У.бр.60/2025, У.бр.61/2025 и У.бр.62/2025

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.60/2025, У.бр.61/2025 и У.бр.62/2025
Скопје, 04.02.2026 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 4 февруари 2026 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 2 став 2 во делот „врши прием и стручно усовршување на кандидатите”, член 50 став 1 во делот „до избор за судија или јавен обвинител”, став 3 во делот „правата и обврските” и став 4 во делот „се распоредуваат на работа” и член 60 став 2 од Законот за Академија за судии и јавни обвинители („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.129/2023 и 53/2024).

Образложение

I

Игорчо Точев од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во диспозитивот на Решението.

Според наводите од иницијативата по предметот У.бр.61/2025, оспорениот дел „врши прием и стручно усовршување на кандидатите” од член 2 став 2 од Законот за Академија за судии и јавни обвинители, е терминолошки неусогласена содржина наспрема целината на Законот, бидејќи постои разлика помеѓу терминот „кандидат за судија и јавен обвинител” и терминот „иден кандидат за судија и јавен обвинител”. На овој начин оспорениот дел е нејасен и непрецизен и остава простор за несоодветно толкување на нормата, а со тоа и нејзина погрешна примена, поради што се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот дел и истиот да го укине, и по оцена на Судот согласно со член 37 од Актот на Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорениот дел од одредбата.

Според наводите од иницијативата по предметот У.бр.62/2025, оспорениот член 50 став 1 во делот „до избор за судија или јавен обвинител” и став 3 во делот „правата и обврските” од Законот за Академија за судии и јавни обвинители, се спротивни на член 8 став 1 алинеја 3 и член 32 од Уставот.

Неуставноста на оспорениот дел „до избор за судија или јавен обвинител” од член 50 став 1 од Законот, се образложува со поставување на прашање дали пропишаниот дел „до избор за судија или јавен обвинител”, отпаѓа, доколку лицето заснова работен однос со друг работодавач. Поточно, дали до таков избор нема да дојде поради еднострано откажување на договорот склучен со Академијата на определено време, по што се наведува дека оспорениот дел создава неизвесност на страната на лицето кое ја завршило почетната обука во Академијата. Ова од причини што оспорениот дел може да се подразбере како пречка лицето да заснова работен однос кај друг работодавач кај кого би остварило повисок приход, односно дека евентуално заснованиот работен однос кај друг работодавач, потоа да биде пречка лицето да биде избрано за судија или јавен обвинител, иако ја завршило почетната обука во Академијата.

Од наведените причини се наведува дека оспорениот дел „до избор за судија или јавен обвинител”, не е во согласност со начелото на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и член 32 од Уставот во однос на слободниот избор на вработување и остварувањето на правата на вработените и нивната положба уредени со закон и со колективни договори.

Во однос на оспорениот дел „правата и обврските” од член 50 став 3 од Законот, којшто уредува дека начинот на спроведувањето на почетната обука, како и правата и обврските на слушателите на почетната обука, се уредуваат со Статутот и со актите на Академијата, се наведува дека правото на плата како дел од процесот на почетната обука, е право на лицето кое ја посетува почетната обука, а Статутот и актите на Академијата не се закон, уште помалку колективен договор како што е предвидено во член 32 од Уставот, поради што и овој оспорен дел, може да се доведе под уставно сомнение од аспект на неговата согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 32 од Уставот. Од тие причини се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на неговата уставност, по што истиот да го укине.
Според наводите од иницијативата по предметот У.бр.60/2025, оспорениот дел „се распоредуваат на работа” од член 50 став 4 од Законот, не е јасен и прецизен. Ова од причини што во Законот за Академија за судии и јавни обвинители не е прецизно наведено што содржи специјализираната програма донесена од Академијата, со што останува нејасно какви работи и работни задачи би извршувале кандидатите за судии и јавни обвинители сè до нивниот избор за судија или јавен обвинител, со што оспорениот дел доведува до арбитрарно толкување на одредбата, а со тоа и повреда на начелото на владеење на правото.

Во однос на оспорениот член 60 став 2 од Законот којшто уредува дека кандидатот за судија и јавен обвинител е должен најмалку пет години по изборот за судија или јавен обвинител да работи во суд, односно јавно обвинителство, во спротивно е должен да ги надомести трошоците и другите надоместоци за неговото обучување, по утврдена пресметка од страна на Академијата, се наведува дека ваквите воспоставени должности за кандидатот за судија и јавен обвинител, не ги задоволуваат критериумите од член 32 од Уставот, во однос на правото на слободен избор на вработување.

Од наведените причини, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и на член 50 став 4 во делот „се распоредуваат на работа” и член 60 став 2 од Законот, и истите да ги укине, a до донесување на конечната одлука, Судот, да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорените членови од Законот.

II

На седницата Судот утврди дека според член 2 став 2 од Законот за Академија за судии и јавни обвинители („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.129/2023 и 53/2024), Академијата врши прием и стручно усовршување на кандидатите за судии и јавни обвинители, континуирана обука за унапредување на стручноста на судиите и на јавните обвинители, континуирана обука на стручните служби во судството и во јавното обвинителство, специјализирана обука за судиите поротници, обука на субјектите кои учествуваат во спроведување на законите од областа на правосудството, како и заради вршење аналитичко-истражувачка дејност од областа на правосудната теорија и практика. Одредбата се оспорува во делот „врши прием и стручно усовршување на кандидатите”.

Судот, исто така, утврди дека според член 50 став 1 од Законот, со стекнувањето статус на слушател на почетната обука во Академијата, слушателот заснова работен однос на определено време со Академијата за периодот на спроведување на почетната обука до избор за судија или јавен обвинител, за кој период важат општите прописи за работни односи, здравствено осигурување и овој закон, при што со иницијативата се оспорува делот „до избор за судија или јавен обвинител”

Според став 3 од истиот член, начинот на спроведувањето на почетната обука, како и правата и обврските на слушателите на почетната обука, се уредуваат со Статутот и со актите на Академијата, а со иницијативата се оспорува делот „правата и обврските”.

Согласно со став 4 од истиот член, по положувањето на завршниот испит, кандидатите за судии и јавни обвинители остануваат со работен однос во Академијата, сè до нивниот избор за судии, односно обвинители. За тоа време, кандидатите за судии и јавни обвинители се распоредуваат на работа во судовите односно јавните обвинителства, во координација со Судскиот совет и со Советот на јавни обвинители и врз база на специјализирана програма донесена од Академијата. Со иницијативата се оспорува делот „се распоредуваат на работа”.

Судот, утврди и дека според член 60 став 2 од истиот закон, кандидатот за судија и јавен обвинител е должен најмалку пет години по изборот за судија или јавен обвинител да работи во суд, односно јавно обвинителство, во спротивно е должен да ги надомести трошоците и другите надоместоци за неговото обучување, по утврдена пресметка од страна на Академијата.

III

Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Согласно со член 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност. Според став 2 од истиот член, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место. Согласно со став 5 од истиот член, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Во член 51 од Уставот е утврдено дека во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно со член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 1 од Законот за Академија за судии и јавни обвинители, со овој закон се уредува работењето на Академијата за судии и јавни обвинители, нејзиниот статус, дејност, органите на управувањето, финансирањето, почетната и континуираната обука.

Согласно со член 2 став 2 од Законот, Академијата врши прием и стручно усовршување на кандидатите за судии и јавни обвинители, континуирана обука за унапредување на стручноста на судиите и на јавните обвинители, континуирана обука на стручните служби во судството и во јавното обвинителство, специјализирана обука за судиите поротници, обука на субјектите кои учествуваат во спроведување на законите од областа на правосудството, како и заради вршење аналитичко-истражувачка дејност од областа на правосудната теорија и практика.

Според член 5 став 1 од Законот, основен акт на Академијата е Статутот. Според став 2 од истиот член, со Статутот поблиску се уредуваат: називот, внатрешната организација и начинот на вршењето на дејноста на Академијата; управувањето и раководењето со Академијата; правата и обврските на субјектите од членот 2 од овој закон во врска со работењето на Академијата; составот, начинот на формирањето, како и начинот на одлучување и делокругот на работа на органите и телата на Академијата; правата, обврските и одговорностите на Академијата во правниот промет; приемот на слушатели во почетна обука; постапката за донесување на програмите за сите видови обука; начинот на избор на предавачи и ментори; начинот на финансирање и употреба на средствата за работа на Академијата и други прашања од значење за работата на Академијата.

Со член 50 став 1 од Законот, се уредува дека со стекнувањето статус на слушател на почетната обука во Академијата, слушателот заснова работен однос на определено време со Академијата за периодот на спроведување на почетната обука до избор за судија или јавен обвинител, за кој период важат општите прописи за работни односи, здравствено осигурување и овој закон.

Според член 50 став 3 од Законот, начинот на спроведувањето на почетната обука, како и правата и обврските на слушателите на почетната обука, се уредуваат со Статутот и со актите на Академијата.

Член 50 став 4 од Законот, уредува дека по положувањето на завршниот испит, кандидатите за судии и јавни обвинители остануваат со работен однос во Академијата, сè до нивниот избор за судии, односно обвинители. За тоа време, кандидатите за судии и јавни обвинители се распоредуваат на работа во судовите односно јавните обвинителства, во координација со Судскиот совет и со Советот на јавни обвинители и врз база на специјализирана програма донесена од Академијата.

Според оспорениот член 60 став 2 од Законот за Академија за судии и јавни обвинители, кандидатот за судија и јавен обвинител е должен најмалку пет години по изборот за судија или јавен обвинител да работи во суд, односно јавно обвинителство, во спротивно е должен да ги надомести трошоците и другите надоместоци за неговото обучување, по утврдена пресметка од страна на Академијата.

IV

Од содржината на наведените законски одредби, како и од целината на Законот, произлегува дека законодавецот ја востановил Академијата како јавна установа којашто врши прием и стручно усовршување на кандидатите за судии и јавни обвинители, при што главен извор за финансирање на Академијата е Буџетот на Република Северна Македонија преку буџетот на „судската власт”.

Во однос на член 2 став 2 од Законот, оспорен во делот „врши прием и стручно усовршување на кандидатите”, според Судот, оспорениот дел не може да доведе до правна несигурност на граѓаните во поглед на прашањето кој може да се пријави на почетна обука во Академијата. Законот за Академија на судии и јавни обвинители во член 2 став 3 алинеи од 1 до 5, јасно определува која е дејноста на Академијата, а тоа е организирање и спроведување почетна обука на идните кандидати за судии и јавни обвинители за потребите на основните судови и основните јавни обвинителства; организирање и спроведување континуирана обука за унапредување на стручноста на судиите и јавните обвинители; организирање и спроведување континуирана обука на стручните служби во судството и јавното обвинителство, како и обука на другите субјекти кои учествуваат во спроведувањето на законите од областа на правосудството; спроведување аналитичко-истражувачка дејност од областа на правосудната теорија и практика и врши други работи утврдени со закон и со Статутот на Академијата. Воедно, низ целиот закон е извршено јасно разграничување на поимите „кандидат за прием во почетната обука”, „слушател” и „кандидат”, и јасно е уредувањето со член 60 став 1 од Законот, дека по завршувањето на почетната обука слушателот на почетната обука стекнува статус на кандидат за судија и јавен обвинител.

Оттука, нема основ да се смета дека оспорениот дел на членот од Законот, подразбира дека лицата ќе бидат примени на почетна обука во Академијата за судии и јавни обвинители откако ќе станат кандидати за избор за судии или јавни обвинители, со што пред Судот, не се постави прашањето за согласноста на оспорениот дел „врши прием и стручно усовршување на кандидатите” од член 2 став 2 од Законот за Академија за судии и јавни обвинители, со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Понатаму, оспорениот дел „до избор на судија или јавен обвинител” од член 50 став 1 од Законот, според Судот, не го спречува лицето слободно да го избира своето вработување, конкретно, да се откаже од почетната обука заради вработување кај друг работодавач. Согласно со член 50 став 5 од Законот, доколку слушателот во текот на почетната обука се откаже, ја прекине обуката или неуспешно ја заврши, е должен да ги надомести трошоците и другите надоместоци за неговото обучување, освен во случаите предвидени во став 6 од истиот член (слушателот на почетната обука нема да ги надомести трошоците од став 5 на овој член доколку се откажал или ја прекинал обуката од здравствени причини, лични или на близок член на семејството со кое живее, коишто оневозможуваат посетување на обуката подолго од два месеца, што се докажува со лекарско уверение и друга соодветна документација).

Слушателите на почетната обука однапред се запознаени со утврдените законски решенија коишто произлегуваат од член 50 од Законот за Академија за судии и јавни обвинители со кои се регулира начинот на стекнување статус на кандидат за судија или јавен обвинител, но и начинот на губење на статусот на кандидат за судија или јавен обвинител, и нивно право и избор е дали доследно ќе ги исполнат пропишаните услови од Законот низ сите фази од почетната обука за кои државата вложила пари, или ќе се откажат, како што се наведува во иницијативата заради вработување кај друг работодавач кој ќе им понуди поголема плата. Оттука, по оцена на Судот, оспорениот член 50 став 1 во делот „до избор на судија или јавен обвинител” од Законот, не е во спротивност со член 32 од Уставот.

Во однос на оспорениот дел „правата и обврските” содржан во член 50 став 3 од Законот според кој начинот на спроведувањето на почетната обука, како и правата и обврските на слушателите на почетната обука, се уредуваат со Статутот и со актите на Академијата, во иницијативата се наведува дека правото на плата може да биде предмет на уредување со закон и колективен договор, а не со Статутот и со актите на Академијата, поради што оспорениот дел не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 32 од Уставот.

Според Судот, и овие наводи, не се основани. Имено, во Статутот на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев” донесен од Управниот одбор на Академијата („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 172/2023 и 62/2024), е содржан член 50 со наслов „Статус на слушателите на почетната обука”, којшто во став 1 уредува дека при приемот во почетна обука, слушателите на почетната обука склучуваат договор за засновање работен однос на определено време со Академијата во согласност со член 50 од Законот за Академијата за судии и јавни обвинители и пред директорот на Академијата даваат свечена изјава со содржина определена во Правилникот за теоретска настава.

Воедно, според став 3 од истиот член на Статутот, слушателите на почетната обука ги остваруваат своите права и обврски од работен однос во согласност со Законот за Академијата за судии и јавни обвинители, Законот за работни односи, Договорот за вработување, Етичкиот кодекс на Академијата, општите акти на Академијата, а за време на практичната настава и актите на соодветната институција во која се одвива практицирањето.

Видно, од содржината на погоре наведената статутарна одредба е дека таа упатува на член 50 од Законот за Академија на судии и јавни обвинители. При ова, член 50 став 2 од Законот, јасно уредува дека за време на траењето на работниот однос од став 1 на овој член, слушателот на почетната обука има право на плата на виш судски/јавнообвинителски советник во основен суд/основно јавно обвинителство и други надоместоци од плата согласно со закон.

Според тоа, од Законот јасно произлегува дека за времетраењето на работниот однос на определено време лицата имаат право на плата и надоместоците од плата согласно со закон, а не согласно со акти на Академијата.

Оттука, погрешно со иницијативата се извлекува заклучок дека правото на плата од заснованиот работен однос ќе биде уредено со Статут и со актите на Академијата, дотолку повеќе што во одредбата од став 3 на член 50 од Законот, ниту се споменува правото на плата, туку во претходните одредби на овој член, поради што Судот оцени дека од аспект на изнесените наводи, не може да се постави прашањето за согласноста на член 50 став 3 во делот „правата и обврските” со член 8 став 1 алинеја 3 и член 32 од Уставот.

Што се однесува на оспорениот дел „се распоредуваат на работа“ од член 50 став 4 од Законот, истиот се оспорува со наводи дека е спротивен на начелото на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот коешто бара јасни и прецизни норми во законите за да нема нивно арбитрарно толкување и примена.

Според Судот, оспорениот дел „се распоредуваат на работа” од член 50 став 4 од Законот, е јасен и прецизен и не создава никаква можност за поинакво толкување од она, на што всушност и се однесува, а тоа е дека кандидатите го продолжуваат процесот на обука во соодветните институции до нивниот избор за судии и јавни обвинители.

Распоредувањето на кандидатите за судии и јавни обвинители во судовите односно јавните обвинителства, е составен дел од процесот на обука во Академијата којшто се одвива низ неколку фази, почетна, теоретска и практична обука во Академијата, и којашто продолжува во судовите и јавните обвинителства заради практицирање на судиската или обвинителската функција под менторство на судија или јавен обвинител согласно со програмата донесена од Академијата, сè до нивниот избор за судии, односно јавни обвинители. Притоа, со нивното вклучување во работниот процес во судовите и јавните обвинителства, истите имаат право на плата на виш судски/јавнообвинителски советник во основен суд/основно јавно обвинителство и други надоместоци од плата согласно со закон.

Според Законот, распоредувањето на работа во судовите односно јавните обвинителства се врши во координација со Судскиот совет и со Советот на јавни обвинители и врз база на специјализирана програма донесена од Академијата. Законот за Академија за судии и јавни обвинители ги уредува фазите од почетната обука, вклучително и во што се состои практичната работа на кандидатите за судии и јавни обвинители (писмена изработка на пресуди, решенија и обвинителни акти), па оттука според Судот, оспорениот дел „се распоредуваат на работа” од член 50 став 4 од Законот, не создава правна непредвидливост во неговата примена.

Оспорениот член 60 став 2 од Законот ги дефинира обврските на кандидати за судии и јавни обвинители по нивниот избор за судија или јавен обвинител, како и последиците од неисполнувањето на обврските.

Според оваа оспорена законска одредба кандидатот за судија и јавен обвинител е должен најмалку пет години по изборот за судија или јавен обвинител да работи во суд, односно јавно обвинителство, во спротивно е должен да ги надомести трошоците и другите надоместоци за неговото обучување, по утврдена пресметка од страна на Академијата.

Имајќи предвид дека државата ги обезбедува материјалните и финансиските средства за обуката на кандидатите за идни судии и јавни обвинители, според Судот, основано е уредувањето во оспорениот член 60 став 2 од Законот за Академија за судии и јавни обвинители, за надоместување на трошоците и другите надоместоци за обучување на кандидатите за судии и јавни обвинители доколку по изборот за судија односно јавен обвинител не ја исполнат должноста најмалку пет години по изборот за судија или јавен обвинител да работи во суд, односно јавно обвинителство.

Приемот во Академијата (по положен приемен испит), односно стекнувањето статус на слушател на почетната обука, е основ за засновање работен однос на определено време на слушателот во Академијата за периодот додека трае почетната обука, па сè до изборот на кандидатот за судија или јавен обвинител, при што средствата за стручното усовршување односно обуката на кандидатите ги обезбедува државата, односно Академијата чијшто главен извор на финансирање е Буџетот на Република Северна Македонија преку делот од Буџетот наменет за судската власт.

Кандидатот не учествува со сопствени средства во покривањето на трошоците за обуката и стручното усовршување, туку напротив со засновањето на работниот однос во Академијата, за целиот период на спроведување на почетната обука сè до изборот за судија или јавен обвинител, кандидатот односно слушателот има право на плата и други надоместоци од плата согласно со закон. На кандидатите не само што им се признаваат определени права, туку истовремено имаат и законски обврски, како и одговорности за неисполнување на обврските.

Според Судот, оспорениот член 60 став 2 од Законот, не го повредува правото на слободен избор на вработување. Ова од причини што оспорената законска одредба не предвидува забрана за напуштање на работата во судовите односно јавните обвинителства. Избраното лице за судија односно јавен обвинител кое се обучувало со буџетски средства може и пред наведениот рок да ја напушти работата во судот односно јавното обвинителство заради остварување на друго вработување, со тоа што истото е должно да ги надомести трошоците и другите надоместоци за неговото обучување. Останувањето на работа најмалку пет години е законски услов при избор на судија односно јавен обвинител со обучен кандидат за судија односно јавен обвинител, а право и слободна волја е на кандидатот дали ќе ја напушти работата по наведениот период, со што не е во обврска да ги надомести трошоците за обука, или ќе ја напушти работата пред истекот на тој период со надоместување на трошоците за обука. Со самиот факт што кандидатот кога се стекнал со статус на слушател бил запознаен и се согласил со условите дека обуката е на товар на Академијатата што јасно укажува на тоа дека има негова согласност да ги надомести трошоците направени за неговата обука доколку предвреме по сопствена волја ја напушти работата, во што Судот не гледа никаква повреда на уставното право на слободен избор на вработување, па оттука според Судот, оспорениот член 60 став 2 од Законот, не е спротивен на одредбите од член 32 од Уставот.

Имајќи го предвид сето погоре наведено, Судот оцени дека член 2 став 2 во делот „врши прием и стручно усовршување на кандидатите”, член 50 став 1 во делот „до избор за судија или јавен обвинител”, став 3 во делот „правата и обврските” и став 4 во делот „се распоредуваат на работа” и член 60 став 2 од Законот за Академија за судии и јавни обвинители, не се спротивни на одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот со иницијативата.

V

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски