Зголемен прилив на предмети во Уставниот суд во август и септември 2023 година

Уставниот суд бележи  зголемен прилив на примени иницијативи и новоформирани предмети во периодот на месеците август и септември. Според статистиките кои ги води Уставниот суд оформени се 53 нови предмети во периодот од 1 август до 30 септември 2023 година. Судот тековно информираше за дел од предметите со оглед дека станува збор за прашања кои се од интерес на јавноста. Меѓу нив се оспорените измени на Законот за облигациони односи и Законот за извршување, иницијативи поднесени од Министерството за правда со оспорени рокови за објавување на актите, Законот за работните односи. Во денешното соопштение Судот ги објавува сите останати предмети по кои се постапува, меѓу кои и два предмета во кои се оспорени законските измени на Кривичниот законик, предмет во кој е оспорена Oдлуката за определување и промена на имиња на улици и плоштади на подрачјето на Град Скопје, донесен од страна на Советот на Град Скопје, законски измени на Законот за урбанистичко планирање итн. Некои од предметите се веќе ставени и на седница за дискусија и одлучување.

  1.   У.бр. 124/2023

Оспорен акт: Член 2 став 1 и став 4, член 73 од Законот за Народната банка на Република Северна македонија

Подносител: Славко Лазовски

Од наводите во иницијативата:

Подносителот смета дека Народна банка е привилигирана во однос на даночни ослободувања и олеснувања кои според него немаат смисла и оправданост.

  1.     У.бр.125/2023

Оспорен акт: Член 13 од Правилникот за начин и постапка за добивање на уверение за сметководител и овластен сметководител и упис во регистар донесен од Институт на сметководители и овластени сметководители на Република Македонија од 29.06.2023 година.

Подносител на иницијативатa: Петар Прчевски, адвокат од Битола

Од наводите во иницијативата:

Се тврди дека оспорената одредба е конфузна, нејасна и со технички недостатоци. Се наведува дека со одредбата се ограничува слободата на пазарот и претприемништвото бидејќи субјектите имаат намера и интерес да вршат дејност како сметководители, им се ускратуваат права кои им се дадени согласно закон, односно се ограничуваат во слободата да вршат и друга дејност или да бидат основачи-управители и на други правни субјекти-трговски друштва кои би се занимавале со иста дејност.

  1. У.бр.128/2023

Оспорен акт: Повторно разгледување на иницијатива

Подносител: Санде Пејковски

  1. У.бр.131/2023

Оспорен акт: Известување во врска со барање

Подносител: Мартин Ефремов

Од наводите во барањето:

Подносителот смета дека е дискриминиран врз основа на пол, бидејќи во одлученото од оспорениот акт е наведена мајката како примател на бараниот надоместок.

  1. У.бр.135/2023

Оспорен акт: Член 11 став 1 точка 1 и точка 2 од Законот за организација и работа на органите на државната управа

Подносител на иницијативата: Славко Лазовски

Од наводите во иницијативата:

Се спори редоследот на имињата на министерствата при набројување како функции на државната управа бидејќи Министерството за одбрана и Министерството за внатрешни работи се на врвот на наброените институции. Подносителот смета дека наброените институции не се во согласност со градењето на граѓанската држава. 

  1. У.бр.136/2023

Оспорен акт: Член 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации

Подносител на иницијативата: Љупчо Георгиевски преку адвокат Насер Рауфи

Од наводите во иницијативата:

Подносителот наведува дека оспорената одредба има ретроактивно важење и создава правна несигурност, затоа што се предвидува во рок од три месеци веќе регистрирани здруженија или фондации да ги усогласат името, назиот, програмата, целите и дејностите со оспорениот Закон. Се наведува дека Здруженијата кои веќе се регистрирани ги губат своите права

  1. У.бр.138/2023

Оспорен акт: Закон за изменување и дополнување на законот за урбанистичко планирање

Подносител на инцијативата: Хелсиншки комитет за човекови права претставуван од Уранија Пировска, извршна директорка

Од наводите во иницијативата:

Со измените се вметнува нова категорија односно урбанистички проект за градби од стратешки интерес при тоа предвидувајќи нови правила за изработка и донесување на истиот, како и утврдување на правила различни од постоечките за процесот на одобрување на урбанистички проекти наведува подносителот. Се тврди дека со измените Законодавецот цели кон тоа да ги заобиколи правилата за изработка и одобрување на урбанистичките проекти со целосно прескокнување на фази во процесот на одобрување .

  1. У.бр.139/2023

Оспорен акт: Член 1 и 2 став 1 од Закон за изменување и дополнување на законот за експропријација од 30 мај 2023 година

Подносител на иницијативата: Хелсиншки комитет за човекови права претставуван од Уранија Пировска, извршна директорка

Од наводите во иницијативата:

Оспорените одредби доведуваат до заобиколување на постоење на јавен интерес за спроведување на експропријација и истовремено намалување на степенот на гаранција дека средства за надомест за експропријација се обезбедени и дека сведување на истите на формалност без механизми обезбедуваат и фактичка реализација на надоместото преку резервирање на средства со соодветен доказ и резервирање со банкарска гаранција.

  1. У.бр.140/2023

Оспорен акт:

Закон за изменување и дополнување на законот за градење од 30 мај 2023 година

Подносител: Хелсиншки комитет за човекови права претставуван од Уранија Пировска, извршна директорка

Од наводите во иницијативата:

Подносителот смета дека со оспорените измени на Законот за градење се врши суштинска измена и суспендирање на примената на Законот за градење од стратешки интерес со што во пракса се постигнува прескокнување, односно неприменување на голем дел од одредбите кои обезбедуваат заштита и безбедност на градежните објекти во секоја нивна фаза и запишување во јавните книги за катастар од недвижности. Се тврди дека со измената и дополнувањето во законските одредби се создава сет на паралелни правила и проектите за градби од стратешко значење се изземаат од задолжителната примена на правила за проектирање.

  1. У.бр.142/2023

Оспорен акт: Законот за судски такси („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.114/09, 148/11, 106/13 и 257/2020).

Подносител на иницијативата: Адвокат Александра Илиева Милчова

Од наводите во иницијативата:

Подносителката го оспорува износот од 48 000 денари во делот на тарифниот број од парничната постапка и извршување, одредбата со која се додавааат „за правни лица, односно”. Се наведува дека со оспорената одредба се создава дискриминација во остварување на правата помеѓу физичките и правните лица и дискриминација во правото на пристап до Судот, односно во еден ист судски процес физичките лица ќе имаат помала таксена основица, а правните лица поголема иако се исти страни како тужители. 

  1. У.бр.143/2023

Оспорен акт: Уредата за изменување на Уредбата за висина на надомест за приватизација на градежното земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надомест за приватизација на градежно земјиште.

Подносител на иницијатвата:  ТД Интерпрогрес доо Скопје застапувано од адвокат Илија Чилиманов

Oд наводите во иницијативата: 

Се наведува дека со донесување на оспорената Уредба, Владата драстично ги менува условите во односи на цени, под кои може да се приватизира земјиштето, на начин што цената која треба да ја платат субјектите кои водат постапки за приватизација, повеќекратно се зголемува. Според подносителот спорно е тоа што новите цени-надоместоци кои треба да се платат за приватизација се применуваат и за постапки за приватизација кои се во тек, што значи имаат повратно дејство, што е спротивно на членот 52 став 4 од Уставот. 

Иницијативите заведени со редни броеви 144/2023,145/2023, 146/2023,147/2023,148/2023,149/2023,150/2023, 151/2023,152/2023, 153/2023 се поднесени од ист подносител, Кренар Лога и содржат исти наводи за оспорување на актите. Уставниот суд во посебно соопштение веќе објави за овие иницијативи. 

  1. У.бр.144/2023

Оспорен акт: Правилникот за начинот на вршење на стручната оцена (ревизија) на рударските проекти („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.287/22).

Доносител на актот: Министерот за економија

  1. У.бр.145/2023

Оспорен акт: Правилникот за формата и содржината на прекршочниот платен налог („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.285/22).

Доносител на актот: Министерот за финансии

  1. У.бр.146/2023 

Оспорен акт: Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за содржината и начинот на остварувањето на правата и обврските од задолжителното здравствено осигурување („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.276/22).

Доносител на актот: Фондот за здравствено осигурување 

  1. У.бр.147/2023

Оспорен акт: Правилата за постапување по приговори и за разрешување на спорови („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.132/23).

Доносител на актот:  Регулаторна комисија за енергетика и водени ресурси

  1. У.бр.148/2023

Оспорен акт: Правилникот за начинот и постапката за следење на функционирањето на пазарите на енергија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.98/23)

Доносител на актот: Регулаторна комисија за енергетика и водени ресурси 

  1. У.бр149/2023

Оспорен акт: Правилникот за видот на штетни материи, како и начинот и методите на земање примероци за утврдување на штетните материи и други загадувачи-за утврдување – контаминенти (физички, хемиски и биолошки) во обработениот тутун и производи од тутун („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.84/13).

Доносител на актот:  Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство

  1. У.бр.150/2023

Оспорен акт: Правилникот за количини на семенски и саден материјал од сорти на земјоделски растенија кои не ги исполнуваат условите за трговија, а се наменети за научни цели, селекција, официјално испитување или за инспекциски надзор („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.84/23).

 Доносител на актот: Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство

  1. У.бр.151/2023

Оспорен акт: Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за почетна обука („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.77/23).

Доносител на актот: Управен одбор на Академијата за судии и обвинители

  1. У.бр.152/2023

Оспорен акт: Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за начинот на плаќањето на здравствените услуги во болничка здравствена заштита („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.77/23).

Доносител на актот: Фонд за здраствено осигурување на Република Северна Македонија

  1. У.бр.153/2023

Оспорен акт: Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за начинот и методологијата за утврдување референтни цени на лекови („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.77/23).

Доносител на актот: Фондот за здравствено осигурување

  1. У.бр.154/2023

Оспорен акт: Одлуката бр.27-7740/1 од 20.07.2023г. за поништување на Одлуката за донесување на Регулациски план на ГУП на град Скопје 2012-2022 за четврт Ц3 19

Доносител на актот: Совет на Град Скопје

  1. У.бр.155/2023

Оспорен акт: Член 31 точка 1 во делот „кој не може да биде пократок од 25 години” од Законот за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија

Подносител на иницијативата: Зоран Димовски од Куманово

Од наводите во иницијативата:

Се наведува дека со оспорената одредба се повредува начелото на владеењето на правото, односно предлагачот на законот ја користи својата положба во системот на поделба на власта и предложил до Собранието  практично да се намалат правата кои претходно биле загарантирани со самиот Закон за служба на АРМ. Подносителот смета дека е нејасно која е целта на ваквата одредба, бидејќи Законот за пензионирање го признава стажот од цивилството, т.е. од други организации додека за остварување на поповолни услови не го признава, со што практично воените лица кои имале стаж од други организации и неколку месеци и немале стаж од 25 години во Армијата на денот на прнзионирањето не можат да заминат во пензија, се до остварување на минимален стаж од 25 години во служба на Армијата. Се смета дека дискриминирани се и во понеповолна положба се оние кои не го исполнуваат тој услов.

Предметите коишто се формирани под редни броеви 156/2023, 157/2023, 158/2023 и 161/2023 се по сопствена иницијатива на Уставниот суд, поради сомнеж за неуставност и незаконитост на насловот на поглавјето „Автентично толкување на општи акти”.

  1. У.бр.156/2023

Оспорен: Членовите 78л, 78љ, 78м и 78н од Статутарната одлука за измени и дополнување на Статутот на Општина Ѓорче Петров бр.07-1330/5 од 23.05.2012 година

Подносител на иницијативата: Уставен суд на Република Северна Македонија

  1. У.бр.157/2023

Оспорени: Членовите 108, 109, 110 и 111 од Статутот на Општина Сарај од 22.04.2016 година

Подносител на иницијативата: Уставен суд на Република Северна Македонија

  1. У.бр.158/2023

Оспорен: Член 49-б алинеја 2 од Статутот на Град Скопје

Подносител на иницијативата: Уставен суд на Република Северна Македонија

  1. У.бр.159/2023

Оспорен акт: Две пресуди на Основен суд Битола и Апелационен суд Битола

Подносители на барањето за заштита на слободи и права: Шерифе Мусовска и Ајредин Мусовски

Подносителите наведуваат дека се дискриминирани по основ на социјална припадност и дека им е ускратено правото на одбрана во судските постапки.

  1. У.бр.160/2023

Оспорен акт: Член 1 став 2, член 2 став 1 алинеја 1,2 и 3, членови 3, 4, и 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи

Подносител на иницијативата: Трајче Торов, адвокат од Штип

Од наводите на иницијативата:

Подносителот се повикува на судскапракса од Стразбур и наведува дека во конкретна одлука е назначено дека побарувањата се сопственичко право и државата не смее да ја намалува таа сопственост, без пазарен надомест. Во одбрана на наводите подносителот го цитира и член 59 од Уставот и наведува дека правата стекнати врз основа на вложен капитал не може да се намалуваат со закон или пропис.

  1. У.бр.161/2023

Оспорен aкт: Член 40 став 2 алинеја 4 од Статутот на Општина Сопиште од 02.07.2007

Подносител на иницијативата: Уставен суд на Република Северна Македонија

  1. У.бр.162/2023

Оспорен акт: Закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик

Подносител на иницијативата: Павле Трајанов

Од наводите во иницијативата:

Подносителот наведува дека оспорените законски измени се спротивни на владеењето на правото, заштитата на правото на сопственост и еднаквоста која ја промовира Уставот. Во иницијативата е наведено дека со овие измени една категорија граѓани се привилигирани, наспротив правосилно осудените лица кои добиваат дискриминаторски третман и за нив не важи намалувањето на казните.

  1. У.бр.163/2023

Оспорен: Закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик

Подносител на иницијативата: Крсте Велески

Од наводите во иницијативата:

Подносителот тврди дека оспорените одредби се во спротивност со членот 9 од Уставот бидејќи граѓаните кои не се носители на јавни функции ги става во нерамноправна положба, бидејќи не се поблаго санкционирани.

  1. У.бр.164/2023

Оспорен: Член 218 став 1 и 2 од Законот за извршување

Подносител на иницијативата: Адвокат Бојан Ваневски

Од наводите во иницијативата:

Подносителот смета дека со оспорениот член се нарушува владеењето на правото и субјектите на пазарот се донесени во нерамноправна положба овозможувајќи на државните органи и покрај правосилна и извршна исправа или друг акт да постапува од позиција на моќ со употреба на оспорениот член да не ги плати обврските кои надлежен суд ги утврдил.

  1. У.бр.165/2023

Оспорен акт: Oдлука за определување и промена на имиња на улици и плоштади на подрачјето на Град Скопје, донесен од страна на Советот на Град Скопје на 67 седница на 30 март 2021 година.

Подносител на иницијативата: Политичка партија Левица

Од наводите во иницијативата:

Се наведува дека постојат неотстранливи материјално-правни причини за нивната ништовност/рушливост кои се во спротивност со Уставот и со Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти. Подносителот тврди дека новите имиња кои биле назначени се извор на национална омраза и нетрпеливост и нанесуваат штета при примената на соживотот и толеранцијата во државата.

  1. У.бр.166/2023

Оспорен акт: Oдлука за времен прекин на дел од постапките со кои се спроведува ДУП Градска четврт С3 03, Општина Ѓорче Петров, Скопје

Подносител на иницијативата: Друштво за инвестиции и услуги СОЕН ИНВЕСТ ДООЕЛ Скопје

Од наводите во иницијативата:

Подносителот е инвеститор на објект којшто се наоѓа во границите на опфатот на оспорениот ДУП и тврди дека тој е спротивен со членови од Уставот и со Законот за урбанистичко планирање. 

  1. У.бр.167/2023

Оспорен акт: Правилник за систематизација на работните места во ЈЗУ Универзитетска клиника за пластична и реконструктивна хирургија Скопје

Подносител на иницијативата:  Артан Дика

Од наводите во иницијативата:

Подносителот тврди дека оспорениот Правилник со кој се уредува избор на раководител е во спротивност со Законот за здравствена заштита бидејќи  таму условите се различни и нема формулација дека раководителот на одделот мора да биде доктор на науки, избран со научно-образовно звање редовен професор, вонреден професор, доцент или научен соработник. 

  1. У.бр.168/2023

Оспорен акт: Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за геодетски работи за посебни намени („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.52/23).

Подносител на иницијативата:  Комора на трговски поединци овластени геодети и трговски друштво за геодетски работи на РМ застапувани од адвокат Бобан Богдановски

Од наводите во иницијативата:

Со оспорената одредба се предвидува дека во постапката за извршување на геодетски работи за посебни намени за обновување на граници на катастарски парцели нема да се користат податоците од дигиталниот катастарски план, туку ќе се користат оригинални стари податоци од премерот, тврди подносителот. Се наведува и дека Со оваа одредба се дерогира примената на Законот за катастар на недвожности во однос на примената на податоците од катастарот на недвижности.

  1. У.бр.169/2023

Оспорен акт: Член 18 став 2 од Законот за вештачење („Службен весник на Република Северна Македонија бр.154/20023).

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата:

Подносителот наведува дека содржината на оспорениот акт не упатува на критериуми за определување на висината на надоместокот за добивање на овластувањето на вршење на дејноста  и нема параметри со кои поблиску би се определила висината на трошоците во постапката. 

  1. У.бр.170/2023

Оспорен акт: Делот „ставот 5 на“ од член 95 став 7 од Законот за градежно земјииште и Автентично толкување на член 57 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за градежно земјиште.

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот смета дека оспорената норма е нејасна и може да доведе до арбитрерно толкување, што според него е недозволено и во спротивност со владеењето на правото. 

  1. У.бр.171/2023

Оспорен акт: Делот „правни“ од член 5 став 2 од Законот за Народна банка и делот „поништен“ од член 5 став 3 од Законот за Народна банка.

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата: 

Во иницијативата се наведува дека оспорената одредба е премногу општа, нејасна и не е прецизна и во таа насока води кон арбитрерност во толкувањето со што би можела да ја наруши правната сигурност на правните и физичките лица. 

  1. У.бр.172/2023

Оспорен акт: Член 67 став 2 од Статутот на Адвокатска комора на Република Северна Македонија

Подносител на иницијативата: Стевче Стојанов

Oд наводите во иницијативата: 

Подносителот смета дека со оспорениот член од Статутот се нарушува принципот на владеење на правото и оценува дека прашањето на угледот за некое лице не е правна туку морална норма  и нема место за таква одредба во норамтивните акти на адвокатската комора. Како спротивен на членот 23 од Уставот подносителот го оценува членот 67 став 2 од Статутот и наведува дека секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.

  1. У.бр.173/2023

Оспорен акт: Колективен договор („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.149/2021).

Подносител на иницијативата: Синдикат на полиција во Македонија

Oд наводите во иницијативата:

Подносителот смета дека Колективниот договор е незаконски објавен во Службен весник. 

  1. У.бр.174/2023

Оспорен акт: Член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за земјоделско земјиште („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.87/13).

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Oд наводите во иницијативата:

Според подносителот оспорената одредба остава простор за правна несигурност бидејќи со оспорената одредба остава простор да се оттуѓува  добро од општ интерес како земјоделско земјиште. 

  1. У.бр.175/2023

Оспорен акт: Упатство за начинот на користење на социјални мрежи од страна на работниците во МВР бр.12.1-72212 од 06.12.2012 година.

Подносител на иницијативата: Синдикат на Македонска Полиција

Oд наводите во иницијативата:

Подносителот смета дека оспореното Упатство е донесено спротивно на Уставот, во рок кој не е во рамки на уставните одредби.