Соопштение по одржаната 18. седница на Уставниот суд

Уставниот суд ја одржа 18. седница на 10.05.2023 година на која беа разгледани четири иницијативи за оценување на уставност и законитост и две барања за заштита на слободи и права и беше одлучено следното: 

1. Реферат У.бр.22/2020 и У.бр.231/2020

Не се поведува постапка за оценување на уставноста на член 110 од Законот за Јавното обвинителство („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.42/2020).

Повеќе детали за ова решение може да прочитате тука

Подносители на иницијативите: Здружението „Светски македонски конгрес“ од Скопје и Влатко Илиевски, адвокат од Скопје.

2.Реферат У.бр.17/2023

  1. Нe се поведува постапка за оценување на уставноста на членовите 6, 7, 8, 9, 10, 11, 12, 13, 14, 15 и 16 од Законот за трансформација во редовен работен однос („Службен весник на Република Македонија” број 20/2015 и 44/2015).
  2. Се отфрла иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 1, 2, 3, 4 и 5 од истиот закон. 

По однос на точката 2, иницијативата беше отфрлена од причина што овие одредби се исцрпени во својата примена и постојат процесни пречки за одлучување по истите. 

Подносител на иницијативата: Државна комисија за спречување на корупција

3.Реферат У.бр.22/2023

Не се поведува постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.239/2022).

Повеќе информации за овој предмет може да прочитате тука

Подносител на иницијативата: м-р Зоран Стојановски, адвокат 

4.Реферат У.бр.14/2023

Рефератот по овој предмет беше повлечен од дневниот ред поради доработка и ќе се разгледува на некоја од наредните седници.

5.У.бр.59/2023

Се отфрла иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за усвојување на барање бр.08-140/1, донесена од Советот на Општина Македонска Каменица на ден 15.03.2023 година („Службен гласник на Општина Македонска Каменица“ бр.20/2023 од 28.03.2023 година).

Судот оцени дека оспорената одлука нема карактер на пропис во смисла на членот 110 од Уставот и претставува конкретен, поединечен акт со кој се усвојува барање за надомест на штета како последица на пожар и поради тоа барањето за оцена на нејзината уставност и законитост излегува надвор од утврдените надлежности на Уставниот суд од член 110 алинеја 2 од Уставот. 

Подносител: Димчо Атанасовски, градоначалник на Општина Македонска Каменица.

Реферат У.бр.137/2021

  1. Се одбива барањето на Живко Јаќимовски од Скопје за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија што се однесуваат на заштита на слободата на уверувањето, мислата и јавното изразување на мислата по основ на социјална припадност повредени со Решение од 19 февруари 2021 година на Основниот суд Куманово и Решение од 19 мај 2021 година на Апелациониот суд од Скопје.

Судот оцени дека наведените пресуди не содржат елементи на дискриминација по основ на социјална припадност како што наведува подносителот. 

  1. Се отфрла барањето на Радица Јакимовска од Скопје за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија што се однесува на заштита на слободата на уверувањето, мислата и јавното изразување на мислата по основ на социјална припадност. 

Судот утврди дека не се исполнети процесните претпоставки за постапување по барањето со оглед дека подносителката на барањето не била странка во постапките во кои се донесени судските акти од точката 1, туку сведок.  

Подносители: Живко Јаќимовски и Радица Јакимовска од Скопје застапувани од Бенита Белешкова, адвокатка од Скопје.

Реферат У.бр.9/2021

Се одбива барањето на Валентина Тошиќ Мишевска, адвокат од Куманово за заштита на слободите од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија што се однесуваат на заштита на слободата на мислата и јавното изразување на мислата. 

Напомена: Подетални информации во врска со предметите по кои е одлучувано ќе има во текстовите на одлуките и решенијата.