Дневен ред за 22. седница на Уставниот суд закажана за 6 јуни 2023 година

Уставниот суд ќе ја одржи 22. седница на 6 јуни 2023 година со почеток во 9:30 часот, со дневен ред на кој ќе се дискутира по три иницијативи за оценување на уставност и еден предлог за одлучување со нацрт-одлука: 

  1. Реферат У.бр.28/2023

Оспорен: Членовите 153-а и 155-а од Изборниот законик

Подносител на иницијативата: Страхил Гавритов

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека оспорениот член 155-а е дискриминаторски во однос на мажите бидејќи според него со прекинот на мандатот на член на општинскиот совет, следниот кандидат на листата е жена по автоматизам, без оглед на која позиција се наоѓа. Подносителот на иницијативата се повикува на Уставот и членот 9 во кој е опфатено дека сите се еднакви, а спротивно на тоа оспорените членови од Изборниот законик ги наведува дека упатуваат на полова нееднаквост. 

  1. Реферат У.бр.36/2023

Оспорен:Член 5-а од Законот за платите на судиите

Подносител на иницијативата:  Адвокат Владимир Николоски

Од наводите: 

Подносителот наведува дека во оспорениот член основицата е фиксно утврдена и изнесува 25 726 денари со примена од декември 2011 година. Наведувањето на фиксниот износ е спротивен на членот 5 од истиот Закон, како и членот 11 од Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието и другите избрани и именувани лица, смета подносителот. Во иницијативата се наведува дека фиксниот износ е понизок и од минималната плата во бруто износ од март 2022 до февруари 2023 година и поради тоа е во спротивност со економските права кои според Уставот треба да ги има секој граѓанин. 

  1. Реферат У.бр.20/2023

Оспорен: Одлука за извршување на Буџет на Општина Македонска Каменица  бр.08-2489/1 донесена од 28.12.2022 година  

Подносител на инцијативата: Димчо Атанасовски, градоначалник на Општина Македонска Каменица 

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека донесената Одлука не може да се извршува согласно Законот за извршување на Буџет за 2023 година бидејќи Општината не може да ги користи наменски и законито средствата, ниту да го контролира користењето на средствата на единките корисници поради претходно донесениот Буџет за 2023 година, кој  го оценува како незаконски. Во иницијативата се наведува дека со Одлуката се повредени темелните вредности на уставниот поредок, опишани во членот 9 став 1 точка 9 од Уставот. 

Предлог за одлучување по предметот У.бр.32/2022.

Станува збор за предмет за кој Уставниот суд поведе постапка за член 9 став 6 во делот „ и лицата ангажирани врз основа на договор за дело и/или авторски договор”од Правилникот за минимални технички, просторни, финансиски и кадровски услови за добивање дозвола за радио и телевизиско емитување заведен под број 01-5774/1 од 21.11.2014 година, изменет и дополнет со Правилник за изменување и дополнување  на Правилникот за минимални технички, просторни, финансиски и кадровски услови за добивање дозвола за радио и телевизиско емитување заведен под број 01-3336/1 од 08.05.2015 година. 

 Уставниот суд изрази сомнеж и смета дека Советот на агенцијата преку донесување на оваа одредба ги надминал своите надлежности и предвидел нова категорија „вработени лица” која не егзистира во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, ниту во Законот за работните односи со што се повредува владеењето на правото и одредби од Законот за работните односи.  

Подносител на иницијативата: Трговско радиодифузно друштво „Радио Канал 77” од Скопје