
Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.232/2024
Скопје, 04.02.2026 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Aктот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 4 февруари 2026 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 13 став 1 и членовите 15 и 16 од Законот за изменување и дополнување на Законот за основање на Државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.194/2024).
Образложение
I
Даниела Бочварска од Скопје и други, до Уставниот суд поднесоа иницијатива за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во диспозитивот на ова решение.
Според наводите, овие одредби се спротивни на член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 11, член 9, член 52 ставови 3 и 4, член 54 став 3 и Амандман ХХІ, член 61 ставови 1 и 2 и член 68 став 1 алинеја 16 од Уставот на Република Северна Македонија, како и на Амандманот ХХІ на Уставот.
Исто така, се наведува дека истите се во колизија со член 3 став 3 и член 4 ставови 1 и 3 од Законот за основање на Државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.
Во иницијативата, се наведува дека со Законот за престанување на важењето на Законот за основање на државна комисија за одлучување во втор степен од областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.194/2024) престанува да важи Законот за основање на Државна комисија за одлучување во втор степен од областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 130/2014, 53/2016 и 11/2018).
Со Законот за изменување и дополнување на Законот за основање на државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 194/2024) е сменет називот на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, предвидени се нови надлежности на истата, изменети се условите за избор на претседател и членови на Комисијата, уредена е постапката за избор на нови членови и е интервенирано во стекнатото право на мандат на постојните претседател и членови на Комисијата на начин што се утврдено дека мандатот на истите престанува со изборот на нови членови на Државната комисија.
Според наводите, со овие два закони практично се укинува постоењето на Комисијата за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка и нејзините ингеренции се пренесуваат на Комисијата за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен заедно со сите вработени кои преминуваат во Комисијата за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен. Истата сега има променет назив кој гласи: „Комисија за одлучување во управна постапка, постапка, постапка од работен однос и инспекциски надзор во втор степен“. Притоа, со измените и дополнувањата не се формира нов правен субјект, туку постоечкиот продолжува да постои.
Меѓутоа, дел од законските решенија во Законот за изменување и дополнување на Законот за основање на државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен: конкретно, член 13 став 1, член 15 и член 16 од овој закон, се спротивни на Уставот и на одредбите од Законот за основање на државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен коишто не се опфатени со овие измени.
Така, согласно со член 13 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за основање на државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, предвидено е дека Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Северна Македонија објавува јавен оглас за именување претседател и членови на Државната комисија за одлучување во управна постапка, постапка од работен однос и инспекциски надзор во втор степен согласно со овој закон најдоцна во рок од три дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.
Според наводите во иницијативата, со ваквата одредба се повредува член 61 и член 68 алинеја 16 од Уставот на Република Северна Македонија.
Во иницијативата се цитираат членовите 61, 68 и 69 од Уставот согласно кои Собранието како претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт на Републиката, е единствено коешто што носи одлуки за избор и именување на носители на јавни фунцкии, како што се претседател и членови на Државната комисија за одлучување во управна постапка, постапка од работен однос и инспекциски надзор во втор степен.
Ова нешто подразбира и дека Собранието е единствено надлежно првин да донесе одлука за утврдување на потребата за распишување на оглас за избор а потоа да ја донесе и објави одлуката за објавување на оглас за именување на претседател и членови на Државната комисија.
Понатаму, цитирани се и член 1 и член 123 ставовите 1 и 2 од Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија и се наведува дека Комисијата за прашања за изборите и именувањата е постојано работно тело основано од Собранието. Оваа комисија може само да дава предлози, односно во случајов може да достави до Собранието предлог-одлука за објавување оглас за избор на претседател и членови на Државната комисија, но не и самата да донесе и да објави одлука за избор на претседател и членови на Државната комисија.
Според наводите во иницијативата, Комисијата за прашања за избор и именување нема правен легитимитет да донесува какви било одлуки, помеѓу другото и одлука за објавување на оглас за избор на претседател и членови на Државната комисија и така донесената и објавена одлука би била спротивна на Уставот на Република Северна Македонија.
Од уставно утврдената организација на државната власт, неспорно произлегува дека Собранието како законодавен орган е единствен надлежен орган да донесува одлуки за избор и именување на носители на јавни функции, а со тоа и да донесува одлуки за објавување на оглас и истиот да го објави.
Комисијата за прашања на изборите и именувањата како работно тело може само да разгледува предлози на закони и на други акти што ги донесува Собранието, што во конкретиот случај значи дека може само да донесе предлог-одлука за објавување на јавен оглас, но не и да ја донесе одлука и да објави јавен оглас за именување на носители на јавни фунцкии. Одлуката за објавување на јавен оглас за именување на носители на јавни фунцкии ја донесува Собранието на седница, согласно со член 69 од Уставот.
Законското решение со кое оваа комисија составена од 13 члена, добива надлежност да објавува јавни огласи наместо Собранието, е спротивно на Уставот и со ваквата се поткопуваат уставните начела за владеење на правото и организација на државната власт.
Понатаму, со член 15 од Законот се врши директна повреда на принципот на владеење на правото, почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право, еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите и истиот е во колизија со постојните членови од Законот за основање на државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен и тоа со член 3 став 2, член 3 став 4 како и член 4 од овој закон кои не се опфатени со овие измени.
Понатаму, цитирани се член 3 ставови 2 и 4, член 4 ставови 1 и 4 од Законот за основање на државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен и се наведува дека од овие одредби произлегува дека согласно со Законот за основање на државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, Собранието може да именува и да разрешува претседател и членови на Државната комисија.
Нивниот мандат трае 5 години со право на повторен избор. Пред истекот на мандатот од 5 години, Собранието го разрешува претседателот или член на Државната комисија само ако се исполни некој од таксативно наброените случаи од член 4 став 1 од Законот. Во случај пак на престанок на мандатот поради истек на истиот, Собранието започнува постапка за утврдување на предлог за именување на претседател и членови најмалку три месеци пред истекот на мандатот на постојните претседател и членови.
Според наводите, со Законот за основање на државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен не е предвиден институт – престанок на мандатот по сила на закон пред редовниот истек на мандатот на претседателот и членовите кој согласно член 3 став 4 од овој закон трае 5 години. Истовремено, со истиот закон, е предвидено разрешување на претседателот или член на Државната комисија пред истек на мандатот, под точно определени таксативно наброени причини.
Оттука, применувањето на оспорениот член 15 од Законот за изменување и дополнување на Законот за основање на Државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.194/2024) во однос на претседателот и членовите на Државната комисија избрани врз основа на Законот за основање на државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен е спротивно на член 52 став 4 од Уставот на Република Северна Македонија и се дава ретроактивно дејство на законот којшто за претходно избраните претседател и членови е понеповолен. Со ова, се повредуваат темелните вредности – владеење на правото и почитување на општо прифатените норми на меѓународното право, како и принципот на правна сигурност којшто е загарантиран со член 7 став 1 од Европската конвенција за човекови права, бидејќи со ваквото законско решение се одзема стекнато право на мандат на претседател и член на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.
Во иницијативата се наведува дека оспорените законски измени се насочени кон одредена група граѓани, односно претседателот и членовите на Државната комисија избрани согласно со Законот за основање на државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, при што со оспорениот член 15 се предвидува престанок на нивниот мандат со избор на нов претседател и членови, иако станува збор за орган којшто суштински е ист, со изменет назив, со што, овие лица се ставаат во нееднаква положба.
Со иницијативата се укажува дека, согласно со член 14 од Законот за изменување и дополнување на Законот за основање на Државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос, ова тело продолжува со работа под проширеното име како Државна комисија за одлучување во управна постапка, постапка од работен однос и инспекциски надзор во втор степен.
Иако Законот предвидува дека институцијата го продолжува својот континуитет со истиот претседател и членови, спорно е што со предложените измени на постојните функционери не им се остава соодветен преоден рок за да ги исполнат новопоставените услови за избор. Наместо тоа, директно се предвидува престанок на нивниот мандат со самиот ден на изборот на нови членови, што е во спротивност со фактот дека станува збор за ист орган којшто само ги продолжува своите претходно утврдени надлежности.
Понатаму, во иницијативата се наведува дека во други случаи на изменување на условите за избор во ист закон, поинаку се третирало стекнатото право на мандат. Така на пример, кога со Законот за изменување и дополнување на Законот за основање на Државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен („Службен весник на Република Македонија“ бр.41/2014) во целост се измениле условите за избор на лица за овие две функции, при што било предвидено веќе именуваните претседател и членови пред донесувањето на овие измени, да продолжат да ги извршуваат функциите за кои се именувани до истекот на мандатот.
Понатаму, во иницијативата се наведува дека утврденото во член 15 од Законот за изменување и дополнување на Законот за основање на државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.194/2024) е спротивно на основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот и тоа во однос на владеењето на правото, еднаквоста на граѓаните пред Уставот и општоприфатените норми на меѓународното право.
Со Законот за изменување и дополнување на Законот за основање на државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос се востановува нова надлежност на постојната Државна комисија, така што истата станува надлежна и за одлучување по жалби против акти донесени во постапка по инспекциски надзор од страна на јавните органи. Меѓутоа, примената на овие измени е спорна сè додека не се изменат и матичните закони коишто го регулираат инспекцискиот надзор. Во спротивно, се загрозува уставното право на жалба против одлуките донесени во прв степен од страна на државните органи и институциите со јавни овластувања.
Според наводите во иницијативата, со оспорениот закон не е предвиден преоден рок од денот на неговото донесување до денот на стапување во сила на истиот.
Имено со член 16 од овој закон е предвидено е дека истиот влегува во сила со денот на негово објавување во „Службен весник на Република Северна Македонија“ и притоа не е предвидено ниту е извршено усогласување на материјалните закони со измените во овој закон во поглед на надлежноста за одлучување по жалби против акти донесени во постапка за инспекциски надзор.
На овој начин, се повредува правото на жалба против поединечните правни акти донесени во постапка во прв степен пред суд, управен орган или организација или други институции што вршат јавни овластувања, кое во важечките закони е предвидено со непостоечки орган и со што се засега во правата на голем број граѓани.
Имено, во иницијативата се наведува дека со оспорениот член 16 од Законот се повредува на принципот vacatio legis, од член 54 став 3 од Уставот. Имено при донесувањето на измените на Законот, Собранието на Република Северна Македонија не ја почитувало уставната обврска да овозможи преоден период за прилагодување на новиот правен режим.
Согласно со Уставот, предвиден е исклучок за споменатото правило на објавување на законите во „Службен весник на Република Северна Македонија“ најмалку осум дена пред нивно стапување во сила, но Собранието нема дадено образложение во предлог-законот за изменување и дополнување за причините и целите за тоа, зошто донесениот закон треба да влезе во сила со денот на неговото објавување.
Понатаму, во иницијативата се наведува дека престанокот на важењето на Законот за основање на Државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка и пренесување на нејзините надлежности на Државната Комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, а особено предвиденото во Законот за изменување и дополнување на Законот за основање на Државна комисија за одлучување на управна постапка и постапка од работен однос во втор степен („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.194/2024), дека измените стапуваат во сила со денот на објавување во „Службен весник на Република Северна Македонија“, без претходно да се усогласат материјалните закони кадешто е уредена надлежноста на Државната комисија, создаваат правна несигурност.
Исто така, се создава конфузија во постапката за пренесување на надлежностите, вработените, инвентарот и организаци¬јата на работата на Комисијата, со што директна последица од целиот избрзан процес е пробивањето на законските рокови по кои постапува комисијата и неможност на граѓаните на Република Северна Македонија да добијат навремени одговори по изјавените жалби како резултат на повреди на постапките од страна на првостепените органи.
Во иницијативата се наведува дека Државната комисија е единствен државен орган на ниво на цела држава која постапува во втор степен по приговори изјавени против акти од работен однос, а се однесуваат на вработените во органите на државата управа чиишто права од работен однос се уредени со lex specialis.
Оттука, надлежностите на Комисијата директно се рефлектираат врз најсензитивните егзистенционални прашања на исклучително голема категорија граѓани, пред сè вработени во здравството, органите за безбедност, пензионерите, корисниците на социјална помош и граѓаните изложени на социјален ризик.
Во дополнувањето на иницијативата од 25.11.2024 година, се наведува дека со донесувањето на измените на Законот со кој е предвидено стапување во сила во моментот на објавување на истиот во „Службен весник на Република Северна Македонија“, без притоа да биде предвиден преоден рок во којшто ќе се изврши усогласување на останатите материјални закони каде што е уредена надлежноста на Државната комисија да постапува по жалба на засегнати лица, се повредува правото на жалба коешто е гарантирано со Амандманот ХХІ на Уставот и член 6 став 1 од Конвенцијата и се ограничува правото на пристап до судот на овие лица со цел преиспитување на основаноста на предвременото прекинување на нивниот мандат.
Со посочените законски измени се задира и во легитимните очекувања на претседателот и членовите на Државната комисија, кои сметаат дека нивниот мандат нема да заврши пред истек на предвидениот рок од 5 години како што тоа е предвидено во основниот текст на Законот. Ваквата радикална промена на претседателот и членовите го руши принципот на правна сигурност бидејќи остава впечаток дека единствена причина за донесување на законските измени е настојувањето да се создаде можност за промена на претседателот и членовите што би можело да ја поткопа довербата на јавноста во независните и натпартиски државни органи.
Од сето горенаведено, се предлага, Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 13 став 1 и членовите 15 и 16 од Законот за изменување и дополнување на Законот за основање на државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.194/2024) и истите да ги поништи.
Согласно со член 37 од Актот, се предлага Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на оспорените одредби бидејќи со извршувањето би можеле да настанат тешко отстранливи последици, до донесување на конечна одлука.
II
На седницата Судот утврди дека во член 13 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за основање на Државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.194/2024), се предвидува дека Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Северна Македонија објавува јавен оглас за именување претседател и членови на Државната комисија за одлучување во управна постапка, постапка од работен однос и инспекциски надзор во втор степен согласно со овој закон најдоцна во рок од три дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.
Со член 15 од истиот закон е предвидено дека со именувањето на претседателот и на членовите на Државната комисија за одлучување во управна постапка, постапка од работен однос и инспекциски надзор во втор степен согласно со одредбите од овој закон, им престанува мандатот на претседателот и на членовите на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен кои се именувани согласно со Законот за основање на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен („Службен весник на Република Македонија“ бр. 51/2011, 148/2013, 41/2014, 130/2014, 53/2016, 11/2018 и 202/2018).
Според член 16 од истиот закон, овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
III
Според член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 11 од Уставот на Република Северна Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право се темелни вредности на уставниот поредок.
Граѓаните на Република Северна Македонија, според член 9 став 1 од Уставот се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, а според став 2 од истиот член, граѓаните се еднакви пред Уставот и законите.
Во член 52 став 3 од Уставот се предвидува дека законите влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето, а по исклучок, што го утврдува Собранието, со денот на објавувањето. Со став 4 од истиот член е предвидено дека законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.
Според член 54 став 3 од Уставот, ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.
Согласно со став 1 на точка 1 од Амандманoт XXI на Уставот се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд. Според став 2 од истата точка, правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања се уредува со закон.
Во член 61 став 1 од Уставот се предвидува дека Собранието на Република Северна Македонија е претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт на Републиката, додека со став 2 од истиот член е предвидено дека организацијата и функционирањето на Собранието се уредуваат со Уставот и со Деловникот.
Според член 68 став 1 алинеја 16 од Уставот, Собранието на Република Северна Македонија врши избори, именувања и разрешувања и на други носители на јавни и други функции утврдени со Уставот и со закон.
Согласно со член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот.
IV
Од анализата на оспорениот член 13 став 1 од Законот произлегува дека со оваа одредба се утврдува дека по влегувањето во сила на Законот ќе се објави јавен оглас за именување на претседател и членови на Државната комисија, како и дека од тој момент Комисијата ќе започне да ги применува своите надлежности за одлучување во управна постапка, постапки од работен однос и инспекциски надзор во втор степен. Целта на одредбата е јасно да се определи кога започнува примената на новиот закон и да се обезбеди непречено и навремено функционирање на Државната комисија.
Наводот дека со оваа одредба се повредува Уставот на Република Северна Македонија во деловите коишто се однесуваат на организацијата на државната власт и во делот на утврдените надлежности на Собранието на Република Северна Македонија е неоснован од причина што Комисијата за прашања на избори и именувања, како работно тело на Собранието, со објавување на јавен оглас, според Судот, не го узурпира законодавното овластување на Собранието, туку постапува во техничко-организационен дел во функција на реализација на надлежноста на истата за избор на избрани и именувани лица.
Објавувањето на оглас не претставува именување, туку подготовка на постапка за избор којшто го врши Собранието, што е во согласност со член 68 алинеја 16 од Уставот.
Со оспорениот член 15 од истиот закон, е утврдено дека со именувањето на претседателот и на членовите на Државната комисија за одлучување во управна постапка, постапка од работен однос и инспекциски надзор во втор степен согласно со одредбите од овој закон, им престанува мандатот на претседателот и на членовите на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен кои се именувани согласно со Законот за основање на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2011, 148/2013 41/2014 130/2014, 53/2016 11/2018 и 202/2018).
Од анализата на оспорениот член 15 произлегува дека овој член регулира преодна состојба и го уредува престанокот на мандатот на постојните членови на Државната комисија. Според овој член престанокот на мандатот на постоечкиот состав на комисијата настанува по автоматизам, по сила на закон (ex lege) со именување на новиот состав така што со оваа јасна преодна норма се оневозможува преклопување на функциите и се обезбедува континуитет и правна сигурност во функционирањето на институцијата.
Судот оцени дека се неосновани наводите дека оспорениот член 15 од Законот е спротивен на член 8 став 1 алинеја 3, член 9 и член 52 став 4 од Уставот. Ова од причина што овој член на експлицитен начин, меѓу другото, предвидува дека им престанува мандатот согласно со одредбите од овој закон, со што Судот оцени дека не станува збор за повреда на начелото на стекнатите права како составен дел на владеењето на правото загарантирано со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот бидејќи законодавецот изречно го уредил предвременото престанување на функцијата по сила на закон.
Исто така, Судот оцени дека се неосновани наводите во иницијативата дека со оспорената одредба се создава нееднаквост спротивно на член 9 од Уставот. Ова од причина што во конкретниот случај, престанокот е по сила на закон и важи за сите подеднакво, при што не се работи за дискриминација или ad hominem третман бидејќи новата Комисија добива нови надлежности како што е инспекцискиот надзор, и подлежи на нови критериуми за избор.
Во однос на наводите дека оспорениот член 15 е во колизија со постојните членови од Законот за основање на државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен и тоа член 3 став 2, член 3 став 4 како и член 4 коишто не се опфатени со овие измени, претставува барање за испитување меѓусебна усогласеност на одредби од ист закон, истото претставува барање коешто излегува надвор од уставно утврдените надлежности на Уставниот суд, имајќи го предвид уредувањето во член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, според кои Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.
По однос на наводите дека оспорениот член 16 од Законот е спротивен на член 52 став 3 од Уставот, е неоснован од причина што оспорениот член го определува денот на влегување во сила на Законот, а Законот стапува на сила со денот на објавување во „Службен весник на Република Северна Македонија“, што претставува исклучок од општиот vacatio legis.
Во однос на наводите за повреда на правото на жалба на граѓаните против поединечни управни акти, Судот оцени дека ваквите наводи се неосновани од причина што, со измените на Законот се предвидува преструктурирање на Државната комисија и префрлање на нејзините надлежности на новоформиран орган, без прекин во правната заштита.
Врз основа на член 14 од Законот за општата управна постапка, странката има право на правна заштита против секое управно дејствие или акт. Тоа значи дека правото на жалба останува гарантирано и нема прекин во правната заштита, а надлежноста е само пренесена од еден на друг субјект на управување.
Ова не претставува укинување на правото на жалба, туку институционална промена која не го нарушува суштинскиот пристап до второстепено одлучување и е во согласност со Амандманот ХХІ на Уставот на Република Северна Македонија. Иако во Законот не е експлицитно наведен преоден рок, постои оперативна непрекинатост во постапувањето по жалби преку новоформираната комисија. Целта на ваквиот законодавен пристап е да се спречи административна празнина и да се обезбеди правна сигурност.
Во однос на наводите за повреда на легитимните очекувања Судот оцени дека истите се неосновани. Ова од причина што легитимните очекувања, како дел од темелната вредност владеење на правото, не претставуваат апсолутна гаранција за задржување на јавна функција до истекот на предвидениот мандат.
Законодавниот орган согласно со член 68 од Уставот има право да го измени законодавството и да ја реорганизира структурата на органи на управата, дури и ако тоа резултира со престанок на постоечки мандати. Во конкретниот случај Судот оцени дека не станува збор за смена на поединци по дискреција, туку за промена во структурата и надлежноста на државниот орган, преку законски механизам.
Во такви случаи, правниот континуитет се обезбедува преку нови органи и постапки, а не преку задржување на поранешните органи во секој случај. Мандатот на именуваните лица (претседател и членови) постои само додека постои и органот во неговата законска форма. Со измените на Законот, постојниот состав на Комисијата се укинува како институционална форма, со што мандатите престануваат како последица на објективна законска промена, а не одлука со казнена природа. Принципот на правна сигурност не значи дека органите се изземени од реорганизација. Во правна држава, реформата на институции е дозволена ако е пропишана со закон, однапред позната и се применува еднакво. Во случајот, тоа е исполнето бидејќи измените се донесени транспарентно и важат општо, а не поименично.
Имајќи го предвид погоре изнесеното, Судот оцени дека оспорените одредби се во согласност со член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 11, член 9, член 52 ставови 3 и 4, член 54 став 3 и Амандман ХХІ, член 61 ставови 1 и 2, член 68 став 1 алинеја 16 од Уставот на Република Северна Македонија.
Од вака утврдената правна и фактичка состојба произлегува дека барањето за донесување решение со кое ќе се запре извршувањето на акти или дејствија преземени врз основа на оспорените членови сè до донесување конечна одлука Судот оцени дека е беспредметно, односно не се исполнети условите согласно со член 37 став 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија.
V
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение, при што Решението под точка 1 се донесе со мнозинство гласови.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски