У.бр.98/2002

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 23 октомври 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на член 31, член 46 став 1, член 129 став 2 и член 163 од Колективниот договор за уредување односно доуредување на правата, обврските и одговорностите од работен однос во Министерството за одбрана бр.01-92/1 склучен на 15 април 2002 година.

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на одредбите од колективниот договор означен во точката 1 од ова решение. Иницијаторот смета дека решение за распоредување поставување во Армијата донесуваат и претседателот на Република Македонија и началникот на Генералштабот на Армијата, а не само министерот за одбрана или од него овластено лице поради што членот 31 од Колективниот договор не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот и со член 18 став 1 точка 11 и член 26 точка 18 од Законот за одбрана. Иницијаторот смета дека прекинувањето односно одложувањето на користењето на годишниот одмор на работник не било предвидено со ниеден закон поради што членот 46 став 1 од Колективниот договор не бил во согласност со членовите 32 и 51 од Уставот и со член 43-47, член 86 став 1 и член 90 став 2 од Законот за работните односи. Понатаму иницијаторот смета дека престанокот на работниот однос на работник е можен само во законски утврдениот рок од 30 дена, така што терминот “соодветен рок” содржан во членот 129 став 2 од Колективниот договор не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот и член 86 став 1, член 90 став 2 и член 114 од Законот за работните односи. На крајот иницијаторот наведува дека оспорениот Колективен договор не бил објавен во Службен весник на Република Македонија поради што членот 163 од Колективниот договор не бил во согласност со членот 52 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека Според членот 31 од Колективтивниот договор, решение за распоредување на работник донесува министерот или од него овластено лице.

Согласно членот 46 став 1 од Колективниот договор, по потреба на службата, на работникот може да му се прекине односно одложи користењето на годишниот одмор.

Членот 129 став 1 од Колективниот договор утврдува дека работниот однос на работникот не може да му престане поради неисполнување на обврските од работа доколку министерот претходно не му даде на работникот соодветни инструкции и последно предупредување за тоа. Според оспорениот став 2 на овој член, престанокот на работниот однос е можен само доколку на работникот му се утврди соодветен рок за негово подобрување и ако во тој рок работникот не се поправи во работењето, за што се известува и ССВО.

Со членот 163 од Колективниот договор е уредено дека овој Колективен договор е склучен на ден 15.04.2002 година и влегува во сила со денот на склучувањето и ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото, а според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Според член 18 став 1 точка 11 од Законот за одбрана, во остварувањето на одбраната, претседателот на Република Македонија и врховен командант на Армијата поставува старешини на формациски места генерали и унапредува и разрешува генерали.

Според член 26 став 1 точка 18 од овој закон, во извршувањето на работите и задачите од член 25 став 1 на овој закон, Генералштабот на Армијата поставува, унапредува и разрешува професионални војници и воени старешини заклучно со чин капетан.

Од наведените законски одредби произлегува дека претседателот на државата поставува старешини на формациски места генерали, а Генралштабот на Армијата поставува воени старешини заклучно со чин капетан.

Оспорениот член 31 од Колективниот договор е во делот од Колективниот договор кој се однесува на распоредување на работник. Така, работникот кој засновал работен однос во Министерството работи на работно место согласно договорот за работа. Работникот може да бара да биде распореден на одредено работно место доколку ги исполнува условите. Работникот во текот на траењето на работниот однос може да биде распореден на секое работно место кое одговара на неговиот степен на стручна подготовка во точно определени случаи (укинување на работно место, намалување обемот на извршувањето, подобра организација на работата, замена на отсутен работник, зголемен обем на работа, инвалидност, по барање на работникот и др.). При тоа, решението за распоредување на работник го донесува министерот или од него овластено лице.

Судот смета дека со решението на министерот или од него овластено лице се врши конкретна распределба на работниците на определени работни места со определени задачи и дека со тоа не се навлегува во законското овластување на претседателот на државата односно на Генералштабот на Армијата да поставуваат унапредуваат и разрешуваат воени старешини со високи воени чинови. Оттука Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на членот 31 од Колективниот договор со наведените уставни и законски одредби.

Според член 32 став 4 од Уставот, секој вработен има право на платен дневен, неделен и годишен одмор. Од овие права вработените не можат да се откажат. Според ставот 5 на овој член, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Со членовите 43 до 47 од Законот за работните односи се уредува правото на работникот на одмори и отсуства.

Според членот 43 став 1 од овој закон, работникот има право на годишен одмор во една календарска година во траење од најмалку 18, а најмногу 26 работни дена, а според член 45 став 1 од овој закон, распоредот на користењето на годишниот одмор го утврдува работодавецот или органот што тој ќе го определи во согласност со колективен договор.

Согласно член 90 став 2 од овој закон, со колективен договор на ниво на работодавец, на работниците може да се утврдат поголеми права од правата утврдени со грански колективен договор, но не помали од правата утврдени со закон.

Во членовите 41, 42, 43 и 44 од оспорениот Колективен договор е уредено времетраењето на годишниот одмор (најмалку 18 а најмногу 26 работни дена), критериумите врз основа на кои се определува должината на годишниот одмор и начинот на утврдувањето на распоредот на користењето на годишниот одмор.

Во членот 46 став 1 од овој Колективен договор е уредено дека по потреба на службата, на работникот може да му се прекине односно одложи користењето на годишниот одмор.

Врз основа на изнесеното Судот оцени дека правото на годишен одмор на вработените во Министерството за одбрана утврдено во Колективниот договор е идентично со правото на годишен одмор утврдено со Законот за работните односи. Имајќи ја предвид основната дејност на Министерството за одбрана, како и специфичниот работен статус на вработените и нивното учество во одбраната на државата, Судот оцени дека за потреба на службата на работниците може да им се прекине односно одложи користењето на годишниот одмор при што работникот има право на надомест на стварните трошоци кои ги докажува со соодветни документи.

Оттука, прекинувањето односно одложувањето на користењето на годишниот одмор не го доведува во прашање правото на работниците на годишен одмор, поради што Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 46 од Колективниот договор со Устав и со закон.

Според членот 114 од Законот за работните односи, работниот однос на работникот може да му престане со отказ од страна на работодавецот ако на работникот му се обезбедени потребните услови и му се дадени соодветни упатства, насоки или писмено предупредување во врска со работата од работодавецот дека не е задоволен од начинот на извршувањето на работните обврски и ако по истекот на р окот од 30 дена од денот на дадените упатства, насоки и предупредувања, работникот не го подобри своето работење.

Оспорениот член 129 став 2 од Колективниот договор утврдува дека престанокот на работниот однос е можен само доколку на работникот му се утврди соодветен рок за негово подобрување и ако во тој рок работникот не се поправи во работењето за што се известува и ССВО.

Од наведеното произлегува дека Законот утврдил точно определен рок од 30 дена во кој рок работникот треба да постапи по дадените упатства, насоки и предупредувања односно да го подобри своето работење, додека пак оспорената одредба од Колективниот договор употребува термин “соодветен рок” во кој работникот треба да се поправи во работењето.

Имајќи предвид дека актот со кој на работникот му престанува работниот однос се заснова на закон и на колективен договор, Судот смета дека под терминот “соодветен рок” всушност се подразбира законскиот рок од 30 дена поради што Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 129 став 2 од Колективниот договор со уставниот принцип за владеење на правото и со членот 114 од Законот за работните односи.

Според член 52 став 1 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила.

Оспорениот Колективен договор е склучен од страна на министерот за одбрана и Самостојниот синдикат на вработените во одбраната врз основа на член 90 од Законот за одбрана кој се однесува на склучување на колективен договор на ниво на работодавец.

Оттука Судот смета дека оспорениот Колективен договор не претставува пропис кој подлежи на задолжително објавување во смисла на член 52 став 1 од Уставот.

Од друга страна според членот 91 од законот за работните односи, колективен договор се смета за склучен откако ќе го потпишат овластените претставници на учесниците во колективното договарање, а според членот 92 став 2 од истиот закон, колективниот договор на ниво на работодавец се објавува на начин утврден во договорот.

Од содржината на оспорениот член 163 од Колективниот договор јасно произлегува дека Колективниот договор е склучен на 15.04.2002 година, дека е потпишан од министерот за одбрана и од претседателот на Самостојниот синдикат за вработените во одбраната и дека ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.

Колективниот договор е објавен во “Службен весник на Република Македонија” бр.78/2002.

Со оглед на изнесеното Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 163 од Колективниот договор ниту со членот 52 од Уставот ниту со член 91 и член 92 став 2 од Законот за работните односи.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.98/2002
23 октомври 2002 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов