Уставниот суд постапува по три предмети за законските измени на Законот за работни односи

Поради интерес на неколку медиуми и организации Уставниот суд информира дека постапува по три предмети поврзани со законските измени на Законот за работните односи кои се во фаза на претходна постапка, односно во тек е уставно-судска анализа и испитување на наводите. Станува збор за следните предмети:

1. У.бр. 83/2023

Подносител: Политичка партија „Левица”

Дел од наводите: Подносителот наведува дека со оспорениот акт се овозможува начинот и местото на исплата на платата на работниците кои работат на проекти од стратешко национално значење да се уреди со подзаконски акт донесен од министерот за финансии, во согласност со министерот за труд и социјална политика, што според подносителот е спротивно на Уставот.

2. У.бр.96/2023

Подносител: Хелсиншки комитет за човекови права

Дел од наводите: Се наведува дека со оспорените членови се напушта нивотo на заштита кое го нудат позитивните законски прописи и меѓународните конвенции и е обид да се наметне механизам за заобиколување на веке поставените правила. Подносителите наведуваат дека се создава опасност од нееднаков третман на работниците и дискриминација од страна на министерот за финансии кој  во согласност со министерот за труд и социјална политика, го пропишува начинот и местото на исплата на работниците кои работат на проекти од стратешко национално значење утврдено со закон.

3. У.бр.111/2023

Подносител: Сојуз на синдикатите на Македонија

Дел од наводите: Според наводите во иницијативата оспорениот акт ги нарушува принципите на еднакви права од работен однос на работниците, создава правна нееднаквост и несигурност што е во спротивност на принципите на Уставот на државата, односно спротивно на меѓународните трудови стандарди, законите од трудово правната област, Законот за спречување и заштита од дискриминација и колективните договори.

Уставниот суд претходно извести за иницијативите и наводите со кои се оспоруваат овие законски измени. Согласно деловничките одредби кои произлегуваат од членот 21 за предметите се води единствена постапка, односно ќе биде донесена една одлука за сите предмети. Предметите ќе бидат ставени на дневен ред откако ќе заврши претходната постапка и ќе биде предложен реферат со предлог по кој ќе се дискутира и гласа. И за оваа фаза од постапката јавноста ќе биде навреме информирана.