Дневен ред за 20. седница на Уставниот суд закажана за 23 мај 2023 година

Уставниот суд ќе ја одржи 20. седница на 23 мај (вторник) во 9:30 часот со дневен ред за кој се предвидени три иницијативи за оценување на уставност и предлог за одлучување по еден предмет. 

I РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ИНИЦИЈАТИВИТЕ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТА И ЗАКОНИТОСТА НА:

  1. Реферат У.бр.14/2020, У.бр.36/2020 и У.бр.192/2020

Оспорени акти: 1. Указ за прогласување на Законот за јавното обвинителство бр.08-1411/1 од 16 февруари 2020 година и

2.Законот за јавното обвинителство (двата акти објавени во „Службен весник на Република Македонија“ бр.42/2020) во целина и посебно член 4 став 2, член 29 ставови 2 и 3, член 110 ставови 1, 2 и 3 и член 113 од означениот закон.

Подносители на иницијативите: Тодор Петров како претседател на Светскиот македонски конкрес, Томе Тодоровски, адвокат од Свети Николе и Михајло Маневски од Скопје         

Од наводите во иницијативата: 

Според наводи од иницијативите при гласањето за Законот за јавното обвинителство на одржаната седница на 16 февруари 2020 година не е постигнато потребното двотретинско мнозинство, како што предвидел членот 106 став 4 од Уставот, а за Законот гласале 74 пратеници, 23 гласале против и немало воздржани. Спротивно на правата на претседателот на Собранието утврдени во Уставот и Деловникот на Собранието по гласањето претседателот изјавил „гласањето го поништувам“ со што овозможил обраќање на двајца пратеници без да ги соопшти резултатите од гласањето во согласност со членот 97 став 7 и членот 103 од Деловникот. Понатаму, се дополнува дека претседателот на Собранието спротивно на Уставот и Деловникот повикал на повторно гласање и со резултат 80 гласа „за“ и ниту еден глас „воздржан“ соопштил дека Законот е донесен и покрај процедуралните забелешки од пратениците во Собранието дека Законот не бил донесен.

  1. Реферат У.бр.131/2022

Оспорен: Член 6 став 2 од Законот за финансиска поддршка на социјално ранливите категории на граѓани за справување со енергетската криза.

Подносител на иницијативата: Славко Лазовски

Содржината на оспорениот член:

„Корисникот кој не е на списокот од член 5 став 3 од овој закон, а кој смета дека ги исполнува условите како корисник на правото од член 2 од овој закон, може да поднесе приговор до Комисијата за одлучување по приговори за финансиска поддршка во рок од три дена од датумот на објавувањето на списоците на корисници на финансиска поддршка од член 5 став 3 од овој закон”.

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека пропишаниот рок за приговор е претерано краток и го попречува остварувањето на целта на Законот, затоа што според него роковите во правната материја немаат за цел да оневозможат остварување на некое законско право.

  1. Реферат У.бр. 31/2022

Оспорени: Решенија донесени од Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги за опраторите ЈП Водовод-Охрид и ЈП Нискоградба Охрид-Охрид. 

Подносител: Државен комунален инспекторат 

Според подносителот во двете решенија присутни се ставки за фиксни месечни надоместоци, односно за ЈП Нискоградба Охрид во износ од 57,12 денари по приклучок за 2021, 62,46 денари по приклучок за 2022 година, и 66,92 денари по приклучок за 2023 година и за ЈП Водовод Охрид во износ од 100 денари за категорија домаќинства и 120 денари за категорија останати(2021-2023) со напомена дека висината на сите тарифи се без ДДВ. Подносителот во иницијативата наведува дека со примената на предметните тарифи јавено е големо незадоволство и револт од страна на граѓаните корисници на услугите на двете претпријатија. Според подносителот решенијата се во спротивност со член 8 став 2, член 55 став 1 и 3 и член 55 од Уставот. 

II- ПРЕДЛОГ ЗА ОДЛУЧУВАЊЕ

1.У.бр. 109/2022

Оспорена одредба :член 152 став 1 точка 2) во делот „став (4)” од Законот за градење („Службен весник на Република Македонија”, број 130/2009, 124/2010, 18/2011, 36/2011, 54/2011, 13/2012, 144/2012, 25/2013, 79/2013, 137/2013, 163/2013, 27/2014, 28/2014, 42/2014, 115/2014, 149/2014, 187/2014, 44/2015, 129/2015 (две измени), 217/2015, 226/2015, 30/2016, 31/2016, 39/2016, 71/2016, 132/2016, 35/2018, 64/2018 и 168/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 244/2019, 18/2020, 279/2020 и 227/2022).

Содржина на оспорена одредба: (1) Глоба во износ од 5.000 до 7.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на правно лице за проектирање на градби, ако 2) вработи како проектант странско физичко лице без потврдено овластување од Комората (член 42 став (4)).

Од наводите во иницијативата: 

Во иницијативата се цитира член 42 ставови 1, 2, 3, 4 и 7, како и член 152 став 1 точка 2) во кој е содржан оспорениот дел „став (4)” од Законот за градење, по што подносителот наведува дека упатувањето на оспорениот дел „став (4)” во членот од Законот, не е соодветно, бидејќи став (4) којшто е содржина на член 42 од Законот, не уредува потреба од потврдено овластување од Комората за да може странско физичко лице да врши работи како проектант, туку став (7) на наведениот член.

Според подносителот, несоодветното упатување на одредбата од Законот, може да ги доведе во заблуда оние кои би ја применувале нормата.