97/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеи 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 29 февруари 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 6 став 1 и членот 10 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност (“Службен весник на Република Македонија” број 37/2004).

2. Асоцијацијата “Магна Карта” од Велес и Движење за социјална правда “Ленка” од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот, означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите од иницијативата, оспорените законски одредби со кои се брише дел од членот 54 алинеја 5 и дел од членот 59 алинеја 11 од Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, не биле во согласност со повеќе одредби од Уставот и тоа: член 1 став 1, член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 8, член 9, член 11 став 1, член 34, член 35, член 51, член 54 ставови 1 и 3 и член 55 ставови 1 и 2.

Имено, противуставноста на оспорените законски одредби произлегувала од „правниот преседан“ на законодавецот да ги избрише од Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност деловите: “од која остварува приход во семејството кој просечно месечно не е понизок од просечната месечна нето плата по работник во нестопанството на Република Македонија, остварена во последните три месеци” од членовите 54 алинеја 5 и 59 алинеја 11 од Законот, па со бришењето на тие делови од алинеите на законските одредби, се воведувало прешироко толкување на одредбите од Законот на штета на невработените лица кои барале работа преку Агенцијата за вработување, а со тоа и повреда на владеењето на правото.

Оттука, со поднесената иницијатива до Судот, подносителите бараат деловите од одредбите од Законот кој се бришани да се вратат во правниот поредок, оспорувајќи го за таа цел членот 6 став 1 и членот 10 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност. Подносителите на иницијативата всушност бараат Судот да преземе надлежност во случајов да ги измени нормите во Законот со враќање во сила на избришаните делови, што не е негова надлежност.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот член 6 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност („Службен весник на Република Македонија“ број 37/2004), определува дека во членот 54 алинеја 5 по зборот “дејност“, се става точка, а другите зборови до крајот на реченицата се бришат, а со оспорениот член 10 став 1 од наведениот закон, е уредено дека во членот 59 алинеја 11 по зборот “дејност“, се става точка, а зборовите до крајот на алинејата се бришат.

4. Според членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според членот 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со оспорениот член 6 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност („Службен весник на Република Македонија“ број 37/2004), е уредено дека во членот 54 алинеја 5 по зборот “дејност“, се става точка, а другите зборови до крајот на реченицата се бришат, а со оспорениот член 10 став 1 од наведениот закон, е уредено дека во членот 59 алинеја 11 по зборот “дејност“, се става точка, а зборовите до крајот на алинејата се бришат.

Од содржината на оспорените одредби од Законот за изменување и дополнување на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, произлегува дека тоа не се норми кои уредуваат односи, туку норми кои констатираат престанок на важење на делови од одредби кои во минатото биле во содржината на одредбите со кои се уредувало одредено право на конкретен и со закон утврден начин, па оттука според Судот, тие норми не се подобни за уставно судска анализа.

Во конкретниов случај, со иницијативата всушност се бара Судот да ги укине оспорените одредби од Законот и да ги врати во важност претходно важечките одредби (членот 54 алинеја 5 и членот 59 алинеја 11) кои ги содржеле деловите кои со оспорените одредби се бришани.
5. Имајќи предвид дека согласно членот 110 од Уставот, Уставниот суд не е надлежен да врши законодавна функција и да нормира прописи, со враќање во сила на оние одредби кои повеќе не се во правниот поредок, ниту пак, има процесни претпоставки да постапува по иницијативата, односно да ја цени уставната основаност на бришаните одредби и од друга страна уставната основаност на одредбите со кои тие биле бришана од Законот, како и оправданоста на овие законски решенија, Судот оцени дека во конкретниот случај се исполнети условите од членот 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.

6. Поради изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У. Бр. 97/2011
29 февруари 2012 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски