Уставниот суд ќе ја одржи 8. седница на 1 март, среда во 9:30 часот, со дневен ред на кој е предвидено да се расправа по пет иницијативи за оценување на уставност и законитост.
I- РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТА И ЗАКОНИТОСТА НА:
- Реферат У.бр.93/2022
Оспорена одредба: Член 2 точка 29 во делот: „заверена кај нотар” од Законот за катастар на недвижности („Службен весник на Република Македонија” број 55/2013, 41/2014, 115/2014, 116/2015, 153/2015, 192/2015, 61/2016, 172/2016 и 64/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 124/2019).
Подносител на иницијативa:Славко Лазовски од Скопје
Од наводите во иницијативата:
Причините за неуставноста на оспорената законска содржина, подносителот ги објаснува со наводи дека органот е должен на странката да и овозможи што полесно да ги заштити и оствари своите права, согласно со начелата на пропорционалност, економичност и ефикасност на постапката, предвидени во Законот за општата управна постапка, а во таа смисла Агенцијата за катастар на недвижности е должна да постапува според одредбите на ЗОУП кога решава управна работа и спрема странките да се применуваат оние мерки предвидени со прописите кои се поповолни за нив, ако со таквата мерка се остварува целта на законот. Оспорениот дел „заверена кај нотар”, според подносителот, тоа не го обезбедува и треба да се отстрани од правниот поредок, а изјавата во која се содржани основите за правниот интерес, да се дава согласно член 63 од Законот за општата управна постапка според кој странката може да дава изјави усно на записник или во писмена форма во секоја фаза од постапката.
- Реферат У.бр.114/2022
Оспорени одредби: Член 22 став 1 во делот: „и 2“ и член 56 став 1 точка 3 од Законот за трговија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 16/2004, 128/2006, 63/2007, 88/2008, 159/2008, 20/2009, 99/2009, 105/2009, 115/2010, 158/2010, 36/2011, 53/2011, 148/2013, 164/2013, 97/2015, 129/2015, 53/2016, 120/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 77/2021, 215/2021, 295/2021 и 150/2022).
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев од Скопје.
Според наводите во иницијативата, член 22 став 1 во делот „и 2“ и член 56 став 1 точка 3 од Законот за трговија не се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Маке-донија. Во однос на оспорениот член 22 став 1 во делот „и 2“ од Законот, се наведува дека начелото на владеење на правото подразбира дека во правниот поредок мора да постојат јасни, прецизни и концизни норми. Исто така, кога една одредба упатува на примена на друга одредба, одредбата кон чија примена се упатува неминовно мора да е дел од правниот поредок. Според подносителот, со оспорениот дел од законската одредба тоа не е случај.
- Реферат У. бр.120/2022
Оспорена одредба: член 44 став 3 во делот: ,, ставот 3 на “ од Законот за даночната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 88/2008, 159/2008, 105/2009, 133/2009, 145/2010, 171/2010, 53/2011, 39/2012, 84/2012, 187/2013, 15/2015, 97/2015, 129/2015, 154/2015, 23/2016, 35/2018, и Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.275/2019, 290/2020 и 247/2022) и став 3 од член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за даночната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.97/2015).
Подносител на иницијативaта: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека оспорената одредба не е во согласност со начелото на владеење на правото како една од темелните вредности опфатени во Уставот, бидејќи содржински членот има седум ставови, а не осум како што е наведено во оспорениот дел дека „ставот 6 станува став 8”.
- Реферат У.бр. 122/2022
Оспорен: Делот: „став 5“ од членот 49 став 4 точка 2 од Законот за задолжителни нафтени резерви.
Подносител: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека оспорениот Закон произвел правно дејство, а во него не се содржани 5 става, туку само 4 и може да доведе до забуна при негова примена.
- Реферат У.бр.314/2020
Оспорени одредби: Членовите 1, 2 и 3 во делот „прв заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за координација на политичките прашања на ресорите“ од Деловникот за изменување и дополнување на Деловникот за работа на Владата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.215/2020)
Подносител на иницијативата: „Левица“- политичка партија од Скопје
Oд наводите во иницијативата:
Подносителот на иницијативата наведува дека Уставот на Република Северна Македонија предвидува дека организацијата и начинот на работата на Владата се уредува со закон, а таков посебен закон е Законот за Владата на Република Северна Македонија кој, според наводите во иницијативата дозволува премиерот, т.е. претседателот на Владата на Република Северна Македонија од редот на министрите да именува свои заменици, но не дозволува рангирање на „вицепремиерите“ од типот „прв“, „втор“, „трет“ и слично.
За дневниот ред на оваа седница предвидени се предлози за одлучување по предметите У.бр.298/2020, У.бр.8/2022 и 233/2020.
Реферат У.бр.233/2020
Оспорен: Член 6 ставови 2 и 3, член 7 став 1, член 8 став 3, член 100 став 6 во делот: „и усвојување“ и став 8 од Законот за Судски совет на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија„ бр.102/2019).
Уставниот суд на Република Северна Македонија со Решение У.бр.233/2020 од 28 април 2021 година поведе постапка за оценка на уставноста на член 8 став 3 во делот: „кои се избрани од страна на Собранието на Република Северна Македонија“ од Законот за Судски совет на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.102/2019), поради тоа што основано се постави прашањето за несогласност на наведената законска одредба со Уставот на Република Северна Македонија.
Подносител на иницијатива: Панче Докузов
Реферат У.бр.8/2022
Оспорен: Членовите 19 до 25 од Законот за плата и другите надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија.
На 7 декември Уставниот суд одлучи да поведе постапка и изрази сомнеж во уставноста на членот 22 од Законот за плата и другите надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија.
Во членот за кој е поведена постапка (популарно познат ) е предвидено дека пратеник, функционер и раководен работник кој поднел оставка или е разрешен од должноста пред истекот на времето за кое е избран, именуван или назначен, ги има правата на остварување на плата по престанувањето на функцијата. Лицата додека го остваруваат правото на плата, имаат право и на надоместок за користење на годишен одмор, според став 2 од членот 22 од Законот.
Што се однесува до останатите одредби Судот одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста на членовите: 19, 20, 21, 23, 24 и 25 од Законот означен во точката 1 од ова решение и одлучи да ја отфрли иницијативата по однос на барањето за оцена на меѓусебната согласност на одредбите означени во точките 1 и 2 од ова решение со членовите: 105, 106 и 113 од Законот за работни односи.
Подносител на иницијативата: Глигорие Ќатоски, адвокат од Стругa
Реферат У.бр.298/2020
Уставниот суд на Република Северна Македонија со решение У.бр.298/2020 од 11 мај 2021 година, по повод иницијатива на Игор Спировски, адвокат од Скопје, како полномошник на Славко Размилиќ, Зорка Златановиќ, Јадранка Мршиќ и Димитар Пејчиновски, поведе постапка за оценување на уставноста на членот 230 од законот означен во точката 1 бидејќи основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот. Во ставот 1 од оспорениот член 230 од Законот се предвидува дека највисоката пензија за осигурениците кои не пристапиле во задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, не може да изнесува повеќе од 80% до 2015 година, а по 2015 година не повеќе од процентите утврдени во член 52 став 1 на овој закон од просечната нето плата остварена во Републиката во претходната година зголемена за 2,7 пати.
Предвидено е и да се одлучува со нацрт-одлука по предметот У.бр.233/2020 и нацрт решенија по предметите У.бр.106/2022, У.бр.121/2022 и У.бр.1/2023.