99/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 71 и 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 8 јули 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на член 14 став 3 од Статутот на “Технометал Вардар” извоз-увоз АД Скопје, донесен од Собранието на акционери на 26 февруари 1997 година.

2. Велимир Трајановски, Христо Џоневски, Јанко Проевски, Алексо Пејов, Ѓорѓи Штерјовски, Петар Галиќ, Крсте Новковски, Јанко Савевски, Томислав Топузовски, Љубомир Петровски и Мито Павловски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на член 14 став 3 од статутот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорениот член од Статутот не бил во согласност со Законот за трговските друштва (“Службен весник на Република Македонија” бр.28/1996, 7/1997, 21/1998, 37/1998, 63/1998, 39/1999, 81/1999, 37/2000, 31/2001, 50/2001, 6/2002, 61/2002, 4/2003, 51/2003, 58/2002, 98/2002, 42/2003 и 85/2003) кој бил во важност во времето на неговото донесување, а не е во согласност и со Законот за трговски друштва што сега е во правниот поредок (“Службен весник на Република Македонија” бр.28/2004).

Имено, во член 375 од Законот за трговските друштва (член 328 од стариот закон) се утврдени овластувањата на управниот одбор на друштвото, а во член 380 (член 340 од стариот закон) се утврдени овластувањата на надзорниот одбор на друштвото.

Според одредбите од наведениот закон управниот одбор и надзорниот одбор немаат овластување да продаваат недвижен имот.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека со оглед на тоа што основната главнина на друштвото е определена од проценетата вредност на друштвото, продажбата на недвижности го намалува капиталот на друштвото.

Во членот 383 од Законот за трговските друштва изречно е утврдено дека само на Собрание се одлучува за зголемување и намалување на главнината на друштвото.

Во иницијативата, исто така, се наведува дека согласно оспорената одредба од Статутот до денес е извршена продажба на неколку недвижности кои преставувале основна главнина на друш-т-вото, а биле во сопственост на “Технометал Вардар” и целта на иницијативата е да се спречи натамошното продавање на недвиж-ности на начин спротивен на законот.

3. Судот на седницата утврди дека согласно член 251 и 713 став 2 од Законот за трговските друштва (“Службен весник на Република Македонија” бр.28/1996) Собранието на акционери донел Статут на “Технометал Вардар” извоз-увоз АД Скопје.

Од увидот извршен во Статутот на ова акционерско друштво е утврдено дека тоа дејствува на пазарот како акционерско друштво во приватна сопственост.

Судот понатаму утврди дека во член 14 став 1 од Статутот на акционерското друштво е предвидено дека Управниот одбор управува со акционерското друштво.

Според став 2 на овој член управниот одбор има најшироки овластувања да дејствува во сите околности во име на друштвото во рамките на предметот на работење на друштвото со исклучок на овластувањата кои изречно се дадени на надзорниот одбор и на собранието на друштвото.

Во оспорениот став 3 на член 14 од Статутот е предвидено дека само “со одобрение на надзорниот одбор, управниот одбор одлучува за ставање на имотот под хипотека и отуѓување на недвижниот имот”.

4. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и закон.

Имајќи ги предвид правните елементи кои го определуваат прописот тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјекти во правото на општ начин и да утврдува права и обврски на неопределен круг на субјекти во правото. Судот смета дека во конкретниов случај, оспорениот статут нема каракер на пропис во смисла на уставната одредба, туку е акт на правно лице како субјект на приватното право поради што тој и не може да биде предмет на уставно судска оцена.

Со оглед на тоа што оспорениот статут нема карактер на пропис во смисла на член 110 од Уставот, а согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.99/2004
8 јули 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова