
Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.116/2023
Скопје, 18.02.2026 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 38 алинеи 2 и 3 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 18 февруари 2026 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на членовите 1, 2, 3, 4 и 8 од Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.147/2023).
Образложение
I
Славко Димитров од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од актот означен во диспозитивот на ова решение.
Во иницијативата се наведува дека оспорените одредби се спротивни на член 30 од Уставот со кој се гарантира правото на сопственост и наследување, и дека со нивната примена се овозможува манипулирање со имотите на граѓаните и капиталот којшто се прелева на располагање на поединци кои ги немаат тие права.
Имено, со наплатените средства, односно капиталот на граѓаните-автори наплатен во висина соодветна на висината од соодветниот тарифен број (4 до 25) од Правилникот со тарифа за користење на авторски музички дела („Службен весник на Република Македонија“ бр.153/2017) наместо да се собираат во избришаните класи 700), 800), 900) и 910) од член 35 од оспорениот правилник, неосновано се прелеваат во класите 100) и 300) што претставува ограничување на субјектите за слободно дејствување на пазарот и на претприемништвото како клучни основи на стопанскиот систем утврдени со Уставот, што е во спротивност со владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото како темелни вредности.
Во однос на член 2 од Правилникот, во иницијативата истиот само е означен како оспорен без да наведат причини за негова несогласност со законски и уставни одредби.
Според наводите, содржината на оспорените членови 1, 3 и 4 создава правна неусогласеност и контрадикторност во начинот на пресметка и распределба на прибраните средства. Имено, според овие одредби, застапникот ЗАМП врши пресметка и исплата на средствата согласно Правилникот со тарифа, откако тие ќе се распределат во класи 100) и 300), како и по утврдување на висината на коефициентот по минута, којшто претставува основ за пресметка на надоместоците што се исплаќаат на носителите на правата.
Меѓутоа, се укажува дека ваквиот начин на пресметка е во спротивност со тарифните броеви 20, 21, 22 и 23 од истиот Правилник со тарифа за користење на авторски дела. Според овие тарифни одредби, ЗАМП, како застапник на авторите, во нивно име и за нивна сметка, наплатува надоместоци од корисниците на авторски дела, и тоа во вид на процентуален или номинален износ, при што висината на овие надоместоци е различна во зависност од видот и начинот на користење на делата.
Оттука, според наводите, постои несогласување помеѓу одредбите што ја уредуваат распределбата на средствата и оние што ја уредуваат нивната наплата, што доведува до правна нејасност и потенцијална неправилна примена на Правилникот.
Следствено, во иницијативата преку конкретен пример се наведува дека доколку ЗАМП за едно користено дело во едно локално радио од корисникот наплатил 1 денар, а за истото дело користено од Јавно радиодифузно претпријатие наплатил 1.000 денари, откако наплатените суми ги прелее во класа 100) или класа 300) и откако врз вкупната сума на прелеаните наплатени суми ќе ја определи висината на коефициентот, произлегува дека ЗАМП на сопственикот на тоа дело ќе му пресмета и исплати еднаква сума, без разлика на тоа што Јавно радиодифузно претпријатие, како корисник за користењето на неговото дело, платило 1000 пати повисока сума.
Според наводите тоа претставува ограничување на субјектите за слободно учество на пазарот и претприемништвото.
Во иницијативата се наведува дека член 8 од Правилникот, е во спротивност со член 52 став 4 од Уставот, бидејќи со истиот се предвидува ретроактивна примена.
По повод поднесената иницијатива на 26.07.2023 година беше формиран предметот У.бр.116/2023, иако истата беше насловена како дополнување на иницијативата по предметот У.бр.10/2023, којшто претходно бил завршен. По формирање на овој предмет, подносителот се обрати до Уставниот суд во неколку наврати, и тоа, на 01.10.2025 година, при што се повика на Решението У.бр.268/2024 донесено од Уставниот суд, за кое смета дека е од значење за понатамошното постапување на Уставниот суд во однос на оваа иницијатива, и на 17.01.2026 година и на 21.01.2026 година, со укажување до Судот за донесената одлука по предметот У.бр.259/2024.
Поради сето горенаведено, се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на членовите 1 2, 3, 4 и 8 од Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 147/2023), и истите да ги поништи.
II
На седницата Судот утврди дека со член 1 од Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 147/2023) се менува член 32 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Македонија“ бр. 141/2014 и 36/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 281/2022). Со член 2 се менува член 33 став 5 од истиот правилник, со член 3 се прави измена во член 34 од Правилникот, а со член 4 се менува член 35 од Правилникот.
Потоа, Судот утврди дека Правилникот за распределба на авторските надоместоци дополнително, по поднесувањето на иницијативата е менуван повеќе пати, со што е променета содржината на одредбите оспорени со оваа иницијатива.
Од тие причини, Судот при уставно-судската анализа и оцена ја зеде предвид содржината на оспорените одредби којашто е во сила во време на одлучувањето по предметот и утврди дека предмет на уставно-судска анализа и оцена се членовите со следната содржина:
Според член 32 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Македонија“ бр. 141/2014 и 36/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 147/2023, 263/2023, 286/2023, 135/2024, 218/2024, 275/2024 и 215/2025), наплатата на авторските надоместоци за јавно соопштување на музички несценски дела во една календарска година се одредува според видот на користењето и се однесува на следните категории: радио, вклучувајќи го Македонското радио и трговските радиодифузни друштва на државно, регионално и локално ниво; телевизија, вклучувајќи ја Македонската телевизија и трговските телевизии на државно, регионално и локално ниво; приредби, како забави, игранки, другарски вечери, матурски и дипломски забави, модни ревии, артистички и спортски натпревари; угостителски објекти; концерти, на популарна, сериозна и џез музика; јавно пренесување, преку звучник, екран или друго техничко средство во различни простории и објекти, како угостителски објекти, дискоклубови, ноќни барови, хотели, трговски и деловни простории, занаетчиски дуќани, превозни средства и спортски објекти; и кабелско реемитување.
Согласно со член 33 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци, авторските надоместоци за јавно соопштување на музички дела во една календарска година се разликуваат според видот на користењето и се основа за формирање на репартициски класи, при што средствата од секоја класа се внесуваат во соодветен репартициски фонд; јавно пренесување пресметано во паушали се распределува сразмерно според ЗАПСП, додека кабелско реемитување се пресметува сразмерно на надоместоците од радио и телевизиско емитување (државно, регионално и локално); во случај на високи трошоци за колективно управување, средствата од поединечни класи може да се вклучат во друг репартициски фонд и да се распределуваат според неговата програма; а наплатата од еден корисник за радио и ТВ (ЈП Македонска радиотелевизија) се распределува во определени проценти помеѓу радио и телевизија според користените музички дела.
Со член 34 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци се утврдуваат репартициските класи за различните категории на јавно соопштување на музички дела, при што во рамки на радио на државно ниво (Македонско радио и трговски радиодифузни друштва со дозвола за државно емитување) се формираат посебни класи нумеролошки означени како 100), 101), 102) и така натаму, до исцрпување на радиодифузерите со дозвола; во рамки на радио на регионално и локално ниво се формира класа 200) Радио (трговски радиодифузни друштва на регионално и локално ниво); за телевизија на државно ниво (Македонска телевизија и трговски телевизии со дозвола за државно емитување) се формираат посебни класи нумеролошки означени како 300), 301), 302) и така натаму; за телевизија на регионално и локално ниво се формира класа 400) Телевизија (трговски телевизии – програмски сервиси на локално и регионално ниво); во рамки на приредби, се формираат следните класи: 500) приредби – забави, игранки, другарски вечери, прослави, банкети, матурски вечери, бруцошки, дипломски и слично, 501) сезонски забави како бал, маскенбал, карневал, пречек на Нова година, 8-ми март и слично, и 502) свадби, крштевки, сунети и слични приредби; за угостителски објекти се формира класа 600) Угостителски објекти; за концерти на сериозна музика се формира класа 700), за концерти на популарна музика се формира класа 800), а за концерти на џез музика се формира класа 900).
Согласно со член 35 од Правилникот, паричните фондови на репартициските класи се составени од различни видови приходи, при што за репартициските класи на радио на државно ниво и радио на регионално и локално ниво се вклучуваат приходите од радио програмските сервиси, дел од приходите од јавното пренесување (јавно соопштување преку звучник, екран или друго техничко средство согласно со член 32, член 33 став 3 и член 37 став 2) и приходите од радиските кабелски мрежи; за репартициските класи на телевизија на државно и на регионално/локално ниво се вклучуваат приходите од телевизиските програмски сервиси, дел од приходите од јавното пренесување и приходите од телевизиските кабелски мрежи; за репартициските класи на приредби се формираат три фондови: 500) приходи од забави, игранки, другарски вечери, прослави, банкети, матурски вечери, бруцошки, дипломски и слично; 501) приходи од сезонски забави како бал, маскенбал, карневал, пречек на Нова година, 8-ми март и слично; 502) приходи од свадби, крштевки, сунети и слични приредби; за угостителски објекти (класата 600) се вклучуваат приходи од угостителски објекти, диско клубови, ноќни клубови и слично; за концерти на сериозна музика (класата 700) се вклучуваат приходите од тие концерти; за концерти на популарна музика (класата 800) приходите од тие концерти; а за концерти на џез музика (класата 900) се вклучуваат приходите од тие концерти.
Според член 8 од Правилникот, истиот се применува почнувајќи со распределбата на авторските надоместоци за 2023 година, којашто ќе биде утврдена со општата пресметка во 2024 година. Со Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 286/2023) и член 8 од Правилникот за измени и дополнување („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 147/2023) е дополнет со став 2, со кој е пропишано дека измените и дополнувањата на член 46 став 3 од основниот правилник („Службен весник на Република Македонија “ бр. 141/2014, 36/2016 и 281/2022), во согласност со член 6 од овој правилник, ќе се применуваат почнувајќи со распределбата на авторските надоместоци за 2024 година, која ќе биде утврдена со општата пресметка во 2025 година.
Во однос на оспорените одредби од Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Македонија“ бр. 141/2014 и 36/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 147/2023, 263/2023, 286/2023, 135/2024, 218/2024, 275/2024 и 215/2025), Судот со Одлука У.бр.259/2024 од 21.01.2026 година ги поништи член 32 алинеи 1, 2, 3 и 4, член 34 точки 1, 2, 3 и 4 и член 35 точки 1, 2, 3 и 4 од овој правилник.
Судот, исто така, со Одлука У.бр.2/2024, У.бр.3/2024 и У.бр.203/2023 од 20.11.2024 година е утврдена неуставност и незаконитост во време на неговото важење на член 8 став 2 во деловите „кои се прибираат“ од Правилникот за измени и дополнување („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 147/2023 и 286/2023).
III
Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно со член 38 алинеи 2 и 3 од Актот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и доколку постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
IV
Собранието на Здружението за заштита на авторски музички права (во натамошниот текст: ЗАМП), на седницата одржана на 23.09.2014 година, врз основа на член 132 став 2 и член 144 од Законот за авторското право и сродните права и членовите 13, 24 и 48 од Статутот на ЗАМП, го донело Правилникот за распределба на авторските надоместоци, којшто е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.141/2014 од 24 септември 2014 година.
Овој правилник досега бил изменуван и дополнуван девет пати, и тоа со: Правилник за измени и дополнување („Службен весник на Република Македонија“ бр.36/2016); Правилник за измени и дополнување („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 281/2022), којшто е поништен со Одлука У.бр.25/2023 од 27.09.2023 година на Уставниот суд на Република Северна Македонија; Правилник за измени и дополнување („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 147/2023); Правилник за измени и дополнување („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 263/2023); Правилник за дополнување („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 286/2023); Правилник за измени и дополнување („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 135/2024); Правилник за измени и дополнување („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 218/2024); Правилник за измени и дополнување („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 275/2024) и Правилник за измени и дополнувања („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 215/2025).
Со Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.263/2023) е дополнета содржината на член 8 којшто е предмет на оспорување во оваа иницијатива, а Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.281/2022) е поништен со Одлуката У.бр.25/2023 од 27.09.2023 година на Уставниот суд на Република Северна Македонија. Содржината на членовите 1, 3 и 4 оспорени со предметната иницијатива е изменета со Правилник за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.275/2024).
При уставно-судската анализа од аспект на наводите во иницијативата, Судот го имаше предвид фактот дека овој Суд претходно постапувајќи по предметот У.бр.259/2024 направил уставно-судска анализа на оспорените одредби во целина и ги поништил член 32 алинеи 1, 2, 3 и 4, член 34 точки 1, 2, 3 и 4, член 35 точки 1, 2, 3 и 4 и член 46 став 8 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Македонија“ бр.141/2014 и 36/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.147/2023, 263/2023, 286/2023, 135/2024, 218/2024, 275/2024 и 215/2025). Исто така, ја зема предвид и Одлуката на Судот У.бр.2/2024, У.бр.3/2024 и У.бр.203/2023 со која член 8, заедно со дополнувањето, е оценуван и е утврдена неуставност во време на неговото важење.
Со фактот дека Уставниот суд веќе зазел став во однос на содржината на членовите 32, 34 и 35 во целина и притоа утврдил неуставност во алинеите цитирани погоре, исполнети се условите за отфрлање на иницијативата врз основа на член 38 алинеи 2 и 3 од Актот на Уставниот суд, бидејќи Судот веќе одлучувал за истата работа и нема основи за поинакво одлучување, додека за алинеите кои ги поништил, постојат процесни пречки за одлучување бидејќи истите веќе не се во правен поредок и не може да претставуваат предмет на уставно-судска анализа.
Што се однесува на оспорениот член 2 од Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 147/2023), со кој се врши дополнување на член 33 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци, во предметната иницијатива оспорениот член само се цитира, без да се дадат причини за неговата неуставност и незаконитост, ниту пак се цитирани одредби од Уставот и законот коишто се повредуваат. Исто така, Уставниот суд во претходно цитираните одлуки не дал правно мислење и не донел одлука за истиот. Во таа насока во однос на оспорениот член 2 од Правилникот, постојат процесни пречки за впуштање во уставно-судска анализа, а со тоа се исполнети условите за отфлање согласно со член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд.
Во однос на наводот за повратно дејство коешто произлегува од оспорениот член 8 од Правилникот, Уставниот суд на седницата одржана на 20 ноември 2024 година, со Одлука У.бр.2/2024, У.бр.3/2024 и У.бр.203/2023 („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 250/2024), утврдил неуставност и незаконитост на член 8 став 2 во деловите „кои се прибираат” од Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 147/2023 и 286/2023), во време на важењето. Оваа одлука има правно дејство на одлука со која се поништува член 8 став 2 во деловите „кои се прибираат” од Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 147/2023 и 286/2023). Оттука, Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување во однос на наводот за повратно дејство коешто произлегува од оспорениот член 8 од Правилникот бидејќи истиот веќе не е во правен поредок и не може да претставува предмет на уставно-судска анализа, што значи дека се исполнети условите за отфлање на иницијативата согласно со член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд.
Имајќи го предвид наведеното, односно фактот дека Судот веќе одлучувал за оспорените одредби од Правилникот со сите негови досегашни измени и дополнувања, Судот ја отфрли иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на членовите 1, 2, 3, 4 и 8 од Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 147/2023).
V
Врз основа на наведеното, Судот, одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски