Судот не поведе постапка за законските измени за Законот за плати на судиите и за платите на членовите на Судскиот совет

Уставниот суд денеска одлучи да не поведе постапка за да ги оценува законските измени на Законот за плати на судиите и Законот за платите на членовите на Судскиот совет. 

За Уставниот суд неприфатливи се наводите на Судскиот совет и Здружението на судии со кои се тврди дека се загрозува независноста и самостојноста на судството. 

Според Судот не се неуставни измените донесени на 29 февруари годинава, со кои беа намалени коефициентите за пресметување на платите за 13 проценти, или поконкретно коефициентите кои се множат со просечната плата се движеа од 2.8 до 3..7 сега се намалени во распон од 2.43 до 3.21. 

Судот ги ценеше фактите за намалување на коефициентите, но го зема во предвид и пресметаниот пораст на просечната плата и од анализата произлегува дека судиите и членовите на судскиот совет  нема да им бидат намалени платите, туку зголемена за неколку стотина денари. 

Според Судот тие и натаму земаат плата што одговара на нивниот статус улога и дигнитет, и нивната материјална состојба не е влошена, ниту е загрозена материјалната сигурност, бидејќи тие влегуваат во групата на јавни функционери кои примаат највисоки плати во државата. 

Судот цени дека намалувањето на коефициентите е извршено врз основа на закон, што значи дека се неосновани наводите дека се прави упад во судската власт бидејќи Собранието е надлежно да ги носи законите.