Делегација на Уставниот суд на Република Македонија на Првата светска конференција за уставна правда

Делегација на Уставниот суд на Република Македонија составена од претседателот на Уставниот суд д-р Трендафил Ивановски, судиите на Уставниот суд Бранко Наумоски и Игор Спировски, генералниот секретар Милица Николовска и државниот советник Татјана Јањиќ-Тодорова од 22 до 26 јануари 2009 година учествуваше на Првата светска конференција за уставна правда што се одржа во Кејп Таун во Јужноафриканската Република, во организација на Уставниот суд на Јужноафриканската Република и Венецијанската комисија на Советот на Европа.

На конференцијата учествуваа делегации на уставни судови, уставни совети и врховни судови со уставно-судска надлежност од повеќе од 90 земји од светот кои расправаа за влијанието на уставното судство врз општеството и врз развојот на судската практика за човековите права на глобално ниво.

Презентациите и дискусиите на Конференцијата покажаа заедничка грижа за заштитата на човековите права и владеењето на правото на глобално ниво како и се поголемото влијание на меѓународните судови за човекови права и практиката на судовите од другите земји и континенти врз домашната уставно-судска практика.

На конференцијата беше укажано дека е потребно да се зајакне размената на информациите и искуствата помеѓу судовите на регионално и светско ниво, поради што беше заклучено одржувањето на светската конференција за уставната правда да се воспостави на редовна основа на секои три години, како и да се основа светска асоцијација отворена за судовите што припаѓаат на различните регионални и јазични групи.

Писмените прилози со кои на Конференцијата учествуваа претседателот на Уставниот суд на Република Македонија д-р Трендафил Ивановски и државниот советник Татјана Јањиќ-Тодорова, на судијата на Уставниот суд Игор Спировски, кој имаше и усно излагање на Конференцијата, како и на доцент д-р Тања Каракамишева можат да се најдат на веб страницата на Конференцијата http://www.venice.coe.int/wccj/wccj_e.asp