У.бр.57/2025

Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.57/2025
Скопје, 04.03.2026 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 4 март 2026 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за семејството („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.199/2023).

2. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

О б р а з л о ж е н и е

I

Драган Лазаров, адвокат од Скопје, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точка 1 од диспозитивот на ова решение.

Според иницијативата, со оспорената одредба се повредуваат член 9 и член 54 став 3 од Уставот на Република Северна Македонија.

Имено, со Законот во кој е содржана оспорената норма, се изменети и дополнети повеќе одредби од Законот за семејството, при што меѓу другото е воведен нов член 65-а со кој се предвидува можност за маж кој тврди дека е татко на детето, да може да го оспори татковството на лицето кое се смета за татко на детето, ако истовремено побара утврдување на татковството, преку тужба која се поднесува во рок од една година од раѓањето на детето.

Истовремено, со преодна одредба од истиот закон, се предвидува дека тужбата од новововедениот член 65-а, може да се поднесе во рок од една година од денот на влегувањето во сила на Законот и за дете кое до тој ден наполнило една година возраст, но не повеќе од пет години.

Во иницијативата се посочува дека со оваа законска новина се воведува можност која претходно не постоела, односно и лице кое не е претпоставен татко, но тврди дека е биолошки татко на детето, да може да поведe постапка за утврдување татковство со истовремено оспорување на татковството на лицето кое се смета за татко.

Притоа, се прави споредба со постојните одредби од Законот за семејството, особено со член 65 од овој закон, според кој брачниот другар може да го оспори татковството на детето родено за време на бракот или во рок од 300 дена по престанокот на бракот, при што тужбата се поднесува во рок од една година, како и со одредбата од истиот закон која предвидува можност Врховниот суд да дозволи продолжување на рокот ако по неговото истекување се откријат нови факти и докази дека брачниот другар не е татко на детето.

Според наводите, со оспорената одредба се ограничува можноста за поведување постапка со утврдување рок од една година од влегувањето во сила на законот и со ограничување во однос на возраста на детето, што доведува до нееднаква положба на граѓаните, и тоа како во однос на претпоставените татковци, така и во однос на децата.

На ваков начин, се нарушува начелото на еднаквост и се создава правна нерамнотежа во уредувањето на роковите за оспорување и утврдување татковство.

Во иницијативата, посебно се наведува дека од материјалите поврзани со донесувањето на Законот во кој е содржана оспорената одредба, може да се заклучи дека за овие измени коишто се однесуваат на чувствителната сфера на семејните односи, не биле вклучени и консултирани стручни лица од релевантни области како психологија, социологија, педагогија и право, ниту била спроведена јавна расправа за да се оцени влијанието врз семејствата и децата.

Исто така, се посочува дека не постојат меѓународни прописи кои го уредуваат ова прашање на ваков начин и со вакви рокови, при што се укажува и на член 40 став 1 од Уставот, според кој Републиката обезбедува посебна грижа и заштита на семејството.

II

На седницата Судот утврди дека според член 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за семејството („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.199/2023), тужба за оспорување татковство во согласност со членот 2, од овој закон со кој се додава нов член 65-а, може да се поднесе во рок од една година од денот на влегувањето во сила на овој закон за дете кое до денот на влегување во сила на овој закон наполнило една година возраст, но нема повеќе од пет години.

III

Согласно со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според член 40 став 1 од Уставот, Републиката му обезбедува посебна грижа и заштита на семејството, додека според став 2 на овој член, правните односи во бракот, семејството и вонбрачната заедница се уредуваат со закон.

Член 51 став 1 од Уставот, уредува дека во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Според став 2 на овој член, секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Член 1 од Законот за семејството („Службен весник на Република Македонија бр. 80/1992, 9/1996, 38/2004, 33/2006, 84/2008, 67/2010, 156/2010, 39/2012, 44/2012, 38/2014, 115/2014, 104/2015 и 150/2015 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 53/2021 и 199/2023), предвидува дека со овој закон се уредуваат: бракот и семејството, односите во бракот и семејството, одредени облици на посебна заштита на семејството, семејното насилство, посвојувањето, старателството, издржувањето, како и постапката пред судот во брачните и семејните спорови и постапката за изрекување на привремена мерка за заштита од семејно насилство.

Во член 2 став 1 од овој закон е уредено дека семејството е животна заедница на родители и деца и други роднини, ако живеат во заедничко домаќинство, додека според став 2 на овој член, семејството настанува со раѓање на деца и со посвојување.

Според член 3 од Законот за семејството, односите во семејството се засноваат врз рамноправност, заемно почитување, меѓусебно помагање и издржување и заштита на интересите на малолетните деца.

Согласно член 7 став 1 од истиот закон, родителството настанува со раѓање и посвојување. Според став 2 на овој член, оспорување и утврдување на родителството е дозволено под услови и на начин утврден со овој закон.

Во член 50 од овој закон е предвидено дека брачниот другар на мајката се смета за татко на детето родено за време на траењето на бракот или во рок од 300 дена по престанокот на бракот.

Потоа, согласно член 51 став 1 од овој закон, за татко на детето родено надвор од брак се смета лицето кое детето ќе го признае за свое.

Според став 1 на член 61 од Законот за семејството, за татко на детето, родено надвор од брак, ќе се смета лице кое со мајката на детето имало полови односи во време од најмалку 180 до 300 дена пред раѓањето на детето, доколку не се докаже спротивното.

Согласно со член 62 од Законот, не е дозволено утврдување на татковство на дете кое е зачнато со вештачко оплодување.

Брачниот другар може да оспорува татковство на дете кое го родила неговата брачна другарка за време на траењето на бракот или пред истекот на 300 дена од престанокот на бракот, ако смета дека не му е татко на детето, додека според став 2 на овој член, тужбата за оспорување на татковство се поднесува во рок од една година од денот на дознавањето за раѓањето, според член 64 став 1 од истиот закон.

Во член 65-а став 1 од овој закон е предвидено дека маж кој тврди дека е татко на детето може да го оспори татковството на лицето кое се смета за татко на детето ако истовремено побара утврдување татковство. Согласно со став 2 на овој член, тужбата за оспорување на татковство од ставот 1 на овој член се поднесува во рок од една година од раѓањето на детето.

Оспорување на татковство не е дозволено кога мајката, со писмена согласност на нејзиниот брачен другар, е оплодена со вештачка инсеменација, согласно член 71 од Законот за семејството.

Според член 72 од овој закон, татковство не може да се оспорува по смртта на детето.

Согласно член 75 од Законот, не е дозволено утврдување или оспорување на мајчинство и татковство во случај кога родителскиот однос настанал со посвојување.

IV

Во Законот за семејството се утврдени претпоставките кога едно лице се смета за татко на детето. Тие се разликуваат во зависност од тоа дали се однесуваат на дете родено за време на траење на бракот, по престанокот на бракот или вон брак: брачниот другар на мајката се смета за татко на детето родено за време на траењето на бракот или во рок од 300 дена по престанокот на бракот (член 50); за татко на детето родено надвор од брак се смета лицето кое детето ќе го признае за свое (член 50 став 1); и за татко на детето, родено надвор од брак, ќе се смета лице кое со мајката на детето имало полови односи во време од најмалку 180 до 300 дена пред раѓањето на детето, доколку не се докаже спротивното (член 61 став 1).

Инаку, станува збор за правни претпоставки кои под одредени услови, случаи и рокови предвидени со Законот, можат да бидат соборени (членови 64-75 од овој закон коишто се однесуваат на оспорување татковство и мајчинство).

Потоа, во Законот за семејството се утврдени субјектите кои можат да оспоруваат татковство. Така, покрај мажот кој тврди дека е татко на детето, што како можност се предвидува со новововедената одредба од член 65-а од Законот за семејството, тоа се и брачниот другар на мајката на детето, мајката на детето и самото дете. Во посебно предвидени случаи со Законот, тоа може да биде и старателот на брачниот другар на мајката (член 64 став 3) и старателот на детето (67 став 3) и тоа во двата случаи, со одобрение на центарот за социјални работи.

Исто така, овој закон утврдува и рокови во кои може да се оспорува татковството. Брачниот другар на мајката, ако смета дека не му е татко на детето што го родила неговата брачна другарка, може да го оспорува татковството за време на траењето на бракот или пред истекот на 300 дена од престанокот на бракот (член 64 став 1 од Законот).

Поднесувањето на тужбата, како правно средство за оспорување на татковството во овој случај е сврзана само со субјективен рок од една година од денот на дознавањето за раѓањето (став 2 на истиот член).

Меѓутоа, во член 65 од Законот е предвиден правен основ за оспорување на татковството од страна на брачниот другар на мајката и по истекот на пропишаниот рок од член 64 став 2 од истиот закон.

Конкретно, според ставот 1 на оваа одредба, ако по истекот на рокот за поднесување тужба од став 2 на член 64 од овој закон, се откријат факти и докази од кои произлегува дека брачниот другар не е татко на детето кое го родила неговата брачна другарка, на негово барање Врховниот суд на Република Македонија со решение може да определи нов рок за поднесување тужба за оспорување на татковство. Во однос на ова барање е пропишан рок до кога може да се поднесе, односно истото не може да се поднесе по полнолетството на детето (став 2 на член 65 од Законот).

Пред да премине на испитување на уставноста на оспорената одредба, Судот претходно утврди дали истата е исцрпена во примената, со оглед дека тоа е процесна пречка за одлучување.

Имено, ова прашање се покрена со оглед дека рокот за поднесување тужба врз основа на оваа одредба истекол заклучно со 3 октомври 2024 година.

Сепак, истек на рок утврден со одредена одредба не мора да значи и нејзино исцрпување во примената. Така, во постапките за оспорување татковство и сега постои можност оспорената одредба да биде применувана од страна на судовите како норма согласно која може да се оценува навременост и дозволеност на самата тужба како во парници што се во тек, така и во идни парници, така што во овој дел не може да стане збор за постоење процесна пречка во таа смисла.

Кај идните парници по овој основ, тоа што истекол рокот за поднесување на тужба, не значи дека се одзема правото на физичките лица да поднесуваат тужби, за кои по поднесувањето потребно е да се испитува постоење процесни пречки за водење семеен спор, а токму оспорената одредба е еден тие нормативни основи за одлучување по однос на овие прашања.

Според тоа, став на Судот е дека не постои процесна пречка за одлучување по иницијативата, од овој аспект.

Понатаму, основно прашање кое се покрена пред Судот при анализата е тоа дали со оспорената одредба, одредена група граѓани се става во повластена (поповолна) положба, без да има легитимна оправданост за тоа.

Така, со новововедениот член 65-а од Законот за семејството се утврдува можност која е новина во нашето законодавство – маж кој тврди дека е татко на детето, да може да го оспори татковството на лицето кое се смета за татко на детето, при што тоа е условено со истовремено барање за утврдување на негово татковство. Притоа, ова е временски ограничено – тужбата за оспорување може да се поднесе во рок од една година од раѓањето на детето.

Од друга страна, со оспорената одредба се дава можност вакво оспорување на татковство, да може да се покрене во рок од една година од влегувањето во сила на Законот (за изменување и дополнување во кој е содржана) и тоа за дете кое до денот на влегување во сила на истиот закон, наполнило една година, но нема повеќе од пет години.

Споредбата помеѓу двете одредби, укажува на тоа дека заедничка за нив е единствено можноста да се оспори татковство од страна на маж кој тврди дека е татко на лицето, со истовремено барање за утврдување на негово татковство.

Но, тие се разликуваат по однос на границата на возраста на детето, заклучно со која може да се бара утврдување на такво татковство – со првата, тоа е најдоцна до една година од неговото раѓање, додека со оспорената – од една година наполнета до денот на влегувањето во сила на Законот, но не повеќе од пет години.

Според тоа, има нормативна рамка согласно која, за иста правна ситуација, постојат различни услови за остварување на едно исто право, при што за една група граѓани се применува еден услов – татковството да може да се оспори до една година, додека за другите од една до пет години, услов којшто во однос на неговиот распон е поповолен во однос на првиот.

Неспорно, втората група граѓани ова право може да го оствари во определен период, утврден исто со оспорената одредба – во рок од една година од влегувањето во сила на Законот. Но, тоа не го менува фактот дека станува збор за нивно ставање во поповолна положба (макар и во определен период) и повреда на уставниот принцип на еднаквост, кој пред сè, значи еднакво постапување со еднаквите.

Во однос на законодавецот, ова значи креирање правни правила за субјектите кои се во иста правна ситуација со подеднакво важечки услови за сите. Се разбира, дозволени се исклучоци, но тоа треба да има основ во постоење легитимен интерес кој треба да има општествена оправданост. Во случајот, таквиот интерес кај оспорената одредба ниту е деклариран од страна на законодавецот, ниту пак од страна на Судот беше идентификувана некоја причина со цел да се оправда ваквото ставање во повластена положба.

Понатаму, предмет на уставно-правна анализа од страна на Судот беа и условите предвидени со оспорената одредба и тоа во делот на годините на возраст на детето во кои може да се оспорува татковството од страна на лице кое смета дека е негов татко, односно не е неговиот претпоставен татко.

Ова според Судот, не е само прашање на законодавна процена, туку вистинското прашање е дали на ваков начин се балансираат личните интереси на засегнатите лица, со потребите на правната сигурност изразена преку утврдување правни претпоставки и возраст на детето до која може да се оспорува татковството.

Во врска со ова, од уставно-правна точка, релевантни се член 40 став 1 од Уставот, според кој Републиката му обезбедува посебна грижа и заштита на семејството, додека според став 2 на овој член, правните односи во бракот, семејството и вонбрачната заедница се уредуваат со закон.

Исто така, за Судот во овој предмет прифатливи се и дел од стојалиштата изразени во двете одлуки, Одлуката У.бр.15/2001 од 19 септември 2001 година и Одлуката У.бр.153/2017 од 20 јуни 2018 година, коишто се однесуваат на правната природа на семејните односи.

Имено, во односите коишто се регулираат со Законот за семејство во целина, а посебно односите меѓу родителите и децата, основни принципи на кои се темели семејното право се принципот на еднаквоста и рамноправноста, принципот на заштита на интересите на децата и принципот на заштита на семејството.

Од друга страна се интересите на лицето кое смета дека е татко на детето и неговото право да бара да се утврди дека тој е неговиот биолошки татко и токму поради тоа Законот утврдил вакво право, што е сосем легитимно.

При уредувањето, законодавецот мора да го има предвид претходното и да го признае правото, но мора да направи и баланс помеѓу интересите на детето, претпоставениот татко и личните односи кои се воспоставуваат со неговото раѓање и заедничко живеење, со оние на лицето кое смета дека е татко на детето.

Балансот според Судот се изразува и преку утврдување на возраста на детето до која може да се оспорува татковството, но притоа треба да постои ограничување коешто треба да биде пропорционално и легитимно и да биде истовремено во интерес на самото дете.

Во таа насока, ограничувањето до една година со член 65-а од Законот за семејството ги исполнува овие претпоставки, за разлика од она во оспорената одредба кое се однесува на дете со наполнета една година до влегување во сила на измените и дополнувањата до пет години возраст што ги надминува границите на пропорционалноста и на овој начин не се обезбедува позитивната обврска на Републиката од член 40 став 1 од Уставот за обезбедување посебна грижа и заштита на семејството.

Од тие причини, според Судот, основано може да се постави прашањето за согласноста на член 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за семејството („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.199/2023) со член 9 и член 40 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија.

Во однос на наводите дека во постапката за донесувањето на Законот во кој е содржана оспорената одредба, не била спроведена јавна дискусија, потребно е првин да се изложи правното уредување кое се однесува на спроведувањето јавна дискусија во постапката за донесување закони од страна на Собранието, како и неговата уставна улога.

Освен одредбите за тоа кои се овластени предлагачи на законите, мнозинството со кое се донесуваат законите, нивното прогласување, објавување, влегувањето во сила, како и начинот на нивното прогласување, Уставот не содржи други одредби коишто детално ја уредуваат законодавната постапка.

Тоа е предмет на уредување на Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.248/2023), кој содржи посебна глава (XI. Донесување на закони и други акти, членови 139-212), во која е уредена постапката за донесување закони, каде меѓу другото, се содржани и одредби кои се однесуваат на учеството на јавноста во постапката за нивно донесување.

Согласно со член 152 став 1 од овој деловник, за предлогот на закон кој е од поширок интерес, Собранието по општата расправа, може да одлучи по тој закон да се спроведе јавна дискусија и да определи матично работно тело што ќе ја организира јавната дискусија.

Понатаму, според став 2 на овој член, барање за одржување на јавна дискусија за предлог на закон од поширок интерес може да поднесат матичното работно тело, координатор на пратеничка група и најмалку пет пратеници. Барањето во писмена форма се поднесува до претседателот на Собранието пред почетокот на седницата за општата расправа по предлогот на законот.

И на крајот, став 3 на истиот член, предвидува дека за барањето од ставот 2 на овој член одлучува Собранието.

Од анализата на изложените деловнички одредби, произлегува дека јавната дискусија не е задолжителна фаза во рамки на законодавната постапка, туку оваа фаза исклучиво зависи од самото Собрание кое одлучува за нејзино спроведување, а по повод претходно поднесено барање на овластените баратели.

Исто така, оцената за тоа дали станува збор за прашање од поширок општествен интерес е на самото Собрание, коешто преку одлуката за одржување јавна дискусија утврдува дека поднесениот предлог-закон се однесува токму на такво прашање.

Во конкретниот случај, врз основа на увидот на интернет страницата на Собранието, во делот во кој се однесува на материјалите поврзани со донесувањето на Законот за изменување и дополнување во кој е содржана оспорената одредба, се утврди дека овластените предлагачи за одржување јавна дискусија, воопшто не поднеле барање за спроведување јавна дискусија, по кое Собранието би одлучувало.

Инаку, предлог-законот е разгледуван во т.н. редовна постапка со прво и второ читање, што значи дека постоеле претпоставките за иницирање за организирање јавна дискусија, но која очигледно не била предложена да се спроведе, поради што воопшто не може да стане збор за повреда на законодавната постапка, како што смета подносителот на иницијативата.

V

Врз основа на претходно наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски