлука за експропријација, се повредува правото загарантирано со член 26 од Уставот на Република Северна Македонија и член 1 од Протоколот бр.1 на Европската конвенција за заштита на човековите права.
Според наводите, извештајот е составен дел на Одлуката за донесување на ДУП, а врз основа на извештајот, Комисијата е должна писмено да го извести секое лице кое има поднесено анкетен лист со образложение за тоа дали неговите забелешки или предлози се прифатени. Во конкретниот случај, подносителот е известен дека неговите забелешки се прифатени, но истите не се вметнати во предметниот ДУП, ниту пак Општината дала објаснување зошто забелешките не се земени предвид, што е спротивно на принципот на законитост, транспарентност и добро управување. Според Законот за просторно и урбанистичко планирање, општината е должна да ги разгледа сите валидни забелешки и да обезбеди транспарентност во процесот. Непочитувањето на препораките на стручната комисија претставува повреда на Законот за просторно и урбанистичко планирање.
Поради горенаведеното, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за локалитет Горно Лисиче, Урбана единица Е, да го укине или поништи истиот во деловите коишто се однесуваат на парцелата КП 5770/1, КО Кисела Вода 2. Воедно, се бара Судот да констатира повреда на правата на сопственикот и со донесената одлука ќе наложи постапување во согласност со уставните принципи.
II
На седницата Судот утврди дека врз основа на член 36 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Pепублика Mакедонија“ бр. 5/2002), а во врска со член 22, член 26, член 27 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 51/2005), член 16 од Законот за изменување и дополнување на Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бp.137/2007- пречистен текст, 24/2008 и 91/2009), а согласно со членовите 16 и 24 од Статутот на Општина Аеродром („Службен гласник на Град Скопје“ бр. 7/2005) Советот на Општина Аеродром на триесет и шестата седница одржана на 28.07.2010 година донел Одлука за донесување Детален урбанистички план за локалитет Горно Лисиче Урбана единица Е, бр.07-2972 од 28.07.2010 година.
Во член 1 од Одлуката е определено дека со истата се донесува Детален урбанистички план за локалитет Горно Лисиче Урбана единица Е, Скопје. Одлуката за донесување Детален урбанистички план за локалитет Горно Лисиче Урбана единица Е, Скопје ги почитува определбите на генералниот урбанистички план на Град Скопје („Службен гласник на Град Скопје“ бр.8/2002), Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005), Законот за изменување и дополнување на Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.137/2007-пречистен текст, 24/2008 и 91/2009), Правилникот за поблиска содржина, размер и начин на графичка обработка на урбанистичките планови и Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.78/2006) и Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бp.140/2007,12/2009 и 93/2009).
Во член 2 од истата е определено дека просторот за кој се донесува деталниот урбанистички план за локалитет Горно Лисиче, Урбана единица Е, Cкoпje е со површина од 23.40 ха и е во рамките на следните граници:
– Североисток: осовина на ул. „Горно Лисиче“
– Северозапад: осовина на ул. „Божин Николов“ до пресекот со улица „Лисец“
– Југоисток: осовина на ул. „Индустриска 2“
– Југозапад: осовина на новопланирана улица „Индустриска 2“
Биланс на показатели:
Класи на намени
Намена на објекти површина 23.40 (ха)
А – домување
-А1 домување во станбени куки 16.28
Г5 инфраструктура (гробишта) 2.18
Д- зеленило и рекреација 1.57
-Д1 парковско зеленило и Д2 заштитно зеленило
Сообраќајна инфраструктура 2.59
Комуникации (улици, пристапни улици, пристапи, паркинзи)
Бунари Охис 0.21
Бесправни градби 0.47
Вкупен плански опфат 23.40 ха
Број на блокови 7
Вкупна површина на блокови 234000.00 м2 23.40 ха
Максимална површина на парцели 152315.00 м2 15.23 ха
Вкупна површина планирана за градба 35767.00 м2 3.57 ха
Вкупна бруто развиена површина 05.235.00 м2 10.52 ха
Процент на изграденост 23.5%
Коефициент на искористување 0.69
Височина до венец од П до П+1+Пк,П+2+Пк
Планирани паркинг места 1548 (1513 во парцели + 35 јавни)
Член 3
I. Документациона основа
А. Текстуален дел
-Образложение
1.Воведен дел
2.Површина и граници на зафат
З.Постојна состојба
4.Сообраќај постојна состојба
5.Водоснабдување и канализација (фекална, атмосферска)
6.Електрична мрежа
7.Телефонска мрежа
Б. Графички дел
1. Извод од ГУП на Град Скопје од 2002 година 1:5000
2. Извод од ДУП „Горно Лисиче” VI дел од 1997 г. 1:1000
З. Ажурирана геодетска подлога -индекс мапа-
4. Инвентаризација и снимка на 1:1000
бесправно изградени објекти 1:1000
5. Инвентаризација и снимка на изграден градежен фонд 1:1000
6. Инвентаризација и снимка на изградена комунална инфраструктура 1:1000
ll. Планска документација
А. Текстуален дел
-Образложение
1.Вид на планот
2.Географска (и геодетска) местоположба
3. Извод од план од повисоко ниво
4. Планска програма
5. Плански концепт
6. Плански решенија за градба
7. Економско образложение
8. Сообраќај
9. Нивелациски план
10. Хидротехничка инфраструктура
-Општо
-Водоснабдување
-Канализација (фекална, атмосферска канализација)
-Електроенергетика
11. Домување
12. Улично осветлување
13. Телефонска мрежа
14. Општи услови за изградба
15. Посебни услови за изградба
16. Мерки за спречување бариери во просторот
17. Уредување на урбани блокови НУМЕРИЧКИ ДЕЛ
1. Нумерички показатели
БИЛАНСНИ ПОКАЗАТЕЛИ
-Намена на земјиштето
-Намена на објектите
Б. Графички дел
1. План на намена на земјиштето и градбите
Регулационен план
План на површини за градење 1:1000
2. Сообраќаен план и нивелациски план 1:1000
З. Инфраструктурен план 1:1000
6. Синтезен план 1:1000
Графичките прилози, текстуалниот дел и параметрите за спроведување на ппанот се составен дел на планот, направен според Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005) и Законот за изменување и дополну-вање на Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.137/2007 и 91/2009).
Деталниот урбанистички план се заверува со печат на Советот на Општина Аеродром и потпис на претседавачот на Советот на Општина Аеродром. презентација и јавната анкета, согласно со член 4 од оваа одлука.
Во член 5 од оваа одлука е определено дека Советот на Општината е должен во рок од 30 дена од донесување на планот да обезбеди картирање на планот на хамер или на астралон.
Донесениот детален урбанистички план се заверува во седум примероци од кои: еден се чува во архива на донесувачот на планот, а еден кај органот што го спроведува-сектор за комунални работи, урбанизам и заштита на животна средина, според член 6 од оваа одлука.
Во член 7 од истата е определено дека оваа Одлука влегува во сила од денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Аеродром“.
III
Владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и природата, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија, според член 8 став 1 алинеи 3 и 10 од Уставот.
Секој граѓанин има право да поднесува претставки до државните органи и другите јавни служби и на нив да добие одговор, според член 24 став 1 од Уставот. Во став 2 од истиот член, е предвидено дека граѓанинот не може да биде повикан на одговорност, ниту да трпи штетни последици за ставовите изнесени во претставките, освен ако со нив не сторил кривично дело.
Во член 26 став 1 од Уставот се гарантира неповредливоста на домот. Според став 2 од истиот член, правото на неповредливост на домот може да биде ограничено единствено со судска одлука кога е во прашање откривање или спречување, на кривични дела или заштита на здравјето на луѓето.
Во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, согласно со член 51 став 1 од Уставот. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите, согласно со став 2 од истиот член.
Со точка 1 на Амандманот XVII на Уставот е пропишано дека во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници, учествуваат во одлучувањето за прашањата од локално значење, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.
Согласно со член 1 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија” бр.5/2002 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.84/2020 и 202/2024), со овој закон се уредуваат надлежностите на општината, непосредното учество на граѓаните во одлучувањето, организацијата и работата на органите на општината, општинската администрација, актите на органите, имот – сопственост на општината, надзорот над работата на органите на општината, распуштањето на советот на општината, механизмите на соработка меѓу општините и Владата на Република Северна Македонија, месната самоуправа, заштитата на локалната самоуправа, утврдување на службени јазици во општините и други прашања од значење за локалната самоуправа.
Во член 3 од Законот за локалната самоуправа, е уредено дека единици на локалната самоуправа се општините коишто се правни лица и своите надлежности ги извршуваат преку органи избрани непосредно од граѓаните.
Во глава III од Законот, насловена „Надлежности на општините“, во член 22 став 1 утврдени се надлежностите на општините. Меѓу другото, општините, се надлежни за вршење на работите од областа на урбанистичкото (урбано и рурално) планирање, издавањето на одобрение за градење на објекти од локално значење утврдени со закон, уредувањето на просторот и уредувањето на градежното земјиште. Согласно со став 2 на овој член, надлежностите од ставот 1 на овој член се извршуваат согласно со стандардите и постапките утврдени со закон, а во став 3 од истиот член е уредено дека со закон се утврдуваат работите од надлежност на општината кои таа задолжително ќе ги врши.
Со член 29 став 1 од Законот за локалната самоуправа се предвидува дека секој граѓанин има право, поединечно или заедно со другите да доставува претставки и предлози за работата на органите на општината и општинската администрација. Согласно со став 2 од истиот член, градоначалникот е должен да создаде услови за доставување претставки и предлози најдоцна во рок од 60 дена од денот на приемот на претставката, односно предлогот, на подносителот да му достави образложен одговор и претставките и предлозите коишто не се однесуваат на работи од надлежност на органите на општината да ги достави до соодветниот надлежен орган и за тоа да го извести подносителот.
Член 30 од Законот, предвидува дека при изготвувањето на прописите на општината, советот, односно градоначалникот може претходно да организира јавни трибини, да спроведе анкети или да побара предлози од граѓаните.
Според член 32 став 1 од Законот, Советот е претставнички орган на граѓаните кој одлучува во рамките на надлежностите на општината.
Согласно со член 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005, 137/2007, 24/2008 и 91/2009) се уредуваат условите и начинот на системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесување на плановите, спроведувањето на плановите и следењето на реализацијата на плановите, надзорот и други прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање.
IV
Судот, во претходната постапка, врз основа на доставената документација од страна нa доносителот на оспорениот акт, ја утврди следната фактичка состојба, како што следи подолу.
Од страна на А.Д. за урбанизам, архитектиура, инжинеринг „ЗУАС“ Скопје во јули 2007 година изработен е извештај за постапување по забелешките од стручната ревизија на Деталниот урбанистички план за локалитетот Горно Лисиче Урбана единица Е, Општина Аеродром.
Друштвото за градежништво, проектирање, трговија и услуги Стан арт Дооел Куманово во јули 2007 година изработило извештај за извршена стручна ревизија на Нацрт-деталниот урбанистички план за локалитетот Горно Лисиче, Урбана единица Е, Општина Аеродром -Скопје, нацрт-план 2007-2012.
Комисијата за стручна ревизија, врз основа на овој извештај во кој се содржани основни констатации, забелешки и сугестии предложила на нарачателот на Нацрт-план на детален урбанистички план за локалитетот Горно Лисиче – Урбана единица Е, Општина Аеродром – Скопје, по дополнување односно вградување на забелешките од Стручната ревизија, да спроведе јавна презентација и јавна анкета согласно со законската регулатива.
Град Скопје преку Секторот за планирање и уредување на просторот, дал мислење со бр.07/13-2385/1 од 24.10.2007 година по барањето со бр.18-6522/2 поднесено од страна на Општина Аеродром за Нацрт – детален урбанистички план за локалитетот Горно Лисиче-Урбана единица Е.
Министерството за транспорт и врски преку Секторот за уредување на просторот дал стручно мислење по Нацрт-ДУП за локалитетот Горно Лисиче – Урбана единица Е (23.40 ха) под бр.16-15706/1 од 25.12.2007 година.
По добивањето стручна ревизија со позитивно мислење по однос на Нацрт-детален урбанистички план за предметниот локалитет од јули 2007 година и по постапувањето по забелешките по Нацрт-верзијата на деталниот урбанистички план од страна на Град Скопје и Министерството за транспорт и врски, Советот на Општина Аеродром на Седумдесет и четвртата седница, одржана на 26.12.2007 година, донел Одлука за утврдување нацрт-детален урбанистички план за локалитетот Горно Лисиче – Урбана единица Е.
На ден 27.12.2007 година, градоначалникот на Општина Аеродром донел Решение под бр.08-9094/2 за организирање јавна презентација и јавна анкета по нацртот на деталниот урбанистички план за локалитетот Горно Лисиче – Урбана единица Е, Општина Аеродром -Скопје.
Од страна на градоначалникот на Општина Аеродром на ден 27.12.2007 година е издадено Соопштение за јавна презентација и јавна анкета со бр.08-9094/3.
За времетраењето на јавната анкета биле доставени 15 анкетни листови на кои било одговорено од страна на Стручната комисија за спроведување на оваа анкета.
Во анкетниот лист бр.2, поднесен на ден 14.01.2008 година од подносителот на иницијативата, наведено е дека тој како сопственик на катастарската парцела бр.5770/2, КО Кисела Вода 2, не се согласува со приложеното просторно и урбанистичко планирање бидејќи со предвидените паркинг и улица се одзема голем дел од неговото земјиште и бара на местото предвидено за зеленило и паркинг да има маркици за градби.
Секторот за урбанизам, комунални работи и заштита на животната средина – Одделение за урбанизам и подготовка на урбанистичките планови при Општина Аеродром, на ден 20.03.2008 година до Министерството за транспорт и врски доставил: Извештај бр.18-2297/2 од спроведената јавна презентација и јавната анкета по Нацрт- деталниот урбанистички план за локалитетот Горно Лисиче, Урбана единица Е, Општина Аеродром; Извештај бр.48-2297/2 од спроведените стручни консултации по Нацрт-детален урбанистички план од предметниот локалитет и Извештај бр.18-2297/3 од 10.04.2008 година за постапување по Извештајот од спроведената јавна презентација, јавна анкета и стручна консултација по Нацрт-деталниот урбанистички план од предметниот локалитет.
Советот на Општина Аеродром на Дваесет и првата седница одржана на 30.12.2009 година, донел Потпрограма (Ф1) за урбанистичко планирање за подрачјето на Општина Аеродром за 2010 година.
На ден 01.03.2010 година, Општина Аеродром до Секторот за уредување на просторот при Министерството за транспорт и врски доставила: Извештај бр.23-710/1 од спроведената јавна презентација и јавна анкета по Нацрт-деталниот урбанистички план за предметниот локалитет; Извештај бр.23-710/2 од спроведените стручни консултации по Нацрт-деталниот урбанистички план од предметниот локалитет и Извештај бр.23-710/3 од 03.03.2010 година за постапување по Извештајот од спроведената јавна презентација, јавна анкета и стручна консултација по Нацрт-деталниот урбанистички план од предметниот локалитет.
Со допис бр.23-1094/8 на ден 30.04.2010 година, по овластувањето од градоначалникот на Општина Аеродром, Одделението за урбанизам и подготовка на урбанистички планови побарала мислење од градоначалникот на Град Скопје за Предлог-планот на деталниот урбанистички план за локалитет Горно Лисиче Урбана единица Е, Општина Аеродром, Скопје.
Секторот за планирање и уредување на просторот при Град Скопје, со допис бр.13-657/1 од 15.03.2010 година позитивно се произнел по однос на доставениот Предлог-детален урбанистички план за локалитет Горно Лисиче, Урбана единица Е, Општина Аеродром, Скопје (елаборат со технички бр.1551/07 од јуни 2009 година), со површина на плански опфат од 23.40 ха, изработен од А.Д. за урбанизам, архитектура и инжинеринг ЗУАС – Скопје.
На ден 12.04.2010 година од страна на Општина Аеродром со допис бр.23-1094/2 е побарана согласност од Министерството за транспорт и врски за Предлог-деталниот урбанистички план за локалитет Горно Лисиче, Урбана единица Е, Општина Аеродром, Скопје.
Со допис бр.23-1094/3 од 21.04.2010 година Општина Аеродром поднела барање за добивање мислење од Град Скопје по Предлог-детален урбанистички план за предметниот локалитет со површина од 23.40 ха, изработен од А.Д. за урбанизам, архитектура инжинеринг ЗУАС Скопје, елаборат со технички бр.1551/07 од јуни 2009 година, за што е доставено известување со бр.13-1317/1 од 26.04.2010 година од страна на Секторот за планирање и уредување на просторот при Град Скопје.
По претходна стручна анализа, Одделението за просторно и урбанистичко планирање од Секторот за планирање и уредување на просторот при Град Скопје, со допис бр.13-1474/1 од 06.05.2010 година, се произнело позитивно по однос на доставениот Предлог-детален урбанистички план за локалитет Горно Лисиче, Урбана единица Е, Општина Аеродром, Скопје (елаборат со технички бр.1551/07 од јуни 2009 година), со површина на плански опфат од 23.40 ха, изработен од А.Д. за урбанизам, архитектура и инжинеринг ЗУАС – Скопје.
Во врска со поднесениот анкетниот лист од страна на подносителот на иницијативата, Секторот за комунални работи, урбанизам и заштита и унапредување на животната средина при Општина Аеродром доставил одговор со бр.23-2010/1-2 од 02.07.2010 година, со кој се известува истиот, дека забелешката за изземање на паркингот и улицата што одземаат голем простор од ГП 1.54 и ГП 1.80, се прифаќа.
Министерството за транспорт и врски по разгледувањето на барањето на Општина Аеродром со бр.23-1094/2 од 12.04.2010 година издал Согласност на Предлог-деталниот урбанистички план за предметниот локалитет (23.40 ха), (2008-2013) Општина Аеродром-Скопје бр.16-3734/2.
По добиенaтa согласност од Министерството за транспорт и врски, Советот на Општина Аеродром, на Триесет и шестата седница одржана на 28.07.2010 година, донел Одлука за донесување Детален урбанистички план за локалитет Горно Лисиче Урбана единица Е.
Одлуката била објавена на 29.07.2010 година во „Службен гласник на Општина Аеродром“ бр.16/2010.
Општина Аеродром на ден 07.09.2010 година со допис-Информација бр.23-217/1 до Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам доставила еден заверен примерок од донесениот детален урбанистички план за предметниот локалитет.
Во врска со барањeто на подносителот на иницијативата со бр.18-2815/1 од 29.12.2023 година за измена/корекција на ДУП за локалитет Горно Лисиче УЕ Е, Општина Аеродром-Скопје, истиот од страна на Секторот за комунални работи, урбанизам и заштита на животната средина при Општина Аеродром на ден 02.02.2024 година со допис бр.18-342/1 е известен за следното:
– посочените катастарски парцели се наоѓаат во опфатот на детален урбанистички план за локалитет Горно Лисиче, Урбана Единица Е, Општина Аеродром – Скопје и истиот е донесен согласно со Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање од 2006 година. Во член 15 од наведениот правилник предвиден е тип на пристапни улици со широчина од 5,50 метри;
– Стручната комисија од Општина Аеродром одговарајќи по анкетните листови од јавната анкета ги прифатила забелешките и го отстранила предвидениот паркинг во парцелата којашто е во сопственост на подносителот, додека пак, планираната улицата не е отстранета затоа што истата се наоѓа на земјиште коешто е во државна сопственост. Со планираната јавна сообраќајна површина се овозможува пристап до градежните парцели во внатрешноста на блокот;
– Измена/корекција на детален урбанистички план согласно со член 36 од Законот за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.32/2020), може да се направи само поради грешка што настанала во процесот на изработување и донесување на планот, грешка во техничкото исцртување, испишување и опремување на планот, која предизвикува неусогласеност, двосмисленост или меѓусебна спротивставеност на параметри во графичкиот приказ, текстуалниот дел и нумеричкиот дел на урбанистичкиот план или неконсеквентно изостанување на податоци за поединечни градежни парцели што се уредени за сите други, односно што се согласни со задолжителната содржина на урбанистичките планови, како и други проблеми во спроведувањето на планот.
V
Со Уставот е уредено дека уредувањето и хуманизацијата на просторот, како темелна вредност на уставниот поредок, се опера-ционализира преку системот на просторно и урбанистичко планирање, којшто меѓу другите начела се темели и на начелото на заштита на јавниот интерес. За овој принцип се води грижа во сите фази од урбанистичкото планирање, односно во постапките на изработување, донесување, спроведување и следење на спроведувањето на урбани¬стичките планови, поради што и законодавецот предвидел изречна одредба според која со урбанистичкото планирање задолжи¬телно се штити јавниот интерес кој е приоритетен, додека приватниот интерес се обезбедува согласно со закон. Грижата за јавниот интерес се изразува и преку сложените постапки за донесување на урбанистичките планови, кои се изработуваат во различни фази и во постапка којашто треба да биде јавна, транспарентна и инклузивна, во која граѓаните непосредно учествуваат со давање на свои мислења и забелешки, со учество на стручни лица и вршење на стручна ревизија за да на крајот постапката заврши со давање согласност од надлежното министерство со што се потврдува дека планот е донесен согласно со одредбите на законот и прописите донесени врз основа на законот. Вака операционализираната темелна вредност во практиката се гарантира и заштитува преку владеењето на правото, коешто, исто така, е темелна вредност.
Гаранцијата за почитување на овие темелни вредности се остварува со тоа што постапката за донесување на плановите се состои од вкупност на дејствија коишто се преземаат последователно, при што законитото преземање на претходното дејствие е предуслов за наредното дејствие во постапката и обратно, незаконитоста на дејствието преземено претходно ја доведува во прашање законитоста на сите други преземени дејствија.
Од претходно наведените уставни и законски одредби, јасно е дека согласно со начелото на супсидијарност, општините се надлежни само за она што со Уставот и закон е предвидено како нивна надлежност (член 20 од Законот за локалната самоуправа). Во насока на ова, основната улога и надлежност на општината како единица на локалната самоуправа е уредување и хуманизација на просторот, урбанистичко планирање на истиот преку донесување на урбанистички планови и програми. Своите надлежности општините ги остваруваат преку органите на општината (Совет и градоначалник), а Советот е претставнички орган на граѓаните со точно пропишани законски надлежности.
Законодавецот, во функција на обезбедување на уреду¬ва¬њето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, утврдил прецизна регулатива во врска со планирањето на просторот, точно определувајќи ги плановите за просторно и урбанистичко планирање, нивната содржина и постапката за нивно донесување. Ваквата формулација значи дека сите инволвирани субјекти во процесот на планирање имаат законска обврска во изработка, донесување и спроведување на плановите да обезбедат похумано живеење и работа на граѓаните, рамномерен и просторен развој на населените места и градби, рационално и одржливо користење на просторот, заштита на културно наследство и заштита и унапредување на животната средина и природа, усогласеност со европските нормативи и стандарди во планирање и уредување на просторот, што е и интенцијата на Законот за просторно и урбанистичко планирање.
Урбанистичкото планирање се спроведува преку повеќе задолжителни фази, коишто мора да бидат спроведени во точно определен редослед предвидени со закон. Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005, 137/2007, 24/2008 и 91/2009) во членовите 1, 3, 4, 5, 7, 9, 11, 17, 17-а, 18, 21, 22, 23, 24, 25, 26, 27, 29 и 31 и Законот за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 32/2020) во член 36 став 1 детално пропишува кои органи се надлежни за изработка и донесување на плановите, кои документи треба да се изработат во секоја фаза, како и кои стандарди и нормативи мора да бидат почитувани. Воедно, со овие одредби се утврдува дека Нацрт-планот подлежи на стручна ревизија и усогласување со забелешките од надлежните институции, дека задолжително се спроведува јавна презентација и јавна анкета, како и дека Предлог-планот мора да има позитивни мислења и согласности од точно определени органи пред да биде донесен од советот на општината.
Од наведените законски одредби произлегува дека урбанистичките планови мора да бидат во согласност со повисоките планови, особено со генералниот урбанистички план, при што нивната содржина, техничка обработка и графички прикази се прецизно пропишани со подзаконски акти. Законот, исто така, ги уредува минималните стандарди за сообраќајната и инфраструктурната мрежа, начинот на дефинирање на градежните парцели и нивните показатели, како и условите под кои можат да се вршат измени или исправки на веќе донесените планови. Со тоа, одредбите воспоставуваат систем на усогласено, транспарентно и контролирано планирање, со јасни обврски за органите што ги изработуваат и донесуваат урбанистичките планови и со обезбедување заштита на јавниот интерес и правата на граѓаните.
Од доставената документација од страна на Општина Аеродром, направена е анализа врз основа на одредбите од тогаш важечкиот Закон за просторно и урбанистичко планирање, подзаконските акти што ја регулираат урбанистичката документација, при што при градењето на ставот на Судот по овој предмет беше земена предвид и релевантната уставно-судска пракса.
Од увидот во спроведената постапка произлегува дека Општина Аеродром ја испочитувала целокупната законска процедура за донесување на детални урбанистички планови. Нацрт-планот бил изработен од овластен планер, подложен на стручна ревизија и коригирање согласно забелешките на ревидентот, била спроведена јавна презентација и јавна анкета, во согласност со законската процедура, а дополнително бил усогласен и со забелешките на Град Скопје и Министерството за транспорт и врски. Советот на Општината, како единствен надлежен орган, го донел деталниот урбанистички план во утврдена постапка и го објавил во службеното гласило. Овие фази претставуваат задолжителни елементи за законито донесување планска документација. Покрај ова, од надлежното министерство е добиена позитивна согласност за Предлог-деталниот урбанистички план, што е услов без којшто не може да се пристапи кон носење план од страна на советот на општината. Тоа значи дека надлежен државен орган утврдил дека документот ги исполнува сите норми и стандарди на урбанистичкото планирање. Следствено, сите законски фази биле целосно испочитувани, поради што наводите за незаконитост се неосновани.
Во однос на јавната анкета и јавната презентација, доказите покажуваат дека Општината ја спровела постапката целосно согласно со закон. Поднесените забелешки се разгледани од стручна комисија, којашто дала образложени мислења за секој поединечен прилог. Особено релевантен е случајот со забелешките на подносителот на иницијативата, да се изземе паркингот и улицата коишто одземаат голем простор од ГП 1.54 и ГП 1.80, за кои Секторот за комунални работи, урбанизам и заштита и унапредување на животната средина при Општина Аеродром, утврдила дека неговите забелешки се основани и тие се целосно вградени во корегираниот Нацрт-план, со што е отстранета можноста паркинг и улица да навлегуваат во приватниот имот на КП 5770/2. Од спроведената корекција произлегува дека биле изземени сите содржини што претходно навлегувале во приватната катастарска парцела, со што е формирана нова градежна парцела бр.1.96 со намена А1 – индивидуално домување. Единствено улицата што е на државно земјиште е задржана, бидејќи обезбедува сообраќаен пристап за повеќе парцели што е јавен интерес и е согласно со подзаконските акти што ги уредуваат урбанистичките стандарди. Ова недвосмислено покажува дека органот што го донесува планот ги почитувал уставното начело за заштита на сопственоста и правото на приватна сопственост, како и законските обврски за почитување на забелешките од јавната анкета. Оттука, тврдењето дека Општината не дала образложение зошто дел од барањето не биле прифатени и дека забелешките не биле вградени е фактички неточно, што се потврдува и со одговорот страна на Секторот за комунални работи, урбанизам и заштита на животната средина при Општина Аеродром, којшто на ден 02.02.2024 година со допис бр.18-342/1 го известил подносителот на иницијативата дека сите забелешки се вградени уште во корегираниот Нацрт-детален урбанистички план.
Во однос на наводите дека улицата како сообраќајна површина неосновано останала во планот, треба да се нагласи дека станува збор за улица лоцирана на државно земјиште, а не во приватен имот. Законот за просторно и урбанистичко планирање, како и подзаконските акти за минимални урбанистички стандарди, пропишуваат дека секоја градежна парцела мора да има обезбеден пристап преку јавна улица. Улицата што е предмет на иницијативата е со јавно сообраќајно значење и обезбедува пристап до неколку други парцели, што преставува јавен интерес којшто не може да биде ограничен. Оттука, не може да стане збор за повреда на сопственичките права, бидејќи приватната парцела воопшто не е зафатена со ова решение и истото е во целосна согласност со член 26 од Уставот и со Законот за просторно и урбанистичко планирање.
Особено значајно е да се истакне дека вградувањето на забелешките на подносителот и корекцијата на Нацрт-планот се случиле пред донесувањето на Конечниот детален урбанистички план. Тоа значи дека сите негови забелешки веќе биле разгледани и материјално имплементирани во планската документација пред нејзиното донесување. Потоа, подносителот, повеќе години по донесувањето на деталниот урбанистички план, повторно ги изнесува истите барања, тврдејќи дека не биле вградени. Но, од документацијата недвосмислено произлегува дека неговите забелешки веќе биле прифатени и реализирани, при што, според Судот иницијативата е неоснована.
Во однос на тоа дали се вршени технички исправки, Судот укажува дека општината нема извршено технички исправки на донесениот детален урбанистички план. Имено, сите корекции биле направени во фазата на утврдување на нацрт-план, што е дозволено и предвидено со закон.
Од релеватната уставно-судска практика во делот оценување урбанистички планови донесени во ист вид постапка, произлегува дека кога се исполнети сите законски услови и кога се добиени позитивни мислења од надлежните државни институции, Судот не наоѓал основи за поведување постапка за оценување на нивната уставност и законитост. Практиката е доследна во ставот дека урбанистички план може да биде спорен само доколку има сериозни повреди на постапката спротивно на закон. Како што произлегува од погоре изнесеното, нема повреда на постапката за донесување на деталниот урбанистички план.
Сумирајќи ги сите утврдени факти, од правен аспект може да се заклучи дека постапката за донесување на деталниот урбанистички план е спроведена согласно со закон, јавноста била целосно вклучена, забелешките на подносителот биле вградени, нема повреда на јавниот интерес, а планот е усогласен со ГУП, стандардите, правилниците и позитивните мислења издадени од надлежните органи.
Во конкретниот случај, врз основа на целокупната утврдена фактичка состојба и од наведените одредби од Законот за просторно и урбанистичко планирање, којшто бил во важност во времето на спроведување на постапката за донесување на предметната одлука, Судот, оцени дека оспорената одлука за донесување на Деталниот урбанистички план за локалитет Горно Лисиче – УЕ Е, е донесена во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 10, членовите 30, 51 и 52 од Уставот на Република Северна Македонија, со кои се утврдуваат владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и природата, правото на сопственост, начелото на законитост и објавувањето на прописите, одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање, коишто ја уредуваат постапката за изработка, ревизија, јавна анкета, согласност и донесување на плановите, како и релевантните одредби од Законот за локалната самоуправа што ја определуваат надлежноста на советот и градоначалникот и начелата на транспарентно и законито работење на органите на општините.
Врз основа на сето горе наведено, Судот, оцени дека не постојат основи за сомнеж за уставноста и законитоста на оспорената одлука, од аспект на наводите во иницијативата.
VI
Врз основа на наведеното, Судот, одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски