Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 07 јули 2016 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Законот за акцизите („Службен весник на Република Македонија“ бр.82/2013, 18/2014, 44/2014 и 24/2015), во целина и посебно член 37 став 11, член 43, член 44 став 11 и член 51-б.
2. Борис Скандев од Кавадарци до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата со оспорените одредби од Законот за акцизите акцизните обврзници производители и увозници на тутунски добра се ставаат во нееднаква правна положба во однос на акцизните обврзници кои се производители и увозници на патнички автомобили. Основица за пресметка на данок–акциза, за производителите и увозниците на тутунски добра била малопродажната цена со вклучен данок на додадена вредност, додека основица на пресметка на данок–акциза на производителите и увозниците на патнички автомобили претставувала малопродажната цена без данокот на додадена вредност.
Оттука, според наводите во иницијативата производителите и увозниците на тутунски добра – цигари пресметување и плаќање поголем износ на данок – акциза бидејќи основицата за пресметка била малопродажната цена со вклучен данок на додадена вредност. Од друга страна, во основицата на данокот на додадена вредност влегувале и акцизите, таксите и другите давачки, освен данокот на додадена вредност, што значело дека кај производителите и увозниците на тутунски добра–цигари, данокот на додадена вредност вкалкулиран во малопродажната цена претставува основа за пресметка на ad valorem (пропорционална) акциза, која повторно влегувала во основицата за пресметка на данокот на додадена вредност. На овој начин се правело двојно оданочување, со што истите биле ставени во нееднаква правна положба што не било во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и 7, член 9, член 33 и член 55 од Уставот.
Оспорените одредби на член 37 став 11 и член 44 став 11 од Законот биле неодржливи од уставно-правен аспект, затоа што ако контролните марки биле инструмент на аконтативното плаќање на данок – акциза, тогаш тоа биле хартија од вредност. Реалните трошоци предвидени во член 37 став 11 и член 44 став 11 од Законот, ги доведувале производителите и увозниците на акцизни добра алкохол и алкохолни пијалоци и тутунски добра во нерамноправна положба со другите граѓани во Република Македонија, што не било во согласност со владеењето на правото и со еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите.
3. Судот на седницата утврди дека според член 37 став 11 од Законот трошоците за печатењето и за чувањето на контролните марки ги определува директорот на Царинската управа со посебно решение и ги наплатува од имателот на акцизната дозвола или увозникот при нивното издавање.
Согласно член 43 од Законот, малопродажна цена е поединечната цена која ја одредува производителот или увозникот како единечна трговска цена за пури, цигарилоси и цигари по парче и за тутун за пушење по килограм.
Доколку е одредена само цената по пакување, за малопродажна цена се смета цената која произлегува од цената по пакување и содржината на пакувањето.
За пресметувањето на акцизата за тутун за пушење меродавна е нето-тежината во моментот на настанувањето на акцизата.
Производителот, односно увозникот утврдува малопродажна цена и за добрата кои се отуѓуваат без надомест. Оваа цена не смее да биде помала од поединечната цена на соодветните тутунски добра.
Производителот, односно увозникот е должен малопродажната цена на тутунските добра да ја пријави во Царинската управа и да ја објави во „Службен весник на Република Македонија“, пред пуштањето на тутунските добра по така утврдените цени во акцизно правен слободен промет.
Согласно член 44 став 11 од овој закон трошоците за печатењето и за чувањето на контролните марки ги определува директорот на Царинската управа со посебно решение и ги наплатува од производителот или увозникот при нивното издавање.
Во членот 51-б од Законот се предвидува дека основа за пресметување на акциза на патнички автомобили е:
1) продажната цена, а тоа во смисла на овој закон е цената без данокот на додадена вредност или
2) при увоз – царинската вредност утврдена во согласност со царинските прописи зголемена за износот на царина.
Во зависност од утврдената вредност на патничките автомобили во евра во денарска противвредност согласно со ставот 1 на овој член, стапките на акциза на патничките автомобили изнесуваат:
Вредност на патнички
автомобили во евра Стапки на акциза
над до
0 3.000 0,00%
3.000 4.000 0,50%
4.000 5.000 1,00%
5.000 6.000 1,50%
6.000 8.500 2,00%
8.500 12.000 3,00%
12.000 14.000 4,00%
14.000 16.000 6,00%
16.000 18.000 9,00%
18.000 22.000 11,50%
22.000 25.000 13,50%
25.000 30.000 15,50%
30.000 18,00%
4. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 7 од Уставот владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Согласно член 9 од Уставот граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата,бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.
Согласно член 55 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.
Законот за акцизите ги уредува акцизите кои се наплаќаат посредно или непосредно за потрошувачка на територијата на Република Македонија, на: минерални маси, алкохол и алкохолни пијалаци, тутунски добра и патнички автомобили.
Оспорениот член 43 од Законот за акцизите ја уредува пресметковната основа за пресметување на акцизата на тутунски добра, чија основа е малопродажната цена која е поединечна цена која ја одредува производителот или увозникот како единечна трговска цена за пури, цигарилоси и цигари на парче и за тутун за пушење по килограм. Од друга страна, пак, оспорениот член 51-б од Законот уредува дека основа за пресметување на акциза на патнички автомобили е продажната цена (без данокот на додадена вредност) и при увоз царинската вредност утврдена во согласност со царинските прописи зголемени за износот на цената.
Тргнувајќи од анализата на наведените оспорени членови од Законот за акцизите vis a vis одредбите од Уставот на кои се упатува во иницијативата Судот оцени дека истите не може да се доведат под сомнение по однос на нивната согласност со Уставот.Имено, наводите во предметната иницијатива дека со одредбите на членовите 43 и 51-б од Законот за акцизите производителите и увозниците на тутунски добра се ставаат во нееднаква правна положба во однос на производителите и увозниците на автомобили поради што тие не се во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 7, член 9, член 33 и член 55 од Уставот на Република Македонија се неосновани.
Ова од причина што со оспорените одредби на Законот за акцизите не се нарушува владеењето на правото ниту пак слободата на пазарот и претприемништвото и не се нарушуваат граѓанските и политичките слободи и права, не се повредува обврската за плаќање на јавни давачки, ниту се нарушува еднаквата правна положба на сите субјекти на пазарот.
Законот за акцизите не е поврзан со граѓанските и политичките слободи и права, додека воопшто не е јасно ниту пак предлагачот објаснил на кој начин оспорените одредби од Законот за акцизите ја повредуваат обврската за плаќање на даноци и јавни давачки. Со Законот за акцизите во согласност од членот 33 на Уставот на законски начин се пропишува начинот за плаќање акциза како јавна давачка за акцизните добра кои се опфатени со законот, така што не се влијае на правната положба на субјектите на пазарот, односно сите производители и увозници на тутунски добра се меѓу себе еднакви, а иста е состојбата и со сите производители и увозници на автомобили како и со останатите субјекти чија дејност е поврзана со акцизните добра кои како такви се пропишани со законот.
Тврдењето дека постапката за утврдување на даночната обврска за тутунските добра-цигари е нејасна е целосно неточно. Имено, согласно одредбите на став 2 член 42в од Законот за акцизите, акцизата на цигари е комбинирана и пропишана е во апсолутен износ во денари по парче и во процент (ad valorem) од малопродажната цена. Оваа одредба од Законот за акцизите е во согласност со европското акцизно законодавство според кое даноците кои се наметнуваат на цигарите содржат:
(а) посебна акциза за единица производ,
(б) пропорционална акциза пресметана врз основа на максималната малопродажна цена,
(в) ДДВ пропорционален на малопродажна цена.
Данокот на додадена вредност кој треба да се плати по кутија цигари се пресметува со пресметковна стапка од пропишаната општа стапка согласно Законот за данокот на додадена вредност.
He може да стане збор ниту за двојно оданочување од причина што данокот на додадена вредност и акцизите претставуваат посебен вид јавни давачки кои се уредени со два посебни закони кои имаат различен предмет, основица, стапки, како и различен начин на утврдување и наплата. Оспорените членови 43 и 51-б од Законот не го повредуваат принципот на владеењето на правото од причина што во конкретниов случај станува збор за два сосема различни видови на производ –тутун и автомобили, за кои сосема логично е да има различен начин на пресметковна основа за двата вида на производи со оглед на карактерот и потребата од истите.
Законот за акцизите го пропишува начинот на плаќање на акциза како јавна давачка за акцизните добра кои се опфатени со законот и истовремено не влијае на правната положба на субјектите на пазарот, односно сите производители и увозници на тутунски добра се меѓу себе еднакви, како и меѓусебната состојба на сите производители и увозници на автомобили. Оттука, според Судот, од суштинско значење е опсервацијата на положбата на граѓаните од аспект на еднаков вид на обавување на дејност, односно од ист профил на дејност, поради што не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека оспорените членови 43 и 51-б од Законот се во спротивност со член 9 и член 55 од Уставот.
Оспорените членови 37 став 11 и 44 став 11 од Законот, ги уредуваат контролните марки на алкохолни пијалоци и на тутунските добра, односно трошоците за нивното печатење и чување.
Членот 44 од Законот за акцизите ја уредува проблематиката на контролните марки за тутунските добра. Според ставот 1 од овој член од Законот, акцизата на тутунски добра се плаќа со користење на контролни марки.
Според ставот 2 од членот 44 од Законот, контролни марки добива производителот или увозникот.
Пуштањето на тутунските добра во акцизно-правен слободен промет на акцизната територија е дозволено само ако тутунските добра се обележени со контролна марка (став 3).
Контролната марка треба да биде залепена на амбалажата под целофанската или друга хартија, така што ќе биде видлива и при отворањето на пакувањето ќе мора да се оштети. На оригиналните пакувања на пури и цигарилоси, кои не се обвиткани со целофанска или друга хартија, контролната марка може да биде залепена непосредно на пакувањето (став 4).
Со подигнувањето на контролните марки настанува долг за контролни марки во висина на акцизната вредност на марките (став 5).
Акцизната вредност на една контролна марка се пресметува од акцизата за една цигара, пура, цигарилос или 1 кг. тутун за пушење и
податокот за количината наведена на контролната марка (став 6).
Патниците кои внесуваат од странство тутунски добра кои не се опфатени во член 25 став 1 точка 5 на овој закон и државјаните на Република Македонија и странските државјани кои примаат од странство тутунски добра согласно со царинските прописи, ја плаќаат акцизата на друг начин освен преку контролни марки. Акцизата мора неодложно да се пријави кај надлежниот царински орган и веднаш да се плати (став 7).
Во случаите кога тутунските добра се пуштаат во акцизно правен слободен промет на меѓународен саем, изложба или друга приредба или како мостри, плаќањето на акцизата може да се врши на друг начин освен преку употреба на контролни марки. Акцизата мора неодложно да се пријави кај надлежниот орган (став 8).
Обврската за употреба на контролни марки не важи за тутунските добра кои се ослободени од акциза и во случаите од ставовите 7 и 8 на овој член, освен во случаите од член 24 став 3 на овој закон (став 9).
Министерот за финансии донесува поблиски прописи во врска со подигнувањето на контролните марки, плаќањето на долгот за контролни марки, како и нивната форма, содржина и начинот на нивното издавање (став 10).
Трошоците за печатењето и за чувањето на контролните марки ги определува директорот на Управата за јавни приходи со посебно решение и ги наплатува од производителот или увозникот при нивното издавање (став 11).
Производителот или увозникот, своите месечни потреби од контролни марки ги пријавува од 5 до 10 во тековниот месец за наредниот месец. Рокот за подигнување на пријавените контролни марки е три месеци (став 12).
Co став 11 од член 37 од Законот за акцизите е пропишано дека трошоците за печатењето и чувањето на контролните марки ги определува Царинската управа со посебно решение и ги наплатува од имателот на акцизната дозвола или увозникот при нивното издавање.
Истовремено, со став 11 од член 44 од Законот за акцизите е пропишано дека трошоците за печатењето и чувањето на контролните марки ги определува Царинската управа со посебно решение и ги наплатува од производителот или увозникот при нивното издавање.
Наводите дека ставовите 11 на членовите 37 и 44 се неодржливи од уставно правен аспект, според Судот, се неосновани, од причина што подносителот воопшто не наведува ниту една аргументирана причина поради која смета дека истите се противуставни, а дотолку повеќе што согласно ставовите 1 и 5 од членовите 37 и 44 од Законот за акцизите, акцизата на меѓупроизводи, етил алкохол и тутунски добра се плаќа со користење на контролни марки. Co подигнувањето на контролните марки настанува долг за контролни марки во висина на акцизната вредност на марките.
Исто така, Судот оцени дека неосновано во иницијативата е поистоветувањето на контролните марки со хартиите од вредност кои се пропишани во Законот за хартии од вредност, дополнително што таксените, и судските марки не претставуваат хартии од вредност како што тврди подносителот на иницијативата.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова и Сали Мурати.
У.бр.97/2016
07 јули 2016 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева