У.бр.138/2025

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.138/2025
Скопје, 25.03.2026 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски и д-р Ана Павловска-Данева, врз основа на член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 алинеја 1 и член 79 став 2 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 25 март 2026 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 17 ставoви 1 и 2 во делот „на судија“ од Законот за Академија за судии и јавни обвинители („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.129/2023 и 53/2024).

2. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Образложение

I

Игорчо Точев од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на делови од одредбите од Законот означен во точка 1 од диспозитивот на ова решение.

Во иницијативата се наведени одредбите од членовите 1, 8, 15 и 18 од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица коишто се однесуваат на правото на плата на носителите на јавни функции, ги определуваат носителите на јавни функции и органите на кои се применува законот, критериумите според кои се определуваат средствата за платите и висината на коефициентите.

Понатаму, се цитираат одредбите од Законот за платите на судиите со кои се определува дека средствата за плата, другите надоместоци и примања на судиите се обезбедуваат од Судскиот буџет на Република Северна Македонија и дека основицата за пресметување на плата на судиите е основицата за пресметување на платата за избрани и именувани лица утврдена согласно со Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Северна Македонија.

Во врска со конкретно оспорените делови од одредби од Законот за Академија на судии и јавни обвинители, со иницијативата се поставува прашањето за оправданоста на законското решение платата на директорот и на заменикот директор на Академијата да се определува на ниво на плата на судија во Врховниот, односно во Апелациониот суд. Како причини за оспорување се наведуваат следните: Академијата за судии и јавни обвинители е јавна установа со својство на правно лице којашто се финансира од Буџетот на Републиката резервиран за судската власт, основана е врз основа на закон донесен од Собранието, но не е „орган“ во смисла на член 8 став 1 од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Северна Македонија. Имено, според оваа одредба, органите на кои се однесува овој закон и нивните надлежни тела со свој акт определуваат и други функционери и раководни работници на кои се применуваат одредбите од овој закон и го утврдуваат коефициентот за секоја функција. Се истакнува дека платите на судиите се утврдени со Законот за плати на судиите, којшто е lex specialis, додека Законот за Академијата на судиите и јавни обвинители тоа не е, од каде што се извлекува заклучок дека директорот и заменикот директор на Академијата не се јавни функционери и следствено, не можат да остваруваат плата во висина на функционер кој е избран според lex specialis.

Со иницијативата, исто така, се оспорува разликата во висината на платата помеѓу директорот и заменикот директор на Академијата за судии, со образложение дека Законот за Академија на судии и јавни обвинители попрецизно не ги разработува надлежностите на заменик- директорот, освен што предвидува дека заменикот го заменува директорот во случај на отсуство и дека тој врши работи од надлежност на директорот, од што се извлекува заклучок дека не постојат причини за правење разлика во нивните плати, поради што нееднаквоста на нивните плати е спротивна на член 9 од Уставот.

На крајот, се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените делови од одредби од Законот и да ги укине како несогласни со член 8 став 1 алинеја 3 и член 9 од Уставот.

II

На седницата Судот утврди дека според член 17 став 1 од Законот за Академија за судии и јавни обвинители („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.129/2023 и 53/2024), платата на директорот се определува на нивото на плата на судија во Врховниот суд, утврденa со закон, а според став 2 од истиот член, платата на заменикот се определува на нивото на плата на судија во апелационен суд, утврдена со закон.

III

Според член 8 алинеи 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на власта на законодавна, извршна и судска сe темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Согласно со член 32 став 3 од Уставот, секој вработен има право на соодветна заработувачка.

Начелото на уставност и законитост е утврдено во член 51 од Уставот, според кој во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Во став 1 на точка 1 од Амандманот XXV на Уставот е предвидено дека судската власт ја вршат судовите. Според ставот 2 на оваа точка, судовите се самостојни и независни.

Според член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Академијата за судии и јавни обвинители е основана врз основа на Законот за Академија за судии и јавни обвинители, којшто, согласно со член 1, го уредува работењето на Академијата, нејзиниот статус, дејност, органите на управувањето, финансирањето, почетната и континуираната обука.

Целта и дејноста на Академијата се утврдени во член 2 од Законот, според кој, Академијата има за цел професионално, независно, непристрасно и ефикасно извршување на судиската и јавно- обвинителската функција, како и стручно и ефикасно извршување на работите на стручните служби во судството и јавното обвинителство. Академијата врши прием и стручно усовршување на кандидатите за судии и јавни обвинители, континуирана обука за унапредување на стручноста на судиите и на јавните обвинители, континуирана обука на стручните служби во судството и во јавното обвинителство, специјализирана обука за судиите поротници, обука на субјектите кои учествуваат во спроведување на законите од областа на правосудството, како и заради вршење аналитичко-истражувачка дејност од областа на правосудната теорија и практика. Академијата својата дејност ја спроведува преку:
– организирање и спроведување почетна обука на идните кандидати за судии и јавни обвинители за потребите на основните судови и основните јавни обвинителства,
– организирање и спроведување континуирана обука за унапредување на стручноста на судиите и јавните обвинители,
– организирање и спроведување континуирана обука на стручните служби во судството и јавното обвинителство, како и обука на другите субјекти кои учествуваат во спроведувањето на законите од областа на правосудството,
– спроведување аналитичко-истражувачка дејност од областа на правосудната теорија и практика и
– врши други работи утврдени со закон и со Статутот на Академијата.

Според член 3 став 1 од Законот, Академијата се основа како јавна установа со својство на правно лице.

Законот, како органи на Академијата во член 8 ги определува Управниот одбор, директорот и Програмскиот совет.

Согласно со член 15 од Законот, директорот е раководен и извршен орган на Академијата и истиот има заменик. Директорот и заменикот се именуваат за време од четири години, со право на уште еден избор. Заменикот го заменува директорот во случај кога тој е отсутен, или кога поради болест и други причини не е во можност да ја врши својата функција. Заменикот врши работи од надлежност на директорот што тој ќе му ги довери, а припаѓаат во неговиот делокруг на работни задачи. Директорот и заменикот ги именува Управниот одбор врз основа на јавен оглас што се објавува во „Службен весник на Република Северна Македонија”, на веб-страницата на Академијата и во најмалку два дневни весници од кои еден од весниците што се издаваат на македонски јазик и еден од весниците што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик. Согласно со став 8, за директор, односно заменик се именува лице со најмалку осум години работен стаж како судија во судовите или јавен обвинител во јавните обвинителства во Република Северна Македонија, судија во Уставниот суд на Република Северна Македонија или во меѓународен суд. Годините работен стаж од ставот 8 на овој член ги опфаќаат вкупниот работен стаж остварен во наведените органи како судија и јавен обвинител. Според став 10, лицето кандидат за директор, односно заменик, покрај високите професионални и стручни квалитети и резултати во работењето, треба да ги исполнува и следните услови:

– активно да познава еден од трите најчесто користени јазици на Европската Унија (англиски, француски или германски), што се докажува со поседување меѓународно признат сертификат издаден од официјален европски тестатор, член на здружението ALTE на европски тестатори на Б2 (B2) нивото на ЦЕФР (CEFR),односно ИЕЛТС со 5-6 поени, ФЦЕ, БЕК В, ИЛЕК, ИКФЕ, БУЛАТС, или АПТИ Б2 ниво ЦЕФР (CEFR), или ТОЕФЕЛ ПБТ најмалку 500 бода, ТОЕФЕЛ ЦБТ најмалку 175 бода или ТОЕФЕЛ ИБТ најмалку 60 бода, или ДЕЛФ, ТЦФ, ТЕФ, или Гете сертификат, ТестДаФ,
– со правосилна пресуда да не е осудено за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци и
– со правосилна пресуда да не му е изречена казна или прекршочна санкција забрана за вршење професија, дејност или должност за кривично дело или прекршок поврзани со злоупотреба на судиската или јавнообвинителската функција.

Правата и должностите на директорот се утврдени во член 16 според кој, директорот ги има следните права и должности:

– раководи со работењето на Академијата,
– ја застапува и ја претставува Академијата пред домашните и пред меѓународните институции,
– ги извршува одлуките на Управниот одбор,
– ја координира и организира работата на Академијата,
– се грижи за обезбедување услови за секојдневно функционирање на Академијата,
– поднесува Предлог-програма за работа на Академијата,
– поднесува годишен извештај за работата на Академијата,
– учествува во изготвувањето на сите програми за обука од надлежност на Академијата,
– учествува во работата на Управниот одбор и претседава со седниците на Програмскиот совет,
– предлага листа на предавачи врз основа на мислењето на Програмскиот совет,
– воспоставува соработка со сродни институции,
– донесува акт за внатрешна организација и систематизација на работните места,
– раководи со Службата за стручно-технички работи на Академијата,
– управува со финансиските средства и со имотот на Академијата, за што поднесува Предлог-финансиски план и Предлог-план за јавни набавки до Управниот одбор,
– предлага изменување и дополнување на Статутот и другите општи акти на Академијата,
– одговара за законитоста во работењето на Академијата и
– врши и други работи согласно со овој закон, Статутот и со општите акти на Академијата.

Согласно со член 17 од Законот, во кој се содржани оспорените делови, платата на директорот се определува на нивото на плата на судија во Врховниот суд, утврденa со закон (став 1). Платата на заменикот се определува на нивото на плата на судија во апелационен суд, утврдена со закон (став 2). Директорот и заменикот имаат право на додаток на плата заради заштита на угледот на институцијата и доверливоста во работењето, а чија висина поблиску се уредува со акт на Академијата (став 3).

Во член 66 од Законот е определено дека средствата за работа на Академијата се обезбедуваат од Буџетот на Република Северна Македонија преку буџетот на „Судската власт“.

Финансирањето на судството, вклучувајќи ја и Академијата за судии и јавни обвинители, е предмет на уредување на Законот за Судскиот буџет („Службен весник на Рeпублика Македонија“ бр.60/2003, 37/2006, 103/2008 и 145/2010), којшто, согласно со член 1, ја уредува постапката за изготвување, утврдување и извршување на судскиот буџет и основањето и работењето на Судскиот буџетски совет. Со судскиот буџет се обезбедува стабилно, долгорочно, рамномерно и соодветно финансирање на судската власт, а со цел да се обезбеди нејзината уставна и законска независност и самостојност. Со судскиот буџет се финансираат судовите, Судскиот совет на Република Македонија и Академијата за судии и јавни обвинители (во натамошниот текст: единки корисници).

Член 2 од овој закон го дефинира Судскиот буџет како годишна процена на приходите и трошоците на единките корисници што ги утврдува Собранието на Република Македонија и е наменет за нивно финансирање. Судскиот буџет е дел од Буџетот на Република Македонија издвоен како посебен дел означен со „Судска власт“.

Во член 4 став 7 од Законот е предвидено дека средствата од делот „Судска власт“, Судскиот буџетски совет ги распределува на судовите и на Академијата за обука на судии и јавни обвинители.

Според член 5 став 1 точки 1 и 2 од Законот, трошоците на судскиот буџет ги сочинуваат тековните трошоци за платите и надоместоците на членовите на Судскиот совет на Република Македонија, судиите и директорот на Академијата за судии и јавни обвинители и платите и надоместоците на судските службеници, судската полиција, другите вработени во судовите, како и државните службеници во Судскиот совет на Република Македонија и Академијата за судии и јавни обвинители.

Член 7 од Законот го уредува составот на Судскиот буџетски совет при што е определено дека тој е составен од претседател и десет члена. Еден од членовите, согласно со оваа одредба, е и директорот на Академијата за обука на судии и јавни обвинители.

Законот за платите на судиите („Службен весник на Република Македонија” бр.110/2007, 103/2008, 161/2008, 153/2009, 67/2010, 97/2010, 135/2011, 231/2015 и 248/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија бр.51/2024 и 272/2024), во член 5 став 2 предвидува дека основицата за пресметување на платата на судиите е основицата за пресметување на платата за избрани и именувани лица утврдена согласно со Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија.

Во член 46 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2006, 62/2006, 35/2008, 150/2010, 83/2018, 198/2018 и 96/2019) се пропишани посебните услови за избор на судија во основен суд, апелационен суд и во Врховниот суд на Република Северна Македонија:

1. за судија на основен суд може да биде избрано лице кое ја завршило обуката во Академијата за судии и јавни обвинители утврдена со закон;
2. за судија на основен суд може да биде избрано лице кое има работно искуство од најмалку четири години непрекинат судиски стаж како судија во друг основен суд до моментот на пријавувањето за избор, кое од страна на Судскиот совет на Република Македонија е оценето со позитивна оцена, согласно со Законот за Судскиот совет на Република Македонија;
3. за судија на апелационен суд може да биде избрано лице кое има работно искуство од најмалку шест години непрекинат стаж како судија во основен суд, Управен или Виш управен суд до моментот на пријавување на изборот, кое од страна на Судскиот совет на Република Македонија е оценето со позитивна оцена, согласно со Законот за Судскиот совет на Република Македонија;
4. за судија на апелационен суд може да биде избрано лице кое има работно искуство од најмалку четири години непрекинат стаж како судија во друг апелационен суд до моментот на пријавување на изборот, кое од страна на Судскиот совет на Република Македонија е оценето со позитивна оцена, согласно со Законот за Судскиот совет на Република Македонија;
5. за судија на Врховен суд на Република Македонија може да биде избрано лице кое има работно искуство од најмалку шест години стаж како судија во апелационен суд до моментот на пријавување на изборот и кое од страна на Судскиот совет на Република Македонија е оценето со позитивна оцена, согласно со Законот за Судскиот совет на Република Македонија.

IV

Од изнесените уставни одредби произлегува дека владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска како темелни вредности на уставниот поредок се нераскинливо поврзани со принципот на самостојност и независност на судството.

Принципот на поделбата на власта подразбира таква организација на државната власт во која трите власти (законодавна, извршна и судска) се вршат независно една од друга, со контролни механизми што не дозволуваат доминација на едната власт врз другите две. Иако Уставот на Република Северна Македонија не содржи посебни одредби за финансирањето на судството, од општиот принцип за самостојност и независност на судството произлегува дека и материјалната независност на судиите, претставува значаен аспект на независноста на судството, при што начинот на уредување на платите на судиите и другите надоместоци се значаен елемент за гаранција на нивната индивидуална независност.

Неспорно е дека уредувањето на платите на носителите на јавни функции што се финансираат од државниот буџет е materiae legis, односно прашање што е во исклучив домен на законодавната власт. Во смисла на ова, неспорно е дека законодавецот има право да ги определува платите во јавниот сектор, вклучително и платите на носителите на јавни функции од областа на судството. Но, притоа законодавецот е должен да ја почитува поделбата на власта, вклучително и независноста на судската власт, меѓу другото и со тоа што при уредувањето на платите на носителите на различни јавни функции, ќе води сметка да не ја релативизира уставната поставеност на судската власт и нејзините носители – судиите во однос на носителите на другите јавни функции.

Од содржината на член 17 од Законот за Академијата за судии и јавни обвинители неспорно произлегува дека платата на директорот на Академијата се определува во висина на плата на судија на Врховен суд, додека пак платата на заменикот директор на Академијата за определува во висина на плата на судија на апелационен суд. Според оценката на Судот, споредувањето на плата на директорот и заменикот директор на Академијата за судии и јавни обвинители со плата на носител на судска функција, односно судија може да биде уставно проблематично што произлегува пред сè од положбата и статусот на Академијата за судии и јавни обвинители во однос на судовите и судиите како носители на судската власт. Имено, од наведените одредби од Законот за Академија за судии и јавни обвинители произлегува дека Академијата за судии и јавни обвинители е јавна установа со својство на правно лице која врши прием и стручно усовршување на кандидатите за судии и јавни обвинители, континуирана обука и унапредување на стручноста на судиите и јавните обвинители, континуирана обука на стручните служби во судството и јавното обвинителство, обука на субјектите кои учествуват во спроведување на законите од областа на правосудството и аналитичка-истражувачка дејност од областа на правосудната теорија и практика.

Од одредбите за нејзиното финансирање содржани во Законот, произлегува дека таа е јавна установа чијшто примарен извор на финансии е Буџетот на Република Северна Македонија, поточно посебниот дел на Буџетот означен како „судска власт“ од кој се финансираат судовите, Судскиот совет на Република Македонија и Академијата за судии и јавни обвинители кои имаат статус на единки корисници. Академијата за судии и јавни обвинители има посебен правен статус, утврден со закон, сопствени органи на управување и автономни надлежности поврзани со обука, стручно усовршување, селекција и оценување на кандидати за судии и јавни обвинители.

Имајќи ја предвид ваквата поставеност на Академијата, нејзините цели и дејности, произлегува и значењето што таа го има за унапредување на капацитетите на судскиот систем, намалување на ризиците од корупција, професионалноста и независноста на судиите, интегритетот и правните познавања, со што оваа установа има важна улога во обезбедувањето услови за спроведување на правични судски постапки и зајакнувањето на довербата на граѓаните во судството. Меѓутоа, мора да се истакне дека иако Академијата е функционално поврзана со судството, таа не е уставно конститутивен дел од судската власт, туку посебна институција која дејствува во фазата на пристапување кон судската и обвинителската функција.

Следствено и директорот на Академијата за судии и јавни обвинители како раководен орган на Академијата врши одговорни задачи поврзани со раководење, застапување, претставување на Академијата, организирање на нејзината работа, обезбедување услови за функционирање на Академијата, управување со финансиските средства, раководење со службата итн. Важноста на овие задачи за организирањето и функционирањето на Академијата е несомнена, но сепак сите овие обврски и задолженија не претставуваат вршење на судиска функција и тие ниту по нивната содржина, ниту по нивниот обем, сложеност, тежина и одговорност не можат да се споредат со обврските и одговорностите што произлегуваат од вршењето на судиската функција. Оттука и законодавецот при уредувањето на платата на директорот и заменикот директор на Академијата за судии и јавни обвинители бил должен да пропише критериуми врз основа на кои ќе се определи платата на директорот и на заменикот директор на Академијата, поаѓајќи од нивните обврски и одговорности и придонесот што тие го имаат во остварувањето на целите и задачите на Академијата, но без притоа овие лица да ги изедначува со судиите во поглед на нивната плата, од причина што тие не се наоѓаат во идентична и споредлива положба, туку имаат различни обврски, должности и одговорности.

Од оспорените делови од одредбите од Законот несомнено произлегува дека платите на директорот и заменикот директор на Академијата за судии и јавни обвинители се уредуваат во ист нормативен режим и со иста законска логика како платите на судиите во највисоките судови, со што се нарушува уставната положба на судската власт и статусот на нејзините носители – судиите.

Поради наведените причини, Судот утврди дека основано може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од член 17 ставoви 1 и 2 во делот „на судија“ од Законот за Академија за судии и јавни обвинители („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.129/2023 и 53/2024) со член 8 став 1 алинеи 3 и 4 и член 9 од Уставот.

V

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,                                                                                                                                д-р Дарко Костадиновски