У.бр.162/2023 и У.бр.163/2023

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.162/2023 и У.бр.163/2023
Скопје, 25.02.2026 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 39 алинеја 5 и член 73 алинеја 2 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 25 февруари 2026 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ЗАПИРА постапката за оценување на уставноста на Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.188/2023).

Образложение

I

Уставниот суд на Република Северна Македонија, по повод иницијативите од страна на Павле Трајанов од Скопје, претседател на Демократскиот сојуз и Крсте Велески од Охрид, со Решението У.бр.162/2023 и У.бр.163/2023 од 12 февруари 2025 година, поведе постапка за оценување на уставноста на Законот означен во диспозитивот на ова решение бидејќи основано се постави прашањето за неговата согласност со одредби од Уставот.

Притоа, со истото решение, Судот определи рок од шест месеци за Собранието на Република Северна Македонија да го измени и/или дополни Законот, во согласност со ставовите на Судот изнесени во образложението на Решението, согласно со член 36 став 2 од Актот на Уставниот суд.

II

На седницата Судот утврди дека Собранието на Република Северна Македонија, на седницата одржана на 28 јaнуари 2026 година, го донесе Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик којшто е објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.16/2026 од 29 јaнуари 2026 година. Законот влегол во сила осмиот ден од објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, освен одредбите од членовите 1, 7, 8, 9 и 10 од овој закон коишто ќе започнат да се применуваат од 1 февруари 2026 година, согласно со член 15 од овој закон.

Имено, со овој закон се изменуваат и дополнуваат повеќе одредби од Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија” бр. 37/1996, 80/1999, 4/2002, 43/2003, 19/2004, 81/2005, 60/2006, 73/2006, 7/2008, 139/2008, 114/2009, 51/2011, 135/2011, 185/2011, 142/2012, 166/2012, 55/2013, 82/2013, 14/2014, 27/2014, 28/2014, 115/2014, 132/2014, 160/2014, 199/2014, 196/2015, 226/2015, 97/2017 и 248/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 36/2023 и 188/2023) и тоа:

Со член 1 од Законот се изменува и дополнува член 38-в; со член 2 од Законот се дополнува член 56; со член 3 се менува член 59-а; со член 4 се менува член 98-а; со член 5 се менува член 130; со член 6 се дополнува член 152; со член 7 се менува и дополнува член 297; со член 8 се менува член 297-а; со член 9 се дополнува член 300; согласно со член 10 по член 300 се додаваат два нови члена 300-а насловен „Задолжително изрекување на казната забрана на управување со моторно возило“ и 300-б насловен „Одземање на моторно возило со кое е сторено кривичното дело“; со член 11 се менува член 353; со член 12 се менува член 353-в; со член 13 се менува член 394; согласно со член 14, во член 418-г по став 2 се дополнува со два нови става 3 и 4;

На седницата Судот утврди дека Законот е донесен во постапка за донесување закон со прво и второ читање со јавна расправа по Предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, одржана на 16.01.2026 година при што Предлог-законот бил поднесен од група пратеници.

Исто така, се утврди дека членовите 4, 11, 12 и 13 од Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.16/2026) се однесуваат на следните кривични дела: проширена конфискација (член 98-а), злоупотреба на службената положба и овластување (член 353), несовесно работење во службата (член 353-в) и злосторничко здружување (член 394) и се во корелација со членовите 1, 32, 33 и 34 од Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.188/2023).

Конкретно, со член 4 од Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.16/2026), се менува член 98-а од Кривичниот законик насловен „Проширена конфискација”, така што изменетите ставови гласат:

„(1) Од сторителот на кривично дело за кое може да се изрече казна затвор од четири години или потешка казна, како и на кривично дело против половата слобода и половиот морал, на кривично дело против здравјето на луѓето, на кривично дело против имотот, на кривично дело против јавните финансии, платниот промет и стопанството, на кривично дело против службената должност, на кривично дело против човечноста и меѓународното право или на кривично дело извршено во состав на злосторничко здружение, кога таквото дело можело да доведе непосредно или посредно до имотна корист, ќе се конфискува имотот стекнат во временски период не подолг од пет години пред сторувањето на делото за кое е осуден со правосилна судска пресуда, кога врз основа на сите околности, факти и докази, судот е уверен дека имотот ги надминува законските приходи на сторителот.

(2) Кога од фактички или правни пречки не е можно водење кривична постапка спрема сторителот на кривичното дело од ставот (1) на овој член, судот ќе донесе одлука за проширена конфискација во постапка определена со закон.

(3) Ако поради фактички или правни пречки не може да се спроведе проширена конфискација спрема сторителот на кривичното дело, а се исполнети условите од ставот (1) на овој член, нелегално стекнатиот имот се конфискува и од трети лица или членови на неговото семејство на кои е пренесен или за кои е остварен, доколку имотот постои.

(4) Имотот од ставот (1) на овој член се конфискува во постапка на конфискација и од членови на семејството на сторителот на кои е пренесен кога е очигледно дека не дале противнадоместок што одговара на неговата вредност или од трети лица ако не докажат дека за предметот или имотот дале противнадоместок што одговара на нивната вредност.“

Потоа, со член 11 од истиот закон, се менува член 353 и истиот гласи:

„(1) Службено лице кое со искористување на својата службена положба или овластување, со пречекорување на границите на своето службено овластување или со неизвршување на својата службена должност ќе прибави за себе или за друг некаква имотна корист или на друг ќе предизвика штета или потешко ќе ги повреди правата на друг, ако не се исполнети законските обележја на друго потешко кривично дело, ќе се казни со затвор од шест месеци до три години.

(2) Ако сторителот на делото од ставот (1) на овој член прибави поголема имотна корист или нанесе поголема штета, ќе се казни со затвор од една до пет години.

(3) Ако сторителот на делото од ставот (1) на овој член прибави значителна имотна корист или нанесе значителна штета, ќе се казни со затвор од една до осум години.

(4) Со казната од ставовите (1), (2) и (3) на овој член ќе се казни и одговорното лице, одговорното лице во странско правно лице што има претставништво или врши дејност во Република Северна Македонија или лице што врши работи од јавен интерес, ако делото е сторено во вршење на законско овластување или должност.

(5) Службено лице или одговорно лице кое, спротивно на закон, набави стоки, услуги или работи без да спроведе постапка за јавна набавка во случаите кога било должно да ја спроведе или направи измени на договорот за јавна набавка или рамковната спогодба за време на нивната важност спротивно на закон над законски утврдениот вредносен праг, ќе се казни со затвор од една до осум години, а доколку со делото од овој став е прибавена имотна корист од големи размери или е причинета имотна штета од големи размери, сторителот ќе се казни со затвор од четири до 10 години.“

Со член 12 од овој закон, се менува член 353-в и гласи:

„(1) Службено лице или одговорно лице во јавно претпријатие или јавна установа кое со повреда на законските одредби за судир на интересите или за совесно постапување при вршењето на дискреционо овластување, со пропуштање на должен надзор, стекне за себе или за друг некаква имотна корист или на друг ќе му предизвика штета, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.

(2) Ако сторителот на делото од ставот (1) на овој член стекне поголема имотна корист или предизвика поголема имотна штета или потешко ги повреди правата на друг, ќе се казни со затвор од шест месеци до три години.

(3) Ако сторителот на делото од ставот (1) на овој член стекне значителна имотна корист или предизвика значителна штета, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години.

(4) Со казната од ставовите (1), (2) и (3) на овој член ќе се казни и одговорно лице, одговорно лице во странско правно лице кое има претставништво во Република Северна Македонија или лице кое врши работи од јавен интерес, ако делото е сторено во вршење на неговото посебно овластување или должност, определено со закон.

(6) Тој што делото од ставот (1) на овој член ќе го стори од небрежност, ќе се казни со парична казна или со казна затвор до една година.“

Понатаму, со член 13 од Законот се менува член 394 насловен „Злосторничко здружување“ и истиот гласи:

„(1) Тој што ќе создаде група или банда што има за цел вршење на кривично дело за кое може да се изрече казна затвор од три години или потешка казна, ќе се казни со затвор од една до осум години.

(2) Припадникот на групата или бандата, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години.

(3) Ако групата или бандата има за цел вршење кривично дело за кое може да се изрече казна затвор од најмалку осум години или потешка казна, организаторот ќе се казни со казна затвор најмалку четири години, а припадникот на групата или бандата ќе се казни со казна затвор од една до пет години.

(4) Припадникот на групата или бандата кој ќе ја открие групата, односно бандата, пред да стори некое кривично дело во нејзин состав или за неа, ќе се ослободи од казна.

(5) Предметите и средствата што групата или бандата ги користи за подготвување на делата, како и средствата за нивното финансирање, се одземаат.”

III

Според член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно со член 39 алинеја 5 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја запре постапката ако доносителот на актот постапил во определениот рок во согласност со ставовите на Судот (член 36 став 2 од Актот на Уставниот суд).

Со Решението У.бр.162/2023 и У.бр.163/2023 од 12.02.2025 година, Судот изрази сомнеж во уставноста на Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, од формален аспект, како и уставноста на членовите 32, 33 и 34 од овој закон од материјален аспект и беше определен рок Собранието да постапи во согласност со ставовите изразени во образложението на ова решение.

Oд страна на група пратеници до Собранието на Република Северна Македонија во декември 2025 година е поднесен Предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик.

Со оглед дека Законот е донесен во постапка за донесување на закон со прво и второ читање со јавна расправа по Предлог-законот поднесен од овластени предлагачи, во согласност со деловничките правила, од аспект на уставноста од формален аспект, Судот утврди дека начинот на којшто е донесен Законот е усогласен со правните стојалишта во Решението У.бр.162/2023 и У.бр.163/2023 од 12.02.2025 година. Во оваа смисла, Судот смета дека транспарентноста на законодавниот процес е суштински елемент на владеењето на правото. Тоа подразбира соодветна јавна дебата и експертска анализа при донесување на законите. Дополнително на ова, Уставниот суд во својата практика има дадено соодветно и уставно авторитетно толкување на политичкиот плурализам, како темелна вредност на нашиот уставен поредок. Во таа смисла, Судот веќе има заземено став дека суштината на политичкиот плурализам е подеднакво релевантна и во процесот на донесување на законите во законодавната постапка со која граѓаните, преку разновидноста на политички предлози и идеи, учествуваат во нормирањето на општествените односи, но и изменувањето и дополнувањето на веќе нормираните односи.

Во однос на членовите 1, 32, 33 и 34 од Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.188/2023), имајќи ги предвид изнесените ставови во образложението на Решението У.бр.162/2023 и У.бр.163/2023 од 12.02.2025 година, Судот утврди дека од новата содржина на членовите 4, 11, 12 и 13 од Законот, коишто се однесуваат на кривичните дела: проширена конфискација (член 98-а), злоупотреба на службената положба и овластување, (член 353), несовесно работење во службата (член 353-в) и злосторничко здружување (член 394), произлегува дека е проширен опсегот на кривични дела за кои може да се примени проширената конфискација, се инкриминираат злоупотребите при јавните набавки и се предвидува построга казнена политика, односно повисоки казни кај кривичните дела злоупотреба на службената положба и овластување, несовесно работење во службата и злосторничко здружување.

Од завршната одредба на Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик произлегува дека тој влегува во сила осмиот ден од денот на објавување во „Службен весник на Република Северна Македонија“, освен одредбите од членовите 1, 7, 8, 9 и 10 од овој закон коишто ќе започнат да се применуваат од 1 февруари 2026 година.

Согласно со наведените одредби, исто така, произлегува дека содржината на членовите 98-а, 353, 353-в и 394 од Кривичниот законик е изменета, така што со влегување во сила на Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.16/2026), претходната содржина на членовите 98-а, 353, 353-в и 394 од Кривичниот законик е изменета.

Имајќи ја предвид важноста на општествените односи коишто се нормираат со новото законско решение, како прашање од несомнено висок јавен интерес, а пред сè водејќи се од заложбата за обезбедување на фундаменталните принципи на владеење на правото како темелна вредност, како што се правната сигурност, правната предвидливост, Судот оцени дека легитимната цел е постигната и новото законско решение е пропорционално за остварување на таквата цел. Врз основа на уставно-судската анализа на одредбите од новото законско решение, Судот утврди дека во поглед на уставноста од материјален аспект, се испочитувани правните стојалишта изнесени во Решението У.бр.162/2023 и У.бр.163/2023 од 12.02.2025 година.

Врз основа на наведеното, Судот утврди дека се исполнети условите од член 39 алинеја 5 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија за запирање на постапката.

IV

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски