Соопштение по одржаната 13. седница на Уставниот суд

Уставниот суд денеска ја одржа 13. седница со дневен ред на кој се дискутираше по две иницијативи за оценување на уставност и законитост и две барања за заштита на слободи и права и одлучи:

  1. Реферат У.бр.118/2022

Судот одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста на член 32 од Законот за даночна постапка, бидејќи не може основано да се постави прашањето за согласноста на оваа одредба со член 8 став 1 алинеи 3 и 6, член 30 и член 50 од Уставот на Република Северна Македонија.  

Меѓу другото, во иницијативата се наведува дека причината поради која е оспорена оваа одредба, била тоа што управителот на правното лице не можел да го плаќа преостанатиот даночен долг на друштвото, бидејќи не бил основач на истото и не можел да одговора со неговиот личен имот во име на тоа друштво за неговиот долг кон државата. Потоа, се наведува дека со оспорената одредба можела да задира само во сопственоста на правното лице и само содружниците можеле да бидат одговорни во рамките на нивните удели, а не да се задира во личниот приватен имот, сопственост на физичкото лице со својство на управител. 

Подносител: Јордан Апостолски, адвокат од Скопје

  1. Реферат У.бр.110/2022, У.бр.111/2022, У.бр.112/2022 и У.бр.124/2022

Ја отфрли иницијативата за Одлуката за превземање на мерка во услови на постоење на кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија. 

Оспорената одлука нема карактер на пропис со кој се уредуваат односи помеѓу неопределен број на субјекти на општ начин,

Подносител: Борче Јовчески, градоначалник на Општина Прилеп, ЗЕЛС, Марко Колев- градоначалник на Велес, Ацо Ристов- градоначалник на Радовиш. 

Реферат У.бр.20/2022

Со оспорените одредби од Законот за заштита на експлозивни материи се повредува член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот бидејќи содржат повикување на непостоечка правна норма и непостоечки орган, а таквиот недостаток доведува до правна забуна во примената на одредбите, како за органот кој го издава одобрението така и за лицето кое бара вакво одобрение. Предвидувањето со подзаконски пропис, а не со закон да се определуваат прекршоци и за тие прекршоци од страна на Министерството за економија и Министерството за внатрешни работи да се пропишуваат казни со поблиски прописи не е во согласност со Амандманот XX на Уставот, кој определил само со закон, но не и со други поблиски прописи да се предвидуваат прекршоци и соодветни санкции. 

Реферат У.бр.43/2022

Го отфрли барањето за заштита на слободи и права на Анита Галевски поради непостоење на процесни претпоставки за судот да се впушти во суштината на барањето. 

Оспорено: Решение од 17.02.2022 година од Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.

Реферат У.бр.137/2021

Предметот е повлечен од дневен ред поради техничка доработка на рефератот и ќе биде ставен повторно на некоја од наредните седници. 

Оспорен: Решение број IV П1 65/20 од 19 февруари 2021 година  на Основниот Куманово и  Решение ГЖ-1.бр.1627/21 од 19 мај 2021 година на Апелациониот суд од Скопје,

Подносители: Живко Јаќимовски и Радица Јаќимовски застапувани од Бенита Белешкова, адвокатка од Скопје.