У.бр.65/2025, У.бр.88/2025, У.бр.95/2025, У.бр.111/2025 и У.бр.151/2025

Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.65/2025, У.бр.88/2025, У.бр.95/2025,
У.бр.111/2025 и У.бр.151/2025
Скопје, 25.02.2026 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Aктот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 25 февруари 2026 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членовите 1 и 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.75/2025).

Образложение

I

Игорчо Точев од Скопје, Љубомир Сандевски со живеалиште во Република Словенија, Темелко Ристески од Скопје, Кире Батев со живеалиште во Сојузна Република Германија, Народниот правобранител и Драгица Алексиќ и други лица со живеалиште во Република Србија, до Уставниот суд поднесоа иницијативи за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во диспозитивот на ова решение.

По повод поднесените иницијативи, во Судот формирани се предметите У.бр.65/2025, У.бр.88/2025, У.бр.95/2025, У.бр.111/2025 и У.бр.151/2025 и согласно со член 25 од Актот, Судот водеше единствена постапка и донесе една одлука.

Во иницијативата по предметот У.бр.65/2025, поднесена од Игорчо Точев од Скопје се наведува дека со измените и дополнувањата на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, објавени во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.193/2024 е додаден член 18 којшто пропишува зголемување на пензиите на 1 септември 2024 година и на 1 март 2025 година, но со изменувањето на овој закон објавено во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 75/2025, со член 3 е предвидено дека ова зголемување се однесува само на пензиите коишто се исплаќаат во Република Северна Македонија.

Подносителот смета дека со ваквото законско решение се создава нееднаквост помеѓу пензионерите на кои пензијата им се исплаќа во Република Северна Македонија и оние на кои им се исплаќа во странство. Ова од причина што статусот на пензионер не зависи од местото на исплата на пензијата, поради што сите пензионери треба да уживаат еднакви права.

Со тоа се повредува членот 9 од Уставот на Република Северна Македонија, според кој граѓаните се еднакви пред Уставот и законите.

Поради тоа, се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на член 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 75/2025) и истиот да го укине.

Според иницијативата, по повод која е формиран предметот У.бр.88/2025, поднесена од Љубомир Сандевски со живеалиште во Република Словенија, како и иницијативата поднесена од Драгица Алексиќ со живеалиште во Република Србија и други лица, се оспорува член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување и се наведува дека со оваа одредба се дискриминираат пензионерите на кои пензијата им се исплаќа во странство, бидејќи во однос на нив не се врши усогласување на мартовската пензија за 2025 година. Имено и овие лица кои се државјани на Република Северна Македонија, имаат исто право на пензија и ги уплаќале придонесите во државата.

Според наводите со ваквата одредба се повредуваат членовите 9, 27, 35, 51 и Амандманот XXXVI на Уставот, како и член 14 од Европската конвенција за човекови права и член 1 од Протоколот бр.12, со што се создава нееднаквост меѓу резидентни и нерезидентни пензионери.

Поради тоа, се предлага Уставниот суд да ја укине дискриминаторската одредба и да ги заштити уставните права на пензионерите што живеат надвор од Републиката.

Во иницијативата по предметот У.бр.95/2025, поднесена од Темелко Ристески од Скопје се оспоруваат членовите 1 и 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување и се наведува дека со истите се повредуваат член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 27 став 2, член 35 став 1 и член 51 од Уставот на Република Северна Македонија.

Според наводите, овие измени создаваат дискриминација меѓу пензионери – државјани на Република Северна Македонија на кои пензијата им се исплаќа во земјата и оние на кои им се исплаќа во странство. На пензионерите на кои пензијата им се исплаќа во странство им се одзема правото на редовно усогласување на пензиите, иако тоа право го стекнале под исти услови.

Со ваквото законско решение се повредува владеењето на правото и начелото на социјална праведност, се ограничува правото на слобода на движење (член 27) и се повредува еднаквоста пред Уставот и законите (член 9).

Поради тоа, се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на членовите 1 и 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.75/2025) и истите да ги поништи.

Во иницијативата по предметот У.бр.111/2025, поднесена од Кире Батев со живеалиште во Сојузна Република Германија се оспорува член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 75/2025), во кој е уредено дека зголемувањето на пензиите се однесува само на пензионери чии пензии се исплаќаат во Републиката.

Се наведува дека оваа измена претставува дискриминација и повреда на човековите права. Одлуките за зголемување на пензиите треба да важат за сите пензионери, без оглед на тоа каде живеат и каде ја примаат пензијата.

Дополнително, се наведува дека со оспорената одредба не се дозволува линеарно покачување на пензиите кои се исплаќаат во странство, што тоа е спротивно на Амандманот XXXVI на Уставот, со кој се предвидува дека Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство.

Поради тоа, се предлага укинување на член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 75/2025) и исплата на зголемувањата ретроактивно на сите пензионери без разлика на местото на живеење.

Во иницијативата по повод која е формиран предметот У.бр.151/2025, поднесена од Народниот правобранител, се оспорува член 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 75/2025), и се наведува дека повеќе граѓани кои живеат во странство, а примаат пензија од Република Северна Македонија, се пожалиле на дискриминација, поради тоа што со овој закон зголемувањето на пензиите се применува само за пензиите исплаќани во Републиката.

Ова создава нееднаква положба меѓу пензионерите, иако сите имаат исто право врз основа на уплатени придонеси.

Според наводите, се повредуваат член 9, член 35 и член 51 од Уставот на Република Северна Македонија.

Исто така, се наведува дека Народниот правобранител побарал од Министерството за социјална политика, демографија и млади да даде образложение за причините за дискриминаторската одредба, но од страна на ова министерство не било доставено образложение за ваквата дискриминаторска одредба.

Дополнително, Народниот правобранител истакнува дека постапувањето во согласност со член 6 и член 14 од Европската конвенција за човекови права, кои гарантираат еднаквост пред законот и забрана на дискриминација,го подржува барањето за заштита на пензионерите кои живеат надвор од државата.

Се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 3 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 75/2025) и истиот да го укине.

II

На седницата Судот утврди дека во член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.75/2025) е предвидено дека во Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.98/2012, 166/2012, 15/2013, 170/2013, 43/2014, 44/2014, 97/2014, 113/2014, 160/2014, 188/2014, 20/2015, 61/2015, 97/2015, 129/2015, 147/2015, 154/2015, 173/2015, 217/2015, 27/2016, 120/2016, 132/2016, 27/2018, 35/2018, 220/2018 и 245/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.180/2019, 275/2019, 31/2020, 267/2020, 67/2022, 79/2023 и 193/2024), во член 37 став (1) по зборот „врши“ се додаваат зборовите: „на корисници на пензија на кои пензијата им се исплаќа во Република Северна Македонија“.

Со член 3 од истиот закон е предвидено дека во Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.193/2024), во член 18 во ставот (3) по зборовите: „28 февруари 2025 година“ се додаваат зборовите: „и кои се исплаќаат во Република Северна Македонија“.

III

Во член 8 став 1 алинеи 3 и 8 од Уставот се утврдени темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија, владеењето на правото и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста.

Согласно со член 9 од Уставот граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување; имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со член 27 од Уставот се гарантира дека секој граѓанин има право на слобода на движење, да ја напушти територијата на државата и да се врати во неа.

Член 35 став 1 од Уставот пропишува дека Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.

Во точка 1 став 2 од Амандманот XXXVI на Уставот е предвидено дека Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство. Согласно со став 2 од оваа точка на истиот амандман се заменува членот 49 и Амандман II на Република Северна Македонија.

Во член 51 од Уставот се предвидува дека во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според член 110 алинeja 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

IV

Имајќи ги предвид наводите во иницијативата, содржината на оспорените одредби од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 75/2025), како и уставните одредби на кои се повикуваат подносителите, пред Судот како суштинско се поставува прашањето дали законодавецот, со тоа што усогласувањето, односно зголемувањето на пензиите го условил со тоа пензијата да се исплаќа во Република Северна Македонија, вовел нееднакво правно третирање на корисниците на пензија.

Истовремено, се поставува и прашањето дали таквото решение е спротивно на член 9 ставови 1 и 2 од Уставот, односно дали претставува дискриминација и дали е во несогласност со темелните вредности на уставниот поредок, хуманизмот, социјалната правда и солидарноста од член 8 став 1 алинеја 8 од Уставот, како и со член 1 од Уставот, според кој Република Северна Македонија, меѓу другото, е социјална држава.

Согласно со член 9 став 1 од Уставот, граѓаните се еднакви во слободите и правата независно од нивниот пол, раса, боја на кожа, национално и социјално потекло, политичко и верско уверување, имотна и општествена положба. Во конкретниот случај, оспорените одредби не воспоставуваат разлика меѓу граѓаните врз основа на некое од наведените лични својства, ниту пак ги делат корисниците на пензија според државјанство, етничка припадност, уверување или друга лична карактеристика.

Критериумот што законодавецот го користи е функционален и се однесува на начинот на реализација на конкретна мерка-зголемување/усогласување, и тоа преку условот пензијата да се исплаќа во Република Северна Македонија. Оттука, според Судот, не може основано да се прифати дека оспорените одредби воведуваат дискриминација во смисла на член 9 став 1 од Уставот, бидејќи не е воспоставена разлика заснована на уставно наведени лични основи, туку се работи за нормативно решение од доменот на социјалната политика што користи критериум поврзан со исплатата како техничко-организациски елемент на примената на мерката.

Меѓутоа, во член 9 став 2 од Уставот се утврдува и општо начело дека граѓаните пред Уставот и законите се еднакви. Ова начело ја обврзува законодавната власт, при уредувањето на правата и обврските, да обезбеди еднакво правно третирање на лица кои се наоѓаат во споредливи правни ситуации, а различно третирање е дозволено само кога е засновано на разумни и објективни причини кои произлегуваат од легитимна цел и кои се во разумна врска со мерката што се применува.

Во конкретниот случај, според Судот, иако сите корисници на пензија го стекнале правото под исти законски услови, предмет на оспорување не е самото право на пензија, ниту неговата исплата на корисниците кои живеат во странство, туку опфатот на конкретно усогласување/зголемување, при што законодавецот, интервенирал со ограничена мерка во услови на зголемени трошоци на живот, со цел заштита на животниот стандард на пензионерите.

Во тој контекст, разликувањето според критериумот „исплата во Републиката“ може да се согледа како инструмент за таргетирање на мерката кон категорија корисници чиј животен стандард непосредно е изложен на економските услови во државата и чија куповна моќ е директно зависна од домашните трошоци на живот, што претставува легитимна социјална цел во рамките на определбата за социјална држава од член 1 од Уставот и темелните вредности од член 8 став 1 алинеја 8 од Уставот.

Исто така, во иницијативите се тврди дека со оспорените одредби се повредува темелната вредност на уставниот поредок -хуманизмот, социјалната правда и солидарноста утврдена во член 8 став 1 алинеја 8 од Уставот. Според Судот, оваа уставна одредба ја изразува општата вредносна определба на уставниот поредок и претставува насока за уредување на социјалните односи, но таа сама по себе не пропишува конкретен модел на остварување на социјалната политика, ниту пак исклучува законодавецот да презема различни мерки зависно од економските и социјалните услови во државата.

Од содржината на оспорените одредби произлегува дека интенцијата на законодавецот да се изврши зголемување на пензиите во услови на зголемени трошоци на живот е во насока на заштита на животниот стандард на пензионерите. Во таа смисла, законското решение претставува мерка од областа на социјалната политика која се темели токму на идејата за социјална заштита и ублажување на економските последици врз граѓаните. Оттука, Судот оцени дека не може да се прифати стојалиштето дека со самото тоа што законодавецот го определил опфатот на оваа мерка на одреден начин се доведува во прашање темелната вредност на хуманизмот, социјалната правда и солидарноста.

Дополнително, имајќи предвид дека станува збор за интервентна мерка со ограничен домет, која не го доведува во прашање стекнатото право на пензија, ниту ја укинува исплатата на пензиите на корисниците кои живеат во странство, според Судот не може основано да се постави прашањето дали законодавецот постапил спротивно на уставната определба за социјална држава и на вредностите на социјална правда и солидарност утврдени во член 8 став 1 алинеја 8 од Уставот.

При тоа, релевантно е што оспорениот член 3 има ограничен и временски детерминиран домет, бидејќи се однесува на конкретно зголемување врзано за точно определен период, што упатува на тоа дека не станува збор за трајно исклучување од системот на пензиско усогласување, туку за интервентна законска интервенција.

Ова, според Судот, е значајно при оценувањето дали законодавецот ја надминал границата на својата уставна слобода на проценка во уредувањето на социјалната политика. Во услови кога државата, како социјална, презема мерки за заштита на стандардот на определена група граѓани во конкретна економска состојба, законодавецот располага со простор за различни модели на интервенција, при што Уставниот суд не ја заменува неговата целисходносна проценка, туку оценува дали решението е очигледно неразумно, произволно или несразмерно во однос на легитимната цел. Оттука, Судот оцени дека не произлегува таква очигледна неразумност, со оглед дека мерката е оправдана и има социјална цел, има ограничено траење (во делот на член 3) и не ја доведува во прашање основната содржина на правото на пензија.

Во однос на наводите за несогласност со член 35 став 1 од Уставот, според кој Републиката се грижи за социјалната сигурност на граѓаните и обезбедува социјална правда, Судот оцени дека оспорените одредби не го укинуваат ниту ограничуваат стекнатото право на пензија, ниту воспоставуваат мерка што ја лишува определена група пензионери од пензиска исплата.

Се работи за прашање на опфат и насочување на конкретно зголемување/усогласување како елемент на пензиската политика во даден временски и економски контекст. Оттука, според Судот, со оспорените одредби не е повредена уставната обврска за социјална сигурност и социјална правда, особено кога целта на законодавната интервенција е токму социјална заштита на животниот стандард на пензионерите.

Во врска со член 27 од Уставот, со кој се гарантира слободата на движење и слободниот избор на местото на живеење, Судот, оцени дека оспорените одредби не содржат норми што забрануваат или ограничуваат движење, ниту условуваат престој или живеење. Тие не воведуваат правна пречка за живеење во странство, ниту пак пропишуваат санкција поради таква одлука, па не може да се прифати дека се работи за ограничување на слободата на движење во уставна смисла.

Во однос на Амандманот XXXVI на Уставот, којшто упатува на грижа на Републиката за правата и интересите на државјаните кои живеат или престојуваат во странство, според Судот оваа уставна одредба ја утврдува општата обврска на државата да развива политики и механизми на заштита и поддршка, но не може да се толкува како уставна заповед секоја интервентна мерка од социјалната политика да мора, по нужност и во идентичен обем, да се примени без оглед на фактичките и економските услови во кои живеат поединечните категории државјани. Дотолку повеќе што со оспорените одредби не се укинува правото на пензија, ниту се ускратува исплатата на пензијата на лицата кои живеат во странство.

Имајќи го предвид сето наведено, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за несогласноста на член 1 и член 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.75/2025) со член 1, член 8 став 1 алинеја 8, член 9 ставови 1 и 2, член 27, член 35 став 1 и Амандманот XXXVI на Уставот.

V

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови одлучи како во диспозитивот на ова решение.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски