Судијата Павловска-Данева: Интерпретативните одлуки како еволуција на уставно-судската функција

Судијата на Уставниот суд, проф. д-р Ана Павловска-Данева беше говорник на 91-та Средба на правниците, во организација на Здружението на правници на Република Северна Македонија, која се одржа од 23 до 25 април 2026 година во Охрид.

Павловска-Данева се обрати на сесијата одржана на 23 април, со излагање на темата: „Интерпретативните одлуки како новина во македонското уставно судство“.

На средбата учествуваа правни експерти, судии, професори и претставници на институции, кои дискутираа за актуелни правни прашања и предизвици.

Во продолжение, дел од излагањето на Павловска-Данева:

Почитувани,

Интерпретативните одлуки претставуваат релативно нов концепт во правната доктрина и, во суштина, значат отстапување од традиционалната перцепција на уставните судови како „негативен законодавец“. Наместо исклучиво да укинува или поништува закони, Уставниот суд преку овие одлуки добива поактивна улога – да влијае врз начинот на кој нормите се толкуваат и применуваат.

Во нивната суштина, интерпретативните одлуки се механизам преку кој Судот не ја отстранува одредбата од правниот поредок, туку утврдува како таа треба да се разбере за да биде во согласност со Уставот. На тој начин, се избегнува создавање на правни празнини и се зајакнува правната сигурност. Законот, според оваа логика, треба да се смета за противуставен само тогаш кога не постои можност за негово уставно толкување.

Овој пристап овозможува Уставниот суд да не ја презема улогата на Законодавецот, туку да поставува стандарди и граници во кои Законодавецот треба да се движи. Станува збор за суптилно, но значајно влијание, кое не води кон конфронтација, туку кон институционален дијалог.

Во правната теорија се развиваат повеќе видови интерпретативни одлуки. Класичните интерпретативни одлуки се јавуваат кога една законска одредба дозволува повеќе толкувања, при што Судот ја утврдува онаа што е во согласност со Уставот. Понатаму, постојат ситуации во кои Судот утврдува неуставност, но не го укинува законот веднаш, туку остава рок за законодавецот да ги отстрани утврдените недостатоци. Конечно, се јавуваат и т.н. „привремено уставни“ закони, кај кои Судот дозволува нивна примена, но укажува на потребата од нивно доуредување.

Во македонскиот правен систем, интерпретативните одлуки се релативно новина. Со Актот на Уставниот суд се предвиде можност законот да се оцени како уставен, но истовремено да се укаже на потребата од негово изменување или дополнување во утврден рок. Ова отвора простор за понатамошен развој на интерпретативните техники и за зајакнување на улогата на Судот како гарант на уставноста и правната сигурност.

Оттука, интерпретативните одлуки претставуваат балансиран инструмент – наместо да го „урнат“ законот, тие го насочуваат да стане уставен.

Ви благодарам.