199/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/92), на седницата одржана на 13 декември 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 5 став 3 во делот “или други прописи”, член 6 став 1 во делот “и други прописи донесени врз основа на закон” и член 7 во делот “или друг пропис” од Законот за внатрешни работи ( ” Службен весник на Република Македонија” бр. 19/95 и 55/97 ).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од ова решение, затоа што со нив се пропишувала можност и со подзаконски пропис да се утврдувааат податоците кои претставуваат државна, воена, деловна или службена тајна (член 5 став 3), а не само со закон, како и овластување на работниците во МВР своите работи и задачи или примената на мерките и средствата на присилба да ги вршат и врз основа на подзаконски прописи (член 6 став 1 и член 7), а не само врз основа на закон, поради што тие делови од означените законски одредби не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и членовите 51 и 96 од Уставот.

3. На седницата Судот утврди дека со член 5 од Законот се уредува прашањето за известување на јавноста од страна на МВР за состојбите со внатрешните работи (ставовите 1 и 2), при што во оспорениот член 5 став 3 се определува дека “нема да се даваат информации, податоци и известувања кои претставуват државна, воена, деловна или службена тајна утврдена со закон или друг пропис.”

Понатаму, во оспорениот член 6 став 1 од Законот се предвидува дека “работниците на Министерството работите и задачите ги извршуваат во согласност со правата, должностите и овластувањата утврдени со закон и други прописи донесени врз основа на закон”, а во оспорениот член 7 од Законот се определува дека “работниците во Министерството се должни во вршењето на работите и задачите да ги штитат и чуваат животот и имотот на граѓанинот, да ги почитуваат слободите и правата на човекот и граѓаните и да ги применуваат на пропишан начин само мерките и средствата на присилба што со овој закон или друг пропис се утврдени”.

4. Според мислењето на Судот, од изнесените законски одредби произлегува дека на јавноста не се даваат оние податоци кои со закон се утврдени за државна, воена, деловна или службена тајна, како и за кои со подзаконски пропис поблиску е разработена таа материја во законските рамки и е регулиран начинот и постапката на извршување на законот. Исто така, со член 6 став 1 и член 7 од Законот се определува дека работниците во МВР ги извршуваат своите работи и задачи и ги применуваат мерките и средствата на присилба утврдени со закон, при што тоа го прават на начин и постапка регулирани со подзаконски прописи со кои се обезбедува извршување на законот. Таквото уредување на материјата – внатрешни работи, има основа во уставната положба на државната управа како орган надлежен за спроведување на Уставот и законите (член 96 од Уставот) и кој овозможува остварување на темелната вредност – владеење на правото (член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот).

Поради тоа, Судот смета дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените законски одредби со наведените уставни одредби.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У. бр. 199/2000
13 декември 2000 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов