Говор на претседателката Добрила Кацарска за уставна жалба (дебата на ИЧП)

Дали постои потреба од проширување на опсегот  на заштита на слободите и правата 

Почитувани,

Одговорот на поставеното прашање во рамките на насловот на овој дел од дебатата е едноставен: да, постои неспорна потреба од проширување на опсегот на заштита на уставните слободи и права во Република Северна Македонија.

На оваа тема, многу пати за време на мојот мандат како претседател на Судот, сум се навраќала преку моите излагања на слични настани, јавни настапи, но и на средбите со највисоките државни раководители, организирани токму со цел да се актуелизира  ова бездруго, значајно прашање за заштитата на слободите и правата.

Впрочем, на неодамнешната конференција организирана со германската фондација ИРЗ, посочив на еден уставен парадокс: и покрај големиот број утврдени уставни слободи и права, со Уставот не е предвиден правен лек за нивна заштита по примерот на уставите на државите од регионот кои го познаваат овој правен инструмент именуван како уставна тужба, односно уставна жалба.    

Неспорно, факт е дека и сега постои индивидуална заштита пред Уставниот суд за слободи и права утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот.

Меѓутоа, факт е и дека оваа заштита е ограничена, односно се однесува на помала група на уставни слободи и права. Потоа, се иницира со правно средство предвидено со Деловникот на Судот, а не со Уставот и на крајот, правното дејство на одлуките со кои се утврдува нивна повреда е повторно уредено со Деловникот, наместо со Уставот.

За споредба, правното дејство во однос на одлуките со кои се утврдува несогласност со Уставот на законите, односно несогласност со Уставот и законите на другите прописи или општи акти, колективен договор, статут или програма на политичка партија или здружение е предмет на уредување на член 112 став 1 и 2 од Уставот.

И овде Уставот е јасен и дава две можности: Судот може да ги укине или поништи правните акти за кои утврдил дека се во несогласност со Уставот, односно Уставот и законите.       

Ограниченоста пак на одредени слободи и права со сегашниот модел има за последица секое барање кое не е во оваа група, во изминатите триесетина години да биде отфрлано без граѓаните да добијат заштита за своите уставни слободи и права, а Уставниот суд да биде ставен во незавидна ситуација: да не може да одлучува за сите уставни слободи и права.

И кога сме веќе на овој терен, се поставува прашањето дали во ваква ситуација се остварува прокламацијата од член 9 став 1 од Уставот дека граѓаните се еднакви во слободите и правата независно од основите наведени во истата одредба.

Се разбира дека не. Еднаквоста во слободите и правата покрај во нивното остварување, значи дека сите тие треба да уживаат ист вид на заштита, што сега не е случај.

Токму во тоа е смислата на воведувањето на уставната тужба, односно тоа би значело уставна заштита и на правото на сопственост, правото на здрава животна средина, правото на образование итн. кои во ниту еден момент не може да се рече дека се помалку важни од оние кои се наведени во член 110 алинеја 3 од Уставот или не заслужуваат да бидат заштитени.

Тука, посебно би се осврнала и на случајот од пред неколку години, кога се откри дека повеќе од десетици илјади граѓани биле неовластено прислушувани кои за жал не можеа да побараат уставна заштита на своето право на приватност, и покрај тоа што во член 25 од Уставот стои дека се гарантира неговото почитување и нагласувам, заштита.   

Но, за жал уставотворецот останал недоречен. Од една страна гарантирајќи ја заштитата, а од друга не предвидел начин за уставна заштита иако можноста за правна заштита на утврдено право, како посебно овластување на неговиот носител да се обрати до државните органи со цел заштита на самото право, денес е стандард за секој правен поредок. 

 Токму, во ова е и образложението на одговорот на прашањето содржан на почетокот на ова излагање, а ако се има предвид дека оваа состојба се провлекува од донесувањето на постојниот устав, односно веќе 30 години, на потврдниот одговор би требало да се додаде – што побргу.

Во овој дел ме радува фактот, што во нашето општество има позитивно расположение и свест за потребата за воведување уставна  тужба, односно жалба и тоа е единствено условено со политичкиот момент за донесување уставни измени.

Се разбира тука ги имаме и искуствата на државите од регионот кои секако можат да бидат од корист и токму последната конференција организирана заеднички со ИРЗ беше во тој правец, каде претседатели и претставници од уставни судови имаа свои мошне корисни излагања, како и денес присутниот професор Шуберт. 

Воведувањето на уставна тужба ќе значи унапредување на нашиот правен систем со ново правно средства за заштита на слободите и правата. На овој начин ќе се заокружи улогата на Уставниот суд како заштитник на уставноста, законитоста и слободите и правата, но и ќе постои правен филтер пред поднесување на апликација до Европскиот суд.

 Исто така, донесувањето на ваквите уставните измени, ќе значи и обврска за Уставниот суд, процедурално да ја уреди постапката согласно своето овластување содржано во член 113 од Уставот, но и организациски да се подготви за постапување по уставните тужби.

 Доколку се воведе, овој нов систем на заштита треба да биде супсидијарен, а не инстанционен, бидејќи ова второто би значело Уставниот суд да има улога на третостепен или орган од четврт степен, кој го контролира судството кое е самостојно и независно.

 Се разбира, покрај можноста да се заштитат сите уставни слободи и права со уставна тужба, нужно ќе биде со идните уставни амандмани, да се дефинираат актите против кои ќе може да се поднесе истата, органите чии акти ќе може да се напаѓаат со уставна тужба, рокот за нејзино поднесување итн.

 Посебно прашање кое би требало да се расчисти е тоа кој ќе може да поднесе уставна тужба. Ова не случајно се поставува, имајќи ја предвид примената на Деловникот на Судот кој во делот за поднесување на барање за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 го именува само граѓанинот како негов овластен подносител.

 Тоа има за последица Судот да ги отфрла овие барања кога се поднесени од страна на правни лица или лица кои не се државјани на Република Северна Македонија, со оглед дека Уставот, статусот на граѓанин го врзува со државјанството (в.член 4 став 1 од Уставот)

Ви благодарам за вниманието.