
Уставен суд
на Република Северна Македонија
УЗ.бр.14/2025
Скопје, 04.02.2026 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Aктот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 4 февруари 2026 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 15 во делот „или посебен акт на работодавачот“ од Општиот колективен договор за јавниот сектор („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.154/2023).
Образложение
I
Игорчо Точев од Скопје, до Уставниот суд поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на делот од одредбата од актот означен во диспозитивот на ова решение.
Според иницијативата, со оспорениот дел од член 15 од Општиот колективен договор за јавниот сектор се овозможува додатокот на плата за работна успешност, освен со закон и колективен договор, да се утврдува и со општ акт на работодавачот, со што се остава можност за арбитрарно да се пропишуваат критериумите, без притоа да постои било каква основа за тоа во законот што не е во согласност со член 94-а од Законот за административните службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/2014, 199/2014, 48/2015, 154/2015, 5/2016, 80/2016, 127/2016, 142/2016, 2/2017, 16/2017 и 11/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.275/2019, 14/2020, 215/2021, 99/2022 и 208/2024), како и со уставното начело на владеење на правото и правната сигурност.
Врз основа на наведеното, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот дел од одредбата и да го укине. Исто така, се предлага до донесување на конечната одлука, Уставниот суд, согласно со член 37 став 1 од Актот на Судот, да донесе решение за запирање на извршување на поединечни акти или дејствија преземени врз основа на оспорениот дел на член 15 од Општиот колективен договор за јавниот сектор.
II
На седницата Судот утврди дека во член 15 од Општиот колективен договор за јавниот сектор („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.154/2023) е предвидено дека додаток на плата за работна успешност на работникот се определува врз основа на критериуми за квалитет и обем на извршената работа, креативност и инвентивност, продуктивност, економичност и заштеди во процесот на работење и користење на средствата за работа и на работното време и други мерила утврдени со закон, колективен договор или посебен акт на работодавачот.
III
Владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија, согласно со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија.
Во член 32 став 5 од Уставот е предвидено дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.
Член 51 од Уставот предвидува дека во Република Северна Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно со член 85 став 1 од Законот за административните службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/2014, 199/2014, 48/2015, 154/2015, 5/2016, 80/2016, 127/2016, 142/2016, 2/2017, 16/2017 и 11/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.275/2019, 14/2020, 215/2021, 99/2022 и 208/2024), Администра¬ти¬вниот службеник има право на плата и надоместоци на плата под услови и критериуми утврдени со овој закон, освен ако со посебен закон и со колективен договор поинаку не е уредено.
Според член 94-а став 1 од истиот закон, на администра-тивниот службеник кој е оценет со годишна оценка „А“, му се доделува надоместок за успешност во работењето во висина на платата примена во последниот месец од годината за која се вршело оценувањето, доколку во буџетот на институцијата се обезбедени средства за таа намена.
Со член 71 став 2 од новиот Закон за административни службеници („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.144/2025, 252/2025 и 266/2025), се предвидува дека aдмини¬стра¬тивниот службеник има право и на надоместоци и додатоци на плата под услови и критериуми утврдени со овој закон, освен ако со колективен договор не е поинаку уредено, при што доколку се работи за колективен договор кој го склучува буџетски корисник и единка корисник од областа на законодавната, извршната и судската власт или јавно претпријатие основано од Република Северна Македонија, потребна е согласност од органот на државната управа надлежен за изготвување и извршување на Буџетот на Република Северна Македонија, а доколку се работи за колективен договор кој го склучува единицата на локалната самоуправа или јавно претпријатие основано од единицата на локалната самоуправа потребна е согласност од Советот на општината.
IV
Од анализата на член 15 од Општиот колективен договор за јавниот сектор произлегува дека оваа одредба предвидува дека додатокот на плата за работна успешност на работникот се определува врз основа на критериуми утврдени со закон, колективен договор или посебен акт на работодавачот.
Во суштина наводите се сведуваат на наводна можност преку оспорениот дел од член 15 од Општиот колективен договор за јавниот сектор арбитрарно да се пропишуваат критериуми за утврдување на додаток за успешност на административните службеници.
Согласно со член 1 од Законот за административни службеници, предмет на овој закон се статусот, класификацијата, вработувањето, унапредувањето, стручното усовршување и оспособу-вање, мерењето на ефектот и други прашања во врска со работниот однос на административните службеници.
Според член 4 став 1 од истиот закон, со овој закон се уредува статусот и други прашања во врска со работниот однос на административните службеници.
Во став 5 на истиот член е предвидено дека за прашањата коишто се однесуваат на работниот однос на административните службеници, а кои не се уредени со овој закон, со Законот за вработени во јавниот сектор или со посебните закони и со колективните договори, се применуваат општите прописи за работните односи.
Ова значи дека Законот за административни службеници претставува основен пропис со кој се уредуваат правата, обврските и должностите на административните службеници. За прашањата што не се регулирани со овој закон, се применуваат други закони што ја уредуваат таа материја, соодветните колективни договори, како и Законот за работните односи како општ пропис што ги регулира работните односи.
Член 15 од Општиот колективен договор за јавниот сектор предвидува дека додатокот на плата за работна успешност на работникот се определува врз основа на критериуми утврдени со закон, колективен договор или посебен акт на работодавачот.
Оваа одредба може да се толкува како децентрализација на процесот на утврдување критериуми, што им овозможува на институциите да ги прилагодат критериумите за наградување на специфичните услови, потреби и цели на своето работење. Ова не е во спротивност со Законот за административни службеници, туку претставува доуредување на одредени прашања коишто се предмет на уредување на овој закон.
Во иницијативата се посочува на Законот за административни службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/2014, 199/2014, 48/2015, 154/2015, 5/2016, 80/2016, 127/2016, 142/2016, 2/2017, 16/2017 и 11/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.275/2019, 14/2020, 215/2021, 99/2022 и 208/2024) како единствен којшто го регулира надоместокот за успешност.
Меѓутоа, Законот за административни службеници во член 85 став 1 експлицитно пропишува дека административниот службеник има право на плата и надоместоци под услови и критериуми утврдени со овој закон, освен ако со посебен закон и со колективен договор поинаку не е уредено.
Имајќи ја предвид содржината на член 71 став 2 од новиот Закон за административни службеници, јасно произлегува дека, исто како и во претходното законско решение, законодавецот предвидел правен основ и со колективен договор да може да се уредуваат прашања што се однесуваат на платите и надоместоците. Таквото уредување не значи отстапување од законската рамка, туку претставува нејзина разработка и поконкретно уредување, во согласност со принципот на автономија на колективното договарање.
Член 94-а од Законот за административни службеници пропишува надоместок за успешност во работењето, кој се доделува на административен службеник оценет со „А“. Во иницијативата ова се толкува како единствен можен начин за наградување на успешност.
Сепак, треба да се направи разлика помеѓу овој надоместок и додатокот на плата за работна успешност, утврден во Општиот колективен договор. Законот за административни службеници го регулира општиот надоместок за успешност, додека колективниот договор овозможува дополнително регулирање на критериуми како квалитет, обем на работа, креативност, продуктивност и економичност, коишто не се директно поврзани со годишната оценка.
Со тоа, оспорената одредба од Општиот колективен договор не е во спротивност со член 94-а од Законот за административни службеници , туку го доуредува Законот. Оттука, произлегува дека член 94-а став 1 од Законот не забранува конкретизација на критериумите со посебен акт. Напротив, условува исплата на надомест за „успешност во работата“ врз основа на годишна оценка „А“, што е веќе регулирано со закон, а актите на работодавачот само операционализираат. Истиот закон не го исклучува колективниот договор како извор за уредување на прашања поврзани со плати.
Наводот во иницијативата за арбитрарно пропишување критериуми и нарушување на правната сигурност е неоснован од причина што актите на работодавачот мораат да бидат во писмена форма, достапни за вработените и подлежат на инспекциски надзор и судска заштита. Ова ја исклучува можноста за арбитрарно постапување и ја зајакнува правната сигурност. Работниците имаат пристап до механизми на заштита преку инспекција на труд и судски постапки.
Врз основа на наведеното, Судот оцени дека оспорениот дел од член 15 од Општиот колективен договор за јавниот сектор, којшто дозволува критериумите за додатокот на плата за работна успешност да се утврдуваат со посебен акт на работодавачот, не е во спротивност со Уставот и Законот за административни службеници.
Напротив, ваквото решение целосно се вклопува во законска рамка, имајќи предвид дека колективниот договор има изречно утврдена надлежност да уредува одделни прашања, согласно со член 85 став 1 од Законот за административни службеници. Одредбата не создава нови права или обврски, туку овозможува конкретизација на постојните, во согласност со закон и колективен договор. Со тоа се овозможува подетално уредување на прашањата за наградување, прилагодено на спецификите на секоја институција, без да се наруши правната сигурност на административните службеници.
Во однос на предлогот во иницијативата, до донесување на конечна одлука, Уставниот суд да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија преземени врз основа на оспорената одредба, Судот утврди дека не се исполнети условите од член 37 од Актот на Уставниот суд за прифаќање на ваквото барање.
V
Врз основа на наведеното, Судот, одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски