У.бр.120/2003, У.бр.145/2003 и У.бр.179/2003

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 30 март 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛААТ иницијативите за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на:

а) Одлуката за измена на регулирани цени на телекомуникациски услуги бр. 20692/1 од 24 април 2003 година на АД “Македонски телекомуникации” – Скопје, во делот во кој е утврдена висината на цената на месечната претплата по телефонски приклучок, односно член 1 точка 2 од оваа одлука и
б) Ценовникот за телекомуникациски услуги на АД “Македонски телекомуникации” – Скопје во делот во кој е утврдена цената на посебното евидентирање и пресметка на дополнително фактурирање на телекомуникациските услуги во внатрешен и меѓународен телекомуникациски сообраќај во процентуален износ од 2% од износот на дополнително фактурирање, односно точката 1.4.7.7. од овој Ценовник.

2. Ова решение ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Ванчо Николовски од Скопје, Здружението на пензионери од Штип, Томе Божиков и Цана Атанасова од Струмица, Младен Веселинов од Штип, група граѓани од Велес, АД “Македонија Турист” – Скопје, преку полномошникот Ана Софрониевска, адвокат од Скопје и Бошко Божиновски од Куманово, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актите во деловите означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата поднесена од Ванчо Николовски од Скопје месечната претплата на телефонскиот приклучок до 1 мај 2003 година, имала карактер на однапред платени одреден број импулси од страна на корисникот на телефон, кои на крајот на месецот се одземале од вкупно реализираните импулси и наплата се вршела само за разликата од остварените и претплатените импулси. Меѓутоа, со оглед на тоа што според оспорената одлука бесплатните телефонски импулси се изземени од месечната претплата и наплатата се вршела на сите остварени импулси, според овој подносител, основот за нејзино натамошно наплатување повеќе не постоел. Затоа, наплатата на месечната претплата за телефонски приклучок во овие услови претставувала еден вид јавна давачка, што било во спротивност со членот 68 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Во иницијативите поднесени од Здружението на пензионерите Штип и од Младен Веселинов од Штип се наведува дека месечнаа претплата за телефонски приклучок во висина од 340,00 денари и манипулативниот трошок од 2% на вредноста од реализираниот сообраќај што се наплатуваат преку месечните сметки за телефон биле две давачки кои се неосновани и непоткрепени со никаква економска подлога, поради што тие биле очигледен пример на монополско однесување на пазарот од страна на Македонски телекомуникации, а според членот 55 став 2 од Уставот, Република Македонија преку своите органи требало да преземе мерки за ваквото однесување.

Понатаму, во овие иницијативи се наведува дека овие давачки не можеле да се подведат под ниедна јавна давачка, а од друга страна, согласно член 68 став 1 алинеја 3 од Уставот, утврдувањето на јавните давачки било во надлежност на Собранието на Република Македонија.

Од овие причини се предлага Уставниот суд да ја преиспита уставноста на овие месечни давачки и да ги прогласи како неуставни.

Томе Божиков и Цана Атанасова од Струмица, во иницијативата предлагаат Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за пресметување и наплаќање “претплата/наемнина” и “манипулативен трошок”, бидејќи не била во согласност со начелото на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите (член 9 став 2 од Уставот), како и со начелото на еднаква вредност во давањето (член 8 став 1 од Законот за облигационите односи).

Неусогласеноста на Одлуката со начелото на еднаква вредност на заемните давања, според овие подносители, произлегува од самиот факт што износот од 340,00 денари не се наплатувал за реализирани импулси, туку како екстра давачка која што била измислена форма за собирање пари од народот и која како термин “претплата/наемнина” не се среќавала во Законот за телекомуникации.

Според нив, плаќањето на овој вид давачка во претходниот систем имало оправдување со оглед на тоа што се сметало дека тоа е некакво солидарно здружување на средства во јавното претпријатие заради модернизација, изградба на нови телекомуникациски системи, одржување на постојните и сл. и се имало чувство дека тие пари ги користи државата. Но, денес, кога АД “Македонски телекомуникации” во поголем дел се приватизирало, плаќањето на дополнителни давачки по тој основ било неодржливо. Ако се смета дека претплатата (наемнината) се плаќа заради одржување на телекомуникациските водови и сл., според овие подносители, јавниот телекомуникациски оператор тој трошок требало да го вкалкулира во цената на импулсот, а не да го обезбедува преку наплата на предвидената претплата, која не претставувала цена на услуга која се темели на трошоците на неговото работење.

Дека давателот на услугата АД “Македонски телекомуникации” како учесник во облигациониот договор не го почитува начелото на еднаква вредност на заемните давања, се гледало и од неговото монополско однесување кога еднострано вршело зголемување на оваа давачка без согласност на корисниците, или поточно тие молкум тоа го прифаќале, бидејќи АД “Македонски телекомуникации” користејќи ја монополската положба вршел исклучување на корисниците од системот.

Затоа, подносителите на оваа ииницијатива предлагаат Уставниот суд согласно член 55 од Уставот да преземе мерки против таквото монополското однесување на АД “Македонски телекомуникации” и да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука, а потоа да ја поништи.

Во иницијативата поднесена од група од шест граѓани од Велес се наведува дека месечната претплата за телефонски приклучок е противуставна бидејќи таа се наплатувала од страна на АД “Македонски телекомуникации” без каква било услуга да се даде за тие пари што, пак, од друга страна претставувало злоупотреба на нивната монополска положба што ја имаат на пазарот. Во оваа иницијатива, исто така, се предлага Судот да ја укине и одлуката за наплата на манипулативните трошоци во износ од 2% од реализираниот собраќај од причини што ова не било никаква посебна услуга, туку дел од секојдневното и редовно работење на друштвото.

Со оглед на тоа што манипулативните трошоци не биле определени во фиксен износ, еднакво за сите корисници, туку се пресметувале за секој корисник поединечно во зависност од реализираниот сообраќај, во иницијативата поднесена од АД “Македонија турист” Скопје се наведува дека на овој начин АД “Македонски телекомуникации” вовел нов вид на јавна давачка, што било спротивно на член 68 од Уставот според кој утврдувањето на јавни давачки било во надлежност на Собранието на Република Македонија.

Освен со овој член од Уставот, оспорената точка 1.4.7.7. од Ценовникот била спротивна и со членот 8 од Законот за облигационите односи кој предвидувал дека во засновањето на двострани договори учесниците тргнуваат од начелото на еднаква вредност на заемните давања. Бидејќи трошоците за изработка на сметките биле еднакви за сите корисници, со наплатувањето на овие трошоци во зависност од реализираниот сообраќај грубо се кршело ова начело од Законот.

Поради наведените причини, подносителот на оваа иницијатива предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на точката 1.4.7.7. од Ценовникот, а потоа да донесе и одлука за нејзино поништување.

На крајот, во иницијативата на Бошко Божиновски од Куманово, се наведува дека наплатата на месечната претплата за користење телефонски приклучок е неоснована и незаконска, бидејќи тој, како и други корисници своевремено ги платиле сите трошоци за инсталирање на телефонскиот приклучок. Овој подносител смета дека со наплатата на месечната претплата за телефонски приклучок се повредувал и Законот за данокот на додадена вредност со оглед на тоа што оваа претплата влегувала во основицата за пресметување на данокот на додадена вредност кој што, пак, се плаќал на промет на добра и услуги, а во конкретниот случај не се работело за промет на услуга.

4. Судот на седницата утврди дека со членот 1 од оспорената одлука се врши измена на регулираните цени на неколку телекомуникациски услуги, меѓу кои, и на цената на месечната претплата по приклучок.

Имено, во членот 1 точка 2 од Одлуката е утврдено дека цената на месечната претплата по приклучок се менува и тоа:

Претплатник физичко лице

– за единечен приклучок, од постојните 300,00 денари на 340,00 денари; (оспорен дел)
– за двојнички приклучок, од постојните 225,00 на 255,00 денари; (оспорен дел)

Претплатник правно лице

– за единечен претплатник од постојните 600,00 денари на 680,00 денари;
– за двојнички приклучок од постојните 450,00 денари на 510,00 денари.

Бесплатните телефонски импулси се изземаат од месечната претплата.

Судот на седницата, исто така, утврди дека освен овие цени, со Одлуката се менуваат цените и на други телекомуникациски услуги (кои не се оспоруваат со овие иницијативи) и тоа: цената на надоместокот за почетно приклучување на претплатник на фиксна јавна телекомуникациска мрежа (од постојните 3.100,00 денари на 1.860,00 денари); цената на импулсот во телефонскиот сообраќај (локален, национален и меѓународен) и продажната цена на чип картичките за јавните говорници. Со оваа одлука се воведува и нов пакет на телекомуникациски услуги за претплатниците физички лица, кој ги содржи елементите и цените утврдени во членот 2 од Одлуката. За одбележување е дека месечната претплата по прилучок за претплатниците на овој пакет изнесува:

– за единечен приклучок 220,00 денари;
– за двојнички приклучок 165,00 денари.

Во членот 3 од Одлуката е утврдено: “Се задолжува Секторот за маркетинг измените на регулираните цени да ги внесе во Ценовникот за телекомуникациски услуги на АД Македонски телекомуникации и да изготви пречистен текст”.

Според членот 4, оваа одлука стапува во сила со денот на нејзиното донесување, а ќе се применува од 1 мај 2003 година.

Во однос на оспорениот дел од Ценовникот за телекомуникациски услуги Судот утврди дека според точката 1.4.7.7. за посебно евидентирање и пресметка на дополнително фактурирање на телекомуникациските услуги во внатрешен и меѓународен сообраќај се пресметува 2% од износот на дополнителното фактурирање.

Судот, исто така, утврди дека во меѓувреме АД “Македонски телекомуникации” донесе нов тарифен модел за наплата на телекомуникациските услуги, со ново утврдени цени, меѓу кои е и цената, односно висината на месечната претплата по телефонски приклучок. Новите цени се утврдени со Одлуката за одобрување на методологија и сценарио за ребалансирање за 2004 година бр.33084/1 од 2 јуни 2004 година, според која новиот тарифен модел и новите цени на телекомуникациските услуги (кои се утврдени во прегледот кој е нејзин составен дел) се применуваат од 1 јули 2004 година.

АД “Македонски телекомуникации” има изготвено и нов текст на Ценовникот за телекомуникациски услуги, во септември 2004 година.

5. Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Имајќи ги предвид наведените уставни и деловнички одредби, како и тоа дека во конкретниот случај се бара оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за измени на регулирани цени на телекомуникациски услуги и Ценовникот за телекомуникациски услуги донесени од АД “Македонски телекомуникации” – Скопје, Судот утврди дека овие акти ниту според доносителот, ниту според содржината и формата, не претставуваат прописи во смисла на членот 110 од Уставот на Република Македонија.

Имено, според мислењето на Судот, оспорените акти не се прописи затоа што се донесени од акцинерско друштво, а актите на акционерските друштва според Судот не се прописи, туку по правило се автономни акти што овие друштва ги донесуваат во врска и во рамките на дејноста која е предмет на нивното работење. Во конкретниот случај тоа се акти на работење со кои се утврдуваат цени на телекомуникациски услуги кои ги дава, односно пружа АД “Македонски телекомуникации”.

Со оглед на тоа што со оспорените акти се утврдуваат само цените на телекомуникациските услуги, а не се уредуваат на општ начин никакви односи, односно тие не содржат норми и правила на однесување, според Судот произлегува дека овие акти, исто така, не содржат елементи на пропис, па затоа тие и по својата содржина не се прописи. Ова и од причина што цената на месечната претплата за телефонскиот приклучок и за т.н. манипулативни трошоци, во кои делови се оспоруваат овие акти, според Судот, не претставуваат јавна давачка, како што се тврди во некои од иницијативите, туку се цена на услуги кои како посебна тарифа се утврдени и произлегуваат од Договорот за концесија склучен помеѓу Министерството за транспорт и врски и АД “Македонски телекомуникации”, како приватно правен субјект, согласно Законот за телекомуникациите (“Службен весник на Република Македонија” бр.33/1996, 17/1998, 28/2000, 4/2002 и 37/2004), кој важеше во времето на склучување на овој договор и донесувањето на оспорените акти.

Имено, согласно наведениот закон, начинот на формирањето на цените на телекомуникациските услуги и тарифните ставови поконкретно се утврдуваа во конкурсот и во договорот за концесија. Оттука, во Договорот за концесија склучен меѓу Министерството за транспорт и врски и АД “Македонски телекомуникации”, во Прилогот кој е насловен со “Тарифирање” и е составен дел на овој договор, месечната претплата за телефонски приклучок е утврдена како посебна тарифа (цена) за користење и вообичаено одржување на приклучок на претплатник на фиксната јавна телекомуникациска мрежа. Оваа претплата всушност се плаќа како надоместок на фиксните т.е. постојните реални трошоци за ставање на располагање, односно за редовно одржување на телефонскиот приклучок на секој корисник, заради обезбедување на негов непречен, квалитетен и ефикасен пристап до јавната телекомуникациска мрежа овозможувајќи му во секое време да повикува и да биде повикан, независно дали повиците се реализираат или не.

Исто така, според Судот ниту цената за посебното евидентирање и пресметка на дополнителното фактурирање на телекомуникациските услуги за кое според Ценовникот се пресметува и наплатува 2% од реализираниот сообраќај, не претставува јавна давачка бидејќи оваа цена телефонските претплатници ја плаќаат за покривање на трошоците за изготвување и достава на сметките за наплата за користење на телекомуникациските услуги, односно за т.н. манипулативни трошоци. Затоа, оваа цена претставува дел од облигационите договори склучени меѓу давателот и корисникот на телекомуникациски услуги. Инаку, во Ценовникот посебното евидентирање и пресметката на дополнителното фактурирање на телекомуникациските услуги е утврдена под “Останати услуги”, а според Договорот за концесија се подведува под “други” телекомуникациски услуги.

Оттука, со оглед на тоа што оспорената одлука и Ценовникот ниту по доносителот, ни по нивната содржина не се прописи во смисла на членот 110 од Уставот, туку се акти на работење на АД “Македонски телекомуникации” со кои се утврдува цената на телекомуникациските услуги како елемент на облигационо-правните односи помеѓу договорните страни на тие односи, Судот утврди дека не е надлежен да ја оценува нивната согласност со Уставот и со Законот за облигациони односи, во однос на кои се оспоруваат овие акти.

6. Врз основа на изнесеното, а со оглед и на тоа што оспорените акти во меѓувреме престанале да важат, односно да се применуваат, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.120/2003
У.бр.145/2003
У.бр.179/2003
30 март 2005 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Издвоени мислења по предметот У.бр.120/2003, У.бр.145/2003 и У.бр.179/2003