У.бр.5/2025

Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.5/2025
Скопје, 04.03.2026 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Северна Македонија и член 39 алинеја 3 и член 72 алинеја 1 од Aктот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 4 март 2026 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВААТ член 9 став 1 во деловите „во рок од седум дена од денот на правосилноста на“ и „односно од денот на доставување на одлуката од страна на повисокиот суд“ и став 3 во делот „правосилни“, од Законот за управување со движењето на предметите во судовите („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.42/2020).

2. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

РЕШЕНИЕ

СЕ ЗАПИРА постапката за оценување на уставноста на член 9 став 1 во останатиот дел, став 2 и став 3 во останатиот дел од Законот означен во точка 1 од диспозитивот на оваа одлука.

Образложение

I

Александра Илиева-Милчова, адвокат од Скопје, до Уставниот суд, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 9 став 1 во делот „на правосилноста“, член 9 став 2 во делот „на правосилната“, член 9 став 3 во делот „за правосилни“ од Законот означен во диспозитивот на ова решение.

Уставниот суд на Република Северна Македонија, по повод поднесената иницијатива на седницата одржана на 24 декември 2025 година, го донесе Решението У.бр.5/2025 со кое поведе постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од диспозитивот на оваа одлука.

Ова од причина што основано се постави прашањето за нивната согласност со членовите 16 и 102 од Уставот на Република Северна Македонија.

II

На седницата Судот утврди дека во член 9 став 1 од Законот за управување со движењето на предметите во судовите („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.42/2020) е предвидено дека овластениот судски службеник на првостепениот суд е должен во рок од седум дена од денот на правосилноста на судската одлука, односно од денот на доставување на одлуката од страна на повисокиот суд, да ја објави на веб-страницата на судот со име и презиме на странките, односно називот на правното лице, при што се анонимизира адресата на живеалиште, односно престојувалиште или седиштето на странките, единствениот матичен број на граѓанинот или единствениот матичен број на субјектот на упис и личните податоци на сведоците и оштетените во постапката.

Став 2 од истиот член уредува дека овластениот судски службеник на повисокиот суд е должен во рок од седум дена од денот на верификацијата на правосилната судска одлука да ја објави на веб-страницата на судот.

Според став 3 од овој член, автоматизираниот систем генерира податоци за правосилни судски одлуки кои се објавуваат на веб-страницата на судот.

III

Во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, е предвидено дека владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според член 16 став 1 од Уставот се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата. Со став 2 од истиот член се гарантира слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање и слободното основање на институции за јавно информирање. Во став 3 од овој член е предвидено дека се гарантира слободниот пристап кон информациите, слободата на примање и пренесување на информации. Согласно со став 4 од истиот член, се гарантира правото на одговор во средствата за јавно информирање. Со став 5 од овој член се гарантира правото на исправка во средствата за јавно информирање. Став 6 на овој член предвидува дека се гарантира правото на заштита на изворот на информацијата во средствата за јавно информирање. Цензурата е забранета согласно со став 7 на член 16 од Уставот.

Во член 102 од Уставот на Република Северна Македонија е предвидено дека расправата пред судовите и изрекувањето на пресудата се јавни (став 1). Јавноста може да биде исклучена во случаи утврдени со закон (став 2).

Согласно со член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

IV

Од анализата на целината на член 9 од Законот за управување со движењето на предметите во судовите произлегува дека овластен судски службеник е должен во рок од седум дена да ја објави правосилната судска одлука на веб-страницата на судот. При објавувањето задолжително се врши анонимизација на адресите и матичните броеви на странките, со цел заштита на личните податоци. Објавувањето се реализира преку автоматизиран систем, а доколку јавноста била исклучена, одлуката се објавува без образложение.Членот предвидува и рокови за бришење на објавените одлуки,според кои кривичните одлуки се бришат по донесување решение за бришење на последиците од осудата, додека останатите одлуки се бришат по истек на пет години. Софтверот дозволува само печатење на документот, без можност за негова измена, копирање или понатамошна обработка, а целата постапка е детално уредена со посебно упатство.

Пред Судот како спорно се постави прашањето дали ограничувањето на јавниот пристап до објавувањето на судските одлуки на веб-страниците на судовите само на правосилните одлуки е во согласност со уставните гаранции на јавноста од член 102, слободата на информирање од член 16 од Уставот и другите релевантни уставни норми.

Член 16 од Уставот ја гарантира слободата на примање и пренесување информации. Оваа одредба има индивидуална димензија со што секој граѓанин има право да биде информиран и да прима информации од јавен карактер и општествена димензија каде јавноста како целина има легитимен интерес да биде информирана за постапувањето на органите на државната власт, вклучувајќи го и судството.

Во демократско општество, слободата на информирање не претставува само формално прокламирано уставно начело без практична примена, туку подразбира и активна обврска на државните органи да обезбедат реален и ефективен пристап до информации. Судските одлуки, коишто се донесуваат во име на граѓаните, претставуваат извор на информации од јавен интерес.

Член 102 од Уставот содржи два клучни елементи: расправата пред судот мора да биде јавна и изрекувањето на пресудите е јавно, чијашто цел е да обезбедат јавност и транспарентност во судското одлучување како начин за спречување од арбитрарност, гарантирање на владеењето на правото и унапредување на довербата во судскиот систем.

Толкувањето на цитираната уставна одредба, според Судот, не може да се ограничи само на јавноста на усната расправа и јавното изрекување на пресудата од причина што современите стандарди бараат и јавност на самите текстови на одлуките, со што јавноста може да има увид во правното резонирање на судот.

Според Судот, уставната формулација не го исцрпува опфатот на начелото „јавност“ само на двата класични сегменти, туку имајќи ги предвид современите технолошки и комукациски промени во општеството е потребна поширока и подинамична интерпретација.

Ако основната цел на ова начело е да обезбеди јавен надзор и доверба, ограничувањето на увидот само на правосилни одлуки ќе го намали контролниот ефект и ефектот врз информираноста на јавноста, што би довело до повреда на темелната вредност на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 и член 16 (слободата на информирање) од Уставот.

Нашето законодавство, поконкретно член 99 став 5 од Законот за судовите, воспоставува јасен механизам за транспарентност преку објавување на судските акти. Актуелната правна пракса налага задолжително јавно објавување на секоја правосилна одлука во законски утврдениот рок од седум дена.

Во оваа анализа, важно е да се потенцира дека постоењето на законска формулација којашто налага објавување само по правосилноста не ги исполнува уставните и европските обврски за транспарентност и јавен надзор, туку налага законодавецот да ги образложи легитимните интереси коишто се штитат и да обезбеди механизми, како што е објавување со анонимизација, објавување со ограничување на опфатот за одредени категории предмети, коишто ќе ја балансираат заштитата на приватните интереси и јавниот интерес.

Во однос на прашањето дали јавноста е сведена само на правосилните одлуки, Судот смета дека член 102 од Уставот ја утврдува јавноста на судските постапки како уставен принцип. Оттука, ограничувањето јавноста да се применува исклучиво на правосилни одлуки е несразмерно и ја нарушува уставната гаранција. Јавноста не може да се сведе на формалното читање на пресудата, туку подразбира суштински и континуиран пристап на јавноста до текот на постапката и до образложението на судот.

По однос на прашањето дали со оспорените делови од член 9 од Законот се повредува слободата на информирање загарантирана со член 16 од Уставот, Судот изрази став дека оваа одредба ја гарантира слободата на примање и пренесување информации и обврзува државните органи да обезбедат пристап до информации од јавен карактер. Судските одлуки, дури и неправосилните, имаат јавен карактер бидејќи се донесуваат во име на граѓаните. Исклучувањето на неправосилните одлуки го ограничува правото на јавноста да биде информирана за аргументите на судовите.

Судот утврди дека ограничената транспарентност дополнително ја поттикнува недовербата како сериозна закана за демократските вредности, бидејќи со ограничувањето на објавување само на правосилни одлуки се стеснува слободата на информирање и јавноста, како основна слобода, при што истото не е пропорционално и не е неопходно во едно демократско општество.

Како резултат на тоа, Судот оцени дека член 9 став 1 во деловите „во рок од седум дена од денот на правосилноста на“ и „односно од денот на доставување на одлуката од страна на повисокиот суд“ и став 3 во делот „правосилни“ од Законот за управување со движењето на предметите во судовите не се во согласност со членовите 16 и 102 од Уставот на Република Северна Македонија.

Во однос на деловите од член 9 ставови 1 и 3 и став 2 од Законот, за кои се запира постапката, Уставниот суд покрај тоа што изрази сомнеж за нивната несогласност со членовите 16 и 102 од Уставот, по поведувањето на постапката утврди дека истото било засновано врз погрешна фактичка состојба, поради што се исполнети условите за запирање на постапката согласно со член 39 алинеја 3 од Актот на Судот.

V

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на оваа одлука.

VI

Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски