ЗАКЛУЧОЦИ од Регионалната конференција на уставните судови на тема:„Независност на уставните судови“, Охрид, 10-13 јуни 2010 година

– Уставните судови се тековина на современите демократски општества; нивната мисија е да ги обезбедат најважните општествени вредности, определени во уставите, како што се владеењето на уставот и уставноста односно владеењето на правото, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска и остварувањето на основните човекови права и слободи;

– Таквата мисија на уставните судови е остварлива само доколку тие институции се независни во организациона, функционална и финансиска смисла, во обем определен со уставите (ткн. институционална независност);

– Функционална независност на уставните судови подразбира (1) прецизна надлежност, (2) самостојно уредување и водење на постапките, вклучително и начинот на одлучувањето, (3) конечност, извршност и општа задолжителност на одлуките на уставните судови и (4) уреденост на извршувањето на одлуките на уставните судови;

– Покрај тоа, мисијата на уставните судови во обезбедувањето на најважните општествени вредности е остварлива доколку се обезбедени цврсти гаранции за независноста на уставните судии (ткн. индивидуална независност); независноста на уставните судии се остварува доколку се гарантираат мандатот и несменливоста на судиите, како и другите права во текот и по престанокот на мандатот;

– Независноста на уставните судови, во функција на обезбедувањето на најважните општествени вредности, е остварлива и доколку (1) уставните судии негуваат личен интегритет во и вон функцијата, од една страна, и доколку (2) правната и општата демократска култура се на повисоко ниво, од друга страна;

– Конференцијата оценува дека од посебна важност за остварување на уставната демократија е политичките гранки на власта да го негуваат почитувањето на уставните институции и да ја поттикнуваат довербата во уставното судство;

– Овие заклучоци објективно ја отсликуваат расправата на учесниците на Регионалната конференција; учесниците на Конференцијата се надеваат дека нивното досегашно и идно институционално и индивидуално делување во напред
наведените насоки ќе придонесе за јакнење на независноста на уставното судство и за остварување на најважните општествени вредности кај нас и во светот;

11 јуни 2010 година
О х р и д

П р е т с е д а в а ч
на Регионалната конференција
д-р Трендафил Ивановски, претседател на
Уставниот суд на Република Македонија,