Од 7 до 10 мај 2008 година Уставниот суд на Црна Гора во полн состав (претседателот на Судот д-р Милан Марковиќ и пет судии) престојуваше во посета на Уставниот суд на Република Македонија. Оваа посета беше прва официјална билатерална средба на уставните судови на двете земји по нивното осамостојување.
За време на посетата беше остварена работна средба во Уставниот суд на Република Македонија на која беа разменети искуства во поглед на остварувањето на уставноста и законитоста во Република Македонија и во Црна Гора, работата на уставните судови и специфичностите во остварувањето на надлежностите на двата уставни суда.
За време на посетата, делегацијата на Уставниот суд на Црна Гора беше примена од страна на Претседателот на Република Македонија Н.Е. Бранко Црвенковски на која тој беше известен за активностите на Уставниот суд на Црна Гора во заштитата на уставноста и законитоста, како и за соработката помеѓу двата суда.
Делегацијата на Уставниот суд на Црна Гора, исто така, оствари средба со потпретседателот на Владата на Република Македонија г-дин Живко Јанкуловски и претседателот на Заедницата на единиците на локалната самоуправа и градоначалник на општина Карпош г-дин Андреј Петров.
За време на посетата делегацијата на Уставниот суд на Црна Гора придружувана од претсесдателот на Уставниот суд на Република Македонија д-р Трендафил Ивановски оствари средба и со Амбасадорот на Црна Гора во Република Македонија г-дин Душан Лалчевиќ.
Покрај работниот дел и остварените контакти судиите на Уставниот суд на Црна Гора ги посетија и културно-историските споменици во античкиот град Стоби како и градот Охрид.