Претседателката на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Добрила Кацарска, денес оствари протоколарна средба со Амбасадорката на Сојузна Република Германија во Република Северна Македонија, Н.Е. Анке Холштајн.
На средбата, претседателката на Судот, Добрила Кацарска, ја запозна амбасадорката со надлежностите и работата на Уставниот суд на Република Северна Македонија, како и за соработката со германската фондација за меѓународна правна соработка – ИРЗ и во тој контекст, го посочи огромното значење на проектот „Воведување на уставна тужба во Република Северна Македонија “ со акцент на унапредување на работата на Уставниот суд и носење на соодветна законска регулатива.
Амбасадорката Холштајн, изрази оптимизам за идната соработка и ја искажа подготвеноста на Владата на Сојузна Република Германија преку Фондацијата ИРЗ и Амбасадата на Сојузна Република Германија во Република Северна Македонија, да го поддржи проектот за унапредување на работата на Уставниот суд, прилагодување на проектот кон потребите на Уставниот суд, особено во делот на воведувањето на уставната тужба.
Претседателката Кацарска ја запозна амбасадорката за актулните проблемите со кои се соочува Уставниот суд, за пополнување на испразнетите места на уставни судии, зголемување на работните простории за Судот, за итна потреба од донесување на посебен Закон за Уставниот суд со што би се остварила целосна финансиска и административна независност на Судот, воздигнување на статусот на уставните судии, како и статусот на Стручната служба на Уставниот суд.
На крајот на средбата. Претседателката Кацарска истакна дека за време на нејзиниот мандат ќе се залага за подигнување на довербата на граѓаните во Судот, преку целосно почитување на принципот на владеење на правото и носење на издржани одлуки, во согласност со Уставот и законите.