Соопштение по повод средбата на Претседателот на Уставниот суд, Сали Мурати, со Амбасадорот на Француската Република, Н.Е. г-дин Кристиан Тимоние

Претседателот на Уставниот суд на Република Северна Македонија Сали Мурати, денес 18.11.2019 година оствари средба со Амбасадорот на Француската Република во Република Северна Македонија, Н.Е. г-дин Кристиан Тимоние. На средбата беа разменети мислења и информации, како и беа разгледани можностите за продлабочување на соработката помеѓу уставните судови на двете земји. Во тој контекст претседателот Сали Мурати упати покана до претседателот на Уставниот Совет на Франција, господин Лорен Фабиус за посета на Република Северна Македонија и ја потенцираше подготвеноста за почести контакти и размена на мислења и искуства помеѓу двата уставни суда.

„Во најкраток временски рок, Уставниот суд ќе ги преземе сите неопходни мерки и активности за враќање на Уставниот суд како членка во Асоцијацијата на уставните судови кои го употребуваат францускиот јазик (АCCPUF)“ посочи претседателот Мурати, што беше поздравено од амбасадорот Тимоние.

На интерес на амбасадорот, претседателот Сали Мурати го запозна со предизвиците со кои се соочува Уставниот суд на Република Северна Македонија кои влијаат не само на кредибилитетот на Уставниот суд туку и на секојдневните активности.

“Уставниот суд треба да си го заземе местото кое му припаѓа во нашиот уставно-правен поредок. За таа цел неопходно е неодложно на Уставниот суд да му биде обезбедена финансиска и административна независност, да се унапреди статусот на Судот и на уставните судии, како и на Стручната служба на Судот, да се актуелизира потребата од воведување на уставна тужба со што ќе се зголеми корпусот на човековите права и слободи кои ќе бидат под уставно судска заштита“ – наведе претседателот на Судот, Сали Мурати.

Потребата од вакви реформи не е само оценка на Уставниот суд, туку, ваквата потреба е нотирана и во извештаите на Европската Унија и нејзини експерти, Венецијанската комисија и други меѓународни експертски анализи“ нагласи претседателот Мурати, дополнувајќи дека „тоа се предуслови за зголемување на кредибилитетот на Уставниот суд и зголемување на довербата на граѓаните во него.“

Амбасадорот Тимоние упати честитки за изборот на Сали Мурати за претседател на Уставниот суд на Република Северна Македонија и го поздрави најавениот ангажман и планираните активности кои треба да водат кон зголемување на угледот на Уставниот суд како исклучително важна институција која треба да обезбеди владеење на правото и заштита на човековите слободи и права. „Франција е подготвена како и во останатите сегменти да ги поддржи и неопходните реформи и во Уставниот суд на Република Северна Македонија. Многу очекуваме од Уставниот суд бидејќи многу добивме од Уставниот совет на Франција кој има голема улога во судството и во либерализацијата и треба да остане секогаш „пластичен“ да се моделира и да одговара на барањата на граѓаните во една стабилна рамка, но истовремено почитувајќи ги законските норми. Во овој момент во Европа се прават огромни промени, како на пример, објавувањето на нонпејперот (Non-paper) на Франција во кој се порачува како основа на проширувањето да биде правната држава со централно место во овој документ за кој е потребно вклучување на сите институции за една единствена соработка“ – нагласи амбасадорот Кристиан Тимоние.