99/2000-0-0

Вовед

Ustavniot sud na Republika Makedonija, vrz osnova na člen 110 od Ustavot na Republika Makedonija i člen 71 od Delovnikot na Ustavniot sud na Republika Makedonija (“Služben vesnik na Republika Makedonija” br.70/92), na sednicata održana na 5 juli 2000 godina, donese

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 138 став 1 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93, 3/94, 14/95, 71/96, 32/97 и 24/2000).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 138 став 1 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со оспорената одредба од Законот се ограничувало правото на пензиското и инвалидското осигурување на граѓаните што не било во согласност со член 8 став 1 алинеја 3; член 34 и член 54 став 1 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 138 став 1 од Законот, пензискиот стаж и платата, како и другите факти од влијание врз стекнувањето и утврдувањето на правата се земаат предвид при остварувањето на правата од пензиското и инвалидското осигурување, врз основа на податоците утврдени во матичната евиденција за осигурениците и корисниците на правата од пензиското и инвалидското осигурување.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Со член 34 од Уставот се уредува дека граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.

Според член 54 став 1 од Уставот слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Со Законот за пензиското и инвалидското осигурување, меѓу другото, конкретно е утврдено стекнувањето и утврдувањето на правата од пензиското и инвалидското осигурување, како и остварувањето, користењето и губењето на тие права. Така, со оспорената одредба се упатува дека пензискиот стаж и платата, како и другите факти од влијание врз стекнувањето и утврдувањето на правата се земаат предвид при остварувањето на правата од пензиското и инвлидското осигурување, врз основа на податоците утврдени во матичната евиденција за осигурениците и корисниците на правата од пензиското и инвалидското осигурување. Со ставот 2 на член 138 од овој закон се утврдува дека матичната евиденција ќе се уреди со посебен закон.

Матичната евиденција за осигурениците на пензиското и инвалидското осигурување, според единствени метолошки принципи и единствен кодекс на шифри е востановена и се води според Законот за матичната евиденција за осигурениците и за уживателите на права од пензиското и инвалидското осигурување (“Службен лист на СФРЈ” бр.34/79 и 68/88 и “Службен весник на Република Македонија” бр.12/93). Податоците содржани во матичната евиденција, согласно член 5 став 1 од овој закон, се користат за остварување на правата од пензиското и инвалидското осигурување, за спроведување на тоа осигурување и за други потреби на пензиското и инвалидското осигурување, а според член 9 од Законот, во матичната евиденција се внесуваат само податоци за стажот на осигурување и за платата на работникот.

Тргнувајќи од анализа на содржината на наведените уставни и законски одредби, а имајќи ги предвид причините за оспорување наведени од подносителот на иницијативата, според мислењето на Судот, матичната евиденција во која се содржани податоците за пензскиот стаж и платата и другите факти поврзани со тоа, се инструментариум кој се зема предвид при остварувањето на правата од пензиското и инвалидското осигурување и упатувањето на примената на таквата евиденција не значи ограничување на правата на пензиското и инвалидското осигурување на граѓаните, туку напротив начин за полесно остварување на тие права. Според тоа, оспорената одредба на член 138 став 1 од Законот, Судот оцени дека е во рамките на правата на граѓаните утврдени со Уставот, поради што не го постави прашањето за нејзината согласност со напред наведените одредби од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.99/2000
5 јули 2000 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов