У.бр.137/2025

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.137/2025
Скопје, 11.03.2026 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 115/2024), на седницата одржана на 11 март 2026 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 10 од Законот за изменување и дополнување на Законот за метрологијата („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 156/2025).

Образложение

I

Игорчо Точев од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во диспозитивот на ова решение.

Според наводите од иницијативата, оспорената одредба од Законот има ретроактивно дејство. Ова подразбира дека истата би била во согласност со Уставот доколку има позитивни имликации за граѓаните, односно доколку воспоставувањето на ретроактивната примена на одредбата е поповолна за нив. Меѓутоа од Предлог-законот не можат да се согледаат позитивните импликации за граѓаните од воспоставе­ната ретроактивност.

Од наведените причини, со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на член 10 од Законот, по што истиот да го укине како спротивен на член 52 став 4 Уставот.

II

На седницата Судот утврди дека според член 10 од Законот за изменување и дополнување на Законот за метрологијата („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 156/2025), уплатените средства од наплата на надоместокот за услугите што ги врши Бирото кои се на сметка на Бирото до денот на влегувањето во сила на овој закон во висина од 50%, Бирото ги пренесува на сметка на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, без притоа да се наруши нормалното функционирање на Бирото.

III

Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Со член 52 став 4 од Уставот, се уредува дека законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Согласно со член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 1 од Законот за метрологијата („Службен весник на Република Македонија” бр. 55/2002, 84/2007, 120/2009, 136/2011, 6/2012, 164/2013, 41/2014, 192/2015 и 64/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 215/2021, 147/2024 и 156/2025), со овој закон се уредува метролошкиот систем во Република Северна Македонија; надлежноста на Бирото за метрологија; законските мерни единици; еталоните; референтните материјали; прометот и употребата на мерилата; оцената на сообразноста на типот на мерилата; оцена на сообразноста на мерилата и суштествените барања; верификација на мерилата; важноста на ознаките и сертификатите за сообразност на типот на мерилата и ознаките и жиговите, односно сертификатите за верификација на мерилата од странско потекло; метролошкиот надзор над количините и ознаките на количините на пакуваните производи; надзорот над примената на овој закон и други прашања од значење за метролошкиот систем заради обезбедување мерно единство во Републиката и со светот.

Согласно со член 4 од Законот, за вршење на стручните и другите работи во областа на метрологијата утврдени со овој и со други закони се основа Биро за метрологија, како орган во состав на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Бирото има својство на правно лице со кое раководи директор.
Според член 37 став 1 од Законот, за услугите кои ги вршат Бирото и овластеното правно лице, а кои се однесуваат на: калибрација на еталони; меѓулабораториска споредба на еталони; оцена на сообразност на типот на мерилата; оцена на сообразност на мерилата со суштествените барања, испитување на тип на мерила; верификација на мерилата; надзор над исполнетоста на условите за овластување на правните лица; обезбедувањето на ознаките и сертификатите за оцена на сообразноста на типот на мерилата; обезбедување на ознаките и жиговите, односно сертификатите за верификација на мерилата; регистрација на ознаките и сертификатите за сообразност на типот на мерилата и ознаките и жиговите, односно сертификатите за верификација на мерилата од странско потекло; метролошки надзор над количините на ознаките на пакуваните производи и консалтинг и обука, се наплатува надоместок. Според став 2 од истиот член, висината и начинот на наплатувањето на надоместокот од ставот 1 на овој член ги пропишува Владата на Република Северна Македонија.

Со член 7 од Законот за изменување и дополнување на Законот за метрологијата којшто е објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 156/2025 од 30.07.2025 година, а влегол во сила осмиот ден од денот на објавувањето (07.08.2025 година), Законот е дополнет со нова глава IX-а „Финансирање на Бирото“ во која е содржан нов член 37-а.

Според член 37-а став 1 од Законот, уплатените средства за финансирање на Бирото се обезбедуваат од Буџетот на Република Северна Македонија и од сопствени приходи од наплатениот надомест за услугите коишто ги врши Бирото.

Според став 2 од истиот член, надоместок за услугите од ставот 1 на овој член се уплатува на уплатна сметка во рамките на трезорската сметка од која се распределуваат 50% на сметка на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини – Биро за метрологија и 50% на сметка на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

Со став 3 од овој член, е уредено дека средствата остварени од наплата на надоместокот за услуги од ставот 2 на овој член кои се приход на Бирото се користат за унапредување и развој на метролошкиот систем во Република Северна Македонија.

IV

Во конкретниот случај, Судот утврди дека со погоре цитираните одредби од предметниот закон се дефинираат изворите за финансирање на Бирото за метрологија, односно од Буџетот на Република Северна Македонија и од сопствени приходи од наплатениот надомест за услугите коишто ги врши Бирото. Судот утврди и дека надоместокот за услугите коишто ги врши Бирото се уплатува на уплатна сметка во рамки на трезорската сметка. Воедно, со новоуредените одредби во Законот е уреден и начинот на распределбата на уплатените средства на трезорската сметка, на начин што 50% од уплатените надоместоци за услугите коишто ги дава Бирото за метрологија се рапределуваат на сметката на Бирото, а 50% на сметката на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

Соодветно на уредениот начин на распределба на средствата од наплатените надоместоци за извршените услуги на Бирото, законодавецот предвидел со оспорениот член 10, дел од средствата коишто пред законските измени и дополнувања биле уплатени на сметката на Бирото, во висина од 50%, со денот на влегувањето во сила на Законот, Бирото да ги пренесе на сметка на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, со што на сметката на Бирото остануваат 50%.

Според наводите оспорениот член 10 од Законот, е спротивен на забраната за повратно дејство на законите и другите прописи од член 52 став 4 од Уставот, бидејќи од Предлог-законот не може да се согледа кои се позитивните имликации за граѓаните од воспоставената ретроактивност.

Судот ги разгледа ваквите наводи и причините за оспорување на уставноста на одредбата од Законот, меѓутоа истите ги оцени како неосновани.

Имено, Судот утврди дека согласно со член 20 став 2 алинеи 4 и 5 од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија” бр. 58/2000, 44/2002, 82/2008, 167/2010 и 51/2011 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 96/2019, 110/2019, 154/2019 и 121/2024), Бирото за метрологија било орган во состав на Министерството за економија со својство на правно лице.

Судот, исто така, утврди дека со член 20-а ставови 2 и 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 121/2024), Бирото за метрологија станува орган во состав на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини со својство на правно лице.

Од содржината на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за метрологијата, Судот утврди дека една од целите поради кои се пристапило кон измените и дополнувањата на Законот, е неговото усогласување со Законот за организација и работа на органите на државната управа. Ова ја оправдува новата состојба во која во Бирото, сега како орган во состав на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, дел од приходите што се остваруваат во рамки на тој ресор треба да се слеваат и на сметката на надлежносто министерство, а кое согласно со член 41 став 2 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, врши надзор над работата над неговите органи во состав, и ја креира севкупната политика во областа за кое е надлежно согласно со член 20-а од истиот закон. Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, во рамки на своите надлежности, е одговорно за извршување на законите и следење на состојбата во областите за кои е основано. Уредувањето на финансирањето на Бирото за метрологија е суштински дел од оваа одговорност, обезбедувајќи ефикасно и законито остварување на функциите на државната управа согласно со начелата на Законот за организација и работа на органите на државната управа.

Согласно со член 2 точка 26 од Законот за буџети („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 203/2022, 59/2023, 76/2024, 272/2024 и 258/2025) „буџетски корисници“ се сите правни лица кои се основани од државата или општините, социјалните фондови, општините, освен Народната банка на Република Северна Македонија, јавните претпријатија и трговските друштва, непрофитни институции, основани од државата или од општините.

Според тоа, средствата коишто Бирото ги остварува од наплата на надоместоци за услугите што ги врши претставуваат јавни приходи. Притоа, член 73 став 1 од Законот за буџети јасно утврдува дека со финансиските и нефинансиските средства на државата управува Владата на Република Северна Македонија или јавните субјекти во сопственост на државата, што значи средствата со кои располага Бирото за метрологија се јавни средства со кои тоа управува во име на државата за извршување на своите законски надлежности. Воедно, прераспределбата на јавните средства е во согласност со буџетските цели и принципи утврдени во член 3 од Законот за буџети, како што се принципот на сеопфатност (сите приходи и други приливи и сите расходи и други одливи на сите буџетски корисници се внесуваат во Буџетот на државата и општините целосно без никакви приспособување меѓу себе, освен за пренос помеѓу нив), принципот на универзалност (сите приходи и други приливи се користат за намирување на сите расходи и други одливи на Буџетот на државата или општините), принципот на фискална одговорност итн.

Оспорениот член 10 од Законот се однесува исклучиво на Бирото за метрологија како државен орган и начинот на кој тоа ќе управува со јавните средства коишто веќе се наоѓаат во државниот трезор. Според Судот, право е на законодавецот да го уредува начинот на прибирање на буџетските средства, вклучително и начинот на нивната распределба и користење, што е и прашање од доменот на фискалната политика и организацијата на државната управа.

Оттука, според Судот, легитимна и оправдана е фискалната прераспределба утврдена во член 37-а од предметниот закон, а соодветно на ова, оспорениот член 10 од истиот закон уредува внатрешна прераспределба на јавни средства помеѓу два органи на државната управа – Бирото за метрологија и надлежното Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини во чиј состав се наоѓа Бирото.

Околноста што согласно со оспорената одредба дел од уплатените средства за извршените услуги остануваат на сметката на Бирото, а дел се пренесуваат на сметката на Министерството, според Судот, на никаков начин не влијае на граѓаните или правните лица кои ги платиле надоместоците за услугите коишто ги добиле од Бирото. Со дадената услуга од страна на Бирото и со уплатата на средства за извршената услуга, правниот однос е исцрпен и завршен во моментот на плаќањето. Оспорената одредба не наметнува никакви обврски за граѓаните, ниту уредува некакви односи за граѓаните.

Оттука, сосема нејасни се наводите од иницијативата за какви било можни неповолни импликации по граѓаните, ако се има предвид дека оспорениот член 10 од Законот не регулира односи коишто се однесуваат на приватна сопственост или стекнати права на приватни правни субјекти, туку односи поврзани со јавни средства остварени од наплата на надоместоци за услугите коишто ги врши Бирото. Со други зборови, оспореното уредување не создава никакви правни импликации (ниту поволни, ниту неповолни) за граѓаните, од кои причини, пред Судот, не се постави прашањето за согласноста на член 10 од Законот за изменување и дополнување на Законот за метрологијата („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 156/2025) со член 52 став 4 од Уставот.

V

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски