202/1989-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 112 од Уставот на Република Македонија и член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, по одржаната јавна расправа, на седницата одржана на 3 јуни 1992 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за условите, начинот и постапката за продажба на општественото земјиште вон градскиот реон на град Дебар за станбена и друга изградба, донесена од Собранието на Општината Дебар, на седницата одржана на 14 април 1988 година (“Службен гласник на Општина Дебар” бр.3/88).
2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија” и во “Службен гласник на Општина Дебар”.
3. Со оваа одлука се заменува одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.202/89, донесена на 12 септември 1990 година.
4. Уставниот суд на Република Македонија, по поведената постапка од Општествениот правобранител на самоуправувањето на Општина Дебар, на седницата од 12 септември 1990 година, по одржаната јавна расправа, донесе одлука со која ја укина Одлуката за условите, начинот и постапката за продажба на општественото земјиште вон градскиот реон на град Дебар за станбена и друга изградба, донесена од Извршниот совет на Собранието на Општината Дебар, на седницата одржана на 14 април 1988 година (“Службен гласник на Општина Дебар” бр.3/88). Непосредно по доставувањето на одлуката на Судот до Извршниот совет на Собрнаието на Општината Дебар, а пред нејзиното објавување, Претседателот на Извршниот совет побара нејзино приспитување, укажувајќи дека укинатата одлука била донесена од Собрнието на општината, а не од Извршниот совет. Испитувајќи ја оваа околност Судот утврди дека укинатата одлука е донесена од Собранието на Општината Дебар на 14 април 1988 година, при што оцени дека има основи за преиспитување на својата одлука од аспект на новата фактичка состојба. Притоа, Судот ја имаше предвид и новата правна ситуација настаната со измените во законите кои ги уредуваат односите во областа на градежното земјиште и просторното и урбанистичко планирање.
5. На седницата Судот утврди дека со оспорената одлука се пропишуваат условите, начинот и постапката за продажба на општествено земјиште вон градежниот реон на град Дебар и населбите од градски карактер за изградба на семејни станбени згради и стопански објекти.
6. Според член 2 од Законот за градежното земјхиште (“Службен весник на СРМ” бр.10/79, 18/89 и 21/91) како градежно земјиште се смета изграденото и неизграденото земјиште во градовите и населбите од градски карактер и во други подрачја предвидени за станбена и друга комплексна изградба. Спорд член 9 од Законот земјиштето во градовите и населбите од градски карактер и другите подрачја предвидени за станбена и друга комплексна изградба за кои е донесен урбанистички план е на републиката. Границите на тоа опфатено земјиште со катастарски податоци за парцелите ги утврдува Собранието на општината. Согласно член 36 од Законот, градежното земјиште со кое управува Републиката го доделува на користење на физички и правни лица заради изградба на објекти, а доделувањето го врши Министерството за финансии по претходно писмено мислење на Министерството за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија. Согласно член 37 и 37-а од Законот градежното земјиште се доделува со непосредна спогодба, со јавно наддавање и со конкурс, а поблиските услови, начинот и постапката за доделување на градежното земјиште ги пропишува Владата на Република Македонија. Согласно член 3 став 1 од Законот, овластувањата на општината да уредува односи во врска со градежното земјиште се ограничени на работите кои се однесуваат на уредувањето и употребата на градежното земјиште. Според член 2 став 2 од Законот за промет со земјишта и згради (“Службен весник на СРМ” бр.36/75, 41/75, 10/79, 7/86, 51/88 и 38/91) градежните земјишта во општествена сопственост не можат да се отуѓуваат, но врз нив можат да се стекнуваат права определени со закон.
Според член 13 од Законот за земјоделското земјиште (“Службен весник на СРМ” бр.7/86, 51/88, 15/90 и 36/91) земјоделското земјиште од прва заклучно со четврта катастарска класа не може да се користи за неземјоделски намени, освен кога е тоа предвидено со просторниот односно урбанистичкиот план, а според член 14 основите на просторните и урбанистичките планови и одлуката за определување на земјиштето во градовите и во населбите од градски карактер и во другите подрачја предвидени за станбена и друга комплексна изградба (одлука за определување на градежно земјиште) се донесуваат по претходна согласност на надлежниот републички орган. Со претходна согласност, според член 15 од Законот, се определуваат и границите на населените места (селски населби) за кои не е донесен урбанистички план, односно општ акт што го заменува тој план, во чии рамки земјоделското земјиште може да се користи за неземјоделски намени.
Од изнесените законски одредби произлегува дека вопоимот градежно земјиште влегува секое земјиште (изградено или неизградено) што со просторен или урбанистички план е предвидено за станбена или за друга изградба, независно дали се наоѓа во градовите и населбите од градски карактер или надвор од нив и дека земјоделско земјиште може да стане градежно ако тоа е определено со просторен односно урбанистички план и со претходна согласност на надлежниот републички орган. Понатаму, градежното земјиште не може да биде предмет на сопственост. Тоа со закон е определено како добро од општ интерес за Републиката, кое може да биде само предмет на користење, доколку на физичкото или правното лице му биде доделено од страна на надлежниот орган. Најпосле, условите, начинот и постапката за доделување на градежното земјиште се утврдуваат со пропис на Владата, што значи дека таквото овластување за општината сосема е исклучено. Дотолку повеќе, заради неможноста градежното земјиште да биде предмет на сопственост, сосема е исклучена и можноста за утврдување услови, начин и постапка за купопродажба на градежно земјиште и од страна на Владата и од општините.
Судот утврди дека земјиштето чиј режим на промет се уредува со оспорената одлука, иако се наоѓа надвор од градското подрачје на Дебар и иако порано било земјоделско земјиште, со просторниот план на општината и со согласност на надлежниот републички орган, е пренаменето за станбена изградба, со што согласно статус на градежно земјиште. Понатаму, Судот утврди дека со оспорената одлука се уредуваат условите, начинот и постапката на продажба на градежно земјиште, со што тоа земјиште е предмет на купопродажни односи, што значи дека граѓаните со правно дело можат да стекнуваат право на сопственост врз градежно земјиште.
Со оглед на тоа што со оспорената одлука се овозможува продажба на градежно земјиште, кое според законот е надвор од прометот и врз кое може да се стекне само правото на користење, а не и правото на сопственост, Судот оцени дека таа не е во согласност со наведените уставни и законски одредби, поради што одлучи како во точката 1 од оваа одлука.