
Уставен суд
на Република Северна Македонија
УЗ.бр.23/2025
Скопје, 18.02.2026 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Aктот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 18 февруари 2026 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 9 ставови 3, 4, 5 и 6 од Правилникот за овластување за овластен геодет и за именик на овластени геодети („Службен весник на Република Македонија“ бр.95/2015 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.183/2019, 246/2024 и 70/2025).
Образложение
I
Игорчо Точев од Скопје, до Уставниот суд поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од актот означен во диспозитивот на ова решение.
Според наводите, истите се спротивни на член 8 став 1 алинеја 3, член 51 од Уставот и на Амандманот XX на Уставот.
Се наведува дека овие одредби навлегуваат во прашања што може да се уредуваат само со закон, односно во делот на прекршочната постапка и надлежноста на прекршочната комисија при Агенцијата за катастар на недвижности, но не и со подзаконски акт. Исто така, се наведува дека во членовите 116 и 123 од Законот за катастар на недвижности не е предвидено овластување за донесување правилник со кој ќе се уреди постапката пред прекршочниот орган.
Врз основа на наведеното, со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените одредби, а потоа истите да ги укине.
II
На седницата Судот утврди дека во член 9 став 3 од Правилникот за овластување за овластен геодет и за именик на овластени геодети („Службен весник на Република Македонија“ бр.95/2015 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.183/2019, 246/2024 и 70/2025) се предвидува дека доколку се утврди повреда на некои од одредбите од став (1) на овој член, организациониот облик од став (2) на овој член изготвува записник во кој ги констатира повредите, забелешките, изјавите и другите релевантни факти и околности со приказ на утврдената фактичка состојба. За констатираните повреди од ставoт (1) алинеи 1 и 8 од овој член, а во насока на докажување дали е сторена повредата во моментот на изготвување на геодетскиот елаборат, се приложуваат и други докази (премер, теренска скица, фотографии и друго) кои се составен дел на записникот и врз основа на истите се цени дали во времето на изготвување на геодетскиот елаборат од извршен премер, прикажаната фактичката состојба соодветствува со фактичката состојба утврдена на денот на извршената контрола, од што се констатира дали е сторен прекршокот. Во записникот се наведуваат и олеснувачките, односно отежнувачките околности, доколку ги има.
Во став 4 од истиот член е предвидено дека во зависност од утврдената фактичката состојба и утврдените повреди пропишани согласно закон, како и од оценката на олеснувачките или отежнувачките околности, овластеното службено лице ја одмерува прекршочната санкција согласно закон (опомена или глоба), односно изготвува предлог решение за одземање на овластувањето. Како олеснувачки околности се сметаат неисполнување на пропишаната обврска или со прекршокот е нанесена штета, а сторителот пред донесувањето на одлуката за прекршок ја исполнил пропишаната обврска, односно ја отстранил или ја надоместил нанесената штета или ако прекршокот е сторен за прв пат и не предизвикал штетни последици за трето лице, ниту пак бил загрозен јавниот интерес.
Согласно со став 5 од истиот член на Правилникот, во случај на утврдени олеснувачки околности, овластеното службено лице доставува предлог за опомена како прекршочна санкција до прекршочната комисија, а во случај кога се изрекува глоба како прекршочна санкција согласно закон,овластеното службено лице ја одмерува висината на глобата согласно Законот за прекршоци, поведува постапка за порамнување со издавање на прекршочен платен налог, односно прекршочна постапка до надлежен орган. Овластеното службено лице доставува до директорот на Агенцијата и предлог решение за одземање на овластувањето на овластениот геодет.
Според став 6 од овој член, прекршочната комисија, како прекршочен орган на Агенцијата, изрекува прекршочна санкција- опомена согласно Закон за прекршоците, за сторен прекршок пропишан во Законот за катастар на недвижности, ако прекршокот се состои од неисполнување на пропишаната обврска или со прекршокот е нанесена штета, а сторителот пред донесувањето на одлуката за прекршок ја исполнил пропишаната обврска, односно ја отстранил или ја надоместил нанесената штета или ако прекршокот е сторен за прв пат и не предизвикал штетни последици за трето лице, ниту пак бил загрозен јавниот интерес.
III
Владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија, согласно со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија.
Согласно со точка 1 став 1 од Амандман XX на Уставот, за прекршоци определени со закон, санкција може да изрече орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања. Според став 2 на истата точка, против конечна одлука за прекршок се гарантира судска заштита под услови и постапка уредени со закон.
Член 51 од Уставот предвидува дека во Република Северна Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Член 112 став 1 алинеи 1-12 од Законот за катастар на недвижности („Службен весник на Република Македонија“ бр.55/2013, 41/2014, 101/2014, 115/2014, 116/2015, 153/2015, 192/2015, 61/2016, 172/2016 и 64/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.124/2019, 71/2020 и 155/2024) ги предвидува случаите во кои се одзема овластувањето на овластен геодет.
Во член 116 од истиот закон се предвидува дека програмата за полагање на испитот за овластување за овластен геодет, критериумите во однос на просторните услови и материјално-техничката и информатичката опрема на просториите за полагање на испитот, начинот на бодирање на првиот и вториот дел од испитот, формата и содржината на овластувањето за овластен геодет, начинот на продолжување, потврдување, мирување, престанок и одземање на овластувањето за овластен геодет, како и формата, содржината и начинот на водење на Именикот на овластени геодети ги пропишува Управниот одбор на Агенцијата.
Член 244 став 8 од истиот закон предвидува дека доколку овластеното службено лице утврди дека овластениот геодет не постапува согласно со одредбите од членот 112 став 1 од овој закон, директорот на Агенцијата на предлог на овластеното службено лице донесува решение за одземање на овластувањето за овластен геодет. За непостапување по одредбите од членот 112 став 1 алинеи 1, 2, 3, 4, 8 и 10 од овој закон, се поведува и постапка за порамнување, односно прекршочна постапка.
Според член 250 став 10 од истиот закон, прекршочната комисија има право да изведува докази и да собира податоци кои се неопходни за утврдување на прекршокот, како и да врши други работи и презема дејствија утврдени со овој закон, Законот за прекршоците или со друг закон.
Член 251-б од истиот закон, упатува на примена на Законот за прекршоците при одмерувањето на висината на глобите на правното лице, односно на трговецот поединец, пропишани со овој закон.
Согласно со член 1 од Законот за прекршоците („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.96/2019 и 253/2023), со овој закон се уредуваат општите услови за пропишување на прекршоците и прекршочните санкции, општите услови за утврдување на прекршочната одговорност, за изрекувањето и извршувањето на прекршочните санкции и се пропишуваат прекршочните постапки.
IV
Од анализата на член 9 став 3 од Правилникот, произлегува дека со оваа одредба се уредува начинот на констатирање на повредата и документирање на фактичката состојба со што се овозможува документирање на наодите.
Во член 9 став 4 се уредува постапувањето на овластеното службено лице по утврдувањето на фактичката состојба што претставува административна фаза пред одземање на овластувањето.
Став 5 од истиот член го уредува постапувањето на службеното лице во случаи предвидени со Законот за прекршоците, а не со Правилникот.
Според став 6 од овој член, прекршочната комисија, како орган којшто ја изрекува санкцијата – опомена, согласно со Законот за прекршоците, само ја повторува законската одредба дека органот којшто е надлежен за прекршок е „прекршочниот орган“ предвиден со член 244 од Законот со што не се утврдува нова надлежност, ниту се предвидува нов вид постапка.
Од горенаведеното произлегува дека сите оспорени одредби системски ја разработуваат фазата „пред одземање овластување“, овозможувајќи документирање, оценка, предлагање и правична примена на санкции.
Наводите дека со подзаконски акт се уредува работата на прекршочната комисија, се неосновани. Ова од причина што членовите 116 и 244 од Законот за катастар на недвижности експлицитно му доделуваат овластување на Управниот одбор да го пропише начинот на одземање на овластувањето и постапката што претходи на тоа. Правилникот само ја детализира постапката на примена на Законот. Прекршочната комисија е орган којшто претходно е предвиден со закон и правилникот не доделува нови надлежности, туку ја дефинира процедурата за што има експлицитно законско овластување, поради што не може да се смета дека е спротивен на Уставот.
Во однос на наводите од иницијативата дека Законот не овластува донесување ваков правилник, Судот оцени дека се неосновани од причина што во Законот за катастар на недвижности во член 116 е содржано вакво овластување.
Согласно со претходно наведеното, Судот оцени дека неосновани се наводите дека оспорените одредби се спротивни на член 8, член 51 и Амандман XX на Уставот, туку напротив, со нив се обезбедува владеењето на правото како темелна вредност.
Имено, владеењето на правото бара постапките да бидат предвидливи и јасни, што се овозможува со оспорените ставови.
Според член 51 став 1 од Уставот, сите други прописи мораат да бидат во согласност со Уставот и со закон, што е случај со оспорените одредби бидејќи Правилникот е донесен врз основа на член 116 од Законот за катастар на недвижности.
Од гледна точка на согласноста со Амандман XX на Уставот, ниту една одредба не воведува нова санкција или нова надлежност, ниту ја менува суштината на законската рамка. Правилникот воспоставува јасна и предвидлива постапка за сите овластени геодети.
Наводите во иницијативата дека не може прекршочната комисија да изрекува опомена врз основа на правилник се неосновани. Ова од причина што член 20 од Законот за прекршоците предвидува дека прекршочните органи можат да изрекуваат опомена кога се исполнети условите за тоа.
Исто така, член 244 од Законот за катастар на недвижности изречно упатува на примена на Законот за прекршоците, а Правилникот само ја операционализира примената на тој закон во рамките на надзорот на Агенцијата. Тоа значи, Правилникот не создава нова санкција ниту нова надлежност, туку ја спроведува веќе постоечката законска рамка.
Оттука, произлегува дека Прекршочната комисија е внатрешен орган на Агенцијата, формиран согласно со Законот за прекршоците. Член 244 од Законот за катастар на недвижности доделува овластувања на Агенцијата да поведе прекршочна постапка, а Законот за прекршоците предвидува таквата постапка да се води пред комисија или овластено службено лице. Со Правилникот не се создава нов орган, туку се уредува внатрешната организација и начин на извршување на постојна законска функција.
Од уставен аспект, подзаконски акт може да уредува технички и процесни аспекти на извршување на закон, доколку тоа е предвидено со самиот закон. Во случајот, член 116 од Законот за катастар на недвижности јасно овозможува и делегира спроведување на постапката за одземање, а член 244 од овој закон, овозможува спроведување на прекршочна постапка, додека Законот за прекршоците предвидува видови санкции, меѓу кои и опомена. Правилникот само ја конкретизира формата, роковите и фазите на примена на опомената што е целосно уставно.
Врз основа на наведеното, Судот оцени дека оспорените ставови 3, 4, 5 и 6 од член 9 од Правилникот се донесени врз основа на експлицитно законско овластување дадено во член 116 од Законот за катастар на недвижности и истите се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот и со Амандман XX на Уставот на Република Северна Македонија.
V
Врз основа на наведеното, Судот, одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски