97/2013-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 28 мај 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1.НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 139, во делот

2.СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 136 став 1, во делот:„кој е должен да го прими писменото“, од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3.Стамен Филипов од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точките 1 и 2 од ова решение.
Подносителот на иницијативата најнапред ја цитира содржината на член 136 ставовите 1 и 2 и на член 139 од Законот, а потоа наведува дека било недопуштено граѓаните, од една – неговите полнолетни членови на домаќинството и, од друга страна лицето кое работи на истото работно место со лицето кое не се затече на работното место, да имаат различен третман во постапката пред судовите, затоа што лицето кое работи на истото работно место со лицето кое не се затече, има поповолен правен третман, тоа можело да го прими писменото за друго лице само ако се согласело да го прими писменото, додека пак полнолетните членови на домаќинството на лицето кое не се затече во својот стан, биле должни да го примат писменото иако со тоа можеби не се согласувале и настапувала правна последица од членот 139 од ЗПП, со што законодавецот не ја уредил оваа материја еднакво да се постапува со граѓаните на Република Македонија, а што не било во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9 и член 51 од Уставот на Република Македонија. Подносителот на иницијативата наведува дека правните норми требало да важат подеднакво за сите граѓани.

4.Судот на седницата утврди дека двете оспорени одредби се систематизирани во Глава X „Доставување на писмена и разгледување на списи“ од Законот (членовите 125-144).

Членот 136 од Законот е сместен во подделот: „Начин на доставување“ (членовите 125-138) и во неговиот став 1 се определува „ако лицето до кое писменото треба да се достави не се затече во својот стан, доставувањето се врши со предавање на писменото на некој од неговите полнолетни членови на домаќинството, кој е должен да го прими писменото.“ Во ставот 2 од истиот член на Законот се определува дека „ако доставувањето се врши на работното место на лицето до кое треба да се достави писменото, а тоа лице не се затече тука, доставувањето може да се изврши на лице кое работи на истото место, ако тоа се согласи да го прими писменото.“

Членот 139 од Законот е сместен во подделот: „Одбивање на прием“ (членовите 139-144) и во него се определува „кога лицето до кое е упатено писменото, односно полнолетниот член на неговото домаќинство односно овластено лице или работник на државен орган или на правно лице, без оправдана причина ќе одбие да го прими писменото, доставувачот ќе го остави во станот или во просториите каде што односното лице работи или писменото ќе го прикачи на вратата од станот или просторијата. На повратницата ќе го забележи денот, часот и причината за одбивањето на приемот, како и местото каде што е оставено писменото и со тоа се смета дека е извршено доставувањето.“

5.Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба (став 1). Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви (став 2).

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон (став 1). Секој е должен да ги почитува Уставот и законите (став 2).
Од изнесените уставни одредби произлегува дека владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, која се остварува така што законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, како и така што е секој должен да ги почитува Уставот и законите, при што граѓаните во Република Македонија се еднакви во слободите и правата по основите наведени во член 9 став 1 од Уставот, а еднакви се и пред Уставот и законите.

Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Судот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Со оглед дека предвидувањето во член 136 став 1 од Законот, полнолетните членови на домаќинството да се должни да го примат писменото ако лицето до кое писменото треба да се достави не се затече во својот стан, веќе беше предмет на одлучување од Уставниот суд, при што Судот со Решение У бр.216/2011 од 12 декември 2012 година одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста на наведената законска одредба затоа што оцени дека таквата одредба произлегува од начелото на економичност и ефикасност на постапката, како и дека сега нема основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата согласно на член 28 алинеја 2 од Деловникот на Судот, поради што одлучи како во точката 2 од ова решение.
Во однос, пак, на оспорувањето на член 139 од Законот, имајќи предвид дека оваа законска одредба уредува начин на постапувањето на доставувачот доколку полнолетниот член на семејното домаќинство без оправдани причини одбие да го прими писменото упатено до лицето кое не се затече во својот стан, што исто така претставува разработка на начелото на економичност и ефикасност на постапката, Судот оцени дека и за оваа законска одредба не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот дел од член 139 на Законот со наведените уставни одредби, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

6.Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7.Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У бр.97/2013
28 мај 2014 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева