99/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 24 септември 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 24 став 2 од Правилникот за единствените критериуми и постапката за избор на наставно-научни, наставни, наставно-стручни и соработнички звања на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ Битола, донесен од Универзитетскиот сенат на 3 февруари 2003 година.

2. Пеце Јовановски од Битола на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 24 став 2 од Правилникот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот член од Правилникот не бил во согласност со член 131 став 6 од Законот за високото образование и со член 103 од Законот за општата управна постапка. Ова затоа што со него се продолжувал преклузивниот, максимален рок од шест месеци кој е предвиден во постапката по конкурс за избор во наставно-научни, наставни, наставно-стручни и соработнички звања.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 24 став 1 од наведениот Правилник е предвидено дека постапката по конкурост за избор во наставно-научни, наставни, наставно-стручни и соработнички звања трае најмногу 6 месеци.

Во оспорениот став 2 од Правилникот е предвидено дека рокот од претходниот став започнува да тече наредниот ден од последниот ден на траењето на конкурсот.

4. Во член 8 од Уставот на Република Македонија, покрај другите темелни вредности на уставниот поредок е утврдено и начелото на владеењето на правото.

Според член 51 од Уставот во Република Македонија, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со законите.

Според член 124 од Законот за високото образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.35/2008 и 103/2008) изборот во наставно-научни, научни, наставни и соработнички звања се врши според критериуми и постапка утврдени со овој закон и правилник на универзитетот, односно самостојната високообразовна установа врз единствени критериуми за избор утврдени од Интеруниверзитетската конференција.

Според член 131 став 1 од законот, избор во наставно-научни, научни, наставни и соработнички звања се врши по пат на јавен конкурс што го објавува високообразовната установа во дневниот печат.

Според став 6 на наведениот член 131 од Законот постапката по конкурсот може да трае најмногу шест месеца. Ако тоа не заврши во овој рок, постапката се запира и се распишува нов конкурс.

Со Правилникот за единствените критериуми и постапка за избор во наставно научни, наставни, наставно-стручни и соработнички звања на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ Битола, се уредуваат единствените критериуми и постапката за избор во наведените звања.

Во Глава III „Постапка и начин на избор е предвидено дека „одлука за покренување постапка за избор во звање, во случаи кога изборот се врши прв пат донесува наставно научниот, односно наставничкиот совет (член 21 став 1).

Одлуката за распишување конкурс за избор на лица избрани во звања донесува деканот односно, директорот најдоцна шест месеци пред истекот на времето за кое се избрани (член 21 став 2).

Конкурсот од ставовите 1 и 2 на овој член го распишува деканот, односно директорот.

Според член 22 став 1 од Правилниккот, изборот во наставно-научни, наставни и соработнички звања се врши по пат на јавен конкурс објавен во дневните јавни гласила.

Конкурсот трае 8 дена од денот на објавувањето.

Во член 24 став 1 од Правилникот е предвидено дека постапката по конкурсот за избор во наставно-научни, наставни, наставно стручни и соработнички звања трае 6 месеци.

Според оспорениот став 2 на овој член „Рокот од претходниот став (6 месеци) започнува да тече наредниот ден од последниот ден на траењето на конкурсот.

Доколку постапката не заврши во предвидениот рок од став 1 на овој член, се распишува нов конкурс.

Постапката за повторен избор во звање започнува најдоцна 6 месеци пред истекот на времето за кое лицето било избрано во наставно-научно, наставно, наставно-стручно или соработничко звање, по службена должност на деканот односно директорот.

Од наведените одредби од Законот за високото образование, произлегува дека законодавецот го утврдил максималниот рок од шест месеци во кој треба да се изврши избор во соодветно звање по пат на јавен конкурс при што доколку тој не заврши во предвидениот рок постапката се запира и се распишува нов конкурс кога се работи за избор во наведените звања по прв пат, а во случаите кога се работи за повторен избор во наведените звања постапката започнува најдоцна шест месеца пред истекот на времето за кое е извршен изборот во соодветното звање.

Оттука, имајќи ја предвид одредбата од член 131 став 6 од Законот, од која јасно произлегува дека постапката по конкурсот за избор во звања започнува по објавувањето на конкурсот,односно наредниот ден од денот на објавувањето како и содржината на оспорениот член од Правилникот според кој во рок од шест месеци не се засметува рокот од конкурсот кој е утврден на 8 дена, со што се продолжува рокот од шест месеци утврден во Законот, поради што пред Судот се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба со член 131 од Законот и одредбите од Уставот.

5. Со оглед на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски и Игор Спировски.

У.бр.99/2008
24 септември 2008 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски