99/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 23 јуни 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за утврдување Грб на Општина Кочани број 07-250/1 од 29.01.2010 година и Одлуката за утврдување Знаме на Општина Кочани број 07-251/1 од 29.01.2010 година, донесени од страна на Советот на Општина Кочани, објавени во “Службен гласник на Општина Кочани” број 1 од 2 февруари 2010 година.

2. Васил Пашоски од Кочани, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесe иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените акти, означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорените одлуки биле донесени во постапка спротивна на Законот за локалната самоуправа, односно дека постапката за утврдувањето на грбот и на знамето на општината, била спроведена, но дека формираната Комисија за утврдување на грб и на знаме на општината, извршила избор на идејни решенија од веќе одбрани идејни решенија од страна на комисија која претходно била формирана спротивно на законот и само го потврдила изборот што таа го извршила врз основа на објавен конкурс. Иако со формирањето на Комисијата се исправиле неправилностите во постапката, според подносителот одлуките биле неуставни и незаконити, бидејќи формираната комисија не избрала идејни решенија на повторно објавен конкурс, туку го потврдила изборот на идејните решенија кој го извршила претходно комисијата врз основа на претходно објавен конкурс за изработка на идејни решенија.

3. Судот на седницата утврди дека Советот на Општина Кочани, на седница одржана на 29 јануари 2010 година, донел Одлука за утврдување Грб на Општина Кочани број 07-250/1 од 29.01.2010 година и Одлуката за утврдување Знаме на Општина Кочани број 07-251/1 од 29.01.2010 година, објавени во “Службен гласник на Општина Кочани” број 1 од 2 февруари 2010 година.

Судот, исто така утврди дека секоја од оспорените одлуки содржи вкупно по 6 члена во кои е содржано дека за грб, односно за знаме на Општина Кочани, се утврдило ликовното решение под шифра “Дропион” на авторот Стојанче Величковки од Крива Паланка; дека ликовното решение за грбот и за знамето на Општина Кочани било составен дел на оспорените одлуки, дека авторските права со авторот ќе се уределе со посебен договор што ќе се склучел помеѓу општината и авторот, потоа дека оспорените одлуки ќе се вграделе во Статутот на општината, дека грбот и знамето на општината можеле да се употребуваат по уписот во регистарот на грбовите и знамињата на општините во Република Македонија и дека тие влегуваат во сила со денот на нивното донесување, а ќе се објавеле во Службен гласник на општината.

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот, а според алинеја 2 од истиот член од Уставот, одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Според член 10 став 4 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија”, број 5/2002), начинот и постапката за утврдување на грбот и знамето се уредува со статутот.

Поаѓајќи од правните елементи кои го определуваат прописот кој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и на неопределен број на субјекти во правото, Судот утврди дека во конкретниот случај, оспорените одлуки не се пропис и по својот карактер и содржина претставуваат конкретни акти, со кои се врши утврдување на грбот и на знамето на општината според конкретни ликовни решениja, за чија уставност и законитост Судот не е надлежен за одлучување. Исто така, Судот не е надлежен да одлучува за тоа дали постапката за донесување на оспорените одлуки е спроведена во согласнсот со Статуот на општината.

Со оглед на тоа што, оспорените одлуки немаат карактер на пропис, подобен за уставносудска оцена во смисла на член 110 од Уставот и со оглед на тоа што во конкретниов случај се оспорува постапка за утврдување на грб и на знаме на општината за што Судот не е недлежен да одлучува, Судот утврди дека во конкретниот случај, не се исполнети условите Уставниот суд да се впушта во анализа на основаноста на наводите во иницијативата и согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, настапени се условите за отфрлање на иницијативата.

5. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У. Бр. 99/2010
23 јуни 2010 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски