201/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 6 декември 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 75 став 1 од Законот за радиодифузната дејност (“Службен весник на Република Македонија” бр.20/97).

2. Политичката партија “Народна волја” од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 75 став 1 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што оспорената одредба не била во согласност со повеќе одредби од Уставот бидејќи ги ограничувала граѓаните во слободата на располагањето со нивниот имот, им се наложувал начин како да ги исполнуваат своите обврски, ги спречувала своите права да ги остваруваат во судска постапка и се претпоставуваат ситуации ако тие одбијат да ја платат радиодифузната такса заедно со сметката за електрична енергија.

3. Судот на седницата утврди дека според член 75 став 1 од Законот, радиодифузната такса се наплатува со сметката за наплата на електричната енергија врз основа на евиденцијата (регистар на корисници на радио и ТВ приемници) што ја води претпријатието од член 74 став 1 на овој закон.

Исто така, Судот утврди дека постапувајќи по предметот У.бр.88/97, во кој предмет на оценување на уставноста била и оспорената одредба, со Решение У.бр.88/97 од 5 ноември 1997 година, не повел постапка за оценување уставноста на член 9 став 3 и 4, член 73, член 75 и член 77 од Законот за радиодифузна дејност. Одредбата на член 75 од Законот се оспорувала затоа што обврската за плаќање на радиодифузната такса заедно со сметката за електрична енергија претставувало законска принуда, за што немало уставен основ. Притоа, Судот тргнал од тоа дека пропишувањето на висината на радиодифузната такса, како јавна давачка, е право на законодавецот и Уставниот суд не може да навлегува во преиспитување на нејзината висина како прашање на целисходност. Исто така, начинот на нејзината наплата заедно со сметката за електрична енергија утврден во член 75 од Законот не претставува прашање на уставноста, туку прашање на техника за која се определил законодавецот во рамките на своите уставни овластувања, поради што Судот оценил дека не може да се постави прашањето за согласноста на членовите 73 и 75 од Законот со одредбите на Уставот.

Уставниот суд постапувајќи по предметот У.бр.3/98, во кој предмет на оценување биле одредбите за радиодифузна такса, повторно ја оценувал уставноста на член 75 од Законот од аспект на остварувањето на правото на жалба и со Решение У.бр.3/98 од 9 септември 1998 година, не повел постапка за оценување уставноста на членовите 70, 71, 72, 74, 75 и 76 од Законот за радиодифузна дејност. Притоа, Судот утврдил дека непосредната наплата на радиодифузната такса без посредство на поединечен акт за задолжување е посебен облик на управна постапка. Отсуството на поединечни акти за задолжување во тие случаи, според мислењето на Судот, не може и не смее да биде основ за исклучување на правото на жалба, во најширока смисла, на обврзниците кои сметаат дека наплатата на тие такси е незаконита по основ или по висина. Во тој контекст, Судот оценил дека правото на обврзниците на радиодифузна такса од став 2 на овој член да го оспорат основот за плаќање на таксата пред Јавното радиодифузно претпријатие што го води регистерот на корисници на радио и ТВ приемници, го овозможува и го вклучува во себе правото на жалба против поединечниот акт на Јавното претпријатие со кој конечно се утврдува основот за плаќање на таксата, имено, поседувањето или непосредувањето приемник. Тоа значи дека во смисла на член 75 став 2 од Законот, Јавното претпријатие ќе му достави на обврзникот решение доколку не го прифати приговорот за непоседување ТВ приемник, против кое тој може да поднесе жалба заради заштита на своите права. Поради тоа, Судот оценил дека не може да се постави прашањето за уставноста на оспорената одредба.

4. Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Тргнувајќи од фактот дека Уставниот суд постапувајќи по предметите У.бр.88/97 и У.бр.3/98 на двапати ја оценувал уставноста на член 75 од Законот за радиодифузната дејност и не повел постапка, бидејќи оценил дека оспорената одредба е во согласност со Уставот, што значи за истата работа Судот веќе одлучувал, а не наоѓа основи за поинакво одлучување, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.201/2000
6 декември 2000 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов