20/1992-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 12 став 1 алинеја 4 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на република Македонија и за правното дејство на неговите одлуки на седницата одржана на 11 септември 1992 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА барањето за оценување уставноста на Општествениот договор за заедничката политика за решавање на материјалната положба и развој на дневниците информативно-политички весници во Ср Македонија (“Службен весник на СРМ” бр.43/81).
2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива со барање да поведе постапка за оценување уставноста на актот означен во точката 1 од ова решение, затоа што ги ставал во нееднаква положба весниците што постоеле во времето на неговото склучување и весниците што се појавиле подоцна, што не било во согласност со Уставот на Република Македонија.
3. На седницата Судот утврди дека со оспорениот општествен договор се утврдува заедничката политика за решавање на материјалната положба и развојот на дневните информативно-политички весници од посебен општествен интерес во СР Македонија: “Нова Македонија”, “Флака е влазримит”, “Бирлик” и “Вечер”. Судот, исто така, утврди дека врз основа на Заклучокот на Собранието на Република Македонија, донесен на седницата одржана на 31 март и 14 април 1992 година, означениот општествен договор престанал да ваши и да се применува.
Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека не постојат процесни претпоставки за одлучување по иницијативата, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.