Соопштение по повод средбата на Претседателот на Уставниот суд, Сали Мурати, со Амбасадорот на Европската Унија, Н.Е. г-дин Самуел Жбогар

На средбата одржана денес помеѓу претседателот на Уставниот суд, Сали Мурати и Амбасадорот на Европската Унија, Н.Е. г-дин Самуел Жбогар, Шеф на Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија, предмет на разговор беа теми кои се однесуваат на функционирањето на Судот како независен и самостоен орган на Републиката кој ја штити уставноста и законитоста.

Во таа насока беше истакната потребата од донесување на соодветна правна рамка што би значело гарантирање и остварување на институционалната, буџетската и административната самостојност на Судот, како и унапредување на статусот на уставните судии, како едни од предусловите за зацврстување на нивната независност.

Покрај ова, беше потенцирана потребата од натамошно унапредување на улогата на Уставниот суд, како заштитник на слободите и правата на човекот и граѓанинот, преку проширување на опсегот на уставно-судска заштита на сите уставно предвидени слободи и права со воведување на нов инструмент – уставна тужба.

Како можно решение во оваа насока беше посочено на потребата од донесување на посебен Закон за Уставниот суд, со кој би биле опфатени сите овие прашања.

Од страна на амбасадорот на ЕУ, беше искажана поддршка во напорите за унапредување на статусот на Судот, како еден од столбовите на владеењето на правото и заштитата на слободите и правата на човекот и граѓанинот.