20/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, членот 71 и членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 10 мај 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување законитоста на

а) Одлуката за констатирана верификација на новоизбраните месни одбори во месните заедници во населените места на општина Долнени, донесена од Советот на општина Долнени, на седницата од 12 февруари 1999 година и

б) Заклучокот за прогласување на Одлуката за констатирана верификација на новоизбраните месни одбори во месната заедница во населените места на општина Долнени, донесен од градоначалникот на општина Долнени на 26 февруари 1999 година.

2. Д-р Кемал Хусеиновски од с. Лажани-општина Долнени, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување законитоста на актите означени под а) и б) во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата, оспорените акти биле несогласни со закон затоа што биле донесени во постапка спротивна на Законот за локалната самоуправа.

3. Судот на седницата утврди дека со оспорената одлука, се констатира дека е спроведен избор на месни одбори во месните заедници во следните населени места: Ропотово, Дебреште, Средорек, Вранче, Бело Поле, Заполжани со Кутлешево, Новоселани, Сенокос со Мало Мраморани, Десово, Долнени, Горно Село, Небрегово, Секирци, Слепче, Костинци со Сливје, Гостиражни, Стровија, Долгоец, Маргари, Зрзе, Рилево и Кошино и дека месниот одбор во Лажани е избран според Записникот од 31 јануари 1999 година.

Судот, исто така, утврди дека со оспорениот заклучок се прогласува Одлуката за констатирана верификација на новоизбраните месни одбори во месните заедници во населените места на општина Долнени.

4. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Судот, меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи со Уставот и законите. Исто така, согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.

Со оглед на тоа што оспорените акти не претставуваат прописи во смисла на член 110 од Уставот, тие излегуваат надвор од доменот на надлежноста на Судот, па согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот ја отфрли иницијативата за оценување на нивната законитост.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како под а) и б) на точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.20/2000
10 мај 2000 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков