
Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.23/2025
Скопје, 04.03.2026 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 4 март 2026 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 1 став 3 во делот „и Академијата за судии и јавни обвинители“, член 5 точка 1 алинеја 1 во делот „и директорот на Академијата за судии и јавни обвинители“ и алинеја 2 во делот „и Академијата за судии и јавни обвинители“, член 7 став 3 алинеја 6 и член 17 став 1 во деловите „и од директорот на Академијата за обука на судии и обвинители“ и „Академијата за обука на судии и обвинители,“ од Законот за судскиот буџет („Службен весник на Република Македонија“ бр.60/2003, 37/2006, 103/2008 и 145/2010) и член 66 став 1 во делот „преку буџетот на „Судската власт”“ од Законот за Академија за судии и јавни обвинители („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 129/2023 и 53/2024).
2. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
О б р а з л о ж е н и е
I
Игорчо Точев и други од Скопје, поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 1 став 3 во делот „Академијата за судии и јавни обвинители“ од Законот за судскиот буџет.
Со поднесок примен на 19 март 2025 година, Елена Илиеска и други од Прилеп, го известија Судот дека се приклучуваат кон иницијативата.
Според иницијативата, со оспорениот дел од член 1 став 3 од Законот за судскиот буџет, се повредуваат одредбите од Уставот коишто се однесуваат на положбата и вршењето на судската власт. Оспореното решение е спротивно на ставот 1 на точка 1 од Амандманот XXV на Уставот, согласно кој судската власт ја вршат судовите, како и на реченица прва од став 1 на точка 1 од Амандманот XXVIII, според кој Судскиот совет на Република Северна Македонија е самостоен и независен орган на судството.
Исто така, се наведува дека и од Законот за судовите произлегува дека судската власт ја вршат исклучиво судовите, при што согласно член 108 од овој закон, средствата за нивната работа се обезбедуваат од судскиот буџет како посебен дел од Буџетот на Република Северна Македонија означен како „Судска власт“.
Понатаму, од Уставот, како и од релевантните закони, не произлегува дека Академијата за судии и јавни обвинители врши судска власт или учествува во нејзиното извршување. На тоа, упатува и член 1 став 2 од Законот за судскиот буџет, согласно кој судскиот буџет е наменет за обезбедување стабилно и соодветно финансирање на судската власт, додека Академијата не е дел од оваа власт.
Се укажува на одредби и од Законот за буџети и Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија, при што се истакнува дека Судскиот совет е орган кој ја обезбедува и гарантира самостојноста и независноста на судската власт, додека Академијата претставува јавна установа со образовна дејност.
Во таа насока, се посочува на Националната класификација на дејности, според која Судскиот совет е класифициран во дејноста „судски и правосудни дејности“, додека Академијата е класифицирана во дејност „образование“, што дополнително упатува дека таа не претставува дел од судската власт и не треба да се финансира од судскиот буџет.
Се наведува и дека Академијата е основана од Собранието со посебен закон, а не од орган на судската власт, при што во Законот за Академијата не е утврдено дека нејзината дејност претставува дејност од јавен интерес во смисла на Законот за установите.
Во дополнителниот поднесок кон иницијативата, се истакнува дека од законите коишто ја уредуваат положбата на јавното обвинителство и Советот на јавните обвинители не произлегува дека средства од буџетите на овие органи се издвојуваат за финансирање на Академијата.
Имајќи предвид дека Академијата обучува и идни јавни обвинители, неоправдано е нејзиното финансирање претежно да се обезбедува од судскиот буџет. На овој начин, може да се создаде институционален дисбаланс и впечаток на поврзаност помеѓу органите на судската власт и идните јавни обвинители.
На крајот, се нагласува дека јавното обвинителство не е дел од судската власт, ниту пак Советот на јавните обвинители врши судска власт. Оттука, доколку Академијата се смета за дел од судската власт поради начинот на финансирање, се доведува во прашање положбата на јавните обвинители кои се обучуваат во таа институција. Во кривичната постапка јавниот обвинител е странка во постапката, па ваквото финансирање може да создаде перцепција дека не е доволно јасна поделбата меѓу судот и обвинителството.
Покрај ова, Судот, на работен состанок одржан на 23 февруари 2026 година, зазеде став во овој предмет надвор од наводите во иницијативата во однос на делот од одредбата која што е оспорена, да се испита уставноста и на член 5 точка 1 алинеја 1 во делот „и директорот на Академијата за судии и јавни обвинители“ и алинеја 2 во делот „и Академијата за судии и јавни обвинители“, член 7 став 3 алинеја 6 и член 17 став 1 во деловите „и од директорот на Академијата за обука на судии и обвинители“ и „Академијата за обука на судии и обвинители,“ од Законот за судскиот буџет и член 66 став 1 во делот „преку буџетот на „Судската власт”“ од Законот за Академија за судии и јавни обвинители („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 129/2023 и 53/2024).
II
На седницата Судот утврди дека член 1 став 3 од Законот за судскиот буџет („Службен весник на Република Македонија“ бр.60/2003, 37/2006, 103/2008 и 145/2010), предвидува дека со судскиот буџет се финансираат судовите, Судскиот совет на Република Македонија и Академијата за судии и јавни обвинители (во натамошниот текст: единки корисници).
Согласно со член 5 точка 1 алинеи 1 и 2 од овој закон, трошоците на судскиот буџет ги сочинуваат, меѓу другото, тековните трошоци за платите и надоместоците на членовите на Судскиот совет на Република Македонија, судиите и директорот на Академијата за судии и јавни обвинители; и платите и надоместоците на судските службеници, судската полиција, другите вработени во судовите, како и државните службеници во Судскиот совет на Република Македонија и Академијата за судии и јавни обвинители.
Потоа, според член 7 став 3 алинеја 6 од истиот закон, член на Судскиот совет, меѓу другите е и директорот на Академијата за обука на судии и јавни обвинители.
И на крајот, во член 17 став 1 од Законот за судскиот буџет е предвидено дека Судскиот буџетски совет го следи извршувањето на финансискиот план и доколку во извршените контроли се констатираат неправилности и злоупотреби од претседателот на судот и од директорот на Академијата за обука на судии и обвинители во процесот на извршувањето на финансискиот план, ги известува Врховниот суд на Република Македонија, Министерството за правда, Републичкиот судски совет, Академијата за обука на судии и обвинители, Министерството за финансии и Државниот завод за ревизија.
Исто така, Судот утврди дека со член 66 став 1 од Законот за Академија за судии и јавни обвинители („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 129/2023 и 53/2024) е уредено дека средствата за работа на Академијата се обезбедуваат од Буџетот на Република Северна Македонија преку буџетот на „Судската власт”.
III
Согласно со член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, додека според став 2 на овој член, секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Согласно со член 68 алинеи 2 и 4 од Уставот, Собранието на Република Северна Македонија, донесува закони и дава автентично толкување на законите и донесува републички буџет и завршна сметка на буџетот.
Во став 1 на точка 1 од Амандманот XXV на Уставот е предвидено дека судската власт ја вршат судовите. Според ставот 2 на оваа точка, судовите се самостојни и независни.
Ставот 1 на точка 1 од Амандманот XXVIII на Уставот, уредува дека Судскиот совет на Република Северна Македонија е самостоен и независен орган на судството. Советот ја обезбедува и ја гарантира самостојноста и независноста на судската власт.
Според член 106 став 1 од Уставот, јавното обвинителство е единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични дела и на други со закон утврдени казниви дела и врши други работи утврдени со закон.
Согласно со член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Според член 1 став 1 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 58/2006, 62/2006-исправка, 35/2008, 150/2010, 83/2018 и 198/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.96/2019), судската власт ја вршат судовите во Република Македонија, додека согласно со став 2 на овој член, судовите се самостојни и независни државни органи.
Во член 108 од овој закон е предвидено дека средствата за работа на судовите се обезбедуваат со Судскиот буџет, како посебен дел на Буџетот на Република Северна Македонија, означен со „Судска власт”.
Потоа, член 2 од Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.269/2025), предвидува дека Судскиот совет на Република Северна Македонија е самостоен и независен орган на судството. Советот ја обезбедува и гарантира самостојноста и независноста на судската власт, преку остварување на своите функции согласно со Уставот на Република Северна Македонија и со закон.
Согласно со член 100 став 1 од Законот за јавното обвинителство („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.42/2020), средствата за работа на јавното обвинителство се обезбедуваат од Буџетот на Република Северна Македонија.
Според член 55 од Законот за Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.150/2007 и 100/2011 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.42/2020), средствата за работа на Советот се обезбедуваат од Буџетот на Република Северна Македонија преку буџетскиот корисник – Совет на јавни обвинители.
Член 1 став 1 од Законот за судскиот буџет, утврдува дека со истиот се уредува постапката за изготвување, утврдување и извршување на судскиот буџет и основањето и работењето на Судскиот буџетски совет, додека според став 2 на овој член, со судскиот буџет се обезбедува стабилно, долгорочно, рамномерно и соодветно финансирање на судската власт, а со цел да се обезбеди нејзината уставна и законска независност и самостојност.
Во ставот 3 на истиот член е уредено дека со судскиот буџет се финансираат судовите, Судскиот совет на Република Македонија и Академијата за судии и јавни обвинители (во натамошниот текст: единки корисници).
Согласно со член 2 став 1 од истиот закон, Судскиот буџет претставува годишна процена на приходите и трошоците на единките корисници што ги утврдува Собранието на Република Северна Македонија и е наменет за нивно финансирање.
Судскиот буџет е дел од Буџетот на Република Северна Македонија издвоен како посебен дел означен со „Судска власт“ (став 2 на истиот член).
Во член 5 од Законот е определено кои трошоци го сочинуваат судскиот буџет.
Така, согласно со точка 1 алинеи 1-5 на овој член, тоа се тековните трошоци за: платите и надоместоците на членовите на Судскиот совет на Република Северна Македонија, судиите и директорот на Академијата за судии и јавни обвинители; платите и надоместоците на судските службеници, судската полиција, другите вработени во судовите, како и државните службеници во Судскиот совет на Република Северна Македонија и Академијата за судии и јавни обвинители; стоки и услуги за работа на единките корисници; трошоци во постапките, освен за трошоците за надоместок на штета за лица неосновано осудени и неосновано лишени од слобода; и субвенции и трансфери.
Според точката 2 алинеи 1 и 2 на истиот член, тоа се капитални расходи за: набавка на капитални средства за единките корисници; и инвестиционо одржување на објектите и опремата на единките корисници.
Согласно член 1 од Законот за Академија за судии и јавни обвинители, со овој закон се уредува работењето на Академијата за судии и јавни обвинители (во натамошниот текст: Академијата), нејзиниот статус, дејност, органите на управувањето, финансирањето, почетната и континуираната обука.
Член 2 став 1 од истиот закон, предвидува дека Академијата има за цел професионално, независно, непристрасно и ефикасно извршување на судиската и јавно – обвинителската функција, како и стручно и ефикасно извршување на работите на стручните служби во судството и јавното обвинителство.
Потоа, во став 2 на овој член е уредено дека Академијата врши прием и стручно усовршување на кандидатите за судии и јавни обвинители, континуирана обука за унапредување на стручноста на судиите и на јавните обвинители, континуирана обука на стручните служби во судството и во јавното обвинителство, специјализирана обука за судиите поротници, обука на субјектите кои учествуваат во спроведување на законите од областа на правосудството, како и заради вршење аналитичко-истражувачка дејност од областа на правосудната теорија и практика.
Согласно со став 3 на овој член алинеи 1-5, Академијата својата дејност ја спроведува преку: организирање и спроведување почетна обука на идните кандидати за судии и јавни обвинители за потребите на основните судови и основните јавни обвинителства; организирање и спроведување континуирана обука за унапредување на стручноста на судиите и јавните обвинители; организирање и спроведување континуирана обука на стручните служби во судството и јавното обвинителство, како и обука на другите субјекти кои учествуваат во спроведувањето на законите од областа на правосудството; спроведување аналитичко – истражувачка дејност од областа на правосудната теорија и практика; и врши други работи утврдени со закон и со Статутот на Академијата.
Во член 3 став 1 од истиот закон е предвидено дека Академијата се основа како јавна установа со својство на правно лице.
Законот содржи посебна глава VII „Финансирање и средства за работа на Академијата“.
Во член 66 став 1 од Законот којшто е систематизиран во оваа глава е предвидено дека средствата за работа на Академијата се обезбедуваат од Буџетот на Република Северна Македонија преку буџетот на „Судската власт”.
Потоа, во став 2 алинеи 1-5 од истиот член е предвидено дека други извори на финансирање се: самостојни приходи; приходи преку издавање на публикации; приходи од реализација на обуки за правосудството и за други целни групи кои се надвор од областа на правосудството; реализација на проекти; и грантови и донации, кои не се во спротивност со дејноста на Академијата.
На крајот, со став 4 на овој член се уредува дека буџетските средства од ставот 1 на овој член се обезбедуваат во висина за да го покријат организирањето и спроведувањето на испитите, програмите за обука, како и други трошоци кои произлегуваат од тековното работење на Академијата согласно со овој закон.
IV
Со Законот за Академија за судии и јавни обвинители се уредени работењето на Академијата како јавна установа со својство на правно лице која врши прием и стручно усовршување на кандидатите за судии и јавни обвинители, континуирана обука и унапредување на стручноста на судиите и јавните обвинители, континуирана обука на стручните служби во судството и јавното обвинителство, обука на субјектите кои учествуват во спроведување на законите од областа на правосудството и аналитичка-истражувачка дејност од областа на правосудната теорија и практика, органите на управување и нејзиното финансирање.
Овој закон, ги утврдува изворите за финансирање на нејзиното работење: републичкиот буџет и тоа преку буџетот на судската власт и други извори (самостојни приходи, приходи преку издавање на публикации, приходи од реализација на обуки за правосудството и за други целни групи коишто се надвор од областа на правосудството, реализација на проекти и грантови и донации, кои не се во спротивност со дејноста на Академијата).
Законот, содржи норма со насока за утврдување на висината на буџетските средства коишто треба да се обезбедат – да го покријат организирањето и спроведувањето на испитите, програмите за обука, како и други трошоци коишто произлегуваат од тековното работење на Академијата согласно со овој закон (член 66 став 4).
Прашањата коишто се однесуваат на буџетот на судската власт како еден од законски утврдените извори преку кои се финансира работењето на Академијата, се уредени со посебен закон – Закон за судскиот буџет.
Конкретно, тоа се постапката за изготвување, утврдување и извршување на судскиот буџет и основањето и работењето на Судскиот буџетски совет.
Согласно со овој закон, овој буџет е воспоставен заради стабилно, долгорочно, рамномерно и соодветно финансирање на судската власт, а со цел да се обезбеди нејзината уставна и законска независност и самостојност и истиот претставува годишна процена на приходите и трошоците на единките корисници што ги утврдува Собранието на Република Северна Македонија и е наменет за нивно финансирање.
Судскиот буџет е дел од Буџетот на Република Северна Македонија издвоен како посебен дел означен со „Судска власт”, при што со него се финансираат судовите, Судскиот совет на Република Македонија и Академијата за судии и јавни обвинители кои имаат статус на единки корисници.
Законот за судскиот буџет ги утврдува трошоците кои го сочинуваат овој буџет: тековните трошоци за плати и надоместоци на членовите на Судскиот совет на Република Северна Македонија, судиите и директорот на Академијата за судии и јавни обвинители, плати и надоместоци на судските службеници, судската полиција, другите вработени во судовите, како и државните службеници во Судскиот совет на Република Северна Македонија и Академијата за судии и јавни обвинители, стоки и услуги за работа на единките корисници, трошоци во постапките, освен за трошоците за надоместок на штета за лица неосновано осудени и неосновано лишени од слобода и субвенции и трансфери, како и капитални расходи за набавка на капитални средства за единките корисници и инвестиционо одржување на објектите и опремата на единките корисници.
Имајќи предвид дека според Судот, постои основан сомнеж за уставната прифатливост на финансирањето на Академијата од судскиот буџет, предмет на оцена се и други одредби од Законот за судски буџет, како и одредби од Законот за Академијата за судии и јавни обвинители чијшто предмет на уредување се прашања поврзани со ваквиот начин на финансирање. Од тие причини за сите овие одредби има интегрална анализа како што следи понатаму.
Прашањето дали финансирањето на Академијата за судии и јавни обвинители на Република Северна Македонија од судскиот буџет е во согласност со Уставот, може да се постави во контекст на положбата и функцијата на судскиот буџет, принципот на поделба на власта и гаранциите за независност на судската власт.
Ова не се сведува на тоа дали законодавецот воопшто треба да обезбеди средства за функционирање на Академијата, туку дали изборот на судскиот буџет како извор на финансирање е уставно дозволив, со оглед на неговата намена, структура и функција.
Судскиот буџет, иако формално е дел од републичкиот буџет, има посебна уставна функција. Тој не претставува обичен фискален инструмент, туку материјална гаранција за независноста на судската власт, како еден од темелните столбови на уставниот поредок.
Во уставно-правна смисла, судскиот буџет служи за: обезбедување услови за вршење на судската функција, заштита на судовите од финансиски влијанија од другите власти, гарантирање на институционална автономија и независноста на судската власт.
Поради ова, средствата од судскиот буџет се наменски средства, функционално врзани за вршењето на судската власт во нејзината уставна улога.
Академијата за судии и јавни обвинители има посебен правен статус, утврден со закон, сопствени органи на управување и автономни надлежности поврзани со: обука, стручно усовршување, селекција и оценување на кандидати за судии и јавни обвинители.
Говорејќи за односот на Академијата со другите државни органи, евидентно е дека оваа установа е независна во однос на органите на државната власт. Ниту Владата ниту Собранието имаат директни ингеренции да поставуваат членови на управувачкиот орган (Управниот одбор); ниту пак тие можат да влијаат на изборот на раководниот и извршен орган-директорот. Единствено министерот за правда назначува еден член и негов заменик во Управниот одбор, но Законот ја ограничува неговата волја со тоа што прецизира дека соодветното лице мора да биде од раководните административни службеници во Министерството за правда со најмалку осум години работен стаж и позитивни резултати во работата.
Исто така, треба да се напомене дека за разлика од други установи во Република Северна Македонија, Академијата нема должност да поднесува извештај за своето работење до Собранието. Согласно со Законот, годишните извештаи за работата на Академијата ги подготвува нејзиниот директор и ги поднесува до Управниот одбор. Управниот одбор, ги усвојува најдоцна до први март во тековната година.
Оттаму, произлегува дека Академијата има широка функционална и организациска независност. Сепак, не би требало да се пренебрегне фактот дека Академијата е јавна установа чијшто примарен извор на финансии е Буџетот на Република Северна Македонија.
Останатите извори на финансирање се подароците и самостојните приходи, односно приходи од издавање публикации, реализација на обуки за други целни групи надвор од областа на правосудството и во рамки на правосудството, реализација на проекти и грантови и слично.
Со други зборови, иако Собранието како носител на законодавната власт во државата не влијае на работата на Академијата (не ги бира и контролира Управниот одбор и директорот), тоа сепак непосредно одлучува со колку средства установата ќе располага во дадена буџетска година, а со тоа de facto влијае и на нејзините капацитети. Освен тоа, како јавна установа Академијата подлежи на режимот воспоставен во Законот за вработените во јавниот сектор, така што секое вработување е условено со согласност од Министерството за финансии дека се обезбедени средства од буџетот (член 22 став 13 од Законот за вработените во јавниот сектор), а се разбира, неопходно е донесување и на годишни планови за вработување.
Што се однесува до судската власт и јавното обвинителство, тие можат да влијаат на работата на Академијата преку Управниот одбор. Имено, од неговите девет членови, четири се назначуваат од редот на судиите и четири се назначуваат од редот на јавните обвинители. Деветтиот го назначува министерот за правда.
Имајќи ја предвид ваквата поставеност на Академијата, се доаѓа до заклучок за значењето коешто го има за унапредување на капацитетите на судскиот систем, намалување на ризиците од корупција, професионалноста и независноста на судиите, интегритетот и правните познавања, со што оваа установа има значајна улога во обезбедувањето услови за спроведување на правични судски постапки и зајакнувањето на довербата на граѓаните во судството.
Согласно со ова, Академијата претставува јавна установа за прием и стручно усовршување на кандидатите за судии и јавни обвинители, континуирана обука и унапредување на стручноста на судиите и јавните обвинители, континуирана обука на стручните служби во судството и јавното обвинителство, обука на субјектите кои учествуваат во спроведување на законите од областа на правосудството, вршење на аналитичка дејност од областа на правосудната теорија и практика, органите на управувањето и финансирањето на Академијата.
Иако Академијата е функционално поврзана со судството, таа не е уставно конститутивен дел од судската власт, туку посебна институција која дејствува во фазата на пристапување кон судската и обвинителската функција. Дополнително, Академијата има надлежности и во однос на јавните обвинители, кои, согласно уставниот систем, не припаѓаат на судската власт.
Финансирањето на Академијата од судскиот буџет претставува отстапување од уставната наменетост која би требало да ја имаат овие средства, бидејќи средствата не се користат само за вршење на судската функција и функционирање на судовите, туку се користат за институција која има самостоен правен субјективитет и автономна дејност.
Со ваквото уредување, судскиот буџет се трансформира од инструмент за гарантирање на независноста на судството, во општ извор за финансирање на активности поврзани, но не идентични со судската власт, што може да е уставно проблематично.
Принципот на поделба на власта подразбира јасно функционално и институционално разграничување меѓу законодавната, извршната и судската власт. Финансирањето на институција која врши обука и селекција и за судии и за јавни обвинители, а при тоа се финансира од судскиот буџет, создава ситуација во која судската власт индиректно финансира други дејности, што ја релативизира уставната логика на поделбата на власта.
Дополнителна уставно-правна димензија произлегува од фактот што во Академијата се обучуваат и јавни обвинители. Јавното обвинителство, согласно со уставната поставеност, претставува самостоен орган, кој не е дел од судската власт. Неговото финансирање се обезбедува преку посебна буџетска програма, различна од судскиот буџет. Меѓутоа, и покрај тоа што јавните обвинители се финансираат од друга буџетска позиција, обуката и стручното усовршување на обвинителите во рамки на Академијата се покриваат со средства од судскиот буџет, без соодветно финансиско учество од буџетската програма наменета за јавното обвинителство.
Ваквата поставеност создава асиметричен модел на финансирање: судската власт, преку својот буџет, индиректно ги финансира и потребите на друг уставен субјект, кој не придонесува кон финансирањето на институцијата што ја обезбедува таа обука. Со тоа се нарушува принципот на јасно функционално и институционално разграничување меѓу носителите на јавна власт, што е суштински елемент на начелото на поделба на власта.
Особено проблематично е што трошоците за селекција, обука и усовршување на јавните обвинители – кои не се носители на судска функција – паѓаат на товар на судскиот буџет, со што се создава ситуација во која судската власт фактички субвенционира активности поврзани со друг уставен орган. Отсуството на учество во финансирањето на Академијата од страна на буџетската програма на јавното обвинителство ја засилува оваа нерамнотежа и отвора прашање за уставната оправданост на таквиот модел.
Финансирањето на Академијата од судскиот буџет има и практични уставни импликации. Судскиот буџет е ограничен ресурс, а секое негово оптоварување со дополнителни надлежности потенцијално ги намалува средствата за судовите, влијае врз материјалните услови за работа, индиректно ја засега ефективната независност на судската власт. Имено, во уставно-правна смисла, независноста не е апстрактна категорија, туку зависи и од реалната финансиска обезбеденост на судовите.
Академијата, финансирана од судскиот буџет, учествува во процеси кои имаат директно влијание врз кадровската политика во судството – селекцијата и рангирањето на идни судии. Ова создава структурен институционален ризик, при што институцијата задолжена за селекција и обука е финансиски поврзана со системот во кој кандидатите подоцна ќе бидат интегрирани. Таквата поставеност може да ја доведе во прашање перцепцијата на независност и непристрасност на целиот систем.
Имајќи го предвид карактерот на судскиот буџет како инструмент за обезбедување материјални услови за вршење на судската власт и функција, како и фактот дека Академијата за судии и јавни обвинители е посебна јавна установа со надлежности што се однесуваат и на судиите и на јавните обвинители, основано може да се постави прашањето дали законското решение со кое нејзиното финансирање се обезбедува од судскиот буџет е во согласност со член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот, според кој поделбата на државната власт е темелна вредност на уставниот поредок.
Имено, со ваквата поставеност судската власт, преку сопствениот буџет, обезбедува средства за функционирање на институција чии активности се однесуваат и на друг уставен орган – јавното обвинителство, што отвора прашање дали на овој начин се релативизира јасното функционално и институционално разграничување меѓу носителите на јавната власт.
Воедно, поврзаноста со обезбедување на материјалните претпоставки за независно вршење на судската функција, може да се постави прашањето и за согласноста на ваквото законско решение со Амандманот XXV на Уставот, со кој се утврдува дека судската власт ја вршат судовите и дека тие се самостојни и независни.
Дополнително, со оглед дека Академијата врши обука и за јавните обвинители, а јавното обвинителство согласно член 106 став 1 од Уставот е самостоен државен орган, се поставува прашањето дали финансирањето на активности поврзани со обвинителската функција од средства наменети за судската власт создава институционална нерамнотежа меѓу овие уставни органи и отстапување од уставната поставеност на нивните меѓусебни односи.
Од тие причини според Судот, основано може да се постави прашањето за согласноста на член 1 став 3 во делот „и Академијата за судии и јавни обвинители“, член 5 точка 1 алинеја 1 во делот „и директорот на Академијата за судии и јавни обвинители“ и алинеја 2 во делот „и Академијата за судии и јавни обвинители“, член 7 став 3 алинеја 6 и член 17 став 1 во деловите „и од директорот на Академијата за обука на судии и обвинители“ и „Академијата за обука на судии и обвинители,“ од Законот за судскиот буџет и член 66 став 1 во делот „преку буџетот на „Судската власт”“ од Законот за Академија за судии и јавни обвинители со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 51 и член 106 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија, како и со ставовите 1 и 2 на точка 1 од Амандманот XXV на Уставот.
V
Врз основа на претходно наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски