99/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Репуб- лика Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 1 и 2 октомври 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на членот 122 од Законот за сопственост и други стварни права (“Службен весник на Република Македони- ја” бр. 18/2001).

2. Владимир Денковски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на одредбата од Законот, означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорената одредба од Законот била извор на неброени спорови помеѓу станарите во зградите. Со законската формулација се навлегувало во граѓанските права: еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, загрозување на приватната сопственост во корист на задоволување на приватниот интерес, одземање на правото на одлучување на сопствениците, со што всушност се елиминирале останатите одредби на овој Закон.

Оспорената одредба оставала можност за слободно толкување и селективно спроведување, а на начин што комплетни надградби добивале третман на адаптација, а судовите секогаш пресудувале во корист на тужената страна.

Инаку, подносителот на иницијативата смета дека оспорената одредба е во спротивност со членовите: 9, 30, 51 и 58 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека според содржината на членот 122 од Законот за сопственост и други стварни права (“Службен весник на Република Македо- нија” бр.18/2001), доградба и надградба на зграда се врши врз основа на детален урба- нистички план и урбанистички проект.

Според ставот 2 од овој член, доградба, односно надградба има право да бара сопственик, односно сопственици на постојна зграда. Со доградбата, односно над- градбата сопственикот, односно сопствениците стекнуваат право на сопственост и врз доградбата, односно надградбата.

Согласно ставот 3 од овој член од Законот, право на доградба, односно надградба на зграда во етажна сопственост (зграда со два или повеќе станови што им припаѓаат на две или повеќе лица) имаат сопствениците на посебните делови од зградата. За доградбата, односно надградбата одлучува мнозинството сопственици на посебните делови од зградата кои претставуваат повеќе од половината на вредноста на зградата. Ако за доградбата, односно надгра-дбата има повеќе интересенти отколку што е предвидено да се изградат нови делови од зградата и ако за тоа не се постигне согласност меѓу нив, по барање на секој од заинтересираните одлучува судот, водејќи сметка за принципот на правичност.

Според ставот 4 од овој член од Законот, ако за доградбата, односно надградбата не се заинтересирани сопствениците на посебните делови од зградата, правото на градење можат да им го отстапат на трети лица со мнозинство гласови на посебните делови од зградата кои вредносно претставуваат повеќе од половина од вредноста на зградата, со тоа што градителот, односно градителите се должни да платат соодветен надоместок за правото на градење врз туѓо земјиште, како и за штетите што можат да бидат предизвикани како резултат на градењето.

4. Во членот 110 алинеја 1од Уставот на Република Македонија е определено дека, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 28 алинеја 1 и 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), Устав- ниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Имено, во постапката по предметот У. бр.203/2002 година, Судот ја ценеше согласноста на сега повторно оспорениот член 122 од Законот од аспект на неговата согласност со членовите 8 став 1 алинеја 6, 9, 26, 30, 33, 43, 54 и 55 од Уставот. При донесувањето на решението У.бр.203/2002 од 12 март 2003 година за неповедување на постапка за оценување устаноста на оспорената одредба, Судот тргна од аналализата на уставните и законските одредби и утврди дека, правото на сопственост и другите стварни права се остваруваат врз основа на слободна диспозција со нужни ограничува- ња предвидени со Уставот и законите.

Понатаму Судот заклучи дека уставната одредба по однос на еднаквоста на граѓаните, (член 9) не би можела да се доведе во корелација со одредбите за сопстве- носта и правата кои произлегуваат од неа. Во оваа постапка Судот застана на стано- виште дека, член 122 од Законот за сопственост и други стварни права не овозможува ограничување на сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, поради што не го постави прашањето за неговата согласност со член 8 став 1 алинеја 6 (правна заштита на сопственоста) и член 30 (гарантирањето на правото на сопственост) од Уставот.

По повод наводите од оваа иницијатива, Судот оцени дека не може да се постави ниту прашањето за согласноста на оспорената одредба со членот 51 од Уставот, кој предвидува законите да мораат да бидат во согласност со Уставот, а повторно врз основа на аргументите од кои се раководеше Судот во постапката по предметот У.бр.203/2002.

Исто така, оспорената законска одредба според Судот не би можела да се оценува од аспект на нејзината согласнот со членот 58 од Уставот. Имено, оваа уставна одредба по својата правна природа утврдува дека сопственоста и трудот се основа за управување и учество во одлучувањето, а како основа во економските односи, што настануваат помеѓу субјектите во правниот промет. Правото на сопственост, како економско и социјално право, според акцент на иницијативата е гарантираното во членот 30 од Уставот.

Од друга страна, согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд не е надле- жен да ја цени меѓусебната согласност на одредбите од еден ист акт, па Судот не се впушти во оценка на наводот од иницијативата за елиминација на останатите одредби од Законот со оспоре-ната законска одредба. Од истите причини, Судот не се впушти и во оценка на наводите од иницијативата за различна и неправилна примена на законските одредби од страна на административните органи и судовите, а како Уставниот суд не ја цени примената на законите и другите акти, туку нивната согласност со Уставот, односно со Уставот и законите.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова – Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Иџет Мемети, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У. бр. 99/2003
1 октомври 2003
Скопје
л.а

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова
1